Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Исус — од каде дошол

Исус — од каде дошол

Исус — од каде дошол

„[Пилат] се врати во палатата и му рече на Исус: ‚Од каде си ти?‘ Но Исус не му одговори“ (ЈОВАН 19:9)

РИМСКИОТ управител Понтиј Пилат го поставил ова прашање во текот на судењето во кое се работело за животот на Исус. * Пилат знаел од кој дел на Израел потекнувал Исус (Лука 23:6, 7). Исто така, знаел дека тој не бил само обичен човек. Можеби Пилат се прашувал дали Исус веќе живеел претходно. Но, дали овој пагански владетел навистина сакал да ја прифати вистината и да постапи праведно? Како и да е, Исус не сакал да одговори, а по некое време станало јасно дека Пилат повеќе бил заинтересиран за својата положба отколку за вистината и правдата (Матеј 27:11-26).

Сепак, оние што искрено сакаат да знаат од каде дошол Исус, лесно може да го направат тоа. Библијата јасно ни кажува многу работи за потеклото на Исус Христос. Размисли за следново.

Каде се родил. Според денешните пресметки, Исус се родил во рана есен 2 год. пр.н.е. во јудејското гратче Витлеем, во многу скромни услови. Заради еден попис што требало да се изврши по наредба на цезарот Август, Исусовата мајка, Марија, која била „во доцна бременост“, и нејзиниот маж, Јосиф, морале да појдат во Витлеем, местото од каде што потекнувал Јосиф. Бидејќи не можеле да најдат сместување во пренатрупаното село, морале да останат во една штала, каде што Исус се родил и бил ставен во јасли (Лука 2:1-7).

Со векови пред да се случи тоа, едно библиско пророштво го открило местото во кое требало да се роди Исус: „Ти, Витлееме Ефрато, кој си најмал од Јудините градови, од тебе ќе ми излезе оној што ќе биде владетел во Израел“ * (Михеј 5:2). Изгледало дека Витлеем бил премало место за да се вброи во градовите на територијата на Јуда. Сепак, ова селце имало една посебна чест. Ветениот Месија, или Христос, требало да се роди во него (Матеј 2:3-6; Јован 7:40-42).

Каде пораснал. Некое време семејството на Јосиф живеело во Египет, а потоа се преселило во Назарет, град во провинцијата Галилеја, 96 километри северно од Ерусалим. Тогаш Исус немал ни три години. Во тоа живописно место каде што земјоделците, овчарите и рибарите си ја вршеле својата работа, Исус израснал во едно големо сиромашно семејство (Матеј 13:55, 56).

Со векови пред тоа, во Библијата било проречено дека Месијата ќе биде „Назареќанец“. Матеј, писателот на едно од евангелијата, напишал дека семејството на Исус се населило ‚во градот кој се викал Назарет за да се исполни она што го кажале пророците: „Ќе биде наречен Назареќанец“‘ (Матеј 2:19-23). Изгледа дека називот Назареќанец е поврзан со хебрејскиот збор „фиданка“. Очигледно Матеј се осврнал на пророштвото на Исаија, во кое Месијата е наречен „фиданка“ од Јесеј, што значи дека требало да биде потомок на Јесеј, таткото на цар Давид (Исаија 11:1). И навистина, Исус бил потомок на Јесеј преку неговиот син Давид (Матеј 1:6, 16; Лука 3:23, 31, 32).

Од каде дошол. Библијата ни кажува дека Исус живеел долго време пред да се роди како човек во таа штала во Витлеем. Пророштвото на Михеј, цитирано претходно, понатаму вели дека тој „потекнува од дамнини, од прадамнешните денови“ (Михеј 5:2). Како Божји првороден Син, Исус живеел како духовно суштество на небото уште пред да се роди како човек на Земјата. Самиот тој рекол: „Слегов од небото“ (Јован 6:38; 8:23). Како било можно тоа?

Преку светиот дух, Јехова Бог направил едно чудо — го пренел животот на својот небесен Син во утробата на еврејската девица Марија. Така тој можел да се роди како совршен човек. * За семоќниот Бог воопшто не е невозможно да направи такво чудо. Како што ѝ објаснил ангелот на Марија, „за Бог ништо од она што ќе го каже, не е невозможно“ (Лука 1:30-35, 37).

Од Библијата дознаваме и други работи освен тоа од каде дошол Исус. Четирите евангелија — според Матеј, Марко, Лука и Јован — ни кажуваат многу детали и за неговиот живот.

[Фусноти]

^ пас. 3 Нешто повеќе за апсењето и судењето на Исус можеш да прочиташ во статијата „Најнеправедното судење во историјата“, на страници 18-22 од ова списание.

^ пас. 6 Ефрата очигледно е поранешното име на Витлеем (1. Мојсеева 35:19).

^ пас. 10 Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.