Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Авраам — пример на љубов

Авраам — пример на љубов

Авраам — пример на љубов

Авраам едвај може да ја поднесе тагата. Неговата сакана жена, Сара, почина. Безброј драги спомени му навираат во сеќавањето додека за последен пат се збогува со неа. Болката сѐ повеќе му ја обзема душата и тој почнува да рони солзи (1. Мојсеева 23:1, 2). Тоа што плаче не е срамота, туку доказ за една од најубавите особини на Авраам — неговата љубов.

ШТО Е ЉУБОВ? Љубовта е чувство на длабока приврзаност и голема наклоност. Оној што ги сака луѓето, со своите постапки покажува што чувствува кон нив, па дури и по цена на лични жртви.

КАКО АВРААМ ПОКАЖАЛ ЉУБОВ? Авраам покажал дека го сака своето семејство. Тој сигурно бил многу зафатен човек. Сепак, не ги запоставувал емоционалните и духовните потреби на семејството. Всушност, самиот Јехова рекол дека Авраам, како глава на семејството, презел водство во поучувањето за Бог (1. Мојсеева 18:19). Освен тоа, Јехова без никакво заобиколување кажал дека Авраам бил човек што покажувал љубов. Во една ситуација, Јехова рекол дека Исак бил синот што Авраам неизмерно го сакал (1. Мојсеева 22:2).

Љубовта на Авраам се гледа и од начинот на кој реагирал кога починала неговата сакана жена, Сара. Авраам многу тагувал по неа. Иако бил силен и мажествен, не се срамел да покаже дека е тажен. Авраам на еден прекрасен начин покажувал и цврстина и нежност.

Авраам покажал дека го сака Бог. Целиот свој живот покажувал таква љубов. Како? Може да се потсетиме на она што го вели Библијата во 1. Јованово 5:3, каде што пишува: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди“. Според ова мерило, Авраам оставил неверојатен пример на љубов кон Бог.

Секогаш кога Јехова ќе му заповедал нешто, Авраам веднаш послушувал (1. Мојсеева 12:4; 17:22, 23; 21:12-14; 22:1-3). Не било важно дали таа заповед е лесна или тешка ниту, пак, зошто Јехова бара нешто од него. За Авраам тоа било сосема небитно. Ако Бог барал нешто, тој бил спремен да го направи тоа. Секое барање од Јехова, за Авраам било можност да покаже колку го сака.

ШТО УЧИМЕ НИЕ? Можеме да се угледаме на Авраам со тоа што искрено ќе ги сакаме другите, особено членовите на нашето семејство. Никогаш да не дозволиме животните притисоци да ни го украдат времето што треба да им го посветиме на оние што најмногу ги сакаме.

Ќе биде добро ако се трудиме да го сакаме Јехова од сѐ срце. Таквата љубов може да ни биде силна мотивација во животот. На пример, може да нѐ поттикне да ги смениме нашите ставови, говор и однесување за да му угодиме на Бог (1. Петрово 1:14-16).

Точно, да се слушаат Јеховините заповеди не е секогаш лесно. Но, можеме да бидеме сигурни дека Оној што му помагал на Авраам — истиот што го нарекол „мојот пријател“ — ќе ни помага и нам (Исаија 41:8). Неговата Реч, Библијата, ни ветува дека тој ‚ќе нѐ зацврсти и ќе нѐ зајакне‘ (1. Петрово 5:10). Колку убаво ветување дал блискиот Пријател на Авраам!

[Рамка на страница 11]

Дали е срамота маж да плаче?

Многу луѓе би рекле ‚да‘. Но, можеби ќе се изненадат кога ќе дознаат дека Авраам бил еден од неколкумината силни, верни мажи за кои Библијата вели дека заплакале кога им било тешко. Други такви мажи биле Јосиф, Давид, апостол Петар, старешините во собранието во Ефес, па дури и Исус (1. Мојсеева 50:1; 2. Самоилова 18:33; Лука 22:61, 62; Јован 11:35; Дела 20:36-38). Значи, Библијата никаде не вели дека е срамота еден маж да плаче.