Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали некои имиња што се појавуваат на древните глинени печати се спомнуваат и во Библијата?

Во древни времиња, оние што работеле со службени документи ги виткале документите во ролна и ги врзувале со врвка. Потоа на јазолот ставале парче влажна глина и втиснувале печат. Печатот служел како потпис, сведоштво и потврдување на веродостојноста на документот.

Понекогаш, како печати се користеле посебни прстени, кои се сметале за вредни предмети (1. Мојсеева 38:18; Естира 8:8; Еремија 32:44). Честопати, печатот го содржел името на сопственикот, неговата титула и името на неговиот татко.

Истражувачите откриле стотици древни отпечатоци, познати како були. Некои од нив ги содржат имињата на личности што се спомнуваат во Библијата. На пример, археолозите откриле отпечатоци направени со, како што се верува, личните печати на двајца јудејски цареви. Еден од тие текстови гласи: „Сопственост на Ахаз [син на] Јехотам [Јотам], цар на Јуда“. На други текстови пишува: „Сопственост на Езекија [син на] Ахаз, цар на Јуда“ (2. Царевите 16:1, 20). Ахаз и Езекија владееле во 8 век пр.н.е.

Истражувачите анализирале повеќе були направени со печати што се верува дека им припаѓале на некои библиски личности. Меѓу нив се луѓе кои се спомнуваат во списите на Еремија, како што се Варух (писарот на Еремија), Гемарија („синот на Сафан“), Јерамеил („царевиот син“), Јухал („синот на Селемија“) и Сераја (брат му на Варух) (Еремија 32:12; 36:4, 10, 26; 38:1; 51:59).

Како се означени во Библијата различните делови од денот?

▪ Во Хебрејските списи се користат изрази како „утро“, „пладне“, „напладне“ и „приквечер“ (1. Мојсеева 24:11; 5. Мојсеева 28:29; 1. Царевите 18:26). Евреите ја делеле ноќта на три стражи, кои траеле по околу четири часа. Но, подоцна го прифатиле грчкиот и римскиот систем на четири ноќни стражи. Очигледно, Исус го имал на ум вториот начин на кој се правела поделба на времето кога рекол: „Бдејте, бидејќи не знаете кога доаѓа господарот на куќата, дали навечер, или на полноќ, или кога ќе пропеат петлите, или рано наутро“ (Марко 13:35). Стражата што била „навечер“ траела од зајдисонце до 21 часот. Следната стража завршувала на полноќ, а третата, „кога ќе пропеат петлите“, траела до околу три часот наутро. Последната стража, која почнувала рано наутро, траела до изгрејсонце. Исус одел по водите на Галилејското Море за време на „четвртата ноќна стража“ (Матеј 14:23⁠-26).

Во Христијанските грчки списи, зборот „час“ се однесувал на една дванаесеттина од периодот на дневната светлина, односно од периодот од изгрејсонце до зајдисонце (Јован 11:9). Бидејќи часот кога изгрева и заоѓа сонцето во Израел се менува во зависност од годишното време, обично се кажувало само приближното време кога се случил некој настан, како на пример, „околу шестиот час“ (Дела 10:9).

[Слика на страница 15]

Глинени печати со имињата Езекија и Ахаз (напред), а можеби и Варух (одзади)

[Извор на слика]

Одзади: Со љубезна дозвола на Israel Museum, Jerusalem

Напред: www.BibleLandPictures.com / Alamy

[Слика на страница 15]

Сончев часовник од римско време (27 пр.н.е. до 476 од н.е.)

[Извор на слика]

© Gerard Degeorge / The Bridgeman Art Library International