Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Звучеше како прекрасна мелодија

Звучеше како прекрасна мелодија

Писмо од Мадагаскар

Звучеше како прекрасна мелодија

ЈАС и мојот сопруг се подготвувавме да одиме на нашата нова мисионерска задача — островот Мадагаскар. Се поздравивме со роднините и пријателите криејќи ги нашите солзи, уверени дека Јехова ќе биде со нас таму каде што ќе појдеме.

Никогаш нема да го заборавиме првиот христијански состанок на кој присуствувавме откако стигнавме на Мадагаскар. Братот што го водеше проучувањето на Стражарска кула изгледаше како да диригира со симфониски оркестар. Толку малку го разбиравме јазикот што секој збор ни звучеше како прекрасна мелодија. Бевме свесни дека ќе помине многу време додека го научиме новиот јазик.

Кога првпат разбрав едно прашање што беше поставено, несвесно го кажав одговорот наглас. Оние што седеа покрај мене ме чуја, па морав да ја ставам раката на уста за да го придушам кикотењето. Се засрамив, но во исто време бев пресреќна бидејќи разбрав нешто од она што го слушав!

Наместо јас да им бидам пример на другите во службата, тие ми помагаа мене. Браќата и сестрите ми покажаа едноставна презентација на нивниот јазик и библиски стихови со кои можев да проповедам.

Еден ден, додека бев во служба на проповедање, едно дете извика: „Вазаха! Вазаха!“ Тоа е вообичаен збор што на малгашки јазик значи „странец“. Го забрзавме чекорот надевајќи се дека нема да се соберат и други деца кои ќе го дофрлаат истото. Тогаш едно од децата го искара првото и рече: „Таа не е странец, зборува на наш јазик!“ Сестрата што беше со мене мораше да ми преведе бидејќи зборуваа премногу брзо за да ги разберам. Сепак, бев многу задоволна. Конечно, на Мадагаскар почнав да се чувствувам како дома.

Честопати кога ќе се почувствував осамена, некое мало раче ќе се вовлечеше во мојата рака. Кога ќе погледнев надолу, ќе видев насмеано детенце кое се радуваше што ме гледа, иако не го зборував убаво неговиот јазик. Младите во собранието се огромен благослов од Јехова. Една млада сестра, Хасина, ми стана личен преведувач. Таа ме разбира и тогаш кога никој друг не може да ме разбере. Честопати „ме спасува“ со тоа што им објаснува на другите во собранието што сакам да кажам.

Јас и мојот сопруг бевме во собрание што требаше да се подели за да се оформи ново. Тоа значеше дека други Сведоци ќе ја проучуваат Библијата со лицата што живеат на подрачјето на новото собрание. Една сестра ме охрабри да проучувам со една жена кај која одела таа. Се чувствував несигурна бидејќи мислев дека сѐ уште не сум подготвена. Но, таа беше упорна и ме увери дека со Јеховина помош ќе успеам. Со благ и нежен поглед и со едноставни зборови ми рече дека наскоро ќе можам да поучувам и други. Многу се охрабрив кога го чув тоа.

Оттогаш, жената со која проучувам добро напредува. Еден ден додека одев по патот, ја чув како ме вика. Таа и човекот со кој живееше одеа да се регистрираат. И тој почна да проучува и си имаа поставено неколку духовни цели, вклучувајќи ја и целта да се крстат. Многу се израдував, иако знам дека Јехова е тој што ги привлекува луѓето кон себе, а не ние.

На Мадагаскар научивме многу работи. Иако ни недостигаат пријателите и роднините, имаме чувство како тие сепак да се со нас. Честопати зборуваме за нив со браќата и сестрите, па новите пријатели од Мадагаскар дури и се распрашуваат за нив. Со душа го чекаме времето кога нашите „семејства“ ќе се сретнат и ќе се запознаат.

Сѐ уште говорот на другите ми звучи како „мелодија“. Но, сега ги разбирам зборовите. Едвај чекам и јас хармонично да се вклопам во таа прекрасна мелодија наместо само одвреме-навреме да испуштам по некој звук како труба. Исус рекол: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи“ (Матеј 6:34). Затоа, и понатаму ќе учиме „нота по нота“, односно збор по збор. А засега, јас ќе давам сѐ од себе да служам рамо до рамо со нашите стрпливи и обѕирни браќа и сестри овде на Мадагаскар.

[Слика на страница 25]

Проповедам со Хасина