Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вистинските христијани ја почитуваат Божјата Реч

Вистинските христијани ја почитуваат Божјата Реч

„Твојата реч е вистина“ (ЈОВАН 17:17)

1. Која е една важна разлика меѓу Јеховините сведоци и другите религии?

 ШТО ти остави најголем впечаток кога првпат разговараше со некој Јеховин сведок? Мнозина би одговориле: ‚Тоа што Сведокот одговори на сите мои прашања користејќи ја Библијата‘. Сигурно бевме многу среќни кога дознавме која е Божјата намера со Земјата, што се случува кога некој ќе умре и каква иднина ги чека нашите најмили кои починале.

2. Од кои причини си почнал да ја цениш Библијата?

2 Но, додека проучувавме, сигурно сфативме дека Библијата не е само книга што дава одговор на нашите прашања за животот, смртта и иднината. Почнавме да ја цениме уште повеќе затоа што увидовме дека таа е најкорисната книга на светот. Нејзините совети никогаш не застаруваат, а оние што совесно ги применуваат се успешни и среќни луѓе. (Прочитај Псалм 1:1-3.) Вистинските христијани отсекогаш ја прифаќале Библијата, не „како реч човечка, туку како реч Божја, каква што таа навистина е“ (1. Сол. 2:13). Краткиот историски преглед што следува ќе ни помогне да ја увидиме јасната разлика помеѓу оние што вистински ја почитуваат Божјата Реч и оние што немаат почит кон неа.

РАЗРЕШЕНО Е ЕДНО СПОРНО ПРАШАЊЕ

3. Кој проблем го довел во опасност единството на христијанското собрание во првиот век? Зошто било тешко да се реши овој проблем?

3 Во периодот од 13 години откако бил помазан Корнелиј, првиот необрежан не-Евреин, се појавил еден проблем што го довел во опасност единството на христијанското собрание. Бидејќи и многу други не-Евреи станале христијани, се покренало едно спорно прашање: ‚Дали треба тие мажи, пред да се крстат, да бидат обрежани според еврејскиот обичај?‘ Не било лесно еден Евреин да даде одговор на ова прашање. За Израелците кои го држеле Мојсеевиот закон било незамисливо да влезат во нееврејска куќа, а камоли да бидат блиски пријатели со некој не-Евреин! Еврејските христијани веќе биле немилосрдно прогонувани затоа што ја напуштиле својата поранешна религија. Ако почнеле и да се дружат со необрежани не-Евреи, јазот помеѓу христијаните и другите Евреи ќе станел уште поголем и прогонството можело да се засили (Гал. 2:11-14).

4. Кој бил вклучен во решавањето на проблемот со обрежувањето, и кои прашања би можеле да се наметнат во врска со оваа дискусија?

4 Во 49 год. од н.е., апостолите и старешините од Ерусалим, кои самите биле обрежани Евреи, ‚се собрале да го разгледаат‘ проблемот во врска со обрежувањето (Дела 15:6). Но, на тој состанок не се водела здодевна теолошка расправа околу неважни детали, туку жива дискусија за библиските учења. Притоа секој слободно го изнел своето мислење. Како го решиле проблемот? Дали дозволиле нечиј личен вкус или предрасуди да влијаат врз конечниот исход? Дали одговорните старешини решиле да ја одложат одлуката додека не се подобрела ситуацијата за христијаните во Израел? Или, пак, сите се сложиле да направат некои отстапки и да донесат решение со кое и самите не се согласувале во потполност?

5. Како состанокот во Ерусалим кој се одржал во 49 год. од н.е. се разликувал од црковните собори во подоцнежните векови?

5 На црковните собори или состаноци, вообичаено е верските водачи да прават меѓусебни отстапки и да ги убедуваат другите да гласаат за нивните лични идеи. Но, на состанокот во Ерусалим немало такво нешто. И покрај тоа, на крајот била донесена едногласна одлука. Како било можно тоа? Иако имале различни мислења за она што се дискутирало, сите присутни ја почитувале Божјата Реч, и го побарале решението во неа. (Прочитај Псалм 119:97-101.)

6, 7. Како пророштвото од Амос помогнало да се разреши проблемот со обрежувањето?

6 Стиховите од Амос 9:11, 12 им помогнале да го решат спорното прашање. Овие зборови се цитирани во Дела 15:16, 17 каде што стои: „Ќе се вратам и повторно ќе ја изградам паднатата Давидова сеница. Повторно ќе ги изградам нејзините урнатини и пак ќе ја подигнам, за да можат преостанатите луѓе сесрдно да го побараат Јехова, заедно со луѓето од сите народи, со оние што го носат моето име, вели Јехова“.

7 Но, некој би можел да приговори: ‚Чекај, па каде пишува во тие стихови дека не-Евреите не мора да се обрежуваат?‘ Точно, не пишува. Но, еврејските христијани сфатиле дека овие стихови укажуваат токму на тоа. Зошто? Тие гледале на обрежаните не-Евреи како на браќа, а не како на ‚луѓе од народите‘ (2. Мој. 12:48, 49). На пример, во преводот на Септуагинтата од Багстер, во Естира 8:17 се вели: „Мнозина од другите народи се обрежаа, и станаа Евреи“. Со оглед на тоа што во книгата на Амос било проречено дека „преостанатите луѓе“ од Израеловиот дом (Евреите и обрежаните преобратеници) ќе бидат еден народ заедно со „луѓето од сите народи“ (необрежаните не-Евреи) кои исто така ќе го носат Јеховиното име, одговорот бил јасен. Бог ги прифаќал не-Евреите што сакале да станат христијани, и затоа не морале да се обрежуваат.

8. Зошто на еврејските христијани им била потребна храброст за да ја донесат одлуката во врска со обрежувањето?

8 Божјата Реч и неговиот дух ги воделе тие искрени христијани до едногласна одлука (Дела 15:25). Верните еврејски христијани целосно ја поддржале оваа библиска одлука иако биле свесни дека со тоа најверојатно ќе си навлечат уште поголемо прогонство (Дела 16:4, 5).

ГОЛЕМА РАЗЛИКА

9. Кој важен фактор водел до загадување на вистинското христијанство? Кое важно христијанско верување било на удар?

9 Апостол Павле прорекол дека, по смртта на апостолите, вистинското христијанство ќе биде загадено со лажни учења. (Прочитај 2. Солуњаните 2:3, 7.) Меѓу оние што не го поднесувале „здравото учење“ биле и некои што имале одговорни положби (2. Тим. 4:3). Павле ги предупредил старешините од тоа време: „Меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:30). Во една енциклопедија се објаснува една од главните причини што довела до вакви искривени учења: „Христијаните кои донекаде биле упатени во грчката филозофија чувствувале сѐ поголема потреба да им ја објаснат својата вера на другите со филозофски изрази. Тоа го правеле заради свое лично интелектуално задоволство и за да ги преобратат образованите пагани“ (The New Encyclopædia Britannica). Едно важно христијанско верување што успеале да го расипат со паганска идеја е учењето за тоа кој навистина е Исус Христос. Библијата вели дека тој е Божји Син, но оние што ја сакале грчката филозофија тврделе дека тој е Бог.

10. Каде можеле црковните водачи да најдат одговор на прашањето кој, всушност, е Христос?

10 Ова прашање се разгледувало на неколку црковни собори. Одговорот можел лесно да се најде во Светите списи, но повеќето црковни водачи сметале дека она што го пишува таму не е толку важно. Всушност, поголемиот број од тие водачи имале донесено одлука уште пред да пристигнат на соборот, и ништо не можело да го смени нивниот закоравен став. Во одлуките што биле донесени на ваквите собори речиси воопшто не била спомната Божјата Реч.

11. Колкава важност им се придавала на таканаречените црковни отци, и зошто?

11 Зошто црковните водачи не обрнале поголемо внимание на Библијата? Изучувачот Чарлс Фримен вели дека на оние што сметале дека Исус е Бог „им било тешко да ги побијат многуте изјави на Исус од кои јасно се гледа дека Бог Таткото е поголем од него“. Затоа повеќе им одговарало да се потпираат на црковните традиции и човечките идеи отколку на она што стои во евангелијата. До ден-денес, голем број свештеници им придаваат поголема важност на изјавите на таканаречените црковни отци отколку на Божјата Реч! Најверојатно и самиот си го забележал тоа ако некогаш си зборувал за тројството со некој што учи теологија.

12. Какво влијание имал императорот врз црквата?

12 Римските императори имале големо влијание врз црковните собори. На пример, во врска со Вселенскиот собор во Никеја, професор Ричард Е. Рубинштајн напишал: „Константин им дал почесни положби [на бискупите] и ги опсипал со богатство. За помалку од една година, тој им вратил сѐ што им било одземено — им ги вратил црквите, службите и титулите... Им ги дал сите повластици што пред тоа ги имале паганските свештеници“. Како резултат на тоа, „Константин можел силно да влијае, па дури и да ги промени одлуките на соборот во Никеја“. Чарлс Фримен потврдил дека „оттогаш натаму императорите не само што можеле да ѝ даваат посебни овластувања на црквата, туку можеле да влијаат и врз нејзините учења“. (Прочитај Јаков 4:4.)

13. Што мислиш, зошто црковните водачи не ги прифаќале јасните вистини од Библијата?

13 Иако на црковните достоинственици им било тешко да сфатат кој е Исус Христос, тоа не претставувало никаков проблем за обичните луѓе. Бидејќи не им било најважно да си ги наполнат џебовите со златниците на императорот ниту, пак, да напредуваат во црковната хиерархија, тие гледале пообјективно на она што го пишувало во Божјата Реч. Григориј од Ниса, еден теолог од тоа време, ја напишал следнава зајадлива забелешка во врска со обичниот народ — продавачите, менувачите на пари, слугите: „[Сите] се прават теолози. Ако прашаш за колку би ти ги смениле парите, некој од тие филозофи ќе ти објасни дека Синот не е еднаков со Таткото. Ако прашаш колку чини лебот, ќе ти кажат дека Таткото е поголем од Синот. Ако [го] прашаш [слугата] дали ти ја подготвил бањата, ќе ти каже дека Синот бил создаден“. За разлика од црковните водачи, мнозина од обичниот народ ги темелеле своите заклучоци на Божјата Реч. Штета што Григориј и другите теолози не ги слушале — ќе можеле многу да научат од нив!

„ПЧЕНИЦАТА“ И „КАКОЛОТ“ РАСТАТ ЗАЕДНО

14. Од каде знаеме дека од првиот век наваму секогаш имало вистински помазани христијани на Земјата?

14 Од првиот век наваму, секогаш имало вистински помазани христијани на Земјата. Ова го знаеме од една споредба на Исус во која тој ги споредил помазаниците со „пченица“ која ќе расте меѓу „какол“ (Мат. 13:30). Се разбира, не знаеме точно кои поединци или групи припаѓале на „пченицата“, но сигурни сме дека секогаш имало некои што храбро ја бранеле Божјата Реч и ги разоткривале лажните, небиблиски учења на црквата. Да разгледаме неколку примери.

15, 16. Наведи некои луѓе што покажале почит кон Божјата Реч.

15 Надбискупот Агобар од Лион, (Франција), кој живеел од 779 до 840 год. од н.е., ги осудувал идолопоклонството, црковните небиблиски богослужби и традиции, како и обичајот црквите да им се посветуваат на одредени светци. Еден негов современик, бискупот Клавдиј, исто така ги отфрлил црковните традиции и тврдел дека не е во ред луѓето да се молат на светци и да обожаваат свети предмети. Во 11 век, архиѓаконот Беренгер од Тур (Франција), бил исклучен од црквата затоа што го отфрлил католичкото учење за трансупстанција според кое лебот и виното кои се користат за причест се претвораат во телото и крвта на Исус. Освен тоа, тој сметал дека она што стои во Библијата е поважно од црковната традиција.

16 Петар од Бруи и Анри од Лозана, кои живееле во 12 век, исто така ја сакале библиската вистина. Петар ја напуштил свештеничката служба затоа што во Библијата не нашол никаква потврда за католичките учења за крштавање на бебиња, трансупстанција, молитви за мртвите и обожавање на крстот. Поради своите верувања, Петар бил изгорен на клада во 1140 год. Анри, кој бил монах, ги осудувал нечесните обичаи на црквата, како и небиблиските аспекти на црковната богослужба. Бил уапсен во 1148 год., и останал в затвор до крајот на својот живот.

17. Што направиле Валдо и неговите следбеници?

17 Отприлика во времето кога Петар од Бруи бил погубен затоа што се осмелил да зборува против црквата, се родил еден човек кој подоцна одиграл голема улога во ширењето на библиската вистина. Неговото презиме било Валдес, или Валдо. * За разлика од Петар од Бруи и Анри од Лозана, Валдо не бил свештено лице, но толку многу ја ценел Божјата Реч што го раздал своето богатство и се погрижил делови од Библијата да бидат преведени на јазикот што се зборувал во југоисточна Франција. Некои биле толку среќни што ја слушале библиската порака на својот мајчин јазик, што и самите се откажале од своите поседи и го посветиле животот на проповедањето на библиската вистина. Ова многу ја вознемирило црквата. Во 1184 год., папата ги исклучил овие ревносни мажи и жени, кои подоцна биле наречени Валдензи, а бискупот ги избркал од нивните домови. Благодарение на тоа, библиската порака се проширила и на други подрачја. На крајот, следбениците на Валдо, на Петар од Бруи и на Анри од Лозана, како и други што не се согласувале со она што се правело во црквата, се рашириле во многу делови на Европа. Во следните векови имало и други што ја бранеле библиската вистина, на пример, Џон Виклиф (о. 1330-1384), Вилијам Тиндејл (о. 1494-1536), Хенри Гру (1781-1862) и Џорџ Сторс (1796-1879).

„БОЖЈАТА РЕЧ НЕ Е ОКОВАНА“

18. Како проучувале искрените истражувачи на Библијата во 19 век, и зошто таа метода била делотворна?

18 Колку и да се обидувале, непријателите на Библијата не успеале да го спречат ширењето на нејзината порака. „Божјата реч не е окована“, се вели во 2. Тимотеј 2:9. Во 1870 год., една група искрени истражувачи на Библијата почнале да ја бараат вистината. Како ја проучувале Божјата Реч? Најпрво некој ќе поставел прашање, а потоа ќе дискутирале за него. Ќе ги побарале сите стихови поврзани со таа тема, а потоа, кога ќе сфателе кој е одговорот според тие стихови, го запишувале на хартија. Ова бил добар начин на проучување бидејќи со тоа го следеле примерот на апостолите и старешините од првиот век. Зарем не сме охрабрени што знаеме дека овие верни лица, нашите „духовни предци“ од крајот на 19 век, биле решени во целост да ги усогласат своите верувања со она што го вели Божјата Реч?

19. Кој е годишниот стих за 2012 год., и зошто е соодветен?

19 Ние сѐ уште ги темелиме нашите верувања на Библијата. Од таа причина, Водечкото тело на Јеховините сведоци ја избра како годишен стих за 2012 год. следнава изјава на Исус: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Секој што сака да ја има Божјата милост мора да живее во склад со вистината. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да нѐ води Божјата Реч!

[Фуснота]

^ Валдес понекогаш се нарекува Пјер Валдес или Петар Валдо, но не се знае точно кое било неговото име.

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 8]

Годишен стих за 2012 год.: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17)

[Слика на страница 7]

Валдо

[Слика на страница 7]

Виклиф

[Слика на страница 7]

Тиндејл

[Слика на страница 7]

Гру

[Слика на страница 7]

Сторс