Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сонував за живот на тркала

Сонував за живот на тркала

Сонував за живот на тркала

Раскажала Зоја Димитрова

Кога имав 15 години се оствари мојот сон — бев акробат во еден циркус со кој патував насекаде. Но, на 4 септември 1970 год. доживеав несреќа. Во еден момент изведував грациозни движења во воздухот, но во следниот момент треснав на земја.

РОДЕНА СУМ на 16 декември 1952 год. и живеев во Софија со татко ми, мајка ми и сестра ми. Во тоа време Бугарија беше комунистичка земја во која на религијата не се гледаше со одобрување, иако се толерираше. Повеќето луѓе не веруваа во Бог, а оние што беа религиозни обично го криеја тоа. Иако моите родители беа православни, не ме воспитаа како верник и затоа не мислев на Бог.

Како мала сакав многу да спортувам, особено да вежбам гимнастика. Кога имав 13 години, во нашето училиште дојде еден човек кој бараше девојче што ќе може да настапува во циркус. Наставникот по физичко воспитување ме препорача мене. Бев одушевена кога се возев во американскиот автомобил на менаџерот на циркусот, кој ме носеше на разни интервјуа и проби пред група тренери. Многу се израдував што ме избраа мене. Тоа беше почеток на напорни тренинзи кои траеја повеќе од две години. Кога наполнив 15 години, завршив со обуката и почна мојот живот на тркала — патував со циркусот. Најпрво настапувавме низ Бугарија, а потоа во некои земји од поранешниот Советски Сојуз. Бев дури и во Алжир, Унгарија и поранешна Југославија.

Три прекрасни години го живеев мојот сон. Но, еден ден, додека гостувавме во Титов Велес, ми се случи она што го опишав на почетокот. Изведував една акробатска точка високо над публиката. Мојот партнер, кој висеше со главата надолу, требаше да ме фрли во воздух, а потоа повторно да ме фати за рацете. Јас го промашив, безбедносното јаже се скина и паднав на земја од височина од 6 метри. Веднаш ме пренесоа в болница, каде што лекарите утврдија дека имам скршеници на раката, ребрата и ’рбетот. Неколку дена бев во шок и не се сеќавав на ништо. Кога закрепнав, сфатив дека сум парализирана од половината надолу. Меѓутоа, бидејќи бев млада, се надевав дека со терапија или со операција ќе можам повторно да одам, па дури и да настапувам во циркусот.

Следните две и пол години се лекував во неколку болници со надеж дека целосно ќе оздравам. Сепак, тоа не се случи и морав да се помирам со фактот дека мојот сон заврши. Иронично е што морав да се навикнам на нов „живот на тркала“ — овојпат во инвалидска количка.

Почеток на нов живот

По еден таков активен живот, мислев дека ќе биде невозможно да ја поднесам таа промена. Бидејќи изгубив секаква надеж, паднав во депресија. Еден ден, во 1977 год., кај мене дојде еден млад човек, Стојан. Кога ми кажа дека ѝ е брат на една моја поранешна колешка, го поканив внатре. Додека разговаравме, ме праша дали има шанси да оздравам. Крајно разочарана, му одговорив дека нема никаква надеж. Тој ми рече дека само Бог може да ми помогне, но јас со горчина во душата му реков: „Ако има Бог, зошто ме снајде ова?“

Стојан, кој станал Јеховин сведок додека работел во некој циркус во Соединетите Држави, веднаш почна да ми кажува за тоа какви ветувања за иднината се запишани во Библијата. Бев восхитена кога дознав дека наскоро Земјата ќе стане рај. Срцето ми заигра од радост кога прочитав дека „смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Откровение 21:4). Колку копнеев да бидам пак здрава! Веднаш се согласив да ја проучувам Библијата. Така започна едно ново поглавје од мојот живот. Конечно најдов вистинска надеж!

Секоја недела со нетрпение го чекав денот кога ќе дојдат Сведоците за да проучуваме. Прво проучував со Стојан, а потоа со Тотка, една многу фина жена. Со нејзина помош брзо ги збогатив моите знаења за Библијата и му ветив на Јехова Бог дека ќе му служам. Во тоа време, во Софија немаше Јеховин сведок што можеше да врши крштавања, па затоа морав да чекам да дојде некој од Македонија. На 11 септември 1978 год., околу една година откако почнав да ја проучувам Библијата, се крстив во кадата во мојот стан. Бев неизмерно среќна што станав Јеховин сведок и што мојот живот доби вистинска смисла.

Библиската вистина гореше во мене како оган. На сите што доаѓаа да ме посетат, со жар им зборував за надежта што ја стекнав. За жал, никој не ме сфаќаше сериозно, можеби затоа што си мислеа дека поради несреќата сум се мрднала од умот.

Сериозен грев

Во тоа време, делото на Јеховините сведоци, кои беа само малкумина во Бугарија, беше забрането. Немаше собраниски состаноци и затоа не можев многу да се дружам со моите соверници. Од таа причина, но и затоа што не сфатив колку е опасно да бидам блиска со оние што не живеат според библиските мерила, направив еден сериозен грев.

Совеста постојано ме мачеше, и чувствував неподнослива болка заради тоа што се оддалечив од Јехова Бог. Скршена од тага и срам, во молитва му кажав на Јехова сѐ што ми лежеше на срце и го молев да ми прости. Подоцна, откако грижливите христијански старешини ми помогнаа, духовно закрепнав и продолжив радосно да му служам на Јехова. Многу го ценам тоа што можам да му служам со чиста совест заедно со неговата чиста организација!

Среќна и покрај хендикепот

Несреќата што ми се случи пред 40 години ми го уништи сонот за живот исполнет со настапи и патувања. Наместо тоа, врзана сум за инвалидска количка. Сепак, не размислувам на минатото со тага и жалење бидејќи воопшто немам чувство дека животот ми е чисто промашување. Библиската вистина ми помогна да сфатам дека мојот сон за радост и смисла во животот беше поврзан со работи кои немаат трајна вредност. Со свои очи видов како некои поранешни колеги, кои ја продолжија кариерата во циркусот, многу се разочара во животот. Од друга страна, пак, јас го најдов највредното нешто — се чувствувам блиска со мојот Творец, Јехова Бог. Тоа ми носи многу поголема радост отколку радоста што ќе ја имав ако продолжев да настапувам во циркусот.

Освен тоа, се радувам што и многу други луѓе ја запознаа библиската вистина и одлучија да му служат на нашиот грижлив Бог, Јехова. Кога почнав да ја проучувам Библијата во 1977 год., во Бугарија имаше само неколку Јеховини сведоци. Дури и во 1991 год., кога Сведоците прв пат беа законски признати по падот на комунистичкиот режим, во цела земја имаше околу стотина. Голема е радоста да се види како постојано расте бројот на објавители на Царството, кој сега изнесува речиси 1.800!

Во Бугарија има уште многу луѓе кои сакаат да ја чујат пораката од Божјата Реч. На пример, минатата година, на Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт беа присутни 3.914 души. Тоа е извонреден број. Се восхитувам кога размислувам за начинот на кој Јехова ги благослови малите почетоци во Бугарија. Со свои очи видов дека „од малиот“ стана „силен народ“, како што е проречено во Исаија 60:22.

Имам многу причини да бидам радосна, но еден од најубавите моменти во мојот живот беше издавањето на Светото писмо — превод Нов свет на бугарски јазик. Тоа беше во август 2009 год. на обласниот конгрес „Бдејте!“ што се одржа во Софија. Кога оваа Библија излезе на мојот јазик, се исполни уште еден мој сон! Овој превод сигурно ќе им помогне на многу луѓе во Бугарија да ја запознаат библиската вистина.

Иако поради мојот хендикеп не можам да правам онолку колку што сакам во проповедањето на добрата вест за Божјето Царство, многу се радувам кога им ја пренесувам библиската вистина на соседите и на секој што ќе дојде кај мене. Еднаш, додека си седев на балконот, ја видов комшивката и ја викнав. Таа дојде и, откако разговаравме за некои охрабрувачки мисли од Библијата, веднаш се согласи да проучува. Бев пресреќна кога подоцна се крсти и стана моја духовна сестра. Мило ми е што им помогнав на четири души да почнат да му служат на Јехова.

Најмногу радост и сила црпам од редовното присуство на христијанските состаноци. Таму сум заедно со стотина мои соверници, кои ми станаа како семејство. Бидејќи во Бугарија јавните превозни средства не се адаптирани за постарите и хендикепирани лица, не ми е лесно да одам на христијанските состаноци. Но, многу сум му благодарна на еден млад брат што се грижи за мене. На секој состанок ме носи од мојот стан до својот автомобил, потоа ме пренесува во Салата на Царството, и на крајот повторно ме враќа назад. Му благодарам на Јехова што сум дел од едно прекрасно духовно семејство!

Кога ќе се сетам на минатото, гледам дека мојот живот е сосема поинаков од оној што си го замислував кога бев мала. Службата за Јехова ми носи најголема радост сега, а ми дава и прекрасна надеж за иднината. Многу ми значи Божјето ветување дека во рајот на Земјата „сакатиот ќе скока како елен“ (Исаија 35:6). Со целосна доверба го очекувам денот кога ќе станам од инвалидската количка и повторно ќе бидам здрава и силна.

[Истакната мисла на страница 30]

„Најмногу радост и сила црпам од редовното присуство на христијанските состаноци“

[Истакната мисла на страница 31]

„Еден од најубавите моменти во мојот живот беше издавањето на Светото писмо — превод Нов свет на бугарски јазик“

[Слика на страница 29]

Мојата кариера започна кога имав 15 години