Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали во геената луѓето се мачат во оган?

Дали во геената луѓето се мачат во оган?

Читателите прашуваат...

Дали во геената луѓето се мачат во оган?

▪ Во евангелијата, Исус ги опоменал своите ученици да се чуваат од осудата на геената. Очигледно сакал тоа предупредување да се сфати сериозно. Меѓутоа, дали Исус мислел на пекол во кој луѓето вечно се мачат? (Матеј 5:22).

Најнапред да го разгледаме подетално значењето на самиот збор. Грчкиот збор ге́ена одговара на хебрејскиот збор ге хином, кој значи „долината на Еном“. Овој израз целосно гласи ге венех-Хином, што значи „долината на Еномовите синови“ (Исус Навин 15:8; 2. Царевите 23:10). Оваа локација, која денес е позната како Вади ер-Рабаби, е една стрмна и тесна долина која се наоѓа југозападно од Ерусалим.

Во времето на царевите на Јуда, почнувајќи од 8 век пр.н.е., на ова место се извршувале пагански обреди во кои децата се жртвувале во оган (2. Летописи 28:1-3; 33:1-6). Пророкот Еремија прорекол дека истата долина ќе стане место каде што Јудејците ќе бидат масовно погубувани од рацете на Вавилонците, како осуда од Бог за нивната злоба * (Еремија 7:30-33; 19:6, 7).

Според еврејскиот изучувач Давид Кимхи (о. 1160-о. 1235 од н.е.), оваа долина подоцна била претворена во депонија на градот Ерусалим. Во неа постојано се одржувал оган за да се пали ѓубрето. Сѐ што ќе се фрлело во таа депонија било целосно уништено и изгорено до пепел.

Многу преведувачи на Библијата си зеле слобода да го преведат зборот ге́ена со „пекол“ (Матеј 5:22, Превод на МПЦ). Зошто? Затоа што паганското верување во задгробен живот, во кој злобните луѓе се мачат во оган, го поврзувале со дословниот оган во долината надвор од Ерусалим. Меѓутоа, Исус никогаш не ја поврзал геената со мачење.

Исус знаел дека на неговиот небесен Татко, Јехова, му е одвратна дури и самата помисла живи луѓе да горат во оган. Зборувајќи за геената во времето на пророкот Еремија, Бог рекол: „Изградија обредни височинки во Тофет, кој е во долината на синовите на Еном, за да ги горат во оган своите синови и своите ќерки, нешто што никогаш не сум го заповедал, ниту некогаш ми дошло на ум“ (Еремија 7:31). Освен тоа, идејата дека мртвите се мачени на некое место нема никаква допирна точка со личноста на Бог, кој е љубов, како ни со јасното библиско учење дека мртвите „не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5, 10).

Исус го употребил зборот „геена“ како симбол на потполно уништување кое ќе биде резултат на Божјиот суд. Значи, зборот „геена“ има слично значење како изразот „огнено езеро“, кој се спомнува во библиската книга Откровение. И едниот и другиот термин се симболи за вечно уништување од кое нема воскресение (Лука 12:4, 5; Откровение 20:14, 15).

[Фуснота]

^ пас. 5 Во една католичка енциклопедија е даден следниов коментар во врска со ова пророштво: „При уништувањето на Ерусалим биле убиени толку многу жители што нивните тела ги фрлале во долината, непогребани, за да изгнијат или за да бидат изгорени“ (New Catholic Encyclopedia).