Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Седумте производи на добрата земја

Седумте производи на добрата земја

Седумте производи на добрата земја

ВО БИБЛИЈАТА, Израел е опишан како земја на планини и долини, на крајбрежни рамнини и висорамнини, на реки и извори. Со толку различни видови почва и климатски зони, вклучувајќи сува пустина на југ и снежни планини на север, на ова поднебје можеле да се одгледуваат најразлични производи. Кога ја опишувал ‚добрата земја‘ во која требало да се населат Израелците, Мојсеј кажал дека таа била „земја на пченицата, на јачменот, на виновата лоза, на смоквите и на калинките... земја на маслинките, кои даваат масло, и на медот“ (5. Мојсеева 8:7, 8).

Во различни периоди од историјата, овие производи можеле да се видат на локалните монети и на поштенските марки како симбол за плодноста на почвата. Како се одгледувале во библиски времиња? Како влијаеле врз животот на луѓето? Ајде да видиме.

‚Пченица и јачмен.‘ Иако и пченицата и јачменот се сееле на есен, јачменот узревал еден месец порано. Сноп од првите плодови од жетвата на јачменот му се принесувал на Јехова во храмот за време на Празникот на бесквасните лебови, во март или април. Пченични лебови се принесувале на Празникот на седмиците, наречен и Педесетница, кој се одбележувал во мај (3. Мојсеева 23:10, 11, 15-17).

Со векови наназад па сѐ до неодамна, земјоделците во Израел го сееле семето рачно, расфрлајќи ги зрната од скутот на својата наметка. Јачменот едноставно го фрлале врз земјата. Меѓутоа, пченицата требало да се затрупа. Затоа, посевот го газеле запрежни животни или, пак, нивата се преорувала по сеидбата.

Во Библијата често се спомнува сеење, жнеење, вршење, веење и мелење жито. За сето тоа се вложувало голем труд. Секој ден, житото се мелело за да се добие брашно, а потоа се месел леб за целото семејство. Ова ни помага да го сфатиме целосното значење на Исусовите зборови „лебот наш за овој ден“ (Матеј 6:11). Лебот од интегрално пченично или јачменово брашно им бил основна храна на луѓето во библиски времиња (Исаија 55:10).

‚Винова лоза, смокви и калинки.‘ Откако 40 години народот талкал низ пустината, Мојсеј ги потсетил Израелците на она што ги очекувало — да се насладуваат на плодовите од Ветената земја. Четириесет години претходно, додека биле улогорени во пустината, Израелците испратиле луѓе за да ја извидат Ветената земја. Што донеле тие за да покажат колку е плодна? „Ластар со грозд“ кој бил толку тежок што двајца мажи морале да го носат на стап. Освен тоа, донеле смокви и калинки. По долгото талкање низ пустината, Израелците сигурно уживале во вкусот на тие плодови! Можеле да си замислат уште колку убави работи ги очекувале! (4. Мојсеева 13:20, 23).

За да даде богат род, на виновата лоза ѝ требала постојана нега — кастрење, наводнување и берење. На едно добро одржувано лозје засадено на рид обично имало заштитен ѕид, убаво направени тераси и куќарка за чуварот. Израелците добро знаеле колкав труд требало да се вложи во еден лозов насад и им било јасно што ќе се случи ако лозјето се запостави (Исаија 5:1-7).

За време на гроздоберот почнувало да се прави и вино. Гроздовите се газеле во бочва или се гмечеле во винска преса. Сокот се превривал за да се отстранат природните шеќери или, пак, се оставал да ферментира за да стане вино. Во израелската земја имало идеални услови за одгледување лозје и за правење вино. *

Луѓето што живеат во земји каде што не растат смокви можеби виделе само суви смокви. Но, свежата смоква е сосема поинаква — таа е блага и сочна. За да траат и по бербата, смоквите мора да се исушат на сонце и да се спакуваат. Во Библијата често се спомнуваат „пити смокви“ (1. Самоилова 25:18).

Кога ќе се излупи жилавата кора на една зрела калинка, ќе се видат стотици мали зрнца што можат да се јадат или од нив да се направи сок, кој е освежителен, здрав и хранлив пијалак. На поработ на туниката на првосвештеникот, како и на столбовите на Соломоновиот храм, се ставале украси од калинки. Од тоа се гледа колку бил ценет овој плод (2. Мојсеева 39:24; 1. Царевите 7:20).

‚Маслинки и мед.‘ Маслинките, кои биле скапоцен извор на храна и масло, во Библијата се спомнуваат околу 60 пати. Во Израел сѐ уште има многу маслинарници (5. Мојсеева 28:40). И денес, во многу места бербата на маслинките во октомври е важен настан за целото семејство. Берачите ги тресат гранките на дрвото за да ги соберат маслинките. Потоа ги ставаат во саламура и ги користат како храна во текот на целата година или, пак, ги носат во некоја од заедничките преси за правење масло. На археолошките локалитети се пронајдени стотици древни преси во најразлични форми. И во денешно време прекрасно е да се види светлозеленото масло кое служи како храна за семејството или се продава како извор на приход. Освен што се употребувало во исхраната, маслиновото масло се користело и во козметиката, како и за осветлување.

Медот што го спомнал Мојсеј можеби бил мед добиен од пчели или сируп од урми и грозје. Сирупот од овие плодови сѐ уште се користи како засладувач. Но, медот што се спомнува во библиските извештаи за Самсон и за Јонатан очигледно бил див мед изваден од саќе (Судиите 14:8, 9; 1. Самоилова 14:27). Недамнешното откритие на еден пчеларник со повеќе од 30 кошници за пчели кај Тел Рехов, во северен Израел, покажува дека во таа земја се чувале пчели уште во времето на Соломон.

Денес, секој што ќе се прошета низ некој поголем пазар во Израел — опремен со пекарници и добро снабдени тезги со овошје и зеленчук — ќе најде богата понуда од овие седум производи. Се разбира, тоа се само некои од многубројните прехранбени продукти што виреат на ова поднебје. Современите земјоделски методи овозможиле да се одгледуваат и растенија што потекнуваат од други земји. Сето тоа изобилство покажува дека овие предели со право можат да се наречат „добра земја“ (4. Мојсеева 14:7).

[Фуснота]

^ пас. 9 Некои гроздови се сушеле за да се добие суво грозје (2. Самоилова 6:19).

[Слика на страница 11]

Пченица

[Слика на страница 11]

Јачмен

[Слика на страница 12]

Винова лоза

[Слика на страници 12 и 13]

Смокви

[Слика на страница 12]

Калинки

[Слика на страница 13]

Маслинки

[Слика на страница 13]

Мед