Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој ги поставил законите што управуваат со вселената?

Кој ги поставил законите што управуваат со вселената?

Кој ги поставил законите што управуваат со вселената?

„ГИ ПОЗНАВАШ ЛИ законите што управуваат со небото?“ (Јов 38:33). Бог му го поставил ова прашање на Јов, кој доживувал големи неволји, за да му помогне да сфати колку ограничено знаење имаат луѓето во споредба со безграничната мудрост на Создателот. Што мислиш ти за тоа?

Иако луѓето знаат многу за законите што управуваат со универзумот, повеќето научници веднаш ќе се согласат дека останува уште многу да се научи. Новите откритија постојано ги наведуваат научниците да ги преиспитаат своите теории за тоа како функционира вселената. Дали новите сознанија им помогнале на луѓето да го дознаат одговорот на прашањето што Бог му го поставил на Јов? Или можеби дале доказ дека Јехова е тој што ги поставил законите на небото?

Библијата содржи интересни изјави кои ни го откриваат одговорот на овие прашања. Иако таа не тврди дека е научна книга, она што го кажува за ѕвезденото небо е неверојатно точно. Исто така, содржи факти кои науката ги потврдила многу подоцна.

Историски осврт

Да се вратиме во 4 век пр.н.е., околу еден век откако бил завршен со пишување „Стариот завет“ — хебрејскиот дел од Библијата. Во тоа време, грчкиот филозоф Аристотел им ја објаснувал вселената на некои од најучените луѓе. И денес тој се смета за еден од највлијателните научници на сите времиња. (Види ја  рамката на страница 25.) Според Encyclopedia Britannica, „Аристотел бил првиот вистински научник во историјата... Сите научници по него му должат многу“.

Аристотел внимателно развил еден модел на вселената во кој Земјата била во центарот, а околу неа биле наредени повеќе од 50 кристални сфери. Ѕвездите биле прикачени на надворешната сфера, а планетите се наоѓале на сферите поблиску до Земјата. Сѐ што било надвор од Земјата било вечно и непроменливо. Можеби денес ваквите претстави ни звучат смешно, но цели 2000 години тие влијаеле врз луѓето што се занимавале со наука.

Која е разликата меѓу учењата на Аристотел и она што го вели Библијата? Кои учења го положиле испитот на времето? Да разгледаме три прашања во врска со законите што управуваат со вселената. Одговорот на секое од нив ќе ни помогне да изградиме вера во Авторот на Библијата, Законодавецот кој стои зад „законите што управуваат со небото“ (Јов 38:33).

1. Дали вселената е неподвижна?

Аристотел тврдел дека небесните сфери се неподвижни. Сферата на која биле ѕвездите, како и сите други сфери, не можела ниту да се собира ниту да се шири.

Дали и Библијата го вели истото? Не, таа не е догматична во овој поглед. Меѓутоа, забележи што пишува во неа: „Тој престојува над кругот на земјата, нејзините жители му се како скакулци. Тој ги распнува небесата како превез, ги распнува како шатор за живеење“ (Исаија 40:22). *

Што мислиш, кое објаснување е во склад со денешните сознанија — моделот на Аристотел или описот што го дава Библијата? Што открила за вселената денешната космологија? Во 20-тиот век, астрономите биле одушевени кога дознале дека вселената воопшто не е неподвижна. Напротив, изгледа дека галаксиите се оддалечуваат една од друга со неверојатна брзина. Но, прашање е дали макар и неколку научници си замислувале такво ширење на вселената. Денес космолозите веруваат дека вселената во почетокот била сместена во многу мал простор и дека оттогаш постојано се шири. Значи, науката покажала дека моделот на Аристотел не е точен.

Што е со она што го пишува во Библијата? Не е тешко да си замислиме еден човек, како што бил пророкот Исаија, кој гледа во ѕвезденото небо и сфаќа дека личи на распнат шатор. * Можеби дури забележал и дека Млечниот пат личи на превез од газа.

Освен тоа, зборовите на Исаија ни помагаат да си создадеме слики во мислите. Можеме да си претставиме како во библиски времиња се подигал еден шатор. Цврста ткаенина завиткана во мала ролна се раздиплувала и се распнувала со колци за да служи како нечиј дом. Слично на тоа, може да си замислиме и трговец кој земал ролна превез од тенка газа, ја одмотувал и ја распостилал пред очите на муштеријата. И во едниот и во другиот случај, нешто што зафаќа релативно мал простор се распостила и станува голема површина.

Се разбира, не велиме дека поетските описи на шатор и превез што се запишани во Библијата имаат за цел да ни го објаснат ширењето на вселената. Сепак, нѐ восхитува тоа што Библијата дава опис кој одговара на она што го открила науката денес. Исаија живеел повеќе од три века пред Аристотел и илјадници години пред науката да даде уверливи докази на оваа тема. Сепак, описот што го дал овој скромен еврејски пророк не треба да претрпи измени, како што требало да се промени моделот на Аристотел.

2. Што ги држи небесните тела?

Аристотел сметал дека вселената е начичкана со разни тела. Велел дека Земјата и нејзината атмосфера се состојат од четири елементи — земја, вода, воздух и оган. Останатиот дел од вселената бил исполнет со кристални сфери составени од една неуништлива супстанција што ја нарекол етер. Небесните тела биле прицврстени на овие невидливи сфери. Идејата на Аристотел долго време им била привлечна на многу научници бидејќи изгледало дека одговара на една основна претпоставка: Ако еден предмет не лежи на некоја површина или не е обесен на нешто, ќе падне.

Што вели Библијата во врска со тоа? Во неа се запишани зборовите на еден верен човек по име Јов, кој за Јехова рекол: „Тој... ја држи земјата обесена на ништо“ (Јов 26:7). Ваквата замисла сигурно би му звучела на Аристотел многу нелогично.

Во 17 век, околу 3.000 години по смртта на Јов, била раширена теоријата дека вселената не се состоела од кристални сфери туку дека била исполнета со еден вид флуид. Но, кон крајот на истиот век, физичарот Исак Њутн изнел една сосема поинаква идеја. Тој рекол дека гравитацијата создава привлечност меѓу небесните тела. Њутн дошол еден чекор поблиску до сфаќањето дека Земјата и другите небесни тела навистина висат во просторот, што за луѓето би изгледало како да се обесени на „ништо“.

Теоријата за гравитација што ја изнел Њутн наишла на голем отпор. На многу научници сѐ уште им било тешко да замислат дека ѕвездите и другите небесни тела не се закачени на ништо. Зар било можно нашата огромна Земја или небесните тела едноставно да лебдат во просторот? Некои велеле дека во тоа сигурно биле вклучени натприродни сили. И по Аристотел, повеќето научници верувале дека просторот мора да е исполнет со нешто.

Се разбира, Јов не знаел ништо за невидливите сили со кои Земјата се одржува во стабилна орбита околу Сонцето. Тогаш, што го навело да каже дека нашата планета не е „обесена на ништо“?

Сфаќањето дека Земјата не виси на ништо покренува уште едно прашање: Што ги одржува Земјата и другите небесни тела на нивните места? Обрни внимание на прекрасните зборови што Бог еднаш му ги кажал на Јов: „Можеш ли да му ги заврзеш врските на соѕвездието Кима или да му ги разврзеш јажињата на соѕвездието Кесил?“ (Јов 38:31). Во текот на својот долг живот, од ноќ во ноќ Јов гледал како тие познати соѕвездија изгреваат и заоѓаат. * Но, зошто изгледале исто, иако минувале години и децении? Какви сили ги држеле тие ѕвезди и сите други небесни тела на нивните места? Се разбира, сето тоа му влевало страхопочит на Јов.

Ако ѕвездите се навистина прицврстени на небесни сфери, нема да има потреба од такви врски. Дури по илјадници години научниците дознале нешто повеќе за невидливите ‚врски‘ или ‚јажиња‘ што ги држат небесните тела на нивниот долг, бавен танц низ темната вселена. Исак Њутн, а подоцна и Алберт Ајнштајн, станале прочуени по своите откритија на ова поле. Се разбира, Јов не знаел ништо за силите со кои Бог ги држи небесните тела. Сепак, за разлика од идеите на Аристотел, вдахновените зборови од книгата за Јов го положиле испитот на времето. Дали некој друг, освен Законодавецот, би можел да ги знае тие работи?

3. Вечна или подложна на пропаѓање?

Аристотел верувал дека меѓу небото и Земјата има огромни разлики. Тој велел дека Земјата е подложна на промени, на пропаѓање и на трошење, додека етерот од кој се состои ѕвезденото небо е непроменлив и вечен. Сметал дека кристалните сфери и небесните тела прицврстени на нив никогаш не можат да се променат, да се истрошат или да се уништат.

Дали и Библијата го вели тоа? Во Псалм 102:25-27 пишува: „Одамна ги положи темелите на земјата, и небесата се дело на твоите раце. Тие ќе исчезнат, а ти ќе останеш, и сето тоа ќе изветви како облека. Како алишта ќе ги замениш, и ќе им дојде крајот. А ти си истиот, и на твоите години им нема крај“.

Забележи дека псалмистот, кој ги запишал своите зборови можеби два века пред Аристотел, не рекол дека Земјата е подложна на пропаѓање, а ѕвездите се вечни. Наместо тоа, направил разлика меѓу небото и Земјата од една страна и Создателот од друга страна. * Овој псалм покажува дека ѕвездите се подложни на пропаѓање, исто како и сѐ што е на Земјата. А до каков заклучок дошла денешната наука?

Геологијата потврдува дека и Библијата и Аристотел се во право кога велат дека Земјата е подложна на пропаѓање. Всушност, карпите на Земјата постојано се трошат преку ерозија и се обновуваат преку вулканска и друга геолошка активност.

Но, што е со ѕвездите? Дали и тие природно пропаѓаат, како што покажува Библијата, или се вечни, како што тврдел Аристотел? Европските астрономи почнале да се сомневаат во идеите на Аристотел дури во средината на 16 век, кога за прв пат виделе супернова — спектакуларна експлозија на ѕвезда. Оттогаш научниците забележале дека ѕвездите можат да „умрат“ преку такви експлозии или, пак, полека да согоруваат, па дури и да згаснат. Меѓутоа, астрономите забележале и на кој начин се раѓаат нови ѕвезди во ‚ѕвездените гнезда‘ — облаци гас збогатени со состојките од експлозиите на стари ѕвезди. Значи, писателот на Библијата ни дава соодветна слика кога прави споредба со облека што се ветви и се заменува. * Колку е значајно што овој псалмист уште во старо време напишал зборови кои се во склад со денешните откритија!

Сепак, можеби ќе се прашаш: ‚Дали Библијата вели дека на Земјата или на ѕвезденото небо како целина еден ден ќе им дојде крај или дека ќе треба да се заменат?‘ Не, Библијата ветува дека тие ќе траат вечно (Псалм 104:5; 119:90). Но, причината не е тоа што се вечни, туку тоа што Бог, кој ги создал, ветил дека ќе ги одржува (Псалм 148:4-6). Таа не кажува како, но зар не е логично дека Оној што ја создал вселената има моќ и да ја одржува? Тоа е исто како што еден вешт мајстор кој си изградил куќа може и да ја одржува.

Кој ги заслужува славата и честа?

Разгледувањето на овие неколку закони што управуваат со небото ни помага да одговориме на ова прашање. Зар не сме исполнети со страхопочит кога размислуваме за тоа кој ги распостила безбројните ѕвезди низ огромната вселена, кој ги држи со врските на гравитација и кој ги одржува во постоење?

Можеби причината зошто треба да имаме страхопочит најдобро е изразена во Исаија 40:26: „Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа? Оној што ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име“. Ѕвездите се споредени со војска, која се состои од голем број војници. Без наредби од командантот, меѓу војниците ќе дојде до хаос. Без законите што ги поставил Јехова, планетите, ѕвездите и галаксиите нема да се движат по уредни патеки туку ќе настане хаос. Спротивно на тоа, замисли си војска од милијарди војници со Командант кој не само што управува со движењето на своите трупи туку ги знае името, положбата и состојбата на секој војник!

Небесните закони ни даваат увид во неизмерната мудрост на овој Командант. Кој друг би можел да постави такви закони и да ги води луѓето да напишат точни факти за тие работи со векови, па дури и со милениуми пред да ги разберат научниците? Без сомнение, ги имаме сите причини да му оддадеме на Јехова ‚слава и чест‘ за сето тоа (Откровение 4:11).

[Фусноти]

^ пас. 11 Значајно е тоа што Библијата ја нарекува Земјата круг, користејќи го хебрејскиот збор кој може да се преведе и со сфера. Аристотел и другите Грци од старо време изнеле теорија дека Земјата е во вид на топка, но ова прашање сѐ уште било предмет на дискусии и по неколку милениуми.

^ пас. 13 Оваа споредба често се користи во Библијата (Јов 9:8; Псалм 104:2; Исаија 42:5; 44:24; 51:13; Захарија 12:1).

^ пас. 22 „Соѕвездието Кима“ можеби се однесувало на ѕвезденото јато Квачка. „Соѕвездието Кесил“ веројатно се однесувало на соѕвездието Орион. Потребни се десетици илјади години за тие соѕвездија да претрпат значајни промени.

^ пас. 27 Бидејќи Јехова го употребил својот единороден духовен Син како „вешт градител“ кога создавал сѐ, зборовите од овие стихови можат да се применат и на Синот (Изреки 8:30, 31; Колошаните 1:15-17; Евреите 1:10).

^ пас. 29 Во 19 век, научникот Вилијам Томсон, познат и како лорд Келвин, го открил вториот закон на термодинамиката кој објаснува зошто со текот на времето природните системи пропаѓаат. Еден фактор што го навел да дојде до овој заклучок било внимателното проучување на Псалм 102:25-27.

[Рамка/слики на страници 24 и 25]

 Силно влијание

„Аристотел е најголемиот филозоф и научник на античкиот свет.“ Така пишува во книгата 100 највлијателни луѓе во историјата. Не е тешко да се види зошто за овој необичен човек се кажани такви зборови. Аристотел (384-322 пр.н.е.) му бил ученик на прочуениот филозоф Платон, а подоцна му бил личен учител на принцот кој станал познат како Александар Велики. Според древните документи, плодното творештво на Аристотел вклучувало околу 170 книги, од кои се зачувани само 47. Тој многу пишувал за астрономијата, биологијата, хемијата, зоологијата, физиката, геологијата и психологијата. Некои од најситните детали што ги запишал за живите суштества биле набљудувани и изучувани дури по многу векови. „Огромно е неговото влијание врз западната мисла“, пишува во истата книга. Меѓутоа, понатаму во неа стои: „Покорноста пред Аристотел била толку голема, што за време на средниот век се граничела со идолопоклонство.“

[Извор на слики]

Royal Astronomical Society/Photo Researchers, Inc.

Од книгата A General History for Colleges and High Schools, 1900

[Слика на страници 26 и 27]

Гравитацијата ги држи небесните тела на своите места

[Извор на слика]

NASA and The Hubble Heritage Team (AURA/STScl)

[Слика на страници 26 и 27]

Соѕвездието Квачка

[Слика на страница 28]

Некои ѕвезди завршуваат како супернови

[Извор на слика]

ESA/Hubble

[Слика на страница 28]

Во „гнездата“ се формираат нови ѕвезди

[Извор на слика]

J. Hester and P. Scowen (AZ State Univ.), NASA

[Извор на слика на страница 24]

© Peter Arnold, Inc./Alamy