Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Учи од ‚основите на вистината во Законот‘

Учи од ‚основите на вистината во Законот‘

„Ги имаш основите на знаењето и на вистината во Законот“ (РИМ. 2:20)

1. Зошто е важно да го разбереме она што Павле го кажал во врска со Мојсеевиот закон?

 БЕЗ посланијата на апостол Павле, би било тешко да го разбереме значењето на многу делови на Мојсеевиот закон. На пример, во своето послание до Евреите, тој разјаснил на кој начин Исус, како ‚верен првосвештеник‘, можел еднаш засекогаш да принесе „жртва помирница“, која им овозможува на сите што покажуваат вера во неа да добијат „вечно избавување“ (Евр. 2:17; 9:11, 12). Павле објаснил дека светиот шатор бил само „сенка на она небесното“ и дека Исус станал Посредник на еден „подобар сојуз“ од оној чиј посредник бил Мојсеј (Евр. 7:22; 8:1-5). Овие објаснувања на Законот биле скапоцени за христијаните во времето на Павле, а скапоцени се и за нас денес. Тие ни помагаат подобро да разбереме и да го цениме сето она што Бог го направил за нас.

2. Зошто еврејските христијани знаеле повеќе за Бог и за неговите праведни начела отколку другите луѓе?

2 Некои работи што Павле ги напишал во посланието до христијаните во Рим, биле наменети за членовите на собранието кои имале еврејско потекло и кои го познавале Мојсеевиот закон. Тој рекол дека, токму затоа што го познаваат Божјиот закон, ги имале „основите на знаењето и на вистината“ за Јехова и за неговите праведни начела. Тие ги разбирале и од срце ги ценеле основните вистини кои ги содржел Законот. Затоа, исто како верните Евреи пред нив, можеле да ги поучуваат другите кои не го познавале Законот што Јехова му го дал на својот народ. (Прочитај Римјаните 2:17-20.)

„СЕНКА“ НА ИСУСОВАТА ЖРТВА

3. Зошто е корисно да ги разгледаме жртвите што ги принесувале Израелците во минатото?

3 Основните вистини што ги содржел Мојсеевиот закон, кои ги спомнал Павле, сѐ уште можат да ни помогнат да ги разбереме Јеховините намери. Начелата кои ги содржи овој Закон не ја изгубиле својата важност. Имајќи го ова на ум, да разгледаме само еден аспект од тој Закон — како разните жртви и приноси ги воделе понизните Евреи до Христос и како им помогнале да разберат што очекува Бог од нив. А бидејќи основните работи што Јехова ги бара од своите слуги не се менуваат, законите што им ги дал на Израелците во врска со жртвите и приносите ќе ни помогнат да го преиспитаме и начинот на кој му служиме ние (Мал. 3:6).

4, 5. а) На што ги потсетувал Мојсеевиот закон Евреите? б) На што биле „сенка“ жртвите кои ги принесувале Евреите?

4 Многу делови од Мојсеевиот закон ги потсетувале Евреите дека се грешни. На пример, секој што ќе допрел мртво човечко тело морал да се очисти. За таа цел, требало да биде заклана здрава црвена јуница, која потоа требало да биде изгорена. Пепелта од неа се чувала за „водата за очистување“, со која бил попрскуван оној што се очистувал на третиот и на седмиот ден откако станал нечист (4. Мој. 19:1-13). Исто така, секогаш кога некоја жена ќе се породела, некое време се сметала за нечиста и требало да принесе жртва за очистување. Тоа ги потсетувало Евреите дека сите се раѓаат несовршени и грешни (3. Мој. 12:1-8).

5 Тие морале да принесуваат животински жртви за простување на гревовите и од многу други причини. Сеедно дали поединецот сфаќал или не, овие жртви — а и оние што подоцна се принесувале во Јеховиниот храм — биле „сенка“ на совршената жртва која требало да ја даде Исус (Евр. 10:1-10).

ИСПРАВЕН СТАВ КОН ЖРТВИТЕ

6, 7. а) Што требало да имаат на ум Израелците кога принесувале жртва, и на што укажувало ова? б) Кои прашања би можеле да си ги поставиме?

6 Јехова барал од Израелците да му принесуваат само животни што биле без никаков недостаток — односно животните не смееле да бидат слепи, повредени, сакати или болни (3. Мој. 22:20-22). Кога Израелците му принесувале на Јехова плодови или жито, тоа требало да бидат „првините“, односно ‚најдоброто‘ од нивниот род (4. Мој. 18:12, 29). Сѐ друго било неприфатливо за Бог. Ова важно барање во врска со животинските жртви укажувало дека жртвата на Исус ќе биде неизвалкана и без недостаток, и дека Јехова ќе го даде најдоброто и најмилото за да го откупи човештвото (1. Пет. 1:18, 19).

7 Ако оној што ја принесувал жртвата му бил вистински благодарен на Јехова за сета Негова добрина, зарем немало со радост да му го даде најдоброто што го имал? Израелецот одлучувал сам каква жртва ќе принесе. Но, тој знаел дека Бог нема да биде задоволен доколку му принел жртва со некаков недостаток. Тоа ќе покажело дека поединецот ги сметал жртвите за неважни, па дури и дека му биле товар. (Прочитај Малахија 1:6-8, 13.) Ова треба да нѐ наведе да размислиме за нашата служба за Бог. Добро е да се прашаме: ‚Со каков став му служам на Јехова? Дали треба да се преиспитам од кои мотиви го правам тоа, и дали му го давам најдоброто?‘

8, 9. Зошто е добро да размислиме за ставот со кој Израелците ги принесувале жртвите?

8 Еден Израелец можел, во знак на благодарност, да му даде доброволна жртва на Јехова. А можел доброволно да му принесе и жртва паленица за да ја стекне Неговата милост. И во двата случаја, веројатно не му било тешко да избере каква жртва ќе принесе. Тој со радост ќе му го принел најдоброто. Иако христијаните денес не принесуваат дословни жртви, како што пропишувал Мојсеевиот закон, тие сепак даваат жртви со тоа што ги користат своето време, сила и средства за да му служат на Јехова. Апостол Павле рекол дека ние му принесуваме угодни жртви на Бог кога ја објавуваме нашата надеж и кога ‚им правиме добро и делиме со другите‘ (Евр. 13:15, 16). Ставот со кој му служиме на Јехова открива колку сме му благодарни и колку го цениме сето она што ни го дал. Значи, има сличности во ставовите и мотивите на христијаните денес и на Евреите што му принесувале доброволни жртви во старо време.

9 Мојсеевиот закон барал Израелците да принесат жртва за грев или за вина ако направеле некој престап. Што мислиш, дали гледале поинаку на овие жртви затоа што биле задолжителни? Дали можеби ги давале безволно и со тешко срце? (3. Мој. 4:27, 28). Немало да биде така ако искрено сакале да го задржат своето пријателство со Јехова.

10. Какви „жртви“ можеби ќе треба да направат христијаните ако му згрешиле на ближниот или на Јехова?

10 Денес може да ни се случи непромислено, несвесно или ненамерно да навредиме некој брат. Или, пак, можеби совеста нѐ пече поради некој грев што сме го направиле. Ако навистина сакаме да му угодиме на Јехова, сигурно ќе дадеме сѐ од себе за да ја поправиме грешката. Тоа би можело да значи дека ќе треба искрено да му се извиниме на оној што сме го навредиле или, пак, ако сме направиле тежок грев, ќе треба да побараме духовна помош од христијанските старешини (Мат. 5:23, 24; Јак. 5:14, 15). Според тоа, од нас ќе се бара извесна „жртва“ за да ги поправиме работите ако сме му згрешиле на ближниот или на Бог. Сепак, доколку спремно преземеме сѐ што е потребно, ќе го зачуваме своето пријателство со Јехова и со нашиот брат, и ќе имаме чиста совест. Таквиот позитивен исход нѐ уверува дека Јехова навистина знае што е најдобро за нас.

11, 12. а) Што биле жртвите на заедништвото? б) Што учиме од жртвите на заедништвото?

11 Според Мојсеевиот закон, се принесувале и жртви на заедништво, кои покажувале дека некој е во мир со Јехова. Заедно со своето семејство, Израелецот што давал ваква жртва го јадел месото од жртвуваното животно, веројатно во некоја трпезарија во храмот. Свештеникот што ја принесувал, како и другите свештеници што служеле во храмот, исто така добивале дел од месото (3. Мој. 3:1; 7:31-33). Израелецот давал ваква жртва затоа што сакал да биде во добар однос со Бог. Тоа било исто како тој, неговото семејство, свештениците и самиот Јехова да имале заеднички оброк во мир и со радост.

12 Зарем имало поголема чест од тоа, во симболична смисла, некој да го покани Јехова на таков оброк и тој да прифати? Без сомнение, домаќинот би сакал да му го понуди најдоброто на еден таков почесен гостин. Жртвите на заедништвото биле една од основните вистини во Мојсеевиот закон која укажувала на тоа дека, преку поголемата жртва на Исус, сите луѓе што сакаат да имаат близок и мирољубив однос со својот Творец можат да го постигнат тоа. Денес, можеме да бидеме пријатели со Бог ако доброволно ги жртвуваме своите средства и сила во неговата служба.

ЖРТВИ ШТО СЕ НЕПРИФАТЛИВИ ЗА БОГ

13, 14. Зошто за Јехова била неприфатлива жртвата што сакал да му ја принесе цар Саул?

13 Се разбира, за да бидат прифатливи за Јехова, жртвите што ги пропишувал Мојсеевиот закон морало да се даваат со исправен став и состојба на срцето. Но, Библијата содржи предупредувачки примери за жртви кои не биле прифатливи за Бог. Зошто Јехова не ги прифаќал? Да разгледаме две ситуации.

14 Пророкот Самоил му кажал на цар Саул дека е дојдено времето Јехова да ги казни Амаличаните. Затоа Саул требало да ги истреби овие непријатели, како и сиот нивни добиток. Но, откако извојувал победа, Саул им дозволил на своите војници да го поштедат Агаг, царот на Амаличаните. Освен тоа, ги зачувал најдобрите овци и говеда за да му ги жртвува на Јехова (1. Сам. 15:2, 3, 21). Како реагирал Јехова? Тој го отфрлил Саул поради неговата непослушност. (Прочитај 1. Самоилова 15:22, 23.) Што учиме од ова? Учиме дека Бог ги прифаќа само жртвите на оние што му се послушни.

15. Што покажале некои Израелци со тоа што принесувале жртви, а истовремено правеле многу лоши работи?

15 Сличен пример има и во книгата на Исаија. Израелците во времето на овој пророк му принесувале жртви на Јехова за да им ги прости гревовите, но истовремено правеле многу лоши работи. Од таа причина, нивните жртви биле неприфатливи за Бог. „Што ќе ми се мноштвото ваши жртви?“, прашал Јехова. „Сит сум од цели овнешки паленици и од лојот од згоени животни! Крвта од јунци, јагниња и јарци не ми е мила!.. Престанете да донесувате безвредни житни жртви! Темјанот ми е одвратен“. Што бил проблемот? Бог им рекол: „Кажувате многу молитви, но јас не слушам — рацете ви се полни со крв. Измијте се, исчистете се, отстранете ми ја од пред очи злобата на своите дела, престанете да правите зло!“ (Иса. 1:11-16).

16. Кои жртви му се прифатливи на Бог?

16 На Јехова не му биле угодни жртвите што му ги принесувале непокајничките грешници. Но, ги прифаќал молитвите и приносите на оние што искрено се труделе да живеат во склад со неговите заповеди. Законот им помагал на таквите Израелци да сфатат дека се грешни и дека им треба простување (Гал. 3:19). Поради тоа чувствувале жал во срцето, и сакале да се помират со Бог. И ние треба да сфатиме дека ни е потребна Христовата жртва, бидејќи само преку неа можат да ни бидат простени гревовите. Ако разбереме колку е важна таа за нас и ако сме вистински благодарни за неа, на Јехова ќе му биде мило сето она што го правиме во службата за него. (Прочитај Псалм 51:17, 19.)

ПОКАЖУВАЈ ВЕРА ВО ЖРТВАТА НА ИСУС!

17-19. а) Како ќе му покажеме на Јехова дека сме благодарни за откупната жртва на Исус? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

17 За разлика од Израелците, ние не ја гледаме само ‚сенката‘ на Божјите намери (Евр. 10:1). Законите за жртвите ги поттикнувале Евреите да изградат ставови што ќе им помогнеле да имаат добар однос со Бог. Тие требало да му бидат благодарни од срце, да сакаат да му го дадат најдоброто и да признаат дека имаат потреба од простување. Објаснувањата во Христијанските грчки списи ни помагаат да разбереме дека, преку откупнината, Јехова засекогаш ќе ги отстрани последиците од гревот и дека уште сега ни овозможува да имаме чиста совест пред него. Откупната жртва на Исус е навистина прекрасен дар! (Гал. 3:13; Евр. 9:9, 14).

18 Се разбира, не е доволно само да ја разбереме откупната жртва за да извлечеме корист од неа. Апостол Павле напишал: „Законот ни беше воспитувач кој нѐ водеше до Христос, за да бидеме прогласени за праведни поради верата“ (Гал. 3:24). А таа вера мора да ја покажеме со дела (Јак. 2:26). Еврејските христијани во првиот век ги разбирале основите на вистината бидејќи го познавале Мојсеевиот закон. Павле ги поттикнал да постапуваат во склад со она што го знаеле. На тој начин и самите ќе живееле според вистината за која ги поучувале другите. (Прочитај Римјаните 2:21-23.)

19 Иако не треба да го држат Мојсеевиот закон, христијаните сепак мора да му принесуваат прифатливи жртви на Јехова. Во следната статија ќе видиме како можат да го прават тоа.

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 17]

Основните работи што Јехова ги бара од своите слуги не се менуваат

[Слика на страница 18]

Кое животно би му го принел на Јехова?

[Слика на страница 19]

Оние што му принесуваат прифатливи жртви на Јехова ја стекнуваат неговата милост