Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Угледај се на Исус и остани духовно буден

Угледај се на Исус и остани духовно буден

Угледај се на Исус и остани духовно буден

„Бдејте и молете се“ (МАТ. 26:41)

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

Како може со своите молитви да покажеме дека бдееме?

Како може да покажеме дека сме духовно будни во однос на нашата служба?

Зошто е важно да останеме духовно будни кога се соочуваме со испити, и како да го правиме тоа?

1, 2. а) Кои прашања може да се наметнат во врска со примерот што го дал Исус во поглед на духовната будност? б) Дали грешните луѓе можат да учат од совршениот пример на Исус? Објасни со споредба.

 МОЖЕБИ си мислиш: ‚Како е можно да останам духовно буден како Исус, кога тој бил совршен човек? Тој можел дури и да ја предвиди иднината — знаел што ќе се случи и по две илјади години! Според тоа, дали навистина имал потреба да биде духовно буден?‘ (Мат. 24:37-39; Евр. 4:15). Да ги разгледаме овие прашања за да видиме колку е важно сега да останеме духовно будни.

2 Дали е можно еден грешен човек да учи од совршен пример? Да, исто како што е можно да се учи од примерот на еден добар учител. Да речеме дека некој оди на својот прв час по стрелаштво. Во почетокот, неговите стрели воопшто не ја погодуваат метата, но тој не се откажува и продолжува да оди на часови. За да се подобри, внимателно го набљудува својот учител, кој е одличен стрелец. Гледа каква положба зазема тој, како ги поставува рацете и како го оптегнува лакот. Малку по малку, учи колку силно да ја затегне жицата и зема предвид како ветрот ќе влијае врз движењето на стрелата. Ако продолжи да вежба и да постапува како учителот, на крајот ќе може да стрела сѐ поблиску до центарот на метата. На сличен начин, и ние се трудиме да станеме подобри христијани со тоа што ги следиме упатствата на Исус и неговиот совршен пример.

3. а) Како Исус покажал дека и самиот мора да остане духовно буден? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Дали навистина имало потреба Исус да биде духовно буден? Да. На пример, ноќта пред да биде погубен, тој им рекол на своите верни апостоли: „Бдејте со мене“. А потоа додал: „Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение“ (Мат. 26:38, 41). Во симболична смисла, Исус бдеел цело време додека служел на Земјата. Но, тој особено сакал да остане духовно буден во тие тешки моменти и да биде што е можно поблиску до својот небесен Татко. Знаел дека и неговите следбеници мора да го имаат истиот став, и тоа не само тогаш туку и во иднина. Затоа, да видиме најпрво зошто Исус сака да останеме духовно будни. Потоа ќе разгледаме три начини на кои можеме да го следиме неговиот пример во секојдневниот живот.

ЗОШТО ИСУС САКА ДА СМЕ ДУХОВНО БУДНИ

4. Зошто треба да останеме духовно будни?

4 Исус сака да останеме духовно будни затоа што, иако знаеме многу за иднината, сепак не знаеме сѐ. Кога бил на Земјата, и тој не знаел сѐ, бидејќи понизно признал: „За тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“ (Мат. 24:36). Значи, во тоа време, на Исус, „Синот“, не му било познато кога точно ќе дојде крајот на овој злобен свет. А како е со нас денес? И ние не знаеме кога точно Јехова ќе го испрати својот Син за да му стави крај на овој свет. Во спротивно, не би имало потреба да бидеме будни. Како што објаснил Исус, крајот ќе дојде ненадејно, и затоа мора постојано да бдееме. (Прочитај Матеј 24:43.)

5, 6. а) Како она што го знаеме за Божјето Царство ни помага да бидеме будни? б) Зошто она што го знаеме за Сатана нѐ тера уште повеќе да бдееме?

5 Од друга страна, пак, тој знаел многу прекрасни работи за иднината, за кои повеќето луѓе околу него воопшто не биле свесни. Иако ние не знаеме толку како Исус, сепак тој ни кажал многу за Божјето Царство и за благословите што тоа ќе ги донесе наскоро. Повеќето луѓе околу нас, сеедно дали на училиште, на работа или на подрачјето каде што проповедаме, се во духовен мрак и никогаш не чуле за овие величествени вистини. Ова е уште една причина за да бидеме духовно будни. Исто како Исус, и ние треба да ја искористиме секоја можност да го споделиме со другите она што го знаеме за Божјето Царство. Не би сакале да пропуштиме ниту една прилика да сведочиме бидејќи во прашање се животи! (1. Тим. 4:16).

6 Исус знаел уште една работа која му помогнала да остане буден. Знаел дека Сатана бил решен да го искушува, да го прогонува и да го наведе да му биде неверен на Бог. Овој злобен непријател постојано чекал „поволен момент“ за да го испита (Лука 4:13). Затоа Исус секогаш бил на штрек. Сакал да биде подготвен за секаков испит, без разлика дали станувало збор за искушение, противење или прогонство. Зарем истото не може да се каже и за нас? Знаеме дека Сатана сѐ уште е „како разрикан лав [кој] бара некого да проголта“. Затоа Божјата Реч ги советува сите христијани: „Бидете трезвени, бдејте!“ (1. Пет. 5:8). Но, како да бдееме?

КАКО МОЛИТВАТА НИ ПОМАГА ДА БДЕЕМЕ

7, 8. Што советувал Исус во врска со молитвата, и каков пример дал во тој поглед?

7 Библијата ни кажува дека молитвата е многу важна ако сакаме да останеме духовно будни (Кол. 4:2; 1. Пет. 4:7). Кратко откако побарал од своите следбеници да бдеат со него, Исус повторно им рекол: „Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение“ (Мат. 26:41). Дали сакал да каже дека требало да останат будни и да се молат само во тешката ситуација во која биле тогаш? Не, неговиот совет, всушност, претставува начело според кое треба да живееме секој ден.

8 Исус дал одличен пример во поглед на молитвата. Можеби се сеќаваш дека еднаш цела ноќ му се молел на својот Татко. Замисли си ја следнава сцена. (Прочитај Лука 6:12, 13.) Пролет е, и Исус веројатно се наоѓа во близина на рибарското гратче Капернаум. Во приквечерината, тој се качува на една планина која се извишува над Галилејското Море. Оттаму сигурно може да го види трепетливото светкање на ламбите кои полека се палат во Капернаум и во околните села. Тогаш Исус почнува да се моли. Ништо не му го одвраќа вниманието додека му зборува на Јехова. Поминуваат минути, а потоа и часови. Тој воопшто не забележува дека светилките во далечината полека се гаснат. Не ја гледа ни месечината, која плови по ноќното небо ниту, пак, го слуша шушкањето на животните во честарот. Најверојатно се моли во врска со важната одлука која лежи пред него — изборот на неговите 12 апостоли. Додека горливо го моли Јехова за водство и мудрост, сигурно му кажува што мисли за секој ученик и што го загрижува.

9. Што учиме од тоа што Исус се молел цела ноќ?

9 Дали поуката од примерот на Исус е дека мора да се молиме со часови? Не, бидејќи самиот тој покажал разбирање за своите ученици кога рекол: „Духот, навистина, е спремен, но телото е слабо“ (Мат. 26:41). Сепак, можеме да се угледаме на Исус. На пример, дали зборуваме со нашиот небесен Татко пред да донесеме каква и да било одлука која може да влијае врз нашиот однос со Него, или врз духовноста на нашето семејство или на сохристијаните? Дали се молиме за нашите браќа и сестри? Дали се молиме од срце наместо да повторуваме едни исти зборови? Забележи дека на Исус му било многу важно да разговара насамо со својот Татко. Поради денешното брзо темпо на живот, може многу лесно да изгубиме од вид што е најважно. Тоа што ќе одвоиме време насамо и сесрдно да му се молиме на Бог ќе ни помогне да останеме духовно будни (Мат. 6:6, 7). Така ќе се зближиме со него, и ќе бидеме цврсто решени да го зајакнеме нашето пријателство и да не направиме ништо што би можело да го наруши (Пс. 25:14).

КАКО ДА БИДЕМЕ БУДНИ ВО ОДНОС НА ПРОПОВЕДАЊЕТО

10. Кој пример ни покажува дека Исус ја користел секоја можност да сведочи?

10 Исус бил буден и во однос на делото што Јехова му го дал. На некои работни места, вработениот може успешно да ги извршува своите задачи дури и ако мислите понекогаш му одлетаат на нешто друго. Но, има многу работни места на кои се бара целосно внимание и концентрација, а христијанската служба е токму таква активност. Исус ни дал добар пример како да ја вршиме. Тој бил целосно сконцентриран на ова дело и ја користел секоја можност за да ја сподели добрата вест со другите. На пример, кога заедно со своите ученици пристигнал во близина на градот Сихар, откако пешачеле цело утро, учениците отишле да купат храна, а Исус седнал да се одмори во близина на градскиот бунар. Но, и тогаш останал духовно буден и видел прилика да сведочи кога една Самарјанка дошла да нацрпи вода. Тој не морал да разговара со неа. Можел да реши малку да дремне или да си бара изговор да не зборува со жената. Но, не постапил така. Ѝ се обратил, почнал разговор со неа и ѝ дал силно сведоштво кое влијаело врз многу луѓе во тој град (Јован 4:4-26, 39-42). Можеме ли и ние да бидеме будни како Исус така што ќе се трудиме да ја искористиме секоја можност да им ја пренесеме добрата вест на луѓето што ги среќаваме секој ден?

11, 12. а) Што им рекол Исус на оние кои сакале да му го одвратат вниманието од неговата задача? б) Како Исус покажал дека е урамнотежен?

11 Понекогаш некои добронамерни лица сакале да му го одвратат вниманието на Исус од неговата задача. Во Капернаум, луѓето сакале тој да остане со нив бидејќи биле восхитени од чудата со кои ги лекувал болните. Тоа е разбирливо. Но, Исус имал задача да им проповеда на сите ‚загубени овци на домот Израелов‘, а не само на луѓето во еден град (Мат. 15:24). Затоа им рекол на жителите на Капернаум: „И на другите градови морам да им ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:40-44). Очигледно, Исус потполно го посветил својот живот на службата за Бог. Тој не дозволил ништо да му го одврати вниманието од неа.

12 Дали ова значи дека Исус бил фанатик или испосник? Дали бил толку внесен во службата што воопшто не се интересирал за потребите на луѓето? Не, Исус бил совршено урамнотежен. Тој го сакал животот и уживал да се дружи со пријателите. Сочувствувал со семејните луѓе, имал разбирање за нивните потреби и проблеми, и отворено покажал дека многу ги сака децата. (Прочитај Марко 10:13-16.)

13. По примерот на Исус, како можеме да бидеме духовно будни и урамнотежени во однос на проповедањето?

13 Како може да покажеме слична урамнотеженост додека го следиме Исусовиот пример на духовна будност? Така што нема да дозволиме овој свет да ни го одвлече вниманието од делото што го вршиме. Некои добронамерни пријатели и роднини можеби ќе нѐ поттикнуваат да правиме помалку во службата или да водиме „понормален“ живот. Но, ако го следиме примерот на Исус, за нас проповедањето ќе биде како храна (Јован 4:34). Она што го правиме во службата духовно нѐ зајакнува и многу нѐ радува. Сепак, не би сакале да одиме во крајности и да бидеме самоправедни или да живееме како испосници. Исто како Исус, и ние сакаме да бидеме радосни и урамнотежени слуги на „среќниот Бог“ (1. Тим. 1:11).

КАКО ДА БДЕЕМЕ КОГА СЕ СООЧУВАМЕ СО ИСПИТИ

14. Што не смееме да заборавиме кога ќе се соочиме со испити на нашата вера, и зошто?

14 Како што видовме, особено кога бил под најсилен притисок, Исус нагласил колку е важно да се остане духовно буден. (Прочитај Марко 14:37.) Посебно кога ќе се соочиме со неволји треба да се трудиме да го следиме неговиот пример и да бдееме. За жал, во таквите моменти, мнозина честопати забораваат една многу важна вистина. Таа е толку важна што двапати е запишана во книгата Изреки. Таму стои: „Некој пат му се чини на човекот исправен, но на крајот води во смрт“ (Изр. 14:12; 16:25). Ако се потпираме на своето размислување, особено кога се соочуваме со тешки проблеми, може да се доведеме во опасност и себеси и оние што ги сакаме.

15. На какво искушение може да се најде некој семеен поглавар во време на економска криза?

15 На пример, што ако некој семеен поглавар едвај успева да се грижи за материјалните потреби на своите ‚домашни‘? (1. Тим. 5:8). Можеби ќе се најде на искушение да прифати вработување поради кое постојано ќе ги пропушта христијанските состаноци, Семејната вечер или, пак, нема да може редовно да оди во служба. Од човечка гледна точка, таквата одлука би можела да се чини оправдана, па дури и исправна. Но, голема е веројатноста дека таквиот ќе си го наруши својот однос со Јехова, а можно е дури и потполно да го изгуби пријателството со Него. Колку е помудро да го следи советот од Изреки 3:5, 6! Таму Соломон рекол: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“.

16. а) Како Исус покажал дека се потпира на Јеховината мудрост, а не на својата? б) Како многу семејни поглавари го следат примерот на Исус со тоа што се потпираат на Јехова кога се во тешка ситуација?

16 Кога се нашол под притисок, Исус одлучно одбил да се потпре на својот разум. Замисли — најмудриот човек што живеел на Земјата не се потпирал на сопствената мудрост! На пример, кога Сатана трипати го искушал, тој му одговарал со зборовите: „Напишано е“ (Мат. 4:4, 7, 10). За да им се спротивстави на искушенијата, Исус се потпирал на мудроста од својот Татко, и на тој начин покажал понизност — особина што Сатана ја презира и ја нема. Дали и ние се потпираме на Јеховината мудрост? Еден семеен поглавар кој е духовно буден како Исус, дозволува да го води Божјата Реч, особено кога ќе се најде во тешка ситуација. Низ целиот свет, илјадници семејни поглавари го прават токму тоа. Тие го ставаат Божјето Царство и обожавањето на вистинскиот Бог на прво место во животот, дури и пред материјалните потреби. На тој начин се грижат најдобро за своите семејства. Во склад со ветувањето што го дал во својата Реч, Јехова навистина го благословува трудот што го вложуваат за да ги издржуваат своите семејства (Мат. 6:33).

17. Зошто сакаш да останеш духовно буден како Исус?

17 Без сомнение, Исус го дал најдобриот пример за духовна будност. Тој пример е практичен, корисен, па дури и животоважен. Не заборавај, Сатана е решен да те успие во духовен поглед, односно да ти ја ослабне верата, да ти ја згасне ревноста и да те наведе да ги прекршиш Божјите мерила (1. Сол. 5:6). Не му дозволувај да ја постигне својата цел! Остани духовно буден како што бил Исус — во молитвите, во службата и кога ќе се соочиш со испити. Само така ќе водиш исполнет и среќен живот уште сега, пред самиот крај на овој расипан свет. Ако останеш духовно буден, твојот Господар ќе те најде подготвен и зафатен во неговото дело кога ќе дојде да го уништи овој сатански поредок. Јехова со радост ќе те награди затоа што си му останал верен до крај! (Отк. 16:15).

[Прашања]

[Слика на страница 6]

Исус ѝ проповедал на жената која дошла на бунарот. Дали и ти бараш прилика да проповедаш секој ден?

[Слика на страница 7]

Ако се грижиш за духовните потреби на своето семејство, покажуваш дека си духовно буден