Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Покажи дека Јехова е твое наследство

Покажи дека Јехова е твое наследство

Покажи дека Јехова е твое наследство

„Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (МАТ. 6:33)

1, 2. а) Кој го сочинува „Израелот Божји“ што е спомнат во Галатите 6:16? б) На кого се однесува изразот „дванаесетте Израелови племиња“ во Матеј 19:28?

НА ШТО помислуваш кога ќе го прочиташ името Израел во Библијата? Дали можеби на Јаков, синот на Исак, кој подоцна го добил името Израел? Или, пак, помислуваш на неговите потомци, на израелскиот народ од старо време? Библијата зборува и за духовниот Израел. Всушност, кога Израел се спомнува во симболична смисла, обично се мисли на „Израелот Божји“, односно на 144-те илјади кои се помазани со свет дух за да станат цареви и свештеници на небото (Гал. 6:16; Отк. 7:4; 21:12). Но, да видиме накратко што сакал да каже Исус кога ги спомнал дванаесетте Израелови племиња во Матеј 19:28.

2 Тој рекол: „При повторното создавање, кога Синот човечки ќе седне на својот славен престол, вие што ме следевте ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелови племиња“. Во овој стих, изразот „дванаесетте Израелови племиња“ се однесува на оние што ќе можат да живеат вечно во рајот на Земјата. Помазаните следбеници на Исус ќе им судат и ќе им служат како свештеници.

3, 4. Каков убав пример даваат верните помазаници?

3 Исто како свештениците и левитите во минатото, и помазаниците денес ја сметаат за голема чест службата што ја вршат за Бог (4. Мој. 18:20). Помазаниците не очекуваат дека ќе наследат дел или имот на Земјата. Наместо тоа, Откровение 4:10, 11 покажува дека тие ќе продолжат со својата служба на небото, каде што ќе бидат цареви и свештеници заедно со Исус Христос (Езек. 44:28).

4 Додека се на Земјата, помазаниците покажуваат со својот начин на живот дека Јехова е нивното наследство. Службата за Бог им е најважна од сѐ. Тие имаат вера во Христовата откупна жртва и постојано одат по неговите стапки, и така ‚го потврдуваат својот позив и избор‘ (2. Пет. 1:10). Овие помазани христијани имаат различни способности и живеат во различни околности. Но, не ги користат можните ограничувања како изговор за да прават малку во службата за Бог. Напротив, ја ставаат на прво место во животот, и прават сѐ што можат. На тој начин им даваат добар пример на оние што се надеваат дека ќе живеат вечно во рајот на Земјата.

5. Како може Јехова да им биде наследство на сите христијани? Зошто ова можеби не е секогаш лесно?

5 Сеедно дали имаме небесна или земна надеж, ние мора ‚да се одречеме од себе, да го земеме својот маченички столб и да одиме по Христос‘ (Мат. 16:24). Милиони што се надеваат дека ќе живеат вечно во рајот на Земјата му служат на Бог и го следат Христос на таков начин. Тие не се задоволни да прават само малку ако знаат дека можат да прават повеќе. Мнозина си го поедноставиле животот и почнале со пионерска служба. Други служат како пионери неколку месеци во годината. Трети, пак, кои не можат да бидат пионери, се трудат да прават повеќе во службата. Тие се како Марија, која му излеала мирисливо масло на Исус. Тој рекол: „Таа ми направи добро дело... Направи сѐ што можеше“ (Мар. 14:6-8). Бидејќи живееме во свет со кој владее Сатана, можеби не е секогаш лесно да правиме сѐ што можеме. Сепак, треба силно да се напрегаме и да имаме доверба во Јехова. Да разгледаме четири начини на кои може да го правиме ова.

Да го бараме најнапред Божјето Царство

6. а) Како обично луѓето покажуваат дека им е важен само сегашниов живот? б) Зошто е подобро да имаме ист став како Давид?

6 Исус ги поучил своите следбеници да ги бараат најнапред Царството и Божјата праведност. Мнозина во светот ги ставаат личните интереси пред сѐ друго. Библијата вели дека на ‚луѓето од овој век им се важни само желбите на овој живот‘. (Прочитај Псалм 17:1, 13-15.) Бидејќи воопшто не мислат на својот Творец, повеќето гледаат само како да си обезбедат удобен живот, да основаат семејство и да им остават некое наследство на своите деца. Ним им е важен само сегашниов живот. За разлика од нив, на Давид му било важно да стекне „добро име“ кај Јехова, како што подоцна советувал и неговиот син Соломон (Проп. 7:1). Исто како Асаф, Давид сфатил дека е многу подобро да го има Јехова за свој Пријател отколку да ги задоволи своите лични желби. Тој се радувал што може да оди со Бог. Во нашево време, многу христијани ги ставаат духовните активности пред своето световно вработување.

7. Каков благослов добил еден брат затоа што најнапред го барал Царството?

7 Да го земеме, на пример, Жан-Клод, кој живее во Централноафриканската Република. Тој е женет, има три деца и служи како старешина. Бидејќи во таа земја е тешко да се најде работа, многу луѓе би сториле сѐ за да го задржат работното место. Еден ден, шефот му рекол на Жан-Клод дека ќе мора да работи ноќна смена, и тоа секој ден во седмицата. Ноќната смена почнувала во 18.30. Жан-Клод му објаснил дека, освен што го издржува семејството, мора да се грижи и за духовните потреби на своите домашни. Му кажал и дека има одговорност да му помага на собранието. Што одговорил шефот на тоа? Тој рекол: „Треба да си среќен што воопшто имаш работа и, ако сакаш да ја задржиш, ќе мора да заборавиш на сѐ друго — и на жена и на деца и на проблеми. Мора да се посветиш само на работата! Бирај — или работата или религијата“. Што би сторил ти? Жан-Клод бил уверен дека, дури и ако ја изгубел работата, Јехова и понатаму ќе се грижел за него. Бог ќе му помогнел да најде начин да го издржува своето семејство, а тој ќе можел да продолжи да му служи. Затоа, отишол на следниот состанок. Потоа се спремил да оди на работа, иако не бил сигурен дали веќе не е отпуштен. Токму во тој момент заѕвонил телефонот. Неговиот шеф добил отказ, а нашиот брат сѐ уште ја има работата.

8, 9. Слично на свештениците и левитите, како може да покажеме дека Јехова е нашето наследство?

8 Некои што биле во опасност да ја изгубат работата можеби се прашувале: ‚Како ќе го издржувам семејството?‘ (1. Тим. 5:8). Сеедно дали си се нашол во таква ситуација или не, сигурно од лично искуство знаеш дека никогаш нема да се разочараш ако Бог е твоето наследство и ако длабоко ја цениш честа да му служиш. Кога им кажал на своите ученици да го бараат најнапред Царството, Исус ги уверил: „Сето ова“ — храна и облека — „ќе ви се додаде“ (Мат. 6:33).

9 Размисли за левитите, кои не добиле земја во наследство. Бидејќи службата за вистинскиот Бог им била на прво место, тие морале да имаат доверба дека Јехова ќе им даде сѐ што им е потребно во материјален поглед, затоа што им рекол: „Јас сум... твоето наследство“ (4. Мој. 18:20). Иако ние не служиме во дословен храм како свештениците и левитите, можеме да покажеме слична доверба во Јехова. Како што навлегуваме сѐ подлабоко во последните денови, станува сѐ поважно да веруваме дека Бог навистина има моќ да се грижи за нас (Отк. 13:17).

Да ја бараме најнапред Божјата праведност

10, 11. Како некои покажале доверба во Јехова кога станувало збор за вработувањето? Наведи пример.

10 Исус исто така ги поттикнал учениците да ја ‚бараат најнапред Божјата праведност‘ (Мат. 6:33). Ова значи да се држиме за Јеховините, а не за човечките мерила за тоа што е исправно, а што погрешно. (Прочитај Исаија 55:8, 9.) Пред да ја дознаат вистината од Библијата, некои луѓе саделе или продавале тутун, ги учеле другите да војуваат или, пак, произведувале или продавале оружје. Но, откако го запознале Бог, многумина решиле да најдат друга работа, и така ги исполниле условите за крштавање (Иса. 2:4; 2. Кор. 7:1; Гал. 5:14).

11 Да го земеме примерот на Ендру. Кога ја дознале вистината, тој и жена му решиле да му служат на Јехова. Иако многу ја сакал својата работа, Ендру ја оставил. Зошто? Затоа што со својата професија поддржувал воени активности, а тој бил решен да ја бара најнапред Божјата праведност. Откако ја напуштил работата, останал со две деца и без плата, и имале доволно пари за само неколку месеци. Од човечка гледна точка, можеби изгледало дека немаат никакво ‚наследство‘. Сепак, со доверба во Бог, Ендру почнал да бара работа. Тој и неговото семејство можат да потврдат дека раката на Јехова навистина не е прекратка (Иса. 59:1). Бидејќи се труделе да водат едноставен живот, тој и жена му можеле да учествуваат и во полновремена служба. Ендру вели: „Точно е дека имавме периоди кога финансиските, станбените, здравствените тешкотии, па дури и стареењето ни создаваа големи грижи. Но, Јехова секогаш беше со нас“. Тие можат да кажат без трошка сомнеж дека службата за Јехова е најубавото и најблагородното нешто кое некој би можел да го прави * (Проп. 12:13).

12. Што е потребно за да се држиш секогаш за Божјите мерила? Наведи некои примери од твоето собрание.

12 Исус им го рекол следново на своите ученици: „Ако вашата вера е голема само колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму‘, и ќе се премести. И ништо нема да ви биде невозможно“ (Мат. 17:20). Ќе се држиш ли за Божјите мерила и тогаш кога тоа нема да биде лесно? Ако не си сигурен како би постапил, разговарај со други членови на собранието. Твојата вера сигурно ќе се зајакне кога ќе слушнеш како Јехова им помагал.

Да ја цениме духовната храна од Јехова

13. Во што можеме да бидеме сигурни ако даваме сѐ од себе во службата за Јехова?

13 Ако ја цениш честа да му служиш на Јехова, можеш да бидеш сигурен дека тој ќе се грижи за твоите материјални и духовни потреби, исто како што се грижел за левитите. Размисли за Давид. Иако бил во пештера, тој бил уверен дека Бог ќе му помогне. И ти можеш да се потпреш на Јехова дури и кога ќе ти се чини дека си во безизлезна ситуација. Сети се, кога Асаф дошол во „величественото светилиште на Бог“, почнал исправно да гледа на она што го вознемирувало (Пс. 73:17). На сличен начин, и ние треба да се свртиме кон Јехова, кој е Изворот на нашата духовна храна. Така ќе покажеме дека ја цениме честа да му служиме без оглед на нашите околности и дека Тој е нашето наследство.

14, 15. Како треба да реагираме кога ќе добиеме појаснување на некои стихови, и зошто?

14 Како реагираш кога Јехова, Изворот на духовното просветлување, ги разјаснува „Божјите длабочини“ кои се запишани во Библијата? (1. Кор. 2:10-13). Апостол Петар ни дал добар пример со начинот на кој постапил во една прилика, кога Исус рекол: „Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, немате живот во себе“. Бидејќи помислиле дека зборува за своето дословно тело и крв, многу од учениците рекле: „Овие зборови се тешки! Кој може да ги слуша?“ Поради тоа ‚се вратиле на она што го оставиле‘. За разлика од нив, Петар му рекол на Исус: „Господару, кај кого да одиме? Ти ги имаш зборовите на вечниот живот!“ (Јован 6:53, 60, 66, 68).

15 И Петар не го разбрал во потполност она што го кажал Исус. Сепак, имал доверба дека со текот на времето Бог ќе ги разјасни работите. Кога Јехова ќе пушти поголема светлина и ќе дојде до појаснување на некоја вистина, дали се трудиш да сфатиш кои се библиските причини за тоа? (Изр. 4:18). Веријците што живееле во првиот век ја примиле речта ‚многу горливо и секој ден ги истражувале Писмата‘ (Дела 17:11). Ако го следиме нивниот пример, уште повеќе ќе ја цениме честа што му служиме на Јехова и што го имаме за свое наследство.

Да стапиме во брак само во Господарот

16. Како ќе покажеме дека Бог е наше наследство во врска со заповедта од 1. Коринќаните 7:39?

16 Друг начин на кој можеме да покажеме дека ни е важна Божјата волја е така што ќе го послушаме библискиот совет да стапиме во брак „само во Господарот“ (1. Кор. 7:39). Многумина одлучиле да останат сами наместо да ја прекршат оваа заповед. Бог љубезно се грижи за нив. Што направил Давид кога се чувствувал осамен и навидум немало кој да му помогне? Тој рекол: „Пред [Бог] ја излевав својата загриженост, пред него зборував за својата мака, кога премале духот во мене“ (Пс. 142:1-3). Веројатно со слични чувства се борел и пророкот Еремија, кој со децении му служел на Бог како самец. Можеш да проучуваш нешто за тоа во 8. поглавје од книгата Еремија и Божјата порака за нас.

17. Што ѝ помага на една немажена сестра кога се чувствува осамено?

17 „Никогаш не донесов одлука да останам немажена“, вели една сестра од САД. „Немам ништо против да стапам во брак ако ја сретнам вистинската личност. Мајка ми, која не е Сведок, се обидуваше да ме убеди да се омажам за секој што ќе покажеше некаков интерес. Ја прашав дали е спремна да живее со чувство на вина ако имам лош брак. Со текот на времето, таа увиде дека имам добра работа, дека можам да се грижам за себе и дека сум среќна. На крајот, престана да ми врши притисок“. Оваа сестра понекогаш се чувствува осамено. „Во тие моменти, се трудам да се потпрам на Јехова“, вели таа. „Тој никогаш не ме заборава.“ Што ѝ помага да има доверба во него? „Молитвата ме прави свесна дека Бог е реален и дека, всушност, никогаш не сум сама. Највишиот во вселената ме слуша — тогаш, како да не се чувствувам ценета и радосна?“ Уверена дека „повеќе усреќува давањето отколку примањето“, таа вели: „Се трудам да се трошам за другите и не очекувам ништо за возврат. Секогаш кога ќе помислам: ‚Како можам да ѝ помогнам на оваа личност?‘, чувствувам длабока радост“ (Дела 20:35). Оваа сестра навистина го смета Јехова за свое наследство и со задоволство му служи.

18. Како можеш да бидеш Јеховино наследство?

18 Сеедно во каква ситуација ќе се најдеш, можеш да покажеш дека Бог е твое наследство. Ако го правиш тоа, ќе бидеш негов среќен слуга (2. Кор. 6:16, 17). Всушност, така ти ќе можеш да бидеш Јеховино наследство, како што било случај со другите Божји слуги во минатото. (Прочитај 5. Мојсеева 32:9, 10.) Исто како што Израел бил Божје наследство меѓу народите, тој и тебе ќе те смета за свој и со љубов ќе те чува (Пс. 17:8).

[Фуснота]

Како би одговорил?

Како можеш да покажеш дека Јехова е твое наследство со тоа што...

• ќе го бараш најнапред Божјето Царство и неговата праведност?

• ќе ја цениш духовната храна?

• ќе ја послушаш Божјата заповед да стапиш во брак само во Господарот?

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 13]

Јехова станува наше наследство кога службата за него ја ставаме на прво место

[Слика на страница 15]

Примерот на Еремија може да нѐ охрабри