Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Читателите прашуваат...

Зошто Бог побарал од Авраам да го жртвува својот син?

Зошто Бог побарал од Авраам да го жртвува својот син?

▪ Во библиската книга 1. Мојсеева пишува дека Јехова Бог побарал од Авраам да го принесе како жртва својот син Исак (1. Мојсеева 22:2). На некои им е тешко да го разберат тоа. „Како дете, кога првпат ја слушнав оваа приказна, се згрозив“, вели една професорка по име Карол. „Каков е тој Бог што би побарал такво нешто?“ Иако ваквите чувства можат да бидат разбирливи, треба да имаме на ум неколку работи.

Прво, размисли што не направил Јехова. Тој не дозволил Авраам да оди до крај и да го жртвува својот син, иако Авраам бил спремен на тоа. Исто така, Бог никогаш повторно не побарал такво нешто од некој друг. Јехова сака сите негови слуги, вклучувајќи ги и децата, да живеат — и тоа долго и среќно.

Второ, Библијата покажува дека Јехова имал посебна причина кога побарал од Авраам да го жртвува Исак. Бог знаел дека по многу векови и тој ќе дозволи неговиот Син, * Исус, да умре за нас (Матеј 20:28). Јехова сакал да ни предочи колку ќе го чини таа жртва. Со она што го побарал од Авраам, многу јасно покажал колку вредна ќе биде жртвата што ќе ја даде во иднина. Како ни го предочил тоа?

Да обрнеме внимание на следниве зборови со кои Јехова му се обратил на Авраам: „Те молам, земи го својот син, својот единец, Исак, кого толку го сакаш, па... принеси го како жртва паленица“ (1. Мојсеева 22:2). Јехова рекол дека Исак е синот кого Авраам ‚толку го сакал‘. Тој знаел колку му бил мил Исак на Авраам. Исто така, Бог знаел и што чувствувал самиот тој кон својот син, Исус. Јехова толку многу го сакал Исус што двапати му зборувал од небото, нарекувајќи го „мојот сакан Син“ (Марко 1:11; 9:7).

Забележи и дека, кога Јехова ја побарал таа жртва од Авраам, му се обратил со зборовите „те молам“. Еден изучувач на Библијата вели дека тоа што Бог го употребил овој израз покажува дека „му било јасно колку било вредно она што го барал“. Не можеме ни да си замислиме колку му било жал на Авраам! Слично на тоа, тешко можеме да си ја замислиме и силната болка што ја чувствувал Јехова додека гледал како неговиот сакан Син страда и умира. Без сомнение, тоа било најболното нешто што Јехова го доживеал или воопшто ќе го доживее.

Затоа, иако е нормално да се сепнеме кога ќе помислиме на она што Јехова го побарал од Авраам, мудро е да имаме на ум дека Јехова не дозволил овој верен човек навистина да го жртвува својот син. Тој го поштедил Авраам од најголемата загуба за еден родител и не дозволил Исак да умре. Сепак, Јехова не го поштедил ‚сопствениот Син, туку го предал за сите нас‘ (Римјаните 8:32). Зошто Јехова се изложил на толку голема болка? За да можеме ние „да добиеме живот“ (1. Јованово 4:9). На каков само впечатлив начин Јехова покажал дека нѐ сака! Зар не сме поттикнати да му ја возвратиме љубовта? *

[Фусноти]

^ Библијата не вели дека Бог имал жена која му го родила Исус. Наместо тоа, вели дека Јехова го создал Исус како духовно суштество, а подоцна го испратил на Земјата за да биде роден како човек од девицата Марија. Сепак, бидејќи Бог го создал Исус, со право може да се нарече негов Татко.

^ Нешто повеќе за тоа зошто Исус морал да умре и како можеме да покажеме ценење за тоа можеш да прочиташ во 5. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?