Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Не потпирај се на сопствениот разум“

„Не потпирај се на сопствениот разум“

„Не потпирај се на сопствениот разум“

„Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум“ (ИЗР. 3:5)

1, 2. а) Со какви ситуации можеби ќе се соочиме? б) На кого треба да се потпираме кога ќе се соочиме со неволја, кога ќе донесуваме одлуки или кога ќе се бориме против некое искушение, и зошто?

РАБОТОДАВАЧОТ на Синтија * веќе отпуштил некои работници од фирмата. Сега таа се плаши дека и самата ќе ја изгуби работата. Што ќе прави ако се случи такво нешто? Како ќе ги плати сметките? Една христијанка која се вика Памела сака да се пресели во место каде што има поголема потреба од објавители на Царството, но се прашува дали да го стори тоа. Еден младич по име Самоил си има друг проблем. Бидејќи гледал порнографија уште како мал, сега, на 20-ина години, е на големо искушение повторно да ѝ се врати на таа лоша навика. Како да му се спротивстави на искушението?

2 На кого се потпираш ти кога се соочуваш со неволји, кога донесуваш важни одлуки или кога се бориш против некое искушение? Дали само на себеси или, пак, го ‚фрлаш своето бреме на Јехова‘? (Пс. 55:22). Библијата вели: „Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови го слушаат нивниот повик за помош“ (Пс. 34:15). Според тоа, навистина е многу важно да имаме доверба во Јехова со сето срце и да не се потпираме на сопствениот разум! (Изр. 3:5).

3. а) Како можеме да покажеме доверба во Јехова? б) Зошто некои се потпираат на својот разум?

3 Ако со сето срце имаме доверба во Јехова, ќе ги правиме работите на негов начин, во склад со неговата волја. Тоа значи дека мора постојано да го молиме да ни помага и да нѐ води. Сепак, на мнозина им е тешко да се потпираат на Јехова со сето срце. На пример, една христијанка по име Лин признава: „Морам да вложувам голем напор за да имам целосна доверба во Јехова“. Зошто? Таа вели: „Со татко ми немам никаков контакт, а мајка ми не се грижеше за мене ниту во материјален ниту во емоционален поглед. Затоа многу брзо научив сама да се грижам за себе“. Поради тоа, на Лин ѝ е тешко да има целосна доверба во некого. Други, пак, се потпираат на себеси затоа што се способни и успешни. На пример, некој старешина со долгогодишно искуство би можел да почне да ги извршува собраниските одговорности без пред тоа да му се моли на Бог.

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Јехова очекува искрено да се трудиме да постапуваме во склад со нашите молитви и да го следиме неговото водство. Тогаш, како ќе знаеме што треба да направиме ние кога решаваме некој тежок проблем, а што треба да оставиме во Јеховини раце? На што треба да внимаваме кога донесуваме одлуки? Зошто е важно да се молиме кога се бориме против некое искушение? За да одговориме на овие прашања, ќе разгледаме некои примери од Библијата.

Кога сме во неволји

5, 6. Што направил Езекија кога асирскиот цар се подготвувал да го нападне?

5 Во врска со јудејскиот цар Езекија, Библијата вели: „Цврсто се држеше за Јехова и не отстапи од него, туку ги држеше заповедите кои Јехова му ги даде на Мојсеј“. Да, ‚тој имал доверба во Јехова, Богот на Израел‘ (2. Цар. 18:5, 6). Во една прилика асирскиот цар Сенахирим ги испратил во Ерусалим рапшакот и други претставници заедно со силна војска. Моќната асирска војска веќе освоила повеќе утврдени градови во Јуда, и Сенахирим сега се подготвувал да го нападне Ерусалим. Што направил Езекија? Отишол во Јеховиниот дом и почнал да се моли: „Јехова, Боже наш, те молам, избави нѐ од неговата рака, за да спознаат сите царства на земјата дека ти, Јехова, си единствениот Бог“ (2. Цар. 19:14-19).

6 Езекија постапил во склад со својата молитва. Уште пред да отиде во храмот за да се моли, тој им заповедал на своите луѓе да не одговараат на подбивањето на рапшакот. Освен тоа, испратил неколку дворјани кај пророкот Исаија за да побараат совет од него (2. Цар. 18:36; 19:1, 2). Езекија направил сѐ што можело да се направи, но притоа не се обидел да најде решение кое би било спротивно на Јеховината волја, на пример, да побара помош од Египет или од соседните народи. Наместо да се потпира на својот разум, Езекија покажал доверба во Јехова. Откако еден Јеховин ангел убил 185.000 луѓе од војската на Сенахирим, овој цар се вратил во Ниневија (2. Цар. 19:35, 36).

7. Како можат да нѐ утешат молитвите на Ана и на Јона?

7 Ана, жената на левитот Елкана, исто така се потпирала на Јехова кога ѝ било многу тешко што немала дете (1. Сам. 1:9-11, 18). Пророкот Јона не го послушал Јехова и поради тоа бил проголтан од голема риба. Но, од утробата на рибата тој се молел: „Во својата неволја го повикав Јехова, и тој ме услиши. Од утробата на гробот повикав за помош. Ти го чу мојот глас“ (Јона 2:1, 2, 10). Многу е утешно што знаеме дека сеедно колку е тешка нашата ситуација, можеме да го молиме Јехова да ни помогне. (Прочитај Псалм 55:1, 16.)

8, 9. За кои важни работи се молеле Езекија, Ана и Јона, и што учиме од тоа?

8 Од Езекија, Ана и Јона учиме нешто многу важно — за што треба да се молиме кога сме во неволја. Иако сите тројца чувствувале силна душевна болка кога се нашле во тешки ситуации, од нивните молитви се гледа дека не биле загрижени само за себе и за своите проблеми. За нив било најважно да го посветат Божјето име, да му служат на Бог на исправен начин и да ја вршат неговата волја. На Езекија му било тешко затоа што било срамотено Јеховиното име. Ана му ветила на Бог дека ќе го даде синот што толку многу го посакувала за да му служи во светиот шатор во Сило. А Јона рекол: „Сѐ што заветував, ќе исполнам“ (Јона 2:9).

9 Кога го молиме Јехова да нѐ избави од некоја неволја, мудро е да се преиспитаме зошто го бараме тоа од него. Дали ни е најважно само да ни се реши проблемот или мислиме и на Јехова и на неговата намера? Ако страдаме, толку може да се преокупираме со нашата ситуација што ќе заборавиме на духовните работи. Кога го молиме Бог за помош, треба да мислиме на него и на тоа колку е важно да се посвети неговото име и да се потврди неговото право да биде Севишен Владетел. Тоа ќе ни помогне да останеме позитивни дури и ако проблемот не се реши онака како што би сакале ние. Можеби Бог нема да ни ја отстрани неволјата, туку ќе ни одговори на молитвите така што ќе ни ја даде потребната сила за да истраеме. (Прочитај Исаија 40:29; Филипјаните 4:13.)

Кога донесуваме одлуки

10, 11. Што направил Јосафат кога се нашол во ситуација во која не знаел како да постапи?

10 Како донесуваш важни одлуки во животот? Дали можеби одлучуваш што ќе правиш, а потоа го молиш Јехова да ја благослови одлуката што си ја донел? Да видиме како постапил Јосафат, царот на Јуда, кога Моавците и Амонците завојувале со него. Јудејците не биле доволно силни за да им се спротивстават на непријателските војски. Што направил Јосафат?

11 Библијата вели: „Јосафат се уплаши од тоа, па почна да го бара Јехова“. Тој разгласил пост по целата земја и го собрал народот „за да бараат совет од Јехова“. Тогаш станал пред заедницата на Јуда и на Ерусалим и се помолил со следниве зборови: „Боже наш, зарем нема да им пресудиш? Зашто, ние сме немоќни пред ова големо мноштво што доаѓа против нас. Ние не знаеме што да правиме, но нашите очи се вперени во тебе“. Вистинскиот Бог ја слушнал молитвата на Јосафат и ги избавил со чудо (2. Лет. 20:3-12, 17). Кога донесуваме одлуки, особено такви што можат да влијаат врз нашата духовност, зарем не треба да се потпреме на Јехова наместо на својот разум?

12, 13. Како примерот на Давид може да ни помогне да донесуваме мудри одлуки?

12 Како треба да постапиме кога ќе се соочиме со проблеми кои ни се чини дека лесно може да ги решиме затоа што веќе сме биле во слична ситуација порано? Примерот на цар Давид ни помага да сфатиме што треба да правиме тогаш. Кога Амаличаните го опљачкале градот Сиклаг, со себе ги понеле жените и децата на Давид и на неговите луѓе. Давид го прашал Јехова: „Дали да појдам во потера по тие разбојници?“ А Јехова му одговорил: „Оди во потера, зашто ќе ги стигнеш и ќе ги избавиш заробените!“ Давид го послушал, и ‚ги избавил сите оние што биле грабнати од Амаличаните‘ (1. Сам. 30:7-9, 18-20).

13 Некое време по овој напад на Амаличаните, Филистејците се кренале против Израел. Давид пак го прашал Јехова што да прави и добил јасен одговор. Бог рекол: „Оди, зашто ќе ги предадам Филистејците во твои раце!“ (2. Сам. 5:18, 19). Кратко потоа, тие повторно сакале да го нападнат Давид. Што сторил овој пат? Можел да си рече: ‚Веќе двапати бев во слична ситуација. Ќе ги нападнам Божјите непријатели исто како и досега‘. Но, Давид не се потпрел на своето поранешно искуство, туку повторно му се помолил на Јехова. Колку мора да бил среќен што постапил така! Овој пат Јехова му дал поинакви упатства (2. Сам. 5:22, 23). Кога ќе се соочиме со слична ситуација или проблем, мора да внимаваме да не се потпираме само на своето искуство. (Прочитај Еремија 10:23.)

14. Што учиме од начинот на кој Исус Навин и старешините во Израел постапиле со Гаваонците?

14 Затоа што сме несовршени, сите ние — дури и искусните старешини — не смееме да заборавиме да го молиме Јехова за водство кога донесуваме одлуки. Да видиме како постапиле Исус Навин и старешините во Израел кога кај нив пристигнале итрите Гаваонци, кои се преправиле дека доаѓаат од далечна земја. Без да го прашаат Јехова за совет, Исус Навин и другите склучиле мир со Гаваонците и склопиле сојуз со нив. Иако на крајот го одобрил тој сојуз, Јехова се погрижил овој пропуст на Израелците да биде запишан во Библијата. Од тоа учиме дека треба секогаш да бараме водство од него пред да донесеме некоја одлука (Ис. Нав. 9:3-6, 14, 15).

Кога се бориме со некое искушение

15. Зошто е важно да се молиме за да му се спротивставиме на некое искушение?

15 Бидејќи со нашето тело владее „законот на гревот“, мора силно да се бориме против грешните склоности (Рим. 7:21-25). Но, можеме да победиме во оваа битка. Како? Исус им кажал на своите следбеници дека мора да се молат за да им се спротивстават на искушенијата. (Прочитај Лука 22:40.) Ако сѐ уште имаме погрешни желби или мисли дури и откако сме се молеле, треба и понатаму да бараме мудрост од Бог за да ги отфрлиме. Библијата нѐ уверува дека „тој им дава на сите великодушно и без прекорување“ (Јак. 1:5). Исто така, Јаков пишува: „Болен ли е некој меѓу вас [во духовен поглед]? Нека ги повика старешините од собранието, па тие нека се молат за него и нека го намачкаат со масло во името на Јехова. И молитвата упатена со вера ќе го оздрави болниот“ (Јак. 5:14, 15).

16, 17. Кое е најдобро време да се молиме кога ни треба помош да му се спротивставиме на некое искушение?

16 Иако е важно да се молиме за да не им подлегнеме на искушенијата, важно е и да се молиме во вистинското време. Размисли за она што му се случило на еден младич кој е спомнат во Изреки 7:6-23. Во квечерината, тој чекорел по улицата каде што знаел дека живее една неморална жена. Заведен од нејзините уверувања и слаткоречиви усни, тој тргнал по неа како што бик оди на колење. Зошто овој младич воопшто зачекорил по нејзината улица? Бидејќи ‚немал разборито срце‘, односно бил неискусен, очигледно се борел со погрешни желби (Изр. 7:7, фус.). Кога било вистинското време да се помоли? Се разбира, за да не му подлегне на искушението, ќе било добро да се помоли во било кој момент додека таа зборувала со него. Но, најдобро ќе било да му се моли на Бог уште кога првпат помислил да тргне по таа улица.

17 Денес некој може силно да се бори за да не гледа порнографија. Но, што ако отвора интернет страници каде што знае дека има неморални слики и видеоклипови? Зарем не би се нашол во слична ситуација како младичот спомнат во Изреки 7. поглавје? Тоа би било многу опасно! За да не попушти на искушението да гледа порнографија, тој треба да го моли Јехова за помош уште пред да отвори интернет страници што содржат таков опасен материјал.

18, 19. а) Зошто не е секогаш лесно да им се спротивставиме на искушенијата, но што ќе ни помогне да не им подлегнеме? б) На што си решен ти?

18 Не е лесно да им се спротивставиме на искушенијата или да престанеме со некои лоши навики. Апостол Павле напишал: „Телото со своите желби му се противи на духот, а духот му се противи на телото“. Затоа ‚не го правиме она што би сакале‘ (Гал. 5:17). За да се справиме со овој проблем, треба сесрдно да се молиме уште кога првпат ќе ни дојдат во умот погрешни мисли или желби, а потоа да постапуваме во склад со нашите молитви. „Не ве снајде друго искушение освен она што е вообичаено за луѓето“, вели Библијата и, со помош од Јехова, ќе можеме да му останеме верни (1. Кор. 10:13).

19 Молитвата е прекрасен и скапоцен дар од Јехова кој ќе ни помогне кога ќе се најдеме во неволји, кога треба да донесеме важна одлука или да му се спротивставиме на некое искушение. Кога се молиме, покажуваме дека се потпираме на Него. Освен тоа, треба да продолжиме да бараме свет дух од Бог за да нѐ води и да нѐ зајакнува (Лука 11:9-13). Затоа, да имаме доверба во Јехова и да не се потпираме на сопствениот разум.

[Фуснота]

^ пас. 1 Имињата се сменети.

Се сеќаваш ли?

• Што научи од Езекија, Ана и Јона во врска со довербата во Јехова?

• Како примерите на Давид и на Исус Навин ни покажуваат дека треба да сме внимателни кога донесуваме одлуки?

• Кога е најдобро да се молиме за да му се спротивставиме на некое искушение?

[Прашања]

[Слика на страница 9]

Кога е најдобро да се молиме за да не подлегнеме на некое искушение?