Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Добра вест за сиромашните

Добра вест за сиромашните

Добра вест за сиромашните

БОЖЈАТА РЕЧ нѐ уверува: „Сиромавиот нема да биде заборавен засекогаш“ (Псалм 9:18). Во Библијата го пишува следново за нашиот Творец: „Ти ја отвораш својата рака и ја задоволуваш желбата на сѐ што е живо“ (Псалм 145:16). Надежта за која читаме во Божјата Реч не е само сон. Семоќниот Бог може да направи сѐ што треба за да ѝ стави крај на сиромаштијата. Што им е потребно на сиромашните?

Една економистка од Африка рекла дека најидеално решение за сиромашните земји е да имаат еден „праведен и чесен владетел“. Тоа значи дека, за да се искорени сиромаштијата, потребен е некој што има моќ да дејствува и што е доволно доблесен да се грижи за другите. Освен тоа, владетелот што е способен за такво нешто ќе треба да владее над целиот свет, бидејќи големата сиромаштија честопати е резултат на нееднаквост меѓу државите. Исто така, тој ќе треба да биде способен да ја искорени и причината за сиромаштијата — склоноста на човекот да биде себичен. Каде може да се најде таков идеален владетел?

Бог го испратил Исус да им пренесе добра вест на сиромашните. Кога читал за задачата што му ја доверил Бог, Исус рекол: „Јеховиниот дух е врз мене, зашто Бог ме помаза да им објавам добра вест на сиромасите“ (Лука 4:16-18).

Која е добрата вест?

Бог го поставил Исус за Цар. Тоа е навистина добра вест. Исус е идеалниот Владетел што ќе ја искорени сиромаштијата затоа што: 1) ќе владее над целото човештво и има моќ да ги промени работите; 2) сочувствителен е кон сиромашните, а ги учи и своите следбеници да се грижат за нив; и 3) може да ја отстрани причината за сиромаштијата — нашата наследна склоност да бидеме себични. Да ги разгледаме овие три аспекти на добрата вест.

1. Исус има власт над сите народи. Во Божјата Реч го читаме следново за Исус: „Нему му беа предадени власта, честа и царството за да му служат сите народи, племиња и јазици“ (Даниел 7:14). Замисли си колку ќе биде убаво кога над целото човештво ќе има само една влада! Нема да има повеќе судири околу тоа кој да ги поседува природните богатства на Земјата. Сите ќе ги користат подеднакво. Самиот Исус нѐ уверил дека ќе биде Владетел над целиот свет, што ќе има моќ да дејствува. Тој рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18).

2. Исус е сочувствителен кон сиромашните. Додека ја извршувал својата служба на Земјата, Исус бил сочувствителен кон сиромашните. На пример, една жена која потрошила сѐ што имала за да се излекува, ја допрела облеката на Исус надевајќи се дека ќе оздрави. Таа страдала од крвавење цели 12 години и сигурно била многу слабокрвна. Според Законот, и секој што ќе ја допрел станувал нечист. Но, Исус покажал грижа за неа. Тој ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од својата мачна болест“ (Марко 5:25-34).

Учењата на Исус имаат моќ да ги променат луѓето, па и тие да бидат сочувствителни како него. На пример, размисли за тоа што му го кажал на еден човек кој прашувал како да му угоди на Бог. Човекот знаел дека Бог бара да го сакаме својот ближен, но го прашал Исус: „Кој е мојот ближен?“

Исус му одговорил преку својата прочуена споредба за некој човек што патувал од Ерусалим до Ерихон, но разбојници го опљачкале и го оставиле „полумртов“. Еден свештеник кој поминувал оттаму, преминал на спротивната страна од патот. Тоа го направил и еден левит. Но, некој Самарјанин, кој поминувал по тој пат, дошол до него и, кога го видел, се сожалил. Му ги исчистил раните, го одвел во една гостилница и му платил на газдата да се грижи за повредениот. „Кој... му беше ближен на човекот кој налета на разбојниците?“, прашал Исус. „Оној што му покажа милосрдие“, гласел одговорот. Тогаш Исус рекол: „И ти прави така!“ (Лука 10:25-37).

Оние кои стануваат Јеховини сведоци ги проучуваат учењата на Исус и го менуваат својот став кон луѓето на кои им треба помош. На пример, една писателка од Летонија издала книга за својот престој во казнениот логор Потма во средината на 1960-тите. Таа напишала: „Додека бев болна, [Сведоците] одлично се грижеа за мене. Не можев ни да сонувам за подобра нега“. Потоа додала: „Јеховините сведоци сметаат дека им е должност да им помагаат на сите, без оглед на нивната религија или националност“ (Жените во советските затвори — Women in Soviet Prisons).

Кога некои Јеховини сведоци во Анкон (Еквадор) останале без работа и без никакви приходи поради економската криза, нивните соверници нашле начин да заработат пари за нив — подготвувале храна за да им ја продаваат на рибарите што се враќале од ноќното рибарење (сликата десно). Во тоа учествувале сите од собранието, вклучувајќи ги и децата. Со работа почнувале во еден часот секое утро за да може јадењето да биде спремно до четири часот, кога пристигнувале бродовите. Заработените пари ги делеле според потребите на секој поединец.

Овие искуства покажуваат дека примерот и учењата на Исус навистина имаат моќ да го променат ставот на луѓето кон оние што се во неволја.

3. Исус има моќ да ја промени човечката природа. Склоноста кон себичност е општо познат факт. Во Библијата таа е наречена „грев“. Дури и апостол Павле напишал: „Го наоѓам во себе овој закон: кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“. Потоа додал: „Кој ќе ме избави од телото, кое ме води во таква смрт? Му благодарам на Бог преку Исус Христос“ (Римјаните 7:21-25). Овде Павле зборувал за тоа дека Бог, преку Исус, ќе ги спаси своите слуги од грешните склоности што ги наследиле, меѓу кои е и себичноста, која е вистинската причина за сиромаштијата. Како ќе се случи тоа?

Откако се крстил Исус, Јован Крстител им го претставил на другите со зборовите: „Еве го Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот!“ (Јован 1:29). Наскоро, на Земјата ќе живеат само луѓе кои ќе бидат ослободени од наследениот грев, вклучувајќи ја и склоноста да мислат само на себе (Исаија 11:9). Така, Исус ќе ја отстрани и самата причина за сиромаштијата.

Колку е убаво кога ќе помислиме на времето кога сите ќе го имаат она што им е потребно! Божјата Реч вели: „Секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши“ (Михеј 4:4). Овие зборови поетски го опишуваат времето кога сите ќе имаат работа што ќе им причинува задоволство, ќе се чувствуваат безбедни и ќе можат да уживаат во еден свет во кој ќе нема сиромаштија — и сето тоа ќе биде на слава на Јехова.