Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сакав да бидам како ќерката на Јефтај

Сакав да бидам како ќерката на Јефтај

Сакав да бидам како ќерката на Јефтај

Раскажала Џоана Соунс

Уште како тинејџерка, длабоко во себе имав силна желба да бидам како ќерката на Јефтај. Во која смисла? Да ви раскажам како еден ден навистина станав како неа.

ВО 1956 год., за првпат присуствував на еден конгрес на Јеховините сведоци во Бомбај (денешен Мумбај, Индија), кој од корен ми го смени животот. На тој конгрес силен впечаток ми остави еден говор во кој се зборуваше за ќерката на Јефтај.

Како што пишува во Библијата, ќерката на Јефтај, веројатно уште кога била тинејџерка, се согласила да остане немажена. Затоа, нејзиниот татко можел да го одржи ветувањето што го дал. Таа цел живот не се омажила и останала да служи во Јеховиниот дом, односно во светиот шатор (Судиите 11:28-40).

Колку многу посакував да бидам како неа! Но, имаше еден голем проблем — во тоа време беше спротивно на индиската култура една девојка да остане немажена.

Семејството во кое пораснав

Јас бев петтото од шесте деца на Бенџамин и Марселина Соунс од Удупи, град на западниот брег на Индија. Нашиот мајчин јазик е тулу, кој го зборуваат преку два милиона луѓе. Меѓутоа, како и повеќето деца во Удупи, се школувавме на јазикот канада.

Културата отсекогаш налагала да се стапи во брак и да се има деца. Не можам да се сетам дека, кога бев мала, на јазикот тулу нѐ учеа зборови за „неженет/немажена“, „осаменост“ или „носталгија“. За нас тие работи како да не постоеја. На пример, живеевме во иста куќа со баба ми и дедо ми, вујковците, тетките и братучедите!

Според традицијата, во општеството во кое живеевме децата се сметаа за дел од семејството на мајката. Семејната лоза се водеше по неа, а ќерките добиваа поголем дел од наследството. Во некои места каде што се зборуваше јазикот тулу, девојката продолжуваше да живее со својата мајка дури и откако ќе се омажеше, а нејзиниот сопруг стануваше домазет.

Бидејќи моите го прифатија христијанството, некои работи се променија. На пример, секоја вечер дедо ми се молеше пред целото семејство и наглас ја читаше Библијата на јазикот тулу. Секогаш кога ќе ја отвореше својата излитена Библија за да ни чита, беше како да отвора кутија со бисери. Колку бевме возбудени! Многу сакав да дознаам што значат зборовите од Псалм 23:1, каде што пишува: „Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува“. Се прашував: ‚Кој е тој Јехова, и зошто е наречен пастир‘?

Како да ми се отворија очите

Поради економската криза што настапи по Втората светска војна, моравме да се преселиме во Бомбај, кој беше оддалечен повеќе од 900 километри од нашиот дом. Таму, во 1945 год., двајца Јеховини сведоци го посетија татко ми и му дадоа една брошура која се темелеше на Библијата. Татко ми ја прочита во еден здив и ја впи нејзината порака исто како што сувата земја го впива дождот. Почна да им раскажува и на другите луѓе кои го зборуваа истиот јазик. Во 1950-тите, од една мала група беше оформено првото собрание на јазикот канада во Бомбај.

Татко ми и мајка ми нѐ научија со голема желба да ја проучуваме Библијата и вешто да ги поучуваме другите. Секој ден се молеа и проучуваа со нас (5. Мојсеева 6:6, 7; 2. Тимотеј 3:14-16). Еден ден додека ја читав Библијата, како да ми се отворија очите. Сфатив дека Јехова е спореден со пастир затоа што ги води, ги храни и ги штити своите слуги (Псалм 23:1-6; 83:18).

Јехова ме држеше за рака

Се крстив кратко по незаборавниот конгрес што се одржа во Бомбај во 1956 год. Шест месеци по крштавањето, и јас станав полновремен проповедник како мојот постар брат Прабакар. Иако многу сакав да им кажувам на другите за Библијата, секогаш кога ќе почнев да зборувам за моите верувања устата почнуваше да ми се суши. Јазикот ми се плеткаше и гласот ми трепереше. Си велев: ‚Ова може да го правам само со помош од Јехова‘!

Јехова ми помогна преку мисионерите Хомер и Рут Мекеј од Канада. Во 1947 год. тие ја завршија мисионерската школа на Јеховините сведоци, која се одржа во Њујорк (САД). Ме држеа за рака, така да се каже, додека несмасно ги правев првите чекори во службата. Со Рут редовно вежбавме презентации за служба од куќа до куќа. Таа добро знаеше како да ме смири. Држејќи ме за растреперените раце, ќе ми речеше: „Немој да се секираш. Ајде да пробаме на другата врата“. Нејзиниот успокојувачки глас ми влеваше сила.

Еден ден, дознав дека партнер во службата ќе ми биде Елизабета Чакранарајан, една постара сестра со големо искуство во поучувањето. Првото нешто на кое помислив беше: „Како ќе живеам со оваа сестра? Толку е постара од мене!“ Но, испадна дека таа беше партнерот што ми требаше.

„Никогаш не сме сами“

Нашата прва доделба беше Аурангабад, град со богата историја кој се наоѓа околу 400 километри источно од Бомбај. Брзо сфативме дека сме единствените Сведоци во град со близу еден милион жители. Освен тоа, морав да научам и маратски, јазик кој го зборуваат поголемиот број луѓе во градот.

Понекогаш се чувствував осамено, и како некое дете без мајка, ќе почнев да липам. Но, мајчинскиот глас на Елизабет ме охрабруваше. „Можеби понекогаш се чувствуваме осамено, ама никогаш не сме сами“, ќе ми речеше таа. „Иако си далеку од твоите пријатели и од твоето семејство, Јехова е секогаш со тебе. Ако се спријателиш со него, брзо ќе заборавиш на осаменоста.“ Нејзиниот совет го ценам до ден-денес.

Кога немавме пари за превоз, пешачевме и по 20 километри на ден, по прав и по кал, по студ и по жештина. На лето, температурата често достигнуваше и до 40°С. Во сезоната на монсуните, некои подрачја со месеци остануваа покриени со кал. Сепак, потешко ни беше да се справиме со гледиштата и обичаите на луѓето отколку со временските услови.

Жените не зборуваа со мажите на јавно место, освен ако не беа роднини, и жените ретко им кажуваа на мажите што да прават. Затоа, луѓето ни се смееја и нѐ навредуваа. Во првите шест месеци, на седмичните состаноци на кои се поучувавме за Библијата бевме присутни само ние две. Со текот на времето ни се придружија и други заинтересирани луѓе. Наскоро се оформи мала група. Некои дури почнаа да одат во служба со нас.

„Секогаш подобрувај се во работата“

По две и пол години, требаше да се преселиме во Бомбај. Елизабет продолжи со пионерската служба, а јас морав да му помагам на татко ми, кој во тоа време беше единствениот преведувач на нашата библиска литература на јазикот канада. Мојата помош му беше добредојдена бидејќи на свој грб носеше и многу одговорности во собранието.

Во 1966 год., моите родители се вратија во Удупи, градот во кој живеевме порано. Пред да замине од Бомбај, татко ми рече: „Секогаш подобрувај се во работата, ќерко. Преведувај едноставно и јасно. Не биди самоуверена и остани понизна. Потпирај се на Јехова“. Ова беше последниот совет што ми го даде, бидејќи кратко откако се врати во Удупи, почина. До ден-денес се трудам да го применувам ова додека преведувам.

„Зар не сакаш да имаш нормален семеен живот?“

Според традицијата во Индија, родителите им го договараат бракот на своите синови и ќерки уште додека се мали, и ги охрабруваат да имаат потомство. Затоа, често ме прашуваа: „Зар не сакаш да имаш нормален семеен живот? Кој ќе се грижи за тебе кога ќе остариш? Зар нема да бидеш осамена?“

Понекогаш ваквите коментари многу ме потиштуваа. Иако на другите не им кажував за ваквите чувства, штом ќе останев сама му го излевав срцето на Јехова. Ме тешеше фактот дека тој не мисли дека нешто ми фали само затоа што сум немажена. За да ја зацврстам мојата решеност да му служам со цело срце, размислував за ќерката на Јефтај и за Исус — кои никогаш не стапиле во брак и целосно се посветиле на вршењето на Божјата волја (Јован 4:34).

Дар од Јехова

Јас и Елизабет бевме блиски пријателки скоро 50 години. Таа почина во 2005 год., на возраст од 98 год. Бидејќи со годините видот сѐ повеќе ѝ слабееше, не можеше да ја чита Библијата. Затоа, поголемиот дел од денот го минуваше во долги молитви до Бог. Понекогаш помислував дека зборува со некого во нејзината соба за некој библиски стих, но потоа сфаќав дека си разговара со Јехова. Тој ѝ беше многу реален, како да е до неа. Увидов дека тоа е клучот за некој да продолжи истрајно и верно да му служи на Бог, како ќерката на Јефтај. Му благодарам на Јехова што можев да му служам заедно со една повозрасна и зрела сестра која ме поучуваше и ме охрабруваше додека во младоста се соочував со тешки периоди од животот (Проповедник 4:9, 10).

Добив многу благослови додека му служев на Јехова како ќерката на Јефтај! Тоа што не се омажив и ги следев библиските совети ми помогна да водам среќен и исполнет живот додека ‚без пречка му служам на Господарот‘ (1. Коринќаните 7:35).

[Слика на страница 28]

Татко ми држи говор во Бомбај во 1950-тите

[Слика на страница 28]

Со Елизабет кратко пред да почине

[Слика на страница 29]

Ги каниме луѓето на библиски говор во Бомбај во 1960

[Слика на страница 29]

Со моите соработници во една канцеларија за преведување