Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Какви злосторства извршил Варава?

Во сите четири евангелија се спомнува Варава, човекот кого римскиот управител Понтиј Пилат го ослободил наместо Исус. Варава е наречен „озлогласен затвореник“ и „разбојник“ (Матеј 27:16; Јован 18:40). Римјаните во Ерусалим го ставиле зад решетки заедно со ‚бунтовниците, кои во бунтот извршиле убиство‘ (Марко 15:7).

Иако не постојат световни докази за тоа какви злосторства извршил Варава, тоа што е ставен во ист кош со бунтовниците наведува некои изучувачи да заклучат дека бил дел од бунтовничките групи активни на територијата на Израел во првиот век. Историчарот Јосиф Флавиј запишал дека одметничките банди често биле вклучени во општествените превирања. Овие злосторници тврделе дека се борат за правдата на угнетените еврејски селани. Бунтот против наводните неправди од страна на Римјаните и на еврејските благородници достигнал епидемиски размери во средината на првиот век од н.е. Подоцна, одметничките банди сочинувале голем дел од еврејските сили што во 66 год. од н.е. ги истерале Римјаните од Јудеја.

„Варава можеби припаѓал на некоја група друмски разбојници“, пишува во еден библиски речник. „Обичниот народ ги сакал овие разбојници затоа што тие ги пљачкале богаташите во Израел и ѝ правеле проблеми на римската влада“ (The Anchor Bible Dictionary).

Во времето на Римјаните, за кои злосторства се добивала смртна казна како казната на Исус?

Римјаните ги казнувале превратниците, одметниците и другите бунтовници со тоа што ги приковувале за да се мачат и да умрат. Тоа се сметало за најстрашна смрт.

„Овој чин се извршувал јавно, бил понижувачки и болен, и имал за цел да им влее страв на оние што ќе се осмелеле да ја загрозат тогашната политичка состојба“, пишува во книгата Палестина во времето на Исус (Palestine in the Time of Jesus). Еден римски писател од тоа време го напишал следново во врска со погубувањето на злосторниците: „Се избирале најпрометните патишта со цел што повеќе луѓе да го гледаат тоа и да им се влее страв во коски“.

Јосиф Флавиј напишал дека, додека траела опсадата на Ерусалим во 70 год. од н.е., некој Евреин што бил заробен од трупите на Тит бил погубен на ваков начин пред градските ѕидини со цел другите Евреи, кои го бранеле градот, да се предадат од страв. Кога градот конечно бил освоен, и многу други луѓе доживеале ваква смрт.

Најголемото масовно погубување на ваков начин било извршено по задушувањето на востанието на Спартак (73-71 пр.н.е.). Тогаш 6.000 робови и гладијатори биле погубени по патот што водел од Капуа до Рим.

[Слика на страница 10]

„Дај ни го Варава“ од Чарлс Милер, 1878