Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Видов колку е добар Јехова

Видов колку е добар Јехова

Видов колку е добар Јехова

Раскажал Артур Боно

ВО 1951 год., додека со жена ми, Едит, присуствувавме на еден обласен конгрес, слушнавме известување дека ќе се одржи состанок за оние што се заинтересирани за мисионерска служба.

„Да појдеме и ние!“, извикав.

„Арт, тоа не е за нас!“, рече Едит.

„Ајде, Еди, само да чуеме што ќе кажат.“

По состанокот, присутните можеа да земат молби за Школата Гилеад.

„Да пополниме и ние“, реков.

„Но, Арт, зарем ќе ги оставиме нашите семејства?“

Една и пол година по тој конгрес, присуствувавме на Школата Гилеад и добивме задача да служиме во Еквадор (Јужна Америка).

Како што може да забележите, бев прилично решителен млад човек и мислев дека, ако одлучиме да правиме нешто, сигурно ќе успееме во тоа. За разлика од мене, Едит беше кротка и скромна. Како мала, таа живеела во гратчето Елизабет (Пенсилванија, САД) и никогаш не патувала далеку од дома ниту, пак, сретнала некој странец. Не ѝ беше лесно да го остави семејството. И покрај сѐ, со цело срце ја прифати задачата да проповедаме во друга земја. Во 1954 год., пристигнавме во Еквадор и оттогаш служиме како мисионери во оваа земја. Во текот на сето тоа време, Јехова беше многу добар кон нас. Сакате ли да слушнете за некои од благословите што ги добивме?

Светли спомени

Најпрвин бевме испратени да служиме во главниот град, Кито, кој се наоѓа на Андите, на околу 2.850 метри надморска височина. До таму патувавме два дена со воз и со камион од крајбрежниот град Гвајаквил. Денес истата релација може да се помине со авион за само половина час! Во Кито служевме четири незаборавни години. Потоа, во 1958 год., добивме друг благослов — бевме повикани да служиме во покраинското дело.

Во тоа време, во целата земја имаше само две мали покраини. Затоа, освен што ги посетувавме собранијата, повеќе седмици во текот на годината проповедавме во малите индијански гратчиња каде што не живееше ниту еден Сведок. Во тие места, најчесто престојувавме во малечко сопче без прозорци, со еден кревет и ништо друго. Со нас носевме дрвен сандак во кој имаше керозински шпорет, едно тавче, чинии, леген, чаршафи, мрежа за комарци, облека, стари весници и некои други работи. Весниците ни требаа за да ги затнеме дупките во ѕидовите и така да ги спречиме стаорците да ни доаѓаат на гости.

Иако овие соби беа тмурни и мрачни, ни останаа светли спомени од разговорите што ги водевме навечер седнати на креветот, јадејќи едноставен оброк зготвен на керозинскиот шпорет. Бидејќи по природа бев импулсивен и честопати ќе кажев нешто без размислување, понекогаш жена ми ги користеше тие мигови да ми укаже како би можел потактично да зборувам со браќата што ги посетувавме. Ја послушав, и моите посети станаа поохрабрувачки. Освен тоа, кога непромислено ќе кажев нешто лошо за некого, таа не сакаше да го продолжи разговорот во тој правец. Така научив да гледам позитивно на браќата. Но, најчесто навечер разговаравме за она што го учевме од статиите во Стражарска кула и за тоа како си поминавме во служба тој ден. Навистина имавме многу интересни искуства!

Како го најдовме Карлос

Кога бевме во градот Хипихапа, во западниот дел на Еквадор, добивме име на едно заинтересирано лице — Карлос Мехија. Но, немавме никаква адреса. Кога излеговме од нашата изнајмена соба тоа утро, не знаевме од каде да почнеме да го бараме. Затоа, едноставно тргнавме каде што нѐ водеше патот. Бидејќи претходната ноќ истураше дожд, на калливиот пат имаше многу вирчиња кои моравме да ги заобиколуваме. Додека чекорев пред Едит, таа одеднаш вресна: „Арт!“ Се свртев и ја видов пропадната до колена во еден каллив вир. Глетката беше многу смешна, но се воздржав да не се насмеам бидејќи забележав солзи на нејзиното лице.

Успеав да ја извлечам од калта, но нејзините чевли останаа заглавени во вирот. Сето ова го гледаа едно момче и едно девојче, па им реков: „Ќе ви дадам пари ако ги извадите чевлите од калта“. Чевлите беа надвор додека да трепнеш, но Еди мораше да се измие некаде. Бидејќи и мајката на децата нѐ виде, нѐ покани во куќата и ѝ помогна на жена ми да ги измие нозете додека децата ги чистеа калливите чевли. Пред да си заминеме, ми текна да ја прашам дали познава некој човек што се вика Карлос Мехија. Таа изненадено нѐ погледна, и рече: „Тој ми е маж“. Со текот на времето, почнавме да ја проучуваме Библијата со нив и, на крајот, сите членови на тоа семејство се крстија. Со години подоцна, Карлос, жена му и две нивни деца станаа специјални пионери.

Напорни патувања, но срдечно гостопримство

Патувањето во покраинското дело не беше секогаш лесно. Патувавме со автобус, со воз, со камиони, со дрвени кануа и со мали авиони. Еднаш Џон Мекленакен, кој служеше како обласен надгледник, и неговата жена, Дороти, дојдоа со нас да проповедаме во рибарските селца близу до границата со Колумбија. Додека пловевме со дрвеното кану кое имаше вграден мотор, покрај нас пливаа ајкули долги како кануто! Дури и искусниот водич се исплаши од големината на ајкулите и брзо сврте за да пловиме поблизу до брегот.

Проблемите што ги имавме во покраинското дело не можат да се споредат со благословите што ги доживеавме во оваа служба. Се запознавме со прекрасни, гостољубиви браќа. Многупати, семејствата кај кои престојувавме подготвуваа по три оброци дневно за нас, иако самите јадеа само еднаш во денот. Или, пак, ни даваа да спиеме во единствениот кревет во куќата, додека тие спиеја на подот. Жена ми имаше обичај да каже: „Овие мили браќа и сестри ми помагаат да сфатам колку малку, всушност, ни е потребно во животот“.

„Не сакаме да одбиеме ниту една задача“

Во 1960 год., бевме благословени на уште еден начин — добивме покана да служиме во подружницата во Гвајаквил. Јас работев во канцеларија, а Едит проповедаше на подрачјето на едно собрание во близина на подружницата. Никогаш не се сметав себеси за канцелариски тип и донекаде се чувствував недораснат за таа служба. Сепак, како што стои во Евреите 13:21, Бог нѐ опремува ‚со секое добро, за да ја вршиме неговата волја‘. Две години подоцна, бев поканет на десетмесечен курс во Школата Гилеад кој требаше да се одржи во Бетелот во Бруклин (Њујорк). Во тоа време, од сопругите се очекуваше да останат на својата задача. Од Бруклин стигна писмо и до мојата жена, во кое беше замолена внимателно да размисли дали е спремна десет месеци да биде без мене.

Едит го испрати следниов одговор: „Уверена сум дека тоа воопшто нема да биде лесно, но знаеме дека Јехова сигурно ќе ни помогне без оглед на тешкотиите со кои ќе се соочиме... Не сакаме да одбиеме ниту една задача што ќе ни се даде и ниту една можност која ќе нѐ опреми подобро да ги извршуваме своите одговорности“. Додека бев во Бруклин, таа секоја седмица ми испраќаше по едно писмо.

Служиме рамо до рамо со верни сохристијани

Бидејќи имав здравствени проблеми, во 1966 год. моравме да се вратиме во Кито, каде што продолживме да служиме како мисионери и да проповедаме со тамошните браќа и сестри. Колку верни беа тие!

Една верна сестра честопати ја тепаше мажот, кој не беше Сведок. Еден ден, во шест часот наутро, некој ни се јави и ни кажа дека повторно ја натепал. Веднаш отрчав до куќата на сестрата. Кога ја видов, не можев да си поверувам на очите! Лежеше во креветот, целата отечена и со модрици. Мажот ѝ ја тепал со дршка од метла сѐ додека дршката не се скршила. Подоцна истиот ден, го најдов и него дома и му реков дека тоа што го направил е крајно ниско и бедно. Многу се извинуваше.

Во почетокот на 1970-ите, моето здравје се подобри, па можевме да продолжиме со покраинската служба. Во нашата покраина спаѓаше и градот Ибара. Кога го посетувавме овој град во 1950-ите, во него имаше само двајца Сведоци — еден мисионер и еден тамошен брат. Затоа, едвај чекавме да се запознаеме со многуте нови лица што во меѓувреме станале дел од тоа собрание.

Во текот на нашиот прв состанок таму, брат Родриго Вака излезе на подиумот за да води точка во која можеа да учествуваат и присутните. Секогаш кога ќе поставеше прашање, наместо да кренат рака, некои од присутните викаа „Јо, јо!“ (Јас, јас!). Зачудено се погледнавме со Едит. ‚Што е ова!?‘, си помислив. Подоцна дознавме дека брат Вака е слеп, но ги препознава гласовите на членовите на собранието кога ќе се јават за коментар. Тој е пастир кој навистина ги знае своите овци! Ова ме потсети на она што Исус го кажал во Јован 10:3, 4, 14 во врска со добриот пастир, кој добро ги познава своите овци, а и тие него. Денес во Ибара има шест шпански собранија, едно собрание на јазикот кечуа и едно на знаковен јазик. Брат Вака сѐ уште верно служи како старешина и специјален пионер. *

Благодарни за Јеховината добрина

Во 1974 год., добивме уште еден благослов од Јехова кога бевме повикани пак да служиме во Бетел, каде што повторно добив задача да работам во канцеларија и подоцна станав член на Одборот на подружницата. Едит во почетокот работеше во кујна, а подоцна беше префрлена во канцеларија, каде што ја средува поштата.

Низ годините, со радост пречекавме стотици мисионери од Школата Гилеад, кои со својата ревност и зрелост им помагаат на објавителите во собранијата во кои се доделени. Многу сме охрабрени и од илјадниците браќа и сестри кои дојдоа од над 30 земји за да служат во Еквадор. Навистина сме восхитени од нивната самопожртвуваност! Некои ги продале своите куќи или својот бизнис за да дојдат овде и да служат на подрачје каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Купиле возила за да проповедаат во зафрлени краишта, и помагаат да се основаат нови собранија и да се градат Сали на Царството. Голем број немажени сестри дојдоа од други земји за да служат овде како пионери. Тие се многу ревносни и способни работници!

Низ годините, доживеав многу благослови во службата за Бог. Но, најголемиот од сите е моето пријателство со Јехова. Освен тоа, благодарен сум му и за ‚помошничката‘ што ми ја даде (1. Мој. 2:18). Кога размислувам за 69-те години што досега ги поминавме заедно во брак, на ум ми доаѓа стихот од Изреки 18:22, каде што стои: „Кој нашол добра жена, нашол добро“. Среќен сум што сите тие години бевме еден покрај друг. Таа ми помогна во многу работи. А со љубов се грижеше и за мајка си. Откако пристигнавме во Еквадор, секоја седмица ѝ праќаше по едно писмо сѐ до 1990 год., кога мајка ѝ почина на 97 години.

Јас сега имам 90, а Едит има 89 години. Голема радост ни причинува тоа што можевме да им помогнеме на околу 70 луѓе да го запознаат Јехова. Ниту еден момент не зажаливме што пред 60 години ги пополнивме молбите за Школата Гилеад. Таа одлука ни донесе многу благослови во животот.

[Фуснота]

^ пас. 29 Животната приказна на брат Вака излезе во англиското издание на Разбудете се! од 8 септември 1985.

[Слика на страница 29]

На стадионот Јенки во Њујорк во 1958 год. заедно со некои други мисионери од нашиот клас

[Слика на страница 31]

Во посета на едно семејство Сведоци кога служевме во покраинското дело (1959)

[Слика на страница 32]

Во подружницата во Еквадор (2002)