Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Авраам — пример на храброст

Авраам — пример на храброст

Авраам — пример на храброст

Авраам гледа како неговата фамилија и слугите се подготвуваат да тргнат кон Ханаан (1. Мојсеева 12:1-5). Додека ја набљудува оваа голема група луѓе кои потполно зависат од него, чувствува голема одговорност. Како ќе ги задоволи нивните материјални потреби во една непозната земја? Зар тоа нема да му биде полесно во Ур, каде што има богати пасишта, плодна земја и многу вода? Што ако се разболи или умре во земјата каде што ќе појдат? Кој ќе се грижи тогаш за неговата фамилија? Дури и да го мачеле вакви мисли, Авраам не дозволил од страв да не го направи она што треба. Бил решен по секоја цена да го послуша Бог, со што покажал дека има вистинска храброст.

ШТО Е ХРАБРОСТ? Храброста значи да се има цврстина, смелост, бестрашност. Таа е спротивна на плашливоста или кукавичлукот. Да си храбар не значи дека не треба никогаш да се плашиш. Оној кому Бог му дава храброст прави нешто и покрај тоа што се плаши.

КАКО АВРААМ ПОКАЖАЛ ХРАБРОСТ? Авраам не се плашел да биде поинаков од другите. Тој израснал во место каде што луѓето обожавале многу богови и идоли. Сепак, не дозволил стравот од тоа што ќе мислат другите да го спречи да го прави она што знаел дека е исправно. Наместо тоа, храбро одлучил да биде поинаков од другите и да му служи само на еден Бог — „Севишниот Бог“, Јехова (1. Мојсеева 14:21, 22).

За Авраам, Бог бил поважен од материјалните работи. Тој го оставил удобниот живот во Ур и заминал во пустината, со целосна доверба дека Јехова ќе се грижи за неговите материјални потреби. Се разбира, како што одминувале годините, Авраам можеби помислувал на некои од удобностите што ги уживал во Ур. Но, останал уверен дека Јехова ќе се грижи за него и за неговото семејство. Бидејќи бил близок со Јехова, најважната личност во неговиот живот, Авраам имал храброст да ги извршува Божјите заповеди.

ШТО УЧИМЕ НИЕ? Ќе се угледаме на Авраам ако собереме храброст да го слушаме Јехова дури и кога другите не го прават тоа. На пример, Библијата вели дека оние што ќе одлучат да покажат вера во Јехова Бог може да се соочат со противење, веројатно од страна на добронамерни пријатели и роднини (Јован 15:20). Но, кога сме уверени во она што сме го научиле за Јехова, со почит ќе ги браниме нашите верувања (1. Петрово 3:15).

Освен тоа, и ние можеме да имаме доверба во Божјето ветување дека ќе се грижи за оние што покажуваат вера во него. Таквата доверба ни влева храброст да ги ставиме духовните работи пред материјалните (Матеј 6:33). Да видиме како едно семејство го направило токму ова.

Иако имале две мали деца, Даг и Беки сакале да се преселат во една земја каде што имало поголема потреба да се проповеда добрата вест од Библијата. Откако внимателно размислиле и многу се молеле, решиле да го остварат својот план. „Ни беше потребна храброст за да се спакуваме и сосе деца да тргнеме, без да знаеме точно како ќе течат работите понатаму“, вели Даг. „Но, уште кога почнавме да ја разгледуваме таа можност, разговаравме за примерот на Авраам и Сара. Тоа што размислувавме колкава доверба имале во Јехова — и како тој никогаш не ги оставил на цедило — навистина ни помогна.“

Во врска со нивниот живот во другата земја, Даг вели: „Благословени сме на милион начини“. Тој објаснува: „Бидејќи животот овде е со многу помалку обврски и потреби, поголемиот дел од денот можеме да бидеме заедно како семејство — да проповедаме, да разговараме и да си играме со децата. Тоа чувство на слобода не се опишува со зборови.“

Се разбира, секој од нас не може да направи таква драстична промена. Но, сите можеме да го следиме примерот на Авраам со тоа што ќе ни биде најважна службата за Бог и со тоа што ќе имаме доверба дека тој ќе ни помага. Кога го правиме ова, „исполнети со храброст, можеме да речеме: ‚Јехова е мојот помошник, нема да се плашам‘“ (Евреите 13:5, 6).

[Истакната мисла на страница 7]

Оној кому Бог му дава храброст прави нешто и покрај тоа што се плаши

[Рамка/слика на страница 8]

Побожна жена и добра сопруга

Сара била мажена за човек кој покажувал извонредна вера. Но, оваа побожна жена и самата ни оставила одличен пример. Всушност, во Библијата таа на три места се спомнува како пример кој треба да го следат побожните жени (Исаија 51:1, 2; Евреите 11:11; 1. Петрово 3:3-6). Иако во Светото писмо нема многу информации за оваа исклучителна жена, од она што го дознаваме за неа можеме да добиеме убава слика за нејзината личност.

На пример, размисли како реагирала Сара кога Авраам ѝ кажал дека Бог бара од нив да го напуштат Ур. Дали се прашувала каде ќе одат и зошто? Дали била загрижена околу материјалните потреби? Дали била тажна што ќе ги остави пријателите и роднините без да знае кога — и дали воопшто — ќе ги види пак? Веројатно низ главата ѝ минувале вакви мисли. И покрај тоа, таа спремно заминала, со доверба дека Јехова ќе ја благослови нејзината послушност (Дела 7:2, 3).

Освен што послушно му служела на Бог, Сара била и многу добра сопруга. Наместо да ги зема работите во свои раце, Сара чувствувала длабока почит кон својот маж и од срце го поддржувала додека го водел семејството. На тој начин се украсила со убави особини, кои ја зголемиле нејзината убавина (1. Петрово 3:1-6).

Можат ли таквите особини да им користат и на жените денес? „Од примерот на Сара увидов дека треба отворено да му го кажам на маж ми своето мислење“, вели Џил, која е во среќен брак 30 години. „Сепак, како глава на семејството, тој е одговорен да ја донесе конечната одлука. И кога нешто е одлучено, мое е да сторам сѐ што можам за одлуката да успее“, додава таа.

Веројатно најголемата поука што ја учиме од Сара е оваа: Иако била многу убава, не дозволила поради својата убавина да стане горда (1. Мојсеева 12:10-13). Напротив, таа скромно го поддржувала Авраам и во добри и во лоши времиња. Без сомнение, Авраам и Сара биле верни и скромни сопружници што многу се сакале — и затоа биле вистински благослов еден за друг.