Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што е Армагедон?

Што е Армагедон?

Читателите прашуваат...

Што е Армагедон?

▪ За многумина, зборот „Армагедон“ е симбол за масовно уништување предизвикано од нуклеарна војна, природни катастрофи со невидени размери или, пак, е симбол за „Армагедон во природата“ поради глобалното затоплување. Сепак, овој збор што се спомнува во Библијата нема вакво значење. Тогаш, што е Армагедон?

Изразот „Армагедон“ се појавува во библиската книга Откровение. Тој се однесува на една посебна војна, „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“, во која „царевите од целиот свет“ се собрани за да ја водат последната битка со Бог. Таква војна се спомнува и на многу други места во Библијата (Откровение 16:14-16; Езекиел 38:22, 23; Јоил 3:12-14; Лука 21:34, 35; 2. Петрово 3:11, 12).

Што ќе се постигне со оваа војна? Во книгата Откровение, симболично се опишани „земните цареви и нивните војски собрани да водат војна со оној што седи на коњот и со неговата војска“. „Оној што седи на коњот“ е Божјиот Син, Исус Христос, кој е овластен од Бог да поведе безброј ангели во победничка битка против Божјите непријатели (Откровение 19:11-16, 19-21). Еремија 25:33 ни открива во колкави размери ќе биде уништувањето на безбожните: „Во тој ден ќе има погубени од Јехова од едниот крај на земјата до другиот“.

Зошто е потребно да дојде Армагедон? Народите не ја признаваат власта на Бог, туку се трудат да ја спроведат својата власт (Псалм 24:1). Во Библијата, во Псалм 2:2 нивното противење е опишано со следниве зборови: „Царевите на земјата се креваат и владетелите како еден стануваат против Јехова и против неговиот помазаник“.

Всушност, овие бунтовници се како лоши станари кои не само што бесправно се вселиле на нечиј имот туку и го уништуваат. Денес, луѓето ја уништуваат земјата и ја загадуваат околината. Во врска со тоа, во Божјата Реч пишува: „Народите се разгневија, и дојде [Божјиот] гнев“. Затоа, Бог ќе ги ‚уништи оние што ја уништуваат земјата‘ (Откровение 11:18). Преку Армагедон, Бог ќе даде одговор на спорното прашање за тоа кој има право да владее со луѓето (Псалм 83:18).

Кога ќе дојде Армагедон? Божјиот Син јасно кажал: „За тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“ (Матеј 24:36). И покрај тоа, кога зборувал за Армагедон, Царот-Воин Исус Христос предупредил: „Еве, доаѓам како крадец. Среќен е оној што бдее“ (Откровение 16:15). Значи, оваа војна е поврзана со Христовата присутност, време во кое според Библијата живееме ние.

Во Армагедон ќе бидат уништени само злобните што не сакаат да се поправат, а ќе се спаси едно „големо мноштво луѓе“ (Откровение 7:9-14). Тие со свои очи ќе го видат исполнувањето на зборовите: „Уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11).

[Истакната мисла на страница 10]

„Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“