Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Јехова те познава?

Дали Јехова те познава?

Дали Јехова те познава?

„Јехова ги познава оние што се негови“ (2. ТИМ. 2:19)

1, 2. а) Што му било важно на Исус? б) Кои прашања треба да си ги поставиме?

ЕДНАШ еден фарисеј дошол кај Исус и го прашал: „Која е најголемата заповед во Законот?“ А тој му одговорил: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ (Мат. 22:35-37). Исус навистина живеел во склад со тие зборови — тој многу го сакал својот небесен Татко. Освен тоа, му било важно што мисли Јехова за него и го покажал ова со својот живот. Кратко пред да умре, Исус со право можел да каже дека му бил послушен на Бог во сѐ и поради тоа ја зачувал Неговата љубов (Јован 15:10).

2 Денес многумина тврдат дека го сакаат Бог. Се разбира, и ние го велиме тоа. Но, важно е да се прашаме: ‚Дали Бог ме познава? Што мисли тој за мене? Дали ме признава како свој пријател?‘ (2. Тим. 2:19). Колкава чест е што можеме да имаме близок однос со Севишниот Господар на целата вселена!

3. Зошто на некои им е тешко да веруваат дека можат да имаат близок однос со Јехова? Што може да им помогне да се изборат со таквите чувства?

3 Но, на некои што многу го сакаат Јехова им е тешко да веруваат дека Бог ги познава како свои пријатели. Бидејќи се борат со чувства на безвредност, се прашуваат дали е можно да имаат близок однос со него. За среќа, Јехова не гледа така на нас (1. Сам. 16:7). Апостол Павле им го рекол следново на сохристијаните: „Ако некој го сака Бог, него Бог го познава“ (1. Кор. 8:3). Значи, за Бог да нѐ познава, многу е важно да го сакаме. Размисли: Зошто го читаш ова списание? Зошто се трудиш да му служиш на Јехова со сето срце, душа, ум и сила? Ако си му се заветувал и си се крстил, зошто си ги направил тие чекори? Библијата објаснува дека Јехова, кој ги испитува срцата, ги привлекува кон себе оние што се скапоцени во негови очи. (Прочитај Агеј 2:7; Јован 6:44.) Според тоа, разумно е да заклучиш дека му служиш затоа што тој те привлекол. Јехова никогаш нема да ги напушти оние што самиот ги привлекол ако тие му останат верни. Напротив, ги смета за скапоцени и многу ги сака (Пс. 94:14).

4. Зошто никогаш не смееме да изгубиме од вид колку е скапоцено нашето пријателство со Бог?

4 Откако Јехова нѐ привлекол, треба да правиме сѐ за да ја зачуваме неговата љубов. (Прочитај Јуда 20, 21.) Не заборавај, Библијата покажува дека е можно некој да биде одвлечен или да отстапи од Бог (Евр. 2:1; 3:12, 13). На пример, веднаш пред да ги каже зборовите запишани во 2. Тимотеј 2:19, апостол Павле ги спомнал Именеј и Филет. Тие двајца очигледно му служеле на Јехова некое време, но подоцна отстапиле од вистината (2. Тим. 2:16-18). Освен тоа, и во собранијата во Галатија имало христијани што Бог ги познавал, но кои не останале во вистината (Гал. 4:9). Никогаш да не изгубиме од вид колку е скапоцено нашето пријателство со Бог!

5. а) Наведи некои особини што Бог ги цени. б) Кои примери ќе ги разгледаме?

5 Има некои особини што Јехова особено ги цени (Пс. 15:1-5; 1. Пет. 3:4). Две од нив се верата и понизноста. Да видиме како овие особини им помогнале на двајца луѓе да му бидат мили на Јехова. Ќе го разгледаме и примерот на еден човек што бил уверен дека Бог го познава, но се возгордеал, и поради тоа Јехова го отфрлил. Ќе извлечеме важни поуки од нивните примери.

Татко на сите што имаат вера

6. а) Што направил Авраам затоа што имал вера во Јеховините ветувања? б) Во која смисла Јехова го познавал Авраам?

6 Авраам ‚покажал вера во Јехова‘. Всушност, тој е наречен „татко на сите што веруваат“ (1. Мој. 15:6, фус.; Рим. 4:11). Авраам со вера го оставил својот дом, пријателите и удобниот живот, и заминал во далечна земја (1. Мој. 12:1-4; Евр. 11:8-10). Со години подоцна, тој сѐ уште имал силна вера. Ова станало јасно кога покажал дека е спремен да „го принесе Исак“, својот син, затоа што Јехова го побарал тоа од него (Евр. 11:17-19). Авраам покажал вера во Јеховините ветувања, и затоа бил посебен за Бог. Јехова навистина го познавал овој човек. (Прочитај 1. Мојсеева 18:19.) Тој не бил само свесен дека Авраам постои, туку го сакал како свој драг пријател (Јак. 2:22, 23).

7. Што знаел Авраам во врска со Јеховините ветувања, и како ја покажал својата вера?

7 Вреди да се забележи дека до крајот на својот живот Авраам не ја добил во наследство земјата што му ја ветил Јехова. Освен тоа, не дочекал да види како неговото потомство се ‚намножува како зрнцата песок на морскиот брег‘ (1. Мој. 22:17, 18). Иако Авраам не го видел со свои очи исполнувањето на овие ветувања, неговата вера во Јехова останала цврста. Тој знаел дека, штом Бог ветува нешто, сигурно ќе го исполни. Авраам живеел во склад со својата вера. (Прочитај Евреите 11:13.) Дали Јехова нѐ познава како луѓе што имаат вера слична на верата на Авраам?

Покажи вера со тоа што ќе го чекаш Јехова

8. Какви желби имаат многу луѓе?

8 Можеби и ние со душа чекаме да ни се исполнат некои желби. Не е погрешно човек да сака да стапи во брак, да има деца и добро здравје. За жал, денес мнозина не го добиваат она што го посакуваат. Ако тоа е случај и со нас, начинот на кој се справуваме со ситуацијата може да открие колку е силна нашата вера.

9, 10. а) Како некои решиле да ги исполнат своите желби? б) Што мислиш ти за исполнувањето на Божјите ветувања?

9 Би било немудро да се обидеме да си ги исполниме ваквите желби постапувајќи спротивно на Божјите упатства. Тоа би можело да го наруши нашиот однос со Јехова. На пример, некои избрале да се лекуваат на начини кои се спротивни на советите дадени во Библијата. Други прифатиле вработување кое ги спречува да поминуваат време со семејството или да одат на собраниските состаноци. Трети, пак, започнале врска со некој што не му служи на Бог. Ако еден христијанин постапува на ваков начин, дали навистина сака Јехова да го познава како свој пријател? Како ќе се чувствувал Јехова ако Авраам станал нестрплив и решел да не чека Бог да ги исполни ветувањата што му ги дал? Што ако одлучел да ги земе работите во свои раце и престанел да живее во шатори и да се сели од место во место? Што ако решел да си стекне славно име наместо да го чека Јехова? (Спореди со 1. Мојсеева 11:4.) Дали Бог и понатаму ќе го сметал за свој пријател?

10 Кои желби сѐ уште не ти се исполнети тебе? Дали имаш доволно силна вера и понатаму да го чекаш Јехова, кој ветува дека ќе ‚ја задоволи желбата на сѐ што е живо‘? (Пс. 145:16). Некои Божји ветувања можеби нема да се исполнат толку брзо како што би сакале. Сепак, ако продолжиме да живееме на начин со кој покажуваме дека имаме вера како што имал Авраам, Јехова нема да нѐ заборави и сигурно ќе нѐ награди (Евр. 11:6).

Разлика меѓу понизноста и гордоста

11. Какви благослови и задачи добил Кореј низ годините, и што покажувало тоа во врска со неговиот став кон Бог?

11 Ќе ги разгледаме примерите на Мојсеј и Кореј, двајца луѓе кои постапиле сосема спротивно. Тоа ќе ни помогне да сфатиме дека она што Јехова го мисли за нас зависи од тоа колку ги почитуваме неговите одлуки и начинот на кој Тој ги води работите. Кореј бил левит од синовите на Кат, и добил многу благослови во својот живот. Без сомнение, тој со свои очи го видел она што го направил Јехова за да го избави својот народ преку Црвеното Море. Освен тоа, најверојатно бил меѓу оние што ја извршиле Божјата пресуда над непослушните Израелци во подножјето на планината Синај, а помагал и кога се пренесувал ковчегот на сојузот (2. Мој. 32:26-29; 4. Мој. 3:30, 31). Очигледно, Кореј со години верно му служел на Јехова, и поради тоа многу Израелци го ценеле.

12. Како гордоста на Кореј влијаела врз неговото пријателство со Јехова? (Види ја сликата на 28. страница.)

12 Но, додека патувале кон Ветената земја, Кореј почнал да мисли дека на Божјиот народ му фали исправно водство и сакал да направи промени. И 250 други поглавари му се придружиле во тоа. Тие сигурно биле убедени дека имаат добар однос со Јехова. Затоа му рекле на Мојсеј: „Доста беше! Зашто, целата заедница е света, сите во неа, и Јехова е меѓу нив“ (4. Мој. 16:1-3). Колку само биле горди и самоуверени! Мојсеј им рекол: „Јехова ќе покаже кој е негов“. (Прочитај 4. Мојсеева 16:5.) До крајот на следниот ден, Кореј и сите други кои се побуниле биле мртви (4. Мој. 16:31-35).

13, 14. Како Мојсеј покажал дека е понизен?

13 За разлика од Кореј, Мојсеј бил „многу кроток човек, најкроткиот од сите луѓе на земјата“ (4. Мој. 12:3). Тој покажал дека е кроток и понизен со тоа што бил решен да прави сѐ како што му заповедал Јехова (2. Мој. 7:6; 40:16). Нема никаков показател дека Мојсеј често приговарал на начинот на кој Јехова ги водел работите ниту, пак, дека се лутел затоа што морал да постапува според упатствата кои му ги давал Бог. На пример, Јехова му дал многу детални упатства во врска со изработката на светиот шатор. Дури кажал каква да биде бојата на преѓата и колку точно петелки да има на платната за шаторот (2. Мој. 26:1-6). Можеби ти понекогаш се нервираш ако некој брат кој служи како надгледник во Божјата организација ти дава упатства кои ти се чинат премногу детални. Но, размисли за следново: Јехова, како совршен надгледник, великодушно им дава задачи на своите слуги и има доверба дека добро ќе ги завршат. Тогаш, логично е да се заклучи дека, кога сепак дава детални упатства за некоја работа, сигурно има добра причина за тоа. Но, забележи дека Мојсеј не се лутел што Јехова му дал толку детални упатства. Тој не сметал дека Бог го потценува или не му дава слобода да ја употреби својата креативност. Напротив, Мојсеј се погрижил оние што го изработувале шаторот да направат сѐ „токму така“ како што заповедал Јехова (2. Мој. 39:32). Колку бил понизен! Мојсеј знаел дека тоа е Јеховино дело и дека Бог едноставно го користи него за да го изврши.

14 Мојсеј покажал дека е понизен и кога му се случувале лоши работи од кои лично бил погоден. Во една прилика, кога народот се жалел дека нема вода, тој изгубил самоконтрола и пропуштил да му оддаде слава на Бог. Како резултат на тоа, Јехова му кажал дека нема да му дозволи да го доведе народот во Ветената земја (4. Мој. 20:2-12). Заедно со брат му, Арон, Мојсеј со години го трпел незадоволното мрморење на Израелците. А на крајот, само поради таа една грешка, немало да го добие она што толку долго го очекувал! Како реагирал? Се разбира, бил разочаран. Сепак, понизно ја прифатил Јеховината одлука. Знаел дека Јехова е праведен Бог кај кого нема никаква неправда (5. Мој. 3:25-27; 32:4). Денес Мојсеј ни е познат како човек кого Јехова многу добро го познавал. (Прочитај 2. Мојсеева 33:12, 13.)

Потребна е понизност за да му се подложиме на Јехова

15. Што учиме од постапките на горделивиот Кореј?

15 Ако сакаме Јехова да нѐ познава како свои пријатели, многу е важно исправно да реагираме на промените во меѓународното христијанско собрание и на одлуките што ги носат оние кои предводат. Кореј и оние што му се придружиле во побуната го изгубиле своето пријателство со Бог затоа што биле претерано самоуверени, горди и не покажале вера. Иако на Кореј му се чинело дека остарениот Мојсеј е тој што одлучува за сѐ, всушност, Јехова го водел народот преку него. Кореј го изгубил ова од вид и не покажал лојалност кон оние што ги користел Бог. Ќе било многу подобро да чекал Јехова да ги разјасни работите или да направи промени ако навистина имало потреба од такво нешто. На крајот, поради својата гордост и бунтовни постапки, Кореј си го уништил доброто име што си го имал стекнато кај Бог!

16. Зошто е важно да бидеме понизни како Мојсеј?

16 Овој извештај содржи сериозно предупредување за старешините и за другите во собранието. И денес е потребна понизност за да го чекаме Јехова и да ги следиме упатствата од оние што се поставени да предводат. Дали покажуваме дека сме понизни и кротки како Мојсеј? Дали признаваме дека Јехова ги користи одговорните браќа за да нѐ предводи, и дали се подложуваме на упатствата што ги добиваме преку нив? Дали успеваме да не мислиме само на своите чувства кога ќе се разочараме? Ако да, тогаш Јехова ќе нѐ смета за свои пријатели. Тој уште повеќе ќе нѐ сака затоа што сме понизни и подложни.

Јехова ги познава оние што се негови

17, 18. Што ќе ни помогне и понатаму да останеме Јеховини пријатели?

17 Добро е да размислуваме за оние што Јехова ги сакал и ги познавал како свои пријатели. Авраам и Мојсеј биле несовршени и имале маани, исто како што имаме и ние. Сепак, Јехова ги познавал како свои пријатели. Но, од примерот на Кореј гледаме дека е можно да отстапиме од Јехова и поради тоа да го изгубиме своето пријателство со него. Добро е секој од нас да се праша: ‚Што мисли Јехова за мене? Што можам да научам од овие библиски примери?‘

18 Многу е утешно што знаеме дека Јехова ги смета за свои пријатели верните лица кои ги привлекол кон себе. Затоа, труди се и понатаму да покажуваш вера, понизност и други особини што ќе ти помогнат да му станеш уште помил на Бог. Голема чест е Тој да нѐ познава како свои пријатели. Тоа ни причинува голема радост уште сега и ќе ни донесе прекрасни благослови во иднина (Пс. 37:18).

Се сеќаваш ли?

• Што значи тоа Јехова да те познава?

• Како можеш да покажеш вера слична како верата на Авраам?

• Кои поуки можеме да ги извлечеме од Кореј и од Мојсеј?

[Прашања]

[Слика на страница 26]

Дали и ние, исто како Авраам, имаме вера дека Јехова ќе ги исполни сите свои ветувања?

[Слика на страница 28]

Кореј не бил спремен понизно да се подложи на упатствата

[Слика на страница 29]

Дали Јехова те познава како човек кој понизно се подложува на упатствата?