Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Смисловен живот сега и засекогаш

Смисловен живот сега и засекогаш

Смисловен живот сега и засекогаш

ДУРИ и во денешно време можеш да најдеш вистинска смисла во животот. Како? На тој начин што ќе ги следиш мудрите начела од Божјата Реч, Библијата. Да спомнеме неколку од нив.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „За човекот нема ништо подобро“, напишал цар Соломон, „отколку да јаде и да пие и душата да му ужива во добрите работи од неговиот труд“ (ПРОПОВЕДНИК 2:24).

Создадени сме да чувствуваме задоволство од она што го работиме. Дури и во многу тешки околности, можеш да му се радуваш на животот ако работиш чесно и трудољубиво.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (ДЕЛА 20:35).

Мнозина сфатиле дека, кога прават нешто за другите на пример, посветуваат време и сили за да им помагаат на оние што се во неволја, чувствуваат неизмерна радост и нивниот живот добива поголема смисла. „Немој да им скратуваш некакво добро на оние на кои им е потребно, кога твојата рака може да го стори тоа“, напишал Соломон (Изреки 3:27).

Размисли за Ралф. Откако се пензионирал, и тој заедно со жена му почнал поголемиот дел од времето да го троши за да им ја пренесува на луѓето пораката од Библијата. Секој месец проповедаат одреден број часови. „Навечер, кога ќе се вратиме дома, не сме уморни само затоа што сме во поодминати години туку и затоа што со сите сили ја вршиме службата за нашиот небесен Татко“, вели Ралф. „Тоа е сладок умор!“ Тој и жена му се среќни бидејќи во животот им е многу важно да прават нешто за другите.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (ИЗРЕКИ 17:17).

Полесно се носиме со проблемите кога ќе ги споделиме со друг. Англискиот филозоф Френсис Бекон напишал дека за сите оние што немаат вистински пријатели „светот е како пустина“. Кога имаш пријатели — и кога ти си им добар пријател на другите — животот ќе ти биде полесен и ќе бидеш радосен и задоволен.

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (МАТЕЈ 5:3).

Исус покажал што е потребно за да го доживееме исполнувањето на Божјите ветувања — да бидеме свесни за своите „духовни потреби“ и да ги задоволиме. За разлика од животните, ние имаме вродена потреба да разбереме која е смислата на нашиот живот. Само Јехова Бог може да ни ја задоволи таа потреба, и тоа преку својата Реч, Библијата. Како што видовме во претходната статија, Библијата ни ја открива Божјата намера со Земјата. Ни кажува зошто постоиме, зошто има толку многу страдања и што очекува Бог од нас. Мора да ги разбереме тие библиски вистини за да имаме смисловен и исполнет живот. Оние што одвојуваат време да ја проучуваат Библијата и да го применуваат она што го учат се среќни. Зошто? Затоа што на тој начин се зближуваат со нивниот Творец, „среќниот Бог“, Јехова (1. Тимотеј 1:11).

БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „Сеќавај се на својот Творец... пред да дојдат неволјите и пред да пристигнат годините кога ќе речеш: ‚Немаат никаква смисла‘“ (ПРОПОВЕДНИК 12:1, THE NEW ENGLISH BIBLE).

Советот што им го дал Соломон на младите, кои можеби не се свесни што може да ги снајде во животот, важи за сите. Творецот нека ти биде на прво место. Така, твојот живот ќе има вистинска смисла. Отфрли го ставот: „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“ (1. Коринќаните 15:32). Ако го ставиш Бог на прво место, ‚ќе ти биде добро‘, пишува во Проповедник 8:12.

Венди осетила на своја кожа дека овие зборови се вистинити. Кога била млада, таа и сестра ѝ научиле шпански јазик за да отидат во Доминиканската Република, каде што имало поголема потреба да се проповеда добрата вест од Библијата. „Се откажавме од многу работи за да можеме да служиме таму, но многу ни беше убаво. За ништо на светов не би ги менувала тие шест месеци! Благословите што ги добивме се далеку поголеми од жртвите што ги направивме“.

Животот има смисла ако си му верен на Бог

Добриот однос со Јехова му дава една посебна смисла на твојот живот. Како? Освен што ги навел Адам и Ева да се побунат против Бог, Сатана тврдел и дека никој нема да му остане верен на Јехова кога ќе има искушенија (Јов 1:9-11; 2:4). Ти можеш да докажеш дека Сатана е лажливец! Како? Со тоа што ќе му останеш верен на Бог, ќе се држиш за неговите начела и ќе покажеш дека го признаваш Јеховиното неприкосновено право да одредува што е добро а што лошо (Откровение 4:11).

Можеби ќе се најдеме во различни неволји затоа што сакаме да постапуваме исправно. Дали поради нив ќе ја изгубиме смислата во животот? На пример, замисли си дека некој злобен непријател клевети некој наш драг пријател или роднина. Ако минуваме низ тешкотии додека го браниме доброто име на таа драга личност, дали ќе ја изгубиме смислата во животот? Се разбира дека не! Ќе бидеме радосни што трпиме неволји за таа цел. Истото важи и за верноста кон Бог. Јехова се радува кога му остануваме верни и покрај тешките услови што владеат денес (Изреки 27:11).

Вечен живот што ќе има вистинска смисла

Затоа, биди решен да научиш нешто повеќе за Бог и за неговата намера. Исус Христос рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Кога Бог ќе ја исполни својата првобитна намера со Земјата, верните луѓе ќе уживаат во она што Јехова го замислил во почетокот — „вечен живот“ во рај на Земјата. Тогаш животот ќе има вистинска смисла (Псалм 145:16).

Каде можеш да го најдеш знаењето за кое зборувал Исус? На страниците на Божјата вдахновена Реч, Библијата. Ако ти треба помош, слободно пиши до издавачите на ова списание. Тие со задоволство ќе договорат некој да ти помогне да дознаеш што навистина учи Библијата.