Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

ЗОШТО една популарна пејачка се откажала од својата кариера за да има повеќе време да проповеда? И што му помогнало на еден криминалец, за кого судијата рекол дека е непоправлив, да стане корисен член на општеството? Прочитај што имаат да ни раскажат тие.

„Никој не може да им робува на двајца господари“ — АНТОЛИНА ОРДЕН КАСТИЉО

РОДЕНА: 1962

ЗЕМЈА: ШПАНИЈА

НЕКОГАШ: АКТЕРКА И ПЕЈАЧКА

МОЕТО МИНАТО: Родена сум во селото Тресхункос, во регионот познат како Ла Манча. Моето семејство се занимаваше со земјоделство. Мајка ми беше католик, а татко ми протестант. Тој редовно ја читаше Библијата и ме учеше да ја почитувам. Но, мајка ми ме воспитуваше како католик и секоја недела ме носеше на миса.

Кога имав 15 години, заминав од моето село и отидов да живеам во Мадрид кај мојата постара сестра. Многу ми недостигаа татко ми и мајка ми, но полека се навикнав на градскиот живот. На 17 години ми се укажа прилика неколку месеци да пеам зарзуела, традиционална шпанска опера. Многу уживав во тоа и одлучив да станам актерка. Прекинав со курсот за секретарки и почнав да работам со различни зарзуела-дружини. Некаде во тоа време почнав врска со братот на една моја пријателка. Бев пресреќна што имав добра работа, пари и среќа во љубовта.

Одев на турнеи со различни зарзуела-дружини низ цела Шпанија и во други земји, како на пример, Колумбија, Костарика, Еквадор и Венецуела. Пеев и во различни групи на популарниот музички правец кој започна во Мадрид и стана познат како „Ла мовида мадрилења“. Една од групите во кои бев главен вокал стана многу популарна.

Ми се допаѓаше мојата работа, но не ми се допаѓаше тоа што во тие кругови имаше многу неморал. Освен тоа, станав преокупирана со личниот изглед и правев сѐ за да останам на врвот. Држев многу строга диета и почнав да страдам од анорексија и булимија.

Главна цел и понатаму ми беше да станам актерка. Конечно, ме примија на Факултетот за драмски уметности во Мадрид. Нѐ учеа дека, за да бидеме добри актери, треба да ги анализираме чувствата на ликот што го играме, како и сопствените чувства. Кога пробав да го правам тоа, сфатив дека во емоционален поглед сум празна и дека сум станала површна, себична личност.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Знаев дека ќе треба да вложам труд за да стекнам убави особини. Но, не знаев од каде да почнам. Решив да отидам во една Евангелистичка црква во Мадрид, во која еднаш бев со моите родители. Исто така, му се молев на Бог користејќи го неговото име, Јехова.

По кратко време, две жени кои беа Јеховини сведоци тропнаа на мојата врата. Уживав додека разговаравме за Библијата, но имав и многу приговори на нивните учења. Естер, која редовно доаѓаше кај мене за да ме поучува за Библијата, беше многу стрплива. Таа и нејзиното семејство покажаа голема љубов и грижа кон мене. Почнав да одам на состаноците на Јеховините сведоци и брзо сфатив дека ја најдов вистината што ја барав.

Откако завршив со студиите по драмски уметности, пред мене се отворија многу можности да напредувам во кариерата. Добив улога во една претстава што требаше да се прикажува во еден прочуен театар во Мадрид. Меѓутоа, сфатив дека, за да успеам како актерка, ќе треба целосно да се посветам на театарот. На крајот, одлучив да најдам некоја друга работа, која ќе ми овозможи да му служам на Бог без никакви пречки. Сфатив колку се вистинити зборовите на Исус: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Матеј 6:24). Мојот дечко не ги делеше моите верски убедувања, па затоа решив да ѝ ставам крај на нашата осумгодишна врска. Воопшто не ми беше лесно да ги направам тие промени.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Работам со скратено работно време како негувателка на постари лица. Така можам да одвојам повеќе време за да ги поучувам за Библијата луѓето во моето место што зборуваат арапски. Мора да вложам голем труд за да го научам овој нов јазик, но многу се радувам кога им го кажувам она што сум го научила на луѓе кои се гостољубиви и сакаат да го запознаат Бог.

Празнината што ја чувствував додека студирав глума ја нема повеќе бидејќи најдов смисла во животот. Јасно ми е дека Јехова ми помогна да станам подобра и посреќна личност.

„Докажав дека судијата не беше во право“ — ПОЛ КЕВИН РАБЕРИ

РОДЕН: 1954

ЗЕМЈА: АНГЛИЈА

НЕКОГАШ: КРИМИНАЛЕЦ

МОЕТО МИНАТО: Роден сум во Дадли, голем индустриски град во Западен Мидленд. Кога бев дете, татко ми ми всади љубов кон читањето. Исто така, ми помогна да им се восхитувам на чудата во природата, иако сметаше дека се производ на еволуцијата. Ме учеше дека Бог не постои. И покрај тоа, во неделите моите родители ме праќаа во методистичкото училиште.

Кога имав осум години, видов како некои деца подметнаа пожар на еден брод во каналот. Кога дојде полицијата, се плашев да кажам што се случи бидејќи децата ми се заканија дека ќе ми се одмаздат. За стореното дело бев обвинет јас, и поради таа неправда станав гневен. Затоа, почнав да оштетувам училишта, цркви и фабрики во местото каде што живеев, предизвикувајќи штета од илјадници фунти. Кога имав 10 години, крадев по куќи и по продавници. Ми беше многу интересно да си играм со оган и подметнав многу пожари. На училиште, наставниците ме сметаа за вистински хулиган.

Кога имав 12 години, најдов една книга за окултизмот и си направив алфабетска таблица за да повикувам духови. Бидејќи моите родители не веруваа во Бог, мислеа дека нема ништо страшно во тоа што се интересирам за спиритизам. Се надеваа дека така ќе правам помалку бељи. Сепак, пред да завршам со школувањето, многупати бев на суд за малолетници. Припаѓав на една насилничка група наречена скинхедс. Како оружје носев брич и синџир од велосипед. Најдов работа, но набргу ја изгубив бидејќи морав да одлежам една затворска казна. Откако ме пуштија на слобода, продолжив со своето агресивно однесување. Но, пак ме уапсија и ме осудија на две години затвор. Судијата рече дека сум непоправлив и дека сум опасен за околината.

Кога излегов од затвор, се сретнав со мојата поранешна девојка, Анита. Се зедовме, и некое време престанав да крадам и да правам проблеми. Меѓутоа, по неколку години им се вратив на старите навики. Почнав да провалувам по дуќани и да ги празнам сефовите. Исто така, почнав да земам дрога, да пијам и да носам оружје. Повторно бев уапсен и завршив зад решетки.

Мојот начин на живот остави длабоки траги и врз Анита. Лекарот ѝ препишал лекови за смирување, но ѝ рекол дека вистинското решение е да се разведе. Среќен сум што таа не го послуша неговиот совет.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Во почетокот на нашиот брак, Анита кратко време ја проучуваше Библијата со Јеховините сведоци. Подоцна, додека ја одлежував мојата последна затворска казна, тие повторно ја посетиле. Испадна дека тоа било истиот ден кога го молев Бог: „Ако навистина постоиш, увери ме во тоа“.

По неколку месеци, кога излегов од затвор, отидов кај свештеникот и му реков дека сакам да ја проучува Библијата со мене и Анита. Тој ми рече дека може да ни каже само некои црковни учења и да нѐ научи една молитва.

Конечно, почнав да ја читам Библијата. Се изненадив кога дознав дека таа го осудува спиритизмот (5. Мојсеева 18:10-12). Подоцна најдов една Стражарска кула што Сведоците ѝ ја оставиле на Анита дента кога го молев Бог да ми помогне. Она што го прочитав ме натера да разговарам со Сведоците.

На нашите роднини, пријатели и на моите другари не им беше мило кога дознаа дека ја проучуваме Библијата. Некои од нив ми рекоа дека Јеховините сведоци ми го перат мозокот. Вистина е дека на мојот мозок му требаше прочистување. Имав многу маани, затапена совест и други пороци. Освен тоа, пушев по 60 цигари на ден. Сведоците што нѐ поучуваа за Библијата, како и другите што ги запознавме во локалното собрание, беа многу стрпливи и љубезни. На крајот, успеав да се ослободам од лошите навики (2. Коринќаните 7:1).

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Јас и Анита сме во брак 35 години. На Јехова му служи и нашата ќерка со нејзините две деца. Во последниве неколку години, со Анита одвојуваме повеќе време за да им помогнеме на другите да дознаат што пишува во Библијата.

Откако почнавме да му служиме на Јехова Бог, имаме вистинска смисла во животот. Во 1970 год., еден судија рече дека сум непоправлив. Меѓутоа, со помош на Бог и на советите од Библијата, докажав дека судијата не беше во право.