Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали му дозволуваш на Божјиот дух да те води?

Дали му дозволуваш на Божјиот дух да те води?

Дали му дозволуваш на Божјиот дух да те води?

„Твојот дух е добар, нека ме води низ земјата на справедливоста!“ (ПС. 143:10)

1, 2. а) Наведи некои примери кога Јехова им помогнал на своите слуги со светиот дух. б) Дали светиот дух влијае само во посебни прилики? Објасни.

 НА ШТО помислуваш кога ќе се спомне влијанието на светиот дух? Дали можеби на моќните дела на Гедеон и Самсон? (Суд. 6:33, 34; 15:14, 15). Или, пак, на смелоста што ја имале првите христијани и на спокојството што го чувствувал Стефан додека стоел пред Судскиот совет? (Дела 4:31; 6:15). Дали можеби помислуваш на радоста што владее на нашите меѓународни конгреси, на верноста на нашите браќа кои лежат во затвор поради својата неутралност и на огромниот пораст на проповедничкото дело во нашево време? Всушност, сите овие примери се доказ за влијанието на светиот дух.

2 Но, дали светиот дух влијае само во посебни прилики и околности? Не. Во врска со христијаните, Божјата Реч вели дека тие ‚одат според духот‘, дека ‚ги води духот‘ и дека ‚живеат според духот‘ (Гал. 5:16, 18, 25, фус.). Овие изјави покажуваат дека светиот дух може постојано да влијае врз нашиот живот. Ние секојдневно треба да го молиме Јехова да нѐ води со својот дух за да размислуваме, зборуваме и постапуваме како што сака Тој. (Прочитај Псалм 143:10.) Кога му дозволуваме на духот да дејствува во нашиот живот, кај нас се развиваат особини со кои ги охрабруваме другите и му носиме слава на Бог.

3. а) Зошто имаме потреба од водството на светиот дух? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

3 Зошто е многу важно да нѐ води светиот дух? Затоа што постои друга сила која се спротивставува на неговото влијание и нѐ става под голем притисок. Библијата ја нарекува оваа сила „телото“ — збор кој ги означува грешните склоности на нашето тело што сме ги наследиле од Адам како негови несовршени потомци. (Прочитај Галатите 5:17.) Тогаш, како можеме да му дозволиме на Божјиот дух да нѐ води? Кои чекори можеме да ги преземеме за да се спротивставиме на притисокот од нашето грешно тело? Одговорот на овие прашања ќе го дознаеме додека ги разгледуваме останатите шест особини што спаѓаат во „плодовите на духот“, имено, ‚долготрпеливоста, љубезноста, добротата, верата, благоста и самосовладувањето‘ (Гал. 5:22, 23).

Благоста и долготрпеливоста влијаат врз мирот во собранието

4. На кој начин благоста и долготрпеливоста придонесуваат да се зачува мирот во собранието?

4 Прочитај Колошаните 3:12, 13. За да има мир во собранието, потребно е да покажуваме и благост и долготрпеливост. Овие две особини ни помагаат да постапуваме љубезно со другите, да останеме смирени кога сме провоцирани и да не враќаме со иста мера кога некој ќе нѐ повреди со збор или со постапка. Ако меѓу нас и некој соверник избие несогласување, долготрпеливоста, односно стрпливоста, ќе ни помогне да не кренеме раце од тој брат или сестра, туку да направиме сѐ што можеме за да го расчистиме проблемот. Бидејќи сите сме несовршени, благоста и долготрпеливоста се навистина потребни во собранието.

5. Што се случило меѓу Павле и Варнава, и што ни покажува тоа?

5 Да видиме што се случило меѓу Павле и Варнава. Тие со години ја проповедале добрата вест рамо до рамо. И двајцата имале убави особини. Сепак, во една прилика меѓу нив избила ‚толку жестока караница што се раздвоиле‘ (Дела 15:36-39). Ова јасно покажува дека понекогаш може да се појави несогласување дури и меѓу верни слуги на Бог. Ако еден христијанин има недоразбирање со некој соверник, што може да направи за да не дојде до жестока расправија која би можела трајно да им го наруши пријателството?

6, 7. а) Кои библиски совети би можеле да ги послушаме за да не се скараме со некој соверник? б) Зошто е добро да се биде „брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“?

6 Расправијата меѓу Павле и Варнава избувнала неочекувано и прераснала во „жестока караница“. Ако еден христијанин почне да се нервира од разговорот што го води со некој соверник, мудро е да го послуша следниов совет од Јаков 1:19, 20: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев, зашто човековиот гнев не ја донесува праведноста што ја бара Бог“. Во зависност од околностите, би можел да ја смени темата, да го одложи разговорот за некое друго време или, пак, да го прекине и да си замине пред дискусијата да се вжешти (Изр. 12:16; 17:14; 29:11).

7 Зошто е добро да го послуша овој совет? Ако дозволи да помине извесно време за да може да се смири, да се моли во врска со таа работа и да размисли како најдобро да одговори, христијанинот ќе му допушти на Божјиот дух да го води (Изр. 15:1, 28). Под влијание на духот, тој може да покаже благост и долготрпеливост. Така ќе биде во состојба да го примени и советот што се наоѓа во Ефешаните 4:26, 29: „Ако се гневите, немојте да грешите... Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само оној што е добар, за да ги изградува другите според потребата и да им биде од корист на оние што го слушаат“. Значи, кога се облекуваме во благост и долготрпеливост, помагаме да се зачуваат мирот и единството во собранието.

Љубезноста и добротата — благослов за семејството

8, 9. Што се љубезноста и добротата, и како овие особини влијаат врз семејната атмосфера?

8 Прочитај Ефешаните 4:31, 32; 5:8, 9. Љубезноста и добротата можат да нѐ освежат исто како што освежува нежно ветре или голтка студена вода во жежок ден. Овие особини помагаат во семејството да владее пријатна атмосфера. Љубезноста е прекрасна особина која е одраз на нашиот искрен интерес за другите, а се покажува со добри дела и обѕирни зборови. Добротата, исто како љубезноста, е позитивна особина која се гледа од она што го правиме за другите. Едно нејзино обележје е великодушноста (Дела 9:36, 39; 16:14, 15). Но, добротата вклучува многу повеќе.

9 Дали некој навистина е добар, не се гледа само од она што го прави туку, пред сѐ, од тоа каков човек е. Слично на едно овошје кое е зрело во секој поглед — без никаква маана ни однадвор ни однатре — така и добротата која е плод на светиот дух го опфаќа секој аспект и од личноста и од животот на еден христијанин.

10. Што може да им помогне на членовите на семејството да ги развиваат плодовите на духот?

10 Што може да им помогне на членовите на едно христијанско семејство да бидат љубезни и добри еден кон друг? Многу е важно добро да ја познаваат Божјата Реч (Кол. 3:9, 10). Некои семејни поглавари решиле во седмичната Семејна вечер посветена на Јехова да го вклучат и проучувањето на плодовите на духот. Тоа воопшто не е тешко да се направи. Во нашите публикации може да најдете материјал за сите плодови на духот. Би можеле да разгледате само неколку пасуси седмично и така да се задржите по неколку недели на секој плод. Кога ќе проучувате, прочитајте ги и разговарајте за наведените стихови. Размислувајте како би можеле да го примените она што го учите и молете го Јехова да го благослови вашиот труд (1. Тим. 4:15; 1. Јов. 5:14, 15). Дали таквото проучување навистина може да влијае врз начинот на кој членовите на семејството постапуваат еден со друг?

11, 12. Каква корист имале два христијански брачни пара од тоа што проучувале за љубезноста?

11 Еден млад брачен пар Сведоци, кои сакале да имаат среќен брак, решиле подлабоко да ги проучуваат плодовите на духот. Како им користело тоа? Сопругата вели: „Тоа што сфативме дека љубезноста е поврзана со верноста и лојалноста имаше силно влијание врз начинот на кој до ден-денес постапуваме еден со друг. Научивме да попуштаме и да си простуваме. И, сфативме дека треба да кажеме ‚благодарам‘ и ‚извини‘ секогаш кога е потребно“.

12 Друг брачен пар христијани, кои имале проблеми во бракот, сфатиле дека, всушност, не се љубезни еден кон друг. Затоа решиле заедно да проучуваат за љубезноста. Каков бил резултатот? Сопругот вели: „Тоа што ја проучувавме оваа особина ни помогна да сфатиме дека не треба веднаш да му припишуваме лоши мотиви на другиот, туку да бидеме спремни да му веруваме и да го бараме доброто кај него. Станав посвесен за потребите на жена ми, а и таа за моите. Сфатив дека ќе бидам љубезен кон неа ако ѝ дозволам слободно да си каже што мисли без да ѝ се лутам. Тоа значеше дека не смеам да бидам пречувствителен. Кога почнавме да покажуваме љубезност на дело, напнатоста помеѓу нас постепено исчезна. Тоа ни донесе големо олеснување“. Би можело ли и твоето семејство да извлече корист од проучувањето на плодовите на духот?

Покажувај вера кога другите не те гледаат

13. Што може да го доведе во опасност нашиот однос со Јехова?

13 Христијаните треба да дозволат Божјиот дух да ги води кога другите ги гледаат, но и кога се сами. Во денешниот Сатанов свет, на секој чекор може да наидеме на одвратни слики и на изопачена забава. Тоа може да го доведе во опасност нашиот однос со Јехова. Што треба да прави еден христијанин? Божјата Реч нѐ советува: „Отфрлете ја сета валканост и злоба, таа непожелна особина, и со благост прифатете да се всади во вас Божјата реч, која може да ви ги спаси душите“ (Јак. 1:21). Да видиме како верата, уште една особина наведена меѓу плодовите на духот, може да ни помогне да останеме чисти во Јеховини очи.

14. Како може недостигот на вера да води до погрешно постапување?

14 Ако имаме вистинска вера, Јехова Бог ќе биде реален за нас. Ако не ни е реален, лесно може да направиме нешто погрешно. Размисли за она што се случувало меѓу Израелците во старо време. Јехова му открил на пророкот Езекиел дека некои од нив правеле одвратни работи дома, каде што никој не ги гледал. Тој му рекол: „Сине човечки, гледаш ли што прават во темнината старешините на домот на Израел и што прави секој од нив во просториите каде што се наоѓа нивниот режан лик? Зашто, велат: ‚Јехова не нѐ гледа. Јехова ја оставил оваа земја‘“ (Езек. 8:12). Забележа ли што било дел од проблемот? Тие не верувале дека Јехова го гледа она што го правеле. Тој не бил реален за нив.

15. Како нѐ штити цврстата вера во Јехова?

15 Да видиме сега што направил Јосиф. Тој постапил сосема спротивно од нив. Иако бил далеку од своето семејство и својот народ, тој одбил да изврши прељуба со жената на Петефриј. Зошто? Јосиф рекол: „Како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ (1. Мој. 39:7-9). Значи, Јехова бил реален за него. Според тоа, ако тој ни е реален и нам, никогаш — дури и кога никој не нѐ гледа — нема да се изложуваме на нечиста забава ниту, пак, да правиме што ѝ да е друго кое знаеме дека не му се допаѓа на Бог. Ќе бидеме решени да постапуваме исто како и псалмистот, кој пеел: „Со чисто срце ќе одам во својот дом. Пред своите очи нема да ставам ништо зло“ (Пс. 101:2, 3).

Самосовладувањето помага да си го чуваме срцето

16, 17. а) Според описот во книгата Изреки, како едно „неразумно момче“ паднало во замката на гревот? б) Како нешто слично може да му се случи некому денес без оглед на возраста? (Види ја сликата на 26. страница.)

16 Самосовладувањето, последната особина наведена во плодовите на духот, е способност да се каже ‚не‘ на она што Бог го осудува. Тоа може да ни помогне да си го чуваме срцето (Изр. 4:23). Да го разгледаме извештајот од Изреки 7:6-23, каде што е опишано како едно „неразумно момче“ било заведено од жена блудница. Овој млад човек паднал во замката на гревот откако ‚поминал по улицата близу до нејзиниот агол‘. Можеби љубопитноста го навела да дојде до таму. За жал, пропуштил да сфати дека таа жена го води на погрешен пат и дека на крајот би можел „да го изгуби животот“.

17 Како овој младич ќе ја избегнел оваа катастрофална грешка? Така што ќе го послушал следново предупредување: „Немој да заталкаш на нејзините патеки“ (Изр. 7:25). Од ова го учиме следново: Ако сакаме да нѐ води Божјиот дух, не смееме да дозволиме самите да се доведеме во искушение. Еден начин како некој може да заталка на погрешниот пат по кој тргнало ова „неразумно момче“ е ако бесцелно ги менува каналите на телевизорот или пребарува на интернет. Сеедно дали намерно или не, може лесно да налета на неморални слики. Постепено може да стекне нечиста навика да гледа порнографија, која ќе има разорни последици за неговата совест и неговиот однос со Бог. На крајот, би можел да го изгуби и животот. (Прочитај Римјаните 8:5-8.)

18. Кои мерки би можел да ги преземе еден христијанин за да си го зачува срцето? Како со тоа ќе покаже самосовладување?

18 Се разбира, можеме и треба да покажеме самосовладување веднаш штом ќе ни излезе пред очи некоја неморална слика. Но, уште подобро е да спречиме да ни се случи такво нешто! (Изр. 22:3). Ние покажуваме самосовладување и со тоа што преземаме одредени мерки на претпазливост и се држиме за нив. На пример, може да ни биде заштита тоа што ќе го ставиме компјутерот на место каде што секој може да види што работиме на него. Некои сфатиле дека за нив е најдобро да користат компјутер или да гледаат телевизија само во присуство на други. А некои, пак, решиле да немаат интернет дома. (Прочитај Матеј 5:27-30.) Да направиме сѐ што е потребно за да се заштитиме себеси и нашето семејство, и да продолжиме да му служиме на Јехова „од чисто срце, [со] чиста совест и [со] нелицемерна вера“ (1. Тим. 1:5).

19. Како ни помага тоа што му дозволуваме на светиот дух да нѐ води?

19 Плодовите на светиот дух, кои се резултат на неговото влијание, ни помагаат во многу погледи. Благоста и долготрпеливоста овозможуваат да се зачува мирот во собранието. Љубезноста и добротата придонесуваат семејствата да бидат среќни. Верата и самосовладувањето ни помагаат да останеме блиски со Јехова и да бидеме чисти во негови очи. Освен тоа, во Галатите 6:8 ни е дадено следново уверување: „Кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“. Да, на темел на Христовата жртва, Јехова ќе го употреби светиот дух да им даде вечен живот на оние што уште денес дозволуваат да ги води тој дух.

Како би одговорил?

• Како благоста и долготрпеливоста придонесуваат да се зачува мирот во собранието?

• Што ќе им помогне на христијаните да покажуваат љубезност и доброта во семејството?

• Како верата и самосовладувањето им помагаат на христијаните да го зачуваат своето срце?

[Прашања]

[Слика на страница 24]

Што можеш да направиш за да не дојде до караница?

[Слика на страница 25]

Твоето семејство може да извлече корист од проучувањето на плодовите на духот

[Слика на страница 26]

Кои опасности ќе ги избегнеме ако имаме вера и самосовладување?