Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата менува животи

Библијата менува животи

Библијата менува животи

ЗОШТО една жена, кога имала 60 години, престанала да обожава идоли? Што поттикнало еден шинтоистички свештеник да се откаже од службата во храмот за да стане христијански проповедник? Што ѝ помогнало на една жена, која била посвоена како бебе, да се избори со чувствата на напуштеност? Прочитај што имаат да ни раскажат тие.

„Повеќе не им робувам на идолите“ — АБА ДАНСУ

РОДЕНА: 1938

ЗЕМЈА: БЕНИН

НЕКОГАШ: ОБОЖАВАЛА ИДОЛИ

МОЕТО МИНАТО: Пораснав во Со-Чахуе, село сместено на мочурливите брегови на едно езеро. Селаните ловат риба, чуваат говеда, кози, овци, свињи и живина. Бидејќи до селото нема патишта, луѓето патуваат со чамец или со кану. Обично куќите се направени од дрво и сено, а има некои и од цигли. Повеќето луѓе живеат во сиромаштија. И покрај тоа, во селото нема толку криминал како во градовите.

Кога бев мала, татко ми нѐ испрати мене и сестра ми во еден манастир, каде што научивме нешто повеќе за традиционалните верувања во амајлии. Кога пораснав, почнав да го обожавам Дудуа (Одудува), богот на народот Јоруба. Му изградив олтар на ова божество и редовно му принесував компири, палмово масло, полжави, кокошки, гулаби и други животни. Овие жртви воопшто не беа евтини и затоа честопати останував со празни џебови.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Кога почнав да ја проучувам Библијата, дознав дека единствениот вистински Бог е Јехова. Исто така, научив дека тој не сака да обожаваме идоли (2. Мојсеева 20:4, 5; 1. Коринќаните 10:14). Ми беше јасно што треба да направам. Темелно ја пребарав целата куќа и ги фрлив сите предмети што беа поврзани со обожавањето на идоли. Престанав да одам кај гатачи и да учествувам во традиционалните обичаи и погребни ритуали.

Со оглед на тоа што имав 60 години, воопшто не ми беше лесно да ги направам овие промени. Моите пријатели, роднини и соседи ми се спротивставија и почнаа да ме исмејуваат. Но, го молев Јехова да ми даде сила да го правам она што е исправно. Најдов утеха во зборовите од Изреки 18:10, каде што пишува: „Името на Јехова е цврста кула. Во неа бега праведникот и наоѓа заштита“.

Многу ми помогна и тоа што одев на состаноците на Јеховините сведоци. Таму почувствував вистинска христијанска љубов и ми остави силен впечаток тоа што се трудеа да живеат онака како што вели Библијата. Ова ме увери дека Јеховините сведоци ја имаат вистинската религија.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Применувањето на библиските начела ми помогна да имам подобар однос со моите деца. Исто така, имам чувство како да ми се симнал тежок товар од грбот. Порано си ги трошев парите на безживотни идоли кои не ми помогнаа. Но, сега му служам на Јехова, кој ни нуди трајно решение за сите проблеми (Откровение 21:3, 4). Многу сум среќна што повеќе не им служам на идолите, туку на Јехова! Тој ми дава вистинска сигурност и заштита.

„Го барав Бог уште од детството“ — ШИНЏИ САТО

РОДЕН: 1951

ЗЕМЈА: ЈАПОНИЈА

НЕКОГАШ: ШИНТОИСТИЧКИ СВЕШТЕНИК

МОЕТО МИНАТО: Пораснав во едно гратче во префектурата Фукуока. Моите родители беа многу религиозни и од дете ме учеа да ги почитувам шинтоистичките богови. Кога бев мал, често размислував за моето спасение и имав силна желба да им помагам на луѓето што се во неволја. Се сеќавам дека еднаш во основно училиште наставникот праша што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме. Другарчињата си ги кажаа своите желби, како на пример, да станат научници. Јас, пак, одговорив дека мојот сон е да му служам на Бог. Сите почнаа да ми се смеат.

Откако завршив средно, се запишав на една школа за верски учители. Во текот на школувањето, запознав еден шинтоистички свештеник кој во слободното време читаше книга со црни корици. Еден ден ме праша: „Сато, знаеш ли која е оваа книга?“ Бидејќи ја видов насловната страница, реков: „Библијата“. Тој ми одговори: „Секој што сака да стане шинтоистички свештеник треба да ја чита оваа книга“.

Веднаш отидов да си купам Библија. Ја ставив на видно место на полицата со книги и внимателно ја чував. Но, немав време да ја читам бидејќи имав многу за учење. Кога го завршив школото, почнав да служам во еден храм како шинтоистички свештеник. Мојот сон од детството стана реалност.

Но, по кратко време сфатив дека службата на шинтоистички свештеник не беше тоа што го очекував. Многу свештеници не покажуваа ниту љубов ниту грижа за другите. Освен тоа, многумина од нив немаа ни вера. Еден од моите учители ми рече: „Ако сакаш да успееш, мора да зборуваш само за филозофии. Забрането е да се зборува за верата“.

Таквите ставови ме разочараа од шинтоизмот. Иако продолжив да служам во храмот, почнав да се интересирам и за другите религии. Но, не успеав да најдам ништо подобро. Колку повеќе религии испитував толку повеќе се разочарував. Мислев дека не постои вистинска религија.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Во 1988 год., сретнав еден будист кој ме поттикна да ја читам Библијата. Тогаш се сетив на шинтоистичкиот свештеник кој пред многу години ми го кажа истото. Решив да послушам. Почнав да ја читам Библијата со голем интерес. Понекогаш читав и по цела ноќ сѐ додека првите зраци на утринското сонце не допреа до мене.

Она што го прочитав ме поттикна да му се молам на Богот за кој пишува во Библијата. Почнав со молитвата Оченаш, која е запишана во Матеј 6:9-13. Ја повторував оваа молитва на секои два часа — дури и кога ја извршував службата во шинтоистичкиот храм.

Додека ја читав Библијата, ми се појавија многу прашања. Во тоа време бев женет, а бидејќи Јеховините сведоци некогаш ја посетувале жена ми, знаев дека тие ги поучуваат луѓето за Библијата. Еднаш ѝ поставив многу прашања на една жена која беше Јеховин сведок. Ме изненади тоа што на секое од нив ми одговори со помош на Библијата. Таа договори да ја проучувам Библијата со Сведоците.

Кратко потоа, почнав да одам и на состаноците на Јеховините сведоци. Иако во почетокот не бев свесен за тоа, меѓу присутните имаше луѓе кон кои во минатото сум бил многу груб. И покрај тоа, тие срдечно ме поздравија и љубезно ме пречекаа.

На состаноците научив дека Бог бара од мажите да ги сакаат и да ги почитуваат своите семејства. Дотогаш бев толку зафатен со работата како свештеник, што ги запоставував жена ми и нашите две деца. Сфатив дека, иако со внимание ги слушав луѓето што доаѓаа во храмот, никогаш не ја сослушував жена ми.

Додека ја проучував Библијата, дознав многу работи кои ме зближија со Јехова. Особено ме трогнаа стиховите како Римјаните 10:13, каде што стои: „Секој што го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“. Го барав Бог уште во детството, и конечно го најдов!

Чувствував дека местото повеќе не ми е во храмот. Отпрвин се плашев што ќе речат другите ако го напуштам шинтоизмот. Но, секогаш си велев дека, ако го најдам вистинскиот Бог на друго место, ќе ја сменам религијата. Затоа, пролетта 1989 год., решив да го послушам гласот на мојата совест. Заминав од храмот и му се препуштив на Јехова да ме води во животот.

Воопшто не ми беше лесно да го направам тој чекор. Моите учители се расправаа со мене и ме убедуваа да останам. Меѓутоа, уште потешко ми беше да им ја кажам веста на татко ми и на мајка ми. Додека патував кај нив, толку бев исплашен што чувствував болка во градите, а колената ми се тресеа од страв! Често застанував и го молев Јехова да ми даде сила.

Кога стигнав, со часови не можев да ја начнам темата. Конечно, откако многу се молев, на татко ми му раскажав сѐ. Му реков дека го пронајдов вистинскиот Бог и дека ќе ја напуштам шинтоистичката религија. Татко ми се стаписа и многу се натажи. Дојдоа роднините и се обидоа да ме премислат. Не сакав да му нанесам болка на семејството, но сепак, бев свесен дека треба му служам само на Јехова. Со текот на времето, целото семејство се помири со мојата одлука.

Да престанам да одам во храмот беше едно, но да престанам да размислувам за него беше нешто сосема друго. Службата на свештеник беше длабоко вкоренета во мене. Дадов сѐ од себе за да ја заборавам, но каде и да се свртев, имаше нешто што ќе ми го разбудеше сеќавањето на мојот поранешен живот.

Две работи ми помогнаа да се ослободам од овие спомени. Прво, темелно пребарав сѐ што имав дома за да ги најдам предметите кои беа поврзани со мојата поранешна религија. Потоа ги запалив сите книги, слики и други скапи предмети кои имаа врска со шинтоизмот. Второ, гледав што е можно повеќе да бидам со Сведоците. Нивното пријателство и поддршка многу ми помогнаа. Малку по малку, поранешниот начин на живот паѓаше во заборав.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Во минатото ги запоставував жена ми и децата, и затоа тие се чувствуваа осамено. Но, откако го послушав библискиот совет да им обрнувам повеќе внимание, станавме поблиски. Со текот на времето, и жена ми почна да му служи на Јехова. Сега му служиме на Бог заедно со нашиот син, нашата ќерка и нејзиниот маж.

Кога ќе се сетам на желбата што ја имав во детството — да му служам на Бог и да им помагам на луѓето — сфаќам дека го најдов сето она што го барав, и тоа во неограничена мера. Не можам со зборови да искажам колку сум му благодарен на Јехова.

„Знаев дека нешто ми недостасува“ — ЛИНЕТ ХОТИНГ

РОДЕНА: 1958

ЗЕМЈА: ЈУЖНОАФРИКАНСКАТА РЕПУБЛИКА

НЕКОГАШ: ЧУВСТВА НА НАПУШТЕНОСТ

МОЕТО МИНАТО: Родена сум во Џермистон, рударско гратче во кое нема многу криминал. Моите родители ме дале на посвојување бидејќи мислеле дека нема да можат да се грижат за мене. Кога сум имала само 14 дена, ме посвоиле едни маж и жена за кои верував дека ми се родители. Сепак, откако ја дознав вистината, почнаа да ме мачат чувства на напуштеност. Се чувствував како да не сум дел од семејството. Мислев дека родителите што ме посвоија не можат да ме разберат.

Кога имав 16 години, почнав да излегувам во кафе-барови, каде што танцував и слушав жива музика заедно со другарите. На 17 години почнав да пушам. Сакав да бидам слаба како манекенките што ги гледав на рекламите за цигари. Кога наполнив 19 години, почнав да работам во Јоханесбург, каде што брзо се фатив со лошо друштво. Користев вулгарни зборови, многу пушев, а на викендите и многу пиев.

И покрај тоа, физички сѐ уште бев доста активна. Редовно вежбав аеробик и играв сквош и женски фудбал. Напорно работев за да напредувам во кариерата и успеав да се пробијам во светот на компјутерите. Поради тоа, водев удобен живот и многу луѓе ме сметаа за успешна. Сепак, воопшто не бев среќна. Се чувствував изгубено и разочарано. Длабоко во себе, знаев дека нешто ми недостасува.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Кога почнав да ја проучувам Библијата, дознав дека Јехова е Бог на љубовта. Научив дека тој покажал колку нѐ сака со тоа што ни ја дал својата Реч, Библијата. Таа е како писмо што ни го напишал за да ги води нашите чекори (Исаија 48:17, 18). Ми беше јасно дека, ако сакам да го следам водството од Јехова кое е за мое добро, ќе морам да направам големи промени во животот.

Една работа што требаше да ја сменам беше друштвото. Длабоко размислував за зборовите запишани во Изреки 13:20, каде што стои: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“. Ова начело ми помогна да го оставам старото друштво и да склопам нови пријателства меѓу Јеховините сведоци.

Најтешко ми беше да ги оставам цигарите, бидејќи бев многу зависна од нив. Кога успеав да ја надминам таа пречка, се соочив со следна. Откако се откажав од цигарите, се поправив повеќе од 13 килограми. Ова ми ја сруши самопочитта, а ми требаа околу десет години да го намалам вишокот килограми. Сепак, знаев дека постапив исправно со тоа што престанав да пушам. Постојано го молев Јехова да ми даде сила да успеам.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Имам подобро здравје. Исто така, имам смисла во животот — не трчам по краткотрајната среќа која произлегува од добрата кариера, положба или богатство. Наместо тоа, многу сум радосна што им помагам на другите да ја чујат пораката од Библијата. Благодарение на ова, три од колешките со кои работев, сега му служат на Јехова заедно со мене и мојот сопруг. Пред да починат родителите што ме посвоија, им зборував за ветувањето од Библијата дека ќе има воскресение во рај на Земјата.

Тоа што сум блиска со Јехова ми помага да се справам со чувствата на напуштеност. Тој ме прифати во едно големо семејство од соверници низ целиот свет, меѓу кои најдов многу мајки, татковци, браќа и сестри (Марко 10:29, 30).

[Слика на страница 12]

Меѓу Јеховините сведоци најдов христијанска љубов

[Слика на страница 13]

Шинтоистичкиот храм во кој служев