Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како татковците да останат блиски со своите синови?

Како татковците да останат блиски со своите синови?

Како татковците да останат блиски со своите синови?

„ТАТО, од каде знаеш толку многу?“ Дали синчето некогаш те изненадило со вакво прашање? Во тие моменти веројатно си бил горд што си татко. А ако син ти послушал некој твој совет и тоа дало добри резултати — срцето сигурно ти играло од радост * (Изреки 23:15, 24).

Но, дали син ти сѐ уште ти се восхитува како порано? Или, пак, ти се чини дека, како што расте, восхитот некако почнува да му спласнува? Како да останеш близок со него додека од момче станува маж? Најпрво, да разгледаме неколку работи што им отежнуваат на татковците да бидат блиски со синовите.

Три главни пречки

1. НЕДОСТИГ НА ВРЕМЕ: Во многу земји, главниот товар околу издршката на семејството паѓа на татковците. Често се случува поголемиот дел од денот да бидат на работа. Во некои места, татковците поминуваат многу малку време со своите деца. На пример, една неодамнешна анкета откри дека татковците во Франција во просек минуваат помалку од 12 минути дневно со своите деца.

РАЗМИСЛИ: Колку време поминуваш ти со својот син? Во текот на наредната седмица или две, запишувај колку време си поминал со него секој ден. Бројките може да те изненадат.

2. ЛОШ ПРИМЕР: Кога биле деца, некои мажи многу ретко го гледале својот татко. „Ми фалеше комуникација со татко ми“, вели Жан-Мари, кој живее во Франција. Како се одразило тоа врз него? „Наидувам на проблеми на какви што не ни помислував“, вели тој. „На пример, не знам како да разговарам со моите синови.“ Во други случаи, некои минувале време со своите татковци, но не биле блиски со нив. Филип (43) вели: „Татко ми не знаеше да покаже дека ме сака. Затоа, сега јас морам свесно да се трудам да му покажувам на син ми дека го сакам“.

РАЗМИСЛИ: Дали односот што си го имал со татко ти влијае врз начинот на кој се однесуваш со својот син? Забележуваш ли дека некои работи, било добри било лоши, ги правиш исто како татко ти? Што мислиш, зошто е така?

3. ПОГРЕШНА СЛИКА: Во некои култури се смета дека таткото не треба да има голем удел во воспитувањето на децата. „Таму каде што пораснав“, вели Лука, кој се родил во една западноевропска земја, „луѓето мислат дека чувањето деца е женска работа“. Во други култури, таткото има задача само да ги кара децата и ништо повеќе. На пример, Џорџ, кој израснал во една африканска земја, вели: „Пораснав во место каде што татковците никогаш не си играат со децата од страв дека поради тоа ќе бидат помалку почитувани. Затоа, чудно ми е кога сум со син ми и не знам што да правам кога сме заедно“.

РАЗМИСЛИ: Каква е улогата на таткото во местото каде што живееш? Дали чувањето деца се смета за женска работа? Дали е во ред татковците да покажуваат љубов и нежност кон своите синови или, пак, се мисли дека тоа е нешто чудно?

Што можеш да направиш ако некоја од овие работи те спречува и тебе да бидеш близок со син ти? Еве неколку предлози.

Почни додека е малечок

Изгледа дека синовите се раѓаат со желба да бидат како своите татковци. Искористи ја таа желба уште додека детето е мало. Како? И кога да најдеш време за да бидеш со него?

Секогаш кога е можно, биди со син ти и вклучи го во она што го правиш. На пример, нека ти помага кога работиш низ дома. Набави му метличка или лопатка. Сигурно ќе биде радосен што работи заедно со тато — оној што за него е најдобар во сѐ! Можеби ќе ти треба повеќе време за да ја завршиш работата, но така ќе се зближите и ќе го научиш да стане вреден. Уште многу одамна, Библијата ги поттикнала татковците да ги вклучат децата во секојдневните активности и да ја користат секоја прилика за да разговараат со нив и да ги поучуваат (5. Мојсеева 6:6-9). Овој совет важи и денес.

Освен што ќе работите заедно, одвој време и за да си играте. Играњето не е само време за забава. Истражувањата покажале дека, кога татковците си играат со децата, им помагаат да станат порешителни и похрабри личности.

Играњето има уште една многу поважна улога. „Преку играта“, вели социологот Мишел Физ, „детето најдобро комуницира со таткото.“ Во текот на играта, таткото може да му покаже на своето синче дека го сака и со зборови и на дело. Така го учи и него да го прави истото. „Кога син ми беше мал“, вели Андре од Германија, „често си игравме. Многу го гушкав, па така и тој научи да покажува љубов.“

Навечер, кога детето си легнува, имаш уште една прилика да се зближиш со него. Редовно читај му приказни и слушај додека ти ги раскажува добрите и лошите работи што му се случиле дента. На тој начин ќе му биде полесно да продолжи да разговара со тебе и додека расте.

Развивај интерес за заеднички работи

На некои тинејџери изгледа како ни најмалку да не им значи тоа што таткото се труди да комуницира со нив. Ако ти се чини дека син ти избегнува да одговори кога ќе го прашаш нешто, немој веднаш да заклучиш дека за ништо не сака да зборува со тебе. Можеби ќе си го отвори срцето ако го смениш начинот на кој разговараш со него.

На Жак од Франција понекогаш не му било лесно да разговара со својот син, Жером. Но, наместо со сила да го тера да зборува, тој решил да го смени својот пристап — почнале заедно да играат фудбал. „Кога ќе се изморевме“, вели Жак, „ќе седневме на тревата за да се одмориме малку. Обично во тие моменти син ми почнуваше да зборува. Самото тоа што бевме заедно, без други луѓе околу нас, ни помогна повеќе да се зближиме.“

Но, што ако твојот син не сака спорт? Андре со задоволство се сеќава на миговите што ги поминале заедно додека ги набљудувале ѕвездите. „Ќе изнесевме столчиња надвор и ќе седневме на свежиот вечерен воздух“, вели Андре. „Потоа, ќе се завиткавме во ќебенца за да не ни студи и, со филџан топол чај в рака, ќе го вперевме погледот во ноќното небо. Си зборувавме за Оној што ги создал ѕвездите. А си зборувавме и за лични работи. Едноставно, си зборувавме за сѐ“ (Исаија 40:25, 26).

Но, што ако тебе не те интересираат истите работи што го интересираат твојот син? Тогаш, можеби ќе треба да ги жртвуваш личните желби (Филипјаните 2:4). „Јас многу повеќе сакав спорт отколку син ми Вон“, вели Ијан, кој живее во Јужноафриканската Република. „Тој сакаше компјутери и авиони. Затоа, почнав и јас да учам по нешто за тие работи. Го носев на аеромитинзи и игравме на компјутер игри со симулатор за летање. Мислам дека поради тоа што и двајцата правевме работи што ги сакаше, Вон се чувствуваше послободен да зборува со мене.“

Гради ја неговата самодоверба

„Види, тато, види!“ Дали и твоето синче ти рекло така кога за првпат успеало во некоја работа? Ако сега е во тинејџерските години, дали сѐ уште толку искрено бара пофалба од тебе? Можеби не. Сепак, биди сигурен дека му е потребно да го пофалиш за да порасне во стабилна личност.

Забележи како постапил Јехова Бог со еден од своите синови. Кога Исус требало да почне со една посебна фаза од својот живот на Земјата, Бог јавно ги изразил своите чувства кон него со зборовите: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!“ (Матеј 3:17; 5:48). Точно, ти имаш обврска да го исправаш и да го поучуваш твојот син (Ефешаните 6:4). Но, дали бараш прилики и да го пофалиш кога ќе каже или ќе направи нешто добро?

На некои мажи им е многу тешко да пофалат некого или да покажат дека го сакаат. Можеби пораснале во семејство каде што родителите повеќе ги истакнувале нивните грешки отколку нивните успеси. Ако тоа е случај и со тебе, ќе мора свесно да вложуваш труд за ја изградиш самодовербата на син ти. Како да го направиш тоа? Кога треба да заврши некоја работа низ дома, Лука го прави тоа заедно со својот 15-годишен син, Мануел. Лука вели: „Понекогаш се договараме Мануел да почне со работата и да ме викне ако му затребам. Најчесто успева сам да ја заврши работата. Така чувствува задоволство и му се зголемува самодовербата. Кога добро ќе заврши нешто, секогаш го пофалувам. Но, дури и кога не му оди онака како што очекувал, јас го пофалувам за неговиот труд“.

Можеш да му ја изградиш самодовербата на својот син и со тоа што ќе му помогнеш да оствари некои поголеми цели во животот. Но, што ако некои од целите ги остварува побавно отколку што би сакал ти? Или, што ако си поставил цели што не се лоши, но се поинакви од оние што ти би ги избрал за него? Тогаш, можеби ќе треба да ги смениш своите очекувања. Жак, цитиран погоре, вели: „Му помагам на син ми да си постави цели што ќе може да ги оствари. Цели што ќе бидат негови, а не мои. Постојано се потсетувам дека целите треба да ги оствари со свое темпо“. Ако си спремен да ги сослушаш мислењата на син ти, ако го пофалуваш за тоа што го прави и ако го храбриш да продолжи и покрај неуспесите, ќе му помогнеш да ги оствари целите што си ги поставил.

Реално кажано, во вашиот однос ќе има тешки и напнати моменти. Но, на долги патеки, син ти најверојатно ќе сака да биде близок со тебе. На крајот на краиштата, кој не сака да биде близок со оној што му помага да успее во животот?

[Фуснота]

^ пас. 2 Иако во оваа статија главно се зборува за односот меѓу татковците и синовите, начелата изнесени во неа се однесуваат и на односот меѓу татковците и ќерките.