Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

ШТО поттикнало еден панкер, кој го избегнувал друштвото на другите, да научи да ги сака луѓето и да се труди да им помага? Што мотивирало еден човек од Мексико да престане да живее неморално? Зошто еден од најдобрите велосипедисти во Јапонија престанал да се натпреварува за да може да му служи на Бог? Прочитај што имаат да ни раскажат тие.

„Бев груб, вообразен и агресивен“ — ДЕНИС О‘БАЈРН

РОДЕН: 1958

ЗЕМЈА: АНГЛИЈА

НЕКОГАШ: ПАНКЕР

МОЕТО МИНАТО: Од страната на татко ми сум Ирец и пораснав како католик. Но, обично морав сам да одам в црква, иако воопшто не ми се одеше. Сепак, бев заинтересиран за духовните работи. Редовно ја кажував молитвата Оченаш и навечер, додека си лежев в кревет, размислував за неа. Го анализирав секој збор и се обидував да го сфатам неговото значење.

Кога бев тинејџер, им се придружив на растафаријанците. Ме интересираше и политичката идеологија на Антинацистичката лига. Но, многу го попримив и бунтовниот став на панк-рок движењето. Земав дрога, особено марихуана, и тоа речиси секој ден. Бидејќи живеев според мотото „За ништо не ми е гајле“, многу пиев, си го изложував животот на ризик и не ми беше грижа за другите. Не сакав да бидам во друштво на други луѓе и не зборував речиси со никого, освен ако не сметав дека разговорот вреди. Не сакав дури ни да се фотографирам. Кога ќе се сетам на тоа време, сфаќам дека бев груб, вообразен и агресивен. Бев љубезен и фин само со оние што ми беа блиски.

Кога имав 20-тина години, се заинтересирав за Библијата. Еден пријател, кој беше дилер на дрога, почнал да го чита Светото писмо додека бил в затвор. Еднаш, со него долго разговаравме за религијата, за црквата и за улогата што ја има Сатана во светот. Си купив Библија и почнав да ја читам. Секој од нас ќе прочиташе нешто од Библијата, потоа разговаравме за она што сме го сознале, и на крајот доаѓавме до некакви заклучоци. Тоа траеше неколку месеци.

Еве некои заклучоци до кои дојдовме: живееме во последните денови на овој свет; христијаните треба да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство; не треба да бидат дел од овој свет, вклучувајќи ја и политиката; и Библијата навистина содржи исправни морални начела. Ни беше јасно дека Библијата е точна и дека мора да постои една вистинска религија. Но, која е таа? Размислувавме за главните цркви на христијанството, за нивниот раскош и обреди, како и за нивната вмешаност во политиката. Сфативме дека Исус не бил таков. Знаевме дека Бог не ги користи тие цркви, па затоа решивме да се свртиме кон некои не толку познати религии и да видиме какви се тие.

Се среќававме со верниците од тие религии и им поставувавме најразлични прашања. Знаевме што вели Библијата за секое наше прашање, па затоа можевме веднаш да видиме дали она што ни го кажуваат е во склад со Божјата Реч. По тие средби, секогаш му се молев на Бог: ‚Ако овие луѓе ја имаат вистинската религија, те молам, нека ми се роди желба пак да се видам со нив‘. Но, дури и по неколку месеци, сѐ уште немав најдено група што одговори на нашите прашања со помош на Библијата, ниту, пак, имав желба да се видам повторно со некоја од нив.

На крајот, мојот пријател и јас стапивме во контакт со Јеховините сведоци. Им ги поставивме вообичаените прашања, а тие ни одговорија со помош на Библијата. Тоа што го кажаа совршено се вклопуваше со она што веќе го знаевме. Затоа, продолживме да им поставуваме прашања на кои сѐ уште го немавме најдено одговорот во Библијата — на пример, како гледа Бог на пушењето и дрогата. Повторно ни одговорија читајќи ни од Божјата Реч. Се договоривме да појдеме на еден состанок во Салата на Царството.

Тоа воопшто не ми беше лесно. Бев толку повлечен што не ми беше пријатно кога сите тие фини, убаво облечени луѓе доаѓаа да се поздрават со мене. Сметав дека некои од нив имаат задни намери и затоа повеќе не сакав да одам на нивните состаноци. Но, како и секогаш, го молев Бог да ми се роди желба пак да се видам со тие луѓе ако ја имаат вистинската религија, и почувствував неодолива желба да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Знаев дека мора да расчистам со дрогата, и веднаш успеав во тоа. Вистински проблем ми беа цигарите. Неколкупати се обидов да ги оставам, ама не успеав. Кога чув дека некои едноставно ги фрлиле цигарите и никогаш повторно не пропушиле, го молев Јехова да ми помогне и мене. Оттогаш, со Јеховина помош, прекинав со пушењето. Сфатив колку многу значи да му се молиш на Јехова искрено и отворено.

Друга работа што морав од корен да ја сменам беше мојот физички изглед. На првиот состанок во Салата на Царството имав панк-фризура целата со боцки, а еден дел ми беше исфарбан со синозелена боја. Подоцна ја исфарбав дречливо портокалово. Носев фармерки и кожно палто на кое имаше разни слогани. Не гледав потреба да сменам нешто, иако Сведоците љубезно се обидоа да ми укажат на тоа. На крајот, почнав да размислувам за зборовите од 1. Јованово 2:15-17: „Немојте да го сакате ниту светот ниту она што е во светот! Ако некој го сака светот, љубовта кон Таткото не е во него“. Сфатив дека со мојот изглед покажував дека го сакам овој свет и дека треба да се променам за да покажам дека го сакам Бог. Така и направив.

Со текот на времето, сфатив дека не треба да присуствувам на христијанските состаноци само затоа што Сведоците ми велеа да одам. Од Евреите 10:24, 25 ми стана јасно дека тоа го бара Бог. Откако почнав редовно да присуствувам на сите состаноци и добро ги запознав луѓето таму, одлучив да му го ветам својот живот на Јехова и да се крстам.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Длабоко ме трогнува тоа што Јехова ни дозволува да се зближиме со него. Сочувството и грижата што ги покажува ме мотивираат да го следам неговиот пример и примерот на неговиот Син, Исус Христос (1. Петрово 2:21). Сфатив дека тоа што се трудам да живеам како христијанин не значи дека го губам својот идентитет. Научив да ги сакам луѓето и да се грижам за нив. Се трудам да покажувам христијански особини во односот со жена ми и син ми. Исто така, многу ги сакам моите браќа и сестри во верата. Со тоа што го следам примерот на Христос, си го вратив достоинството, самопочитта и способноста да покажувам љубов кон другите.

„Се однесуваа со мене со почит“ — ГВАДАЛУПЕ ВИЉАРЕАЛ

РОДЕН: 1964

ЗЕМЈА: МЕКСИКО

НЕКОГАШ: ВОДЕЛ НЕМОРАЛЕН ЖИВОТ

МОЕТО МИНАТО: Израснав во семејство со седум деца во Ермосиљо (Сонора, Мексико). Во тој крај владееше голема сиромаштија. Бидејќи татко ми умре кога бев мал, мајка ми мораше да работи за да нѐ прехрани. Обично одев бос затоа што немавме пари за чевли. Почнав да работам уште како дете за да помогнам финансиски. Како и многу други семејства, живеевме сите на куп.

Поголемиот дел од денот мајка ми не беше дома и ние останувавме сами и незаштитени. Кога имав 6 години, едно 15-годишно момче почна сексуално да ме злоупотребува. Тоа траеше долго време. Затоа, бев многу збунет во врска со мојата сексуалност. Мислев дека е нормално да ме привлекуваат лица од машки пол. Кога се обратив за помош кај лекарите и свештениците, тие ме уверуваа дека немам никаков проблем и дека моите чувства се сосема нормални.

Кога имав 14 години, решив јавно да се изјаснам како хомосексуалец, и следните 11 години се однесував така и живеев со неколку различни мажи. По некое време, завршив курс за фризери и отворив козметички салон. Меѓутоа, не бев среќен. Во животот бев погоден од многу страдања и неверства. Чувствував дека тоа што го правам не е во ред. Почнав да се прашувам: ‚Постојат ли на светов добри и чесни луѓе?‘

Помислив на сестра ми. Таа ја проучуваше Библијата со Јеховините сведоци и по некое време се крсти. Ми раскажуваше што учи, ама јас не ѝ обрнував внимание. Сепак, ѝ се восхитував што живееше средено и имаше добар брак. Се гледаше дека таа и зет ми се сакаат и се почитуваат. Беа внимателни еден кон друг. Со текот на времето, и јас почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Во почетокот проучував само површно, без некој посебен интерес. Но, еден ден работите се променија.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Отидов на еден состанок на Јеховините сведоци. Тоа беше нешто сосема ново за мене. Обично луѓето ми се потсмеваа, но не и Сведоците. Љубезно ме поздравија и се однесуваа со мене со почит. Бев многу трогнат.

Мојот добар впечаток за Сведоците се продлабочи кога отидов на еден конгрес. Видов дека, дури и кога се во друштво на многу луѓе, сите се како сестра ми — искрени и чесни. Се прашував дали тие се добрите и чесни луѓе што одамна сакав да ги сретнам. Ме одушеви нивната љубов и единство, како и тоа што на секое прашање одговараа читајќи од Библијата. Сфатив дека Библијата влијае позитивно во нивниот живот. Но, сфатив и дека ќе треба да направам многу промени за да станам како нив.

Всушност, мораше да се променам од корен, бидејќи бев прилично феминизиран. Требаше да го сменам начинот на кој зборував, гестовите, облеката, фризурата и пријателите. Моите поранешни пријатели почнаа да ми се потсмеваат: „Зошто го правиш ова? Што ти фалеше досега? Немој да ја проучуваш Библијата. Имаш сѐ што ти треба“. Но, најтешко ми беше да почнам да водам чист морален живот.

Сепак, знаев дека е можно човек да направи големи промени, бидејќи зборовите од 1. Коринќаните 6:9-11 ме допреа до срце: „Па зарем не знаете дека неправедниците нема да го наследат Божјето царство? Не залажувајте се! Ни блудници, ни идолопоклоници, ни прељубници, ни мажи што се впуштаат во неприродни полови односи, ни мажи што легнуваат со мажи... нема да го наследат Божјето царство. А такви беа некои од вас, но испрани сте“. Јехова им помогнал на некои луѓе во минатото да се променат, а ми помогна и мене. Ми беа потребни неколку години и голема борба, но успеав благодарение на советите што ми ги даваа Сведоците и љубовта што ја покажуваа кон мене.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Денес живеам како и секој друг нормален човек. Женет сум, и заедно со жена ми го учиме нашиот син да живее според библиските мерила. Одамна му свртев грб на мојот поранешен живот и сега уживам многу духовни благослови и привилегии. Служам како старешина во собранието, а им помогнав и на други да ја дознаат вистината од Божјата Реч. Промените што ги направив толку ја израдуваа мајка ми што и таа почна да ја проучува Библијата и се крсти. Јеховин сведок стана и една од моите сестри, која претходно живееше неморално.

Дури и некои од оние што ме познаваа од порано, сега признаваат дека сум се променил на подобро. Јас знам на што се должат тие промени. Во минатото барав помош од стручни лица, но добив само лоши совети. Меѓутоа, Јехова вистински ми помогна. Иако не се чувствував достоен за неговата грижа, тој ми обрна внимание и покажа кон мене љубов и стрпливост. Тоа што еден толку добар и мудар Бог се грижи за мене и сака да живеам подобро, многу ми значеше и ме поттикна да ги направам потребните промени.

„Бев незадоволен, осамен и празен“ — КАЗУХИРО КУНИМОЧИ

РОДЕН: 1951

ЗЕМЈА: ЈАПОНИЈА

НЕКОГАШ: ПРОФЕСИОНАЛЕН ВЕЛОСИПЕДИСТ

МОЕТО МИНАТО: Израснав во едно мирно пристанишно гратче во јапонската покраина Шизуока, каде што нашето осумчлено семејство живееше во мала куќа. Татко ми имаше продавница во која продаваше и поправаше велосипеди. Уште од мал ме носеше на велосипедски трки и на тој начин го разбуди мојот интерес за тој спорт. Почна да крои планови да станам професионален велосипедист. Уште додека одев во основно училиште, почна сериозно да ме тренира. Кога бев средно, три години по ред победував на државните велосипедски натпревари. Ми понудија да одам на факултет, но одлучив веднаш да се запишам во посебна школа за велосипедизам. На 19 години станав професионален велосипедист.

Си имав поставено за цел да станам најдобриот велосипедист во Јапонија. Планирав да заработам многу пари за да си го обезбедам семејството. Целосно се посветив на тренинзите. Кога ќе почувствував дека не можам повеќе да го издржам напорниот тренинг или некој тежок дел од патеката, се убедував дека сум роден за да се тркам и дека мора да најдам сили да продолжам! И продолжував. Резултатите од мојата напорна работа станаа видливи. Првата година кога почнав да се натпреварувам, добив награда за најдобар дебитант. Во втората година се квалификував за трката што одлучуваше кој ќе биде најдобриот велосипедист во Јапонија. Шестпати по ред, таа трка ја завршував како второпласиран.

Тоа што секогаш бев меѓу победниците ми го донесе прекарот „силните нозе на Токаи“, еден предел во Јапонија. Жестоко се борев со конкуренцијата. По некое време почнав да сеам страв околу себе бидејќи бев безмилосен на трките. Заработував сѐ повеќе пари и можев да купам сѐ што ќе посакав. Купив куќа во која имав сала за вежбање опремена со најсовремени справи. Си купив и автомобил кој чинеше речиси колку една куќа. За да не ми пропаднат парите, почнав да инвестирам на пазарот на недвижности и на берзата.

Сепак, бев незадоволен, осамен и празен. Имав жена и деца, но често бев нервозен со нив. Доволна ми беше ситница за да го истурам гневот врз жена ми и децата. Поради таквите испади, тие научија по изразот на лицето да препознаваат дали сум расположен или не.

По некое време, жена ми почна да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Тоа многу ги смени работите. Ми рече дека сака да оди на нивните состаноци, па затоа јас решив да одиме сите како семејство. Живо се сеќавам на вечерта кога еден старешина дојде кај нас и почна да ја проучува Библијата со мене. Она што го научив ми остави силен впечаток.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Никогаш нема да заборавам како ме погодија зборовите од Ефешаните 5:5. Таму пишува: „Ниту еден блудник или нечист или лакомец — што значи дека е идолопоклоник — нема наследство во царството на Христос и на Бог“. Сфатив дека велосипедските трки се поврзани со коцкање и дека спортот буди лакомост. Почна да ме гризе совеста. Ми беше јасно дека, ако сакам да му угодам на Јехова Бог, ќе треба да престанам да се натпреварувам. Но, тоа беше тешка одлука.

Штотуку заврши мојата најуспешна година во кариерата и копнеев по нови успеси. Но, откако почнав да ја проучувам Библијата, станав смирен и спокоен човек — што нема никаква допирна точка со ставот кој беше потребен за да победувам на трките! Откако почнав да проучувам, се натпреварував само трипати, но во срцето не се откажав од велосипедизмот. Освен тоа, не знаев на кој друг начин да го издржувам семејството. Се чувствував како фатен во стапица, дека не можам да мрднам ниту напред ниту назад, а роднините почнаа да ми вршат притисок заради мојата нова вера. Татко ми беше многу разочаран. Се чувствував растргнат, и поради сѐ поголемиот стрес добив чир на желудникот.

Во тие тешки моменти многу ми помогна тоа што продолжив редовно да ја проучувам Библијата и да одам на состаноците на Јеховините сведоци. Малку по малку, ми се зацврсти верата. Го молев Јехова да ми ги услиши молитвите и да ми покаже дека ме сослушал. Стресот ми се намали уште повеќе кога жена ми ме увери дека ќе биде среќна дури и ако не живее во голема куќа. Полека но сигурно, напредував.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Почувствував колку се вистинити зборовите на Исус запишани во Матеј 6:33. Тој рекол: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“. И навистина, никогаш не сме останале без основните работи за живот, како што рекол Исус. Иако сега заработувам околу 30 пати помалку од она што го заработував кога бев велосипедист, во изминативе 20 години мене и на моето семејство не ни недостигаше ништо.

Што е уште поважно, кога сум со моите соверници, чувствувам радост и задоволство како никогаш порано. Времето едноставно лета. И на моето семејство му е многу подобро. Моите три сина и нивните сопруги исто така верно му служат на Јехова.