Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Човек според Јеховиното срце

Човек според Јеховиното срце

Човек според Јеховиното срце

НА ШТО помислуваш кога ќе се сетиш на библискиот лик Давид? На неговата победа над филистејскиот џин Голијат? На неговиот живот во пустината додека бегал од цар Саул? На неговиот грев со Витсавеа и на последиците од таа постапка? Или можеби помислуваш на неговата поезија, која е запишана во библиската книга Псалми?

Животот на Давид бил исполнет со предности, со победи и со порази. Сепак, кон него најмногу нѐ привлекува она што го прорекол Самоил — дека Давид ќе стане „човек според [Јеховиното] срце“ (1. Самоилова 13:14).

Пророштво на Самоил се исполнило кога Давид сѐ уште бил многу млад. Зар не сакаш и ти да бидеш човек според Јеховиното срце? Што е тоа во животот на Давид, особено во неговата младост, што може да ти помогне да станеш таква личност? Да видиме.

Семејството и занаетот

Јесеј, кој му бил татко на Давид и внук на Рут и Вооз, му бил верен слуга на Јехова. Тој ги поучувал за Мојсеевиот закон Давид и неговите седум браќа и две сестри уште додека биле мали. Во еден од своите псалми, Давид се нарекол себеси син на Јеховината „робинка“ (Псалм 86:16). Затоа, некои заклучиле дека и мајка му, чие име не се спомнува во Библијата, имала позитивно влијание врз неговата вера. Еден изучувач рекол: „Најверојатно од неа првпат ги чул чудесните работи што Бог ги направил за својот народ во минатото“, вклучувајќи ги и настаните поврзани со Рут и Вооз.

Кога во Библијата првпат се спомнува Давид, тој е младо овчарче кое ги пасе овците на татка си. Веројатно морал со денови и со ноќи да биде сам под ведро небо. Замисли си како изгледало тоа!

Семејството на Давид живеело во Витлеем, гратче сместено на падините на еден планински венец во Јуда. Полињата околу Витлеем давале богат род од жито. Благите падини и долини биле прекриени со овоштарници, маслинарници и лозја. Во времето на Давид, необработуваните висорамнини веројатно се користеле како пасишта. Под нив се простирала Јудејската Пустина.

Додека ги пасел овците, Давид бил изложен и на опасности. Во тие предели наишол на лав и мечка кои сакале да му земат овци од стадото. * Овој храбар младич тргнал по грабливците, ги убил и ги спасил овците од нивната уста (1. Самоилова 17:34-36). Можеби во тој период од животот, Давид научил добро да гаѓа со праќа. Недалеку од неговиот дом се наоѓала територијата на племето Венијамин. Стрелците од тоа племе можеле да фрлаат камења „без да погрешат“. И Давид гаѓал исто толку прецизно (Судиите 20:14-16; 1. Самоилова 17:49).

Мудро потрошено време

Додека ги пасел овците, пастирот најчесто бил сам. Сепак, Давид не дозволил да му стане здодевно. Напротив, го искористил тоа време за длабоко да размислува. Изгледа дека уште како дете, Давид размислувал за некои од работите што ги запишал во псалмите. Можеби во тие моменти додека бил сам размислувал за положбата на човекот во однос на другите творештва, како и за прекрасните небесни тела — сонцето, месечината и ѕвездите, кои биле „дело на [Јеховините] прсти“. И можеби токму на полињата околу Витлеем размислувал за плодната земја, ситната стока и говедата, птиците и „полските животни“ (Псалм 8:3-9; 19:1-6).

Без сомнение, поради тоа што бил пастир, Давид уште повеќе чувствувал колку нежно Јехова се грижи за оние што му се верни. Затоа, во песна рекол: „Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува. На зелени пасишта ми дава да се одморам, ме води на почивалишта обилни со вода. Дури и да тргнам низ долината на густата темнина, нема да се плашам од зло, зашто ти си со мене, твојот стап и твојот жезол ме тешат“ (Псалм 23:1, 2, 4).

Можеби се прашуваш каква врска имаш ти со животот на Давид. Па, една причина зошто бил толку близок со Јехова, и затоа е наречен „човек според [Јеховиното] срце“, била таа што длабоко и сериозно размислувал за Јеховините дела и за својот личен однос со Бог. Може ли истото да се каже и за тебе?

Дали некогаш, откако внимателно си размислувал за нешто што го создал Творецот, ти се родила силна желба да го фалиш? Дали во срцето си почувствувал неизмерна љубов кон Јехова кога од неговите постапки со луѓето си запознал некои негови особини? Се разбира, за да стекнеш такво ценење, треба да одвоиш време да се молиш и да размислуваш за Божјата Реч и за она што го создал Јехова. Така ќе можеш подобро да го запознаеш и да го засакаш. Со Бог можат да се зближат и помладите и постарите. Најверојатно Давид бил близок со Јехова уште како мал. Од каде го знаеме тоа?

Давид е помазан

Кога Саул повеќе не бил добар цар за да го води Божјиот народ, Јехова му рекол на пророкот Самоил: „До кога ќе тагуваш за Саул, кога јас го отфрлив за да не царува повеќе над Израел? Наполни го со масло својот рог и тргни на пат! Те праќам кај Јесеј од Витлеем, зашто меѓу неговите синови си избрав цар“ (1. Самоилова 16:1).

Божјиот пророк отишол во Витлеем и му рекол на Јесеј да ги викне сите свои синови. Кој од нив требало да биде помазан за цар? Кога Самоил го видел убавиот Елијав, кој бил најстар, си помислил: ‚Ова мора да е тој‘. Но, Јехова му рекол: „Не гледај на неговата надворешност, ниту на неговата висока става, зашто го отфрлив. Бог не го гледа она што го гледа човекот, зашто човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето“. Јехова ги отфрлил и Авинадав, Сама и другите четворица браќа. Извештајот продолжува: „На крајот Самоил го праша Јесеј: ‚Дали се тоа сите твои синови?‘ А тој одговори: ‚Остана уште најмладиот, но тој ги пасе овците‘“ (1. Самоилова 16:7, 11).

Со својот одговор Јесеј сакал да каже: ‚Не е можно Давид да е тој што го бараш‘. Како најмлад и најбезначаен во семејството, Давид имал задача да ги пасе овците. Но, токму тој бил избран од Бог. Јехова гледа што има во срцето, и очигледно видел нешто многу скапоцено во овој млад човек. Затоа, кога Јесеј испратил да го викнат Давид, Јехова му рекол на Самоил: „Стани и помажи го, зашто тоа е тој!“ Понатаму, извештајот вели: „Тогаш Самоил го зеде рогот со масло и го помаза среде неговите браќа. И Јеховиниот дух дојде на Давид и од тој ден остана на него“ (1. Самоилова 16:12, 13).

Не знаеме точно колку години имал Давид тогаш. Меѓутоа, некое време по тој настан, неговите тројца најстари браќа, Елијав, Авинадав и Сама, отишле да служат во Сауловата војска. Можеби другите петмина биле премлади за да појдат со нив. Веројатно ниеден од нив сѐ уште немал 20 години, возраст на која мажите оделе во Израелската војска (4. Мојсеева 1:3; 1. Самоилова 17:13). Како и да е, Давид бил многу млад кога бил избран од Јехова. Сепак, изгледа дека веќе бил духовно зрела личност. Бидејќи размислувал за Бог, имал близок личен однос со Јехова.

И младите денес треба да се угледаат на Давид. Затоа, родители, дали ги охрабрувате своите деца да размислуваат за духовни работи, да го ценат сето она што го создал Бог и да ја проучуваат Библијата за да го запознаат Творецот? (5. Мојсеева 6:4-9). А вие, млади, дали сами правите чекори да се зближите со Бог? Библиските публикации како што се списанијата Стражарска кула и Разбудете се! * се наменети да ви помогнат.

Убаво свирел на харфа

За животот на Давид како пастир многу ни кажуваат не само неговите псалми туку и неговата музика. Се разбира, денес не знаеме каква била музиката во чија придружба се пееле овие свети песни. Но, знаеме дека оној што ја компонирал бил вистински виртуоз. Всушност, причината поради која Давид бил повикан во царскиот дворец на Саул е тоа што знаел убаво да свири на харфа (1. Самоилова 16:18-23). *

Каде и кога Давид научил добро да свири на тој инструмент? Веројатно додека ги пасел овците. Јасно е дека уште како мал, Давид од срце му пеел фалби на својот Бог. Всушност, Јехова го избрал и му дал задача затоа што верно му служел.

Она што му се случувало на Давид подоцна е сосема друга приказна. Но, ставот што го имал во текот на целиот свој живот го стекнал кога почнал да ги чува овците на пасиштата околу Витлеем. Замисли си го како му пее на Јехова: „Се сеќавам на дамнешните дни, размислувам за сите твои дела, се интересирам за делото на твоите раце“ (Псалм 143:5). Длабоките чувства што се изразени во овој и во многу други псалми што ги напишал Давид им даваат сила и храброст на сите оние што сакаат да бидат личности според Јеховиното срце.

[Фусноти]

^ пас. 9 Сириската кафеава мечка, која порано живеела во Палестина, била тешка околу 140 килограми и можела да ја убие својата жртва со своите огромни шепи. Во тие предели имало и многу лавови. Во Исаија 31:4 пишува дека дури и „цело мноштво овчари“ не можеле да оттргнат ‚млад граблив лав‘ од неговиот плен.

^ пас. 20 Издадени од Јеховините сведоци.

^ пас. 22 Царскиот советник кој го препорачал, рекол дека, меѓу другото, Давид „мудро зборува, има убава става и Јехова е со него“ (1. Самоилова 16:18).