Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Учи од Божјата Реч

Дали Библијата ја прорекува иднината?

Дали Библијата ја прорекува иднината?

Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.

1. Дали Библијата прорекува конкретни работи?

Само Семоќниот Бог може да ја предвиди иднината во детали (Амос 3:7). На пример, Бог уште многу одамна прорекол дека ќе се роди човек што ќе биде наречен Месија, или Христос, и дека ќе биде потомок на верниот Авраам. Тој требало да стане владетел и да им овозможи на послушните луѓе да добијат совршен живот во кој нема да ги измачуваат никакви болести (1. Мојсеева 22:18; Исаија 53:4, 5). Ветениот Месија требало да се роди во Витлеем. (Прочитај Михеј 5:2.)

Исус бил тој Месија. Преку седум векови однапред, во Библијата било проречено дека Месијата ќе го роди девица и дека луѓето ќе го презираат. Исус требало да го даде животот за гревовите на мнозина и да биде закопан меѓу богатите (Исаија 7:14; 53:3, 9, 12). Исто така, пет века однапред било проречено дека тој ќе влезе во Ерусалим на магаре и дека ќе биде предаден за 30 сребреници. Се исполнил секој детаљ од овие пророштва. (Прочитај Захарија 9:9; 11:12.)

2. Дали Бог прорекува на кој датум ќе се случи нешто?

Повеќе од пет века однапред, Библијата прорекла точно во која година требало да се појави Месијата. Времето пред да дојде било изразено во седмици што се состоеле од години, што значи дека секоја „седмица“ траела седум години. Требало да поминат 7 плус 62 такви седмици, или вкупно 69 седмици што се состоеле од години. Тоа изнесува 483 години. Од кога започнале да се одбројуваат овие години? Според Библијата, одбројувањето започнало кога Божјиот слуга Неемија дошол во Ерусалим и почнал со повторната изградба на градот. Историјата на Персија покажува дека тоа се случило во 455 год. пр.н.е. (Неемија 2:1-5). Исус бил крстен како Месија 483 години подоцна, во 29 год. н.е., токму во прореченото време. (Прочитај Даниел 9:25.)

3. Дали некои библиски пророштва се исполнуваат и денес?

Исус прорекол дека во нашево време ќе се случуваат значајни настани. Меѓу другото, тој зборувал за добрата вест за Божјето Царство. Тоа Царство ќе им донесе олеснување на сите луѓе што го сакаат Бог. Исто така, ќе му стави крај на денешниов злобен светски поредок. (Прочитај Матеј 24:14, 21, 22.)

Библиските пророштва во детали опишуваат што ќе се случува пред да му дојде крајот на сегашниов поредок. Тие откриваат дека, спротивно на она што би се очекувало во една ера на напредок, луѓето ќе ја уништуваат Земјата. Ќе има сѐ повеќе војни, глад, земјотреси и болести (Лука 21:11; Откровение 11:18). Моралните мерила ќе паднат на многу ниско ниво. Во такви тешки времиња, следбениците на Исус ќе им ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство на сите народи. (Прочитај Матеј 24:3, 7, 8; 2. Тимотеј 3:1-5.)

4. Каква иднина го очекува човештвото?

Семоќниот Бог има на ум убави работи за оние што му се верни. Исус Христос, Месијата, заедно со една група луѓе што ги избрал Бог, ќе владее од небото над Земјата. Тие ја сочинуваат владата на Божјето Царство, кое ќе владее илјада години. Тогаш мртвите повторно ќе оживеат и ќе им биде дадена можност да добијат вечен живот. Освен тоа, ќе биде излекуван секој што е болен. Нема да има повеќе болести и смрт. (Прочитај Откровение 5:10; 20:6, 12; 21:4, 5.)

Нешто повеќе можеш да прочиташ на страници 23-25 и 197-201 од книгата Што навистина учи Библијата?