Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Во сенката на Огнената Планина

Во сенката на Огнената Планина

Писмо од Конго (Киншаса)

Во сенката на Огнената Планина

ДОДЕКА сонцето изгрева над градот Гома, небото добива розово-портокалова боја. Секое утро се будиме со прекрасна глетка на Нирагонго, еден од најактивните вулкани во светот. Од отворениот кратер постојано се крева облак од чад. Како што се ближи ноќта, облакот добива црвена боја заради отсјајот од лавата во срцето на вулканот.

На јазикот свахили, оваа планина се вика Мулима ја Мото, што значи Огнена Планина. Последната голема ерупција на Нирагонго беше во 2002 год. Многу наши соседи и пријатели во Гома изгубија сѐ што имаа. Во некои населби во кои проповедаме со мојот сопруг, газиме низ предели прекриени со стврдната лава. Тогаш си замислувам како е да се чекори по Месечината. Но, луѓето од ова место се поинакви од стврднатата лава. Тие се полни со енергија и имаат меки и отворени срца кои се желни да ја чујат добрата вест што им ја пренесуваме. Затоа, да се проповеда во сенката на Огнената Планина е прекрасно доживување!

Едно саботно утро се разбудив возбудена од она што нѐ очекуваше тој ден. Јас и мојот сопруг, заедно со пријателите кои ни дојдоа на гости и уште неколкумина мисионери, планиравме цел ден да проповедаме во кампот за бегалци Мугунга, западно од градот. Поради насилничките напади, мнозина ги напуштиле своите родни места и дошле во овој камп.

Пред да тргнеме, го натоваривме камиончето со библиска литература на разни јазици — француски, кисвахили и кинјаруанда. Додека се возевме по нерамниот пат, градот почнуваше да се буди. Младите луѓе веќе ги туркаа своите натоварени чукудус (рачно изработени дрвени мопеди за превоз на товар). Жените облечени во дречливи сукњи и со големи врзопи на главите елегантно чекореа крај патот. Моторите кои служеа како такси ги превезуваа луѓето на работа и на пазар. По патот можеа да се видат потемнети дрвени куќички чии рабови беа варосани со сина боја.

Стигнавме во Салата на Царството во Ндошо, каде што се сретнавме со нашите соверници со кои требаше да проповедаме во кампот. Бев трогната кога видов млади луѓе, вдовици, сирачиња и лица со физички ограничувања. Повеќето од нив претрпеле неописливи страдања, но животот им се подобрил откако решиле да ги следат библиските начела. Надежта од Библијата гори во нивните срца и имаат силна желба да им ја пренесат и на другите. По еден краток состанок на кој добивме предлози со кои библиски стихови да ги охрабриме луѓето што ќе ги сретнеме, тргнавме со пет минибуси и едно камионче. Бевме вкупно 130 души.

По 30-ина минути стигнавме во кампот. Врз едно поле прекриено со исушена лава беа подигнати стотици бели шатори. Во средината беа наредени тоалети и јавни пералници. Насекаде имаше луѓе кои переа, готвеа, лупеа грав и метеа пред своите шатори.

Се сретнавме со чичко Жак, кој беше одговорен за еден дел од логорот. Тој беше загрижен бидејќи не му е лесно да ги воспитува своите деца во овие тешки времиња. Се израдува кога му ја оставивме книгата Младите прашуваат — делотворни одговори и рече дека ќе ја прочита, а потоа ќе им кажува и на другите што научил.

Ја сретнавме и тетка Беатрис. Таа нѐ праша зошто Бог ги допушта страдањата. Си мислеше дека тешкотиите во животот ѝ се казна од Бог. Маж ѝ го убиле во војната, ќерка ѝ е самохрана мајка која го подига своето мало дете во мизерните услови во кампот, а син ѝ бил киднапиран пред неколку месеци и сѐ уште нема добиено никаква вест за него.

Нејзините маки ме натераа да помислам на тоа како се чувствувал Јов кога ги дознавал ужасните вести. Ѝ објаснивме зошто има страдања и ја уверивме дека она што ѝ се случува не е казна од Бог (Јов 34:10-12; Јаков 1:14, 15). Освен тоа, ѝ кажавме какви промени ќе предизвика Бог наскоро на Земјата преку своето Царство. На лицето ѝ се разлеа насмевка и рече дека е решена да продолжи да ја проучува Библијата и да го моли Бог за помош.

Сите уживавме тој ден и бевме уверени дека Јехова навистина ни помогна да им дадеме зрак на надеж и да ги охрабриме луѓето што ги сретнавме. Кога заминувавме од кампот, многумина ги држеа в рака своите трактати, списанија и книги и ни мавтаа со нив додека нѐ поздравуваа!

Додека се враќавме дома, можев да размислувам. Бев многу благодарна за она што го доживеав тој посебен ден. Во мислите ми доаѓаше чичко Жак кој покажа големо ценење, тетка Беатрис во чиј поглед можеше да се прочита големо олеснување, како и една бабичка која цврсто ми ја стегаше раката и ми се насмевнуваше. Помислував и на тинејџерите што поставуваа длабоки прашања и беа многу зрели за свои години. Ме восхити цврстиот карактер на луѓето кои сѐ уште можеа да се смеат, и покрај сите свои страдања.

Во овој дел од светот видовме како многумина искрено се трудат да им помогнат на оние што страдаат. Но, нам ни беше вистинска чест што тој ден ја користевме Библијата за да им покажеме на луѓето кое е трајното решение за нивните проблеми. Среќна сум што учествувам во најголемата акција за духовна помош што се извршува во светот.