Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зачувајте го добриот дух на собранието

Зачувајте го добриот дух на собранието

Зачувајте го добриот дух на собранието

„Незаслужената доброта на Господарот Исус Христос нека биде со вашиот дух“ (ФИЛ. 4:23)

КАКО ЌЕ ПРИДОНЕСЕМЕ ДА ВЛАДЕЕ ДОБАР ДУХ ВО СОБРАНИЕТО . . .

кога се дружиме со нашите браќа?

со тоа што ќе бидеме ревносни во службата?

со тоа што нема да криеме од старешините ако некој прави тежок грев?

1. За што биле пофалени собранијата во Филипи и во Тијатира?

 ХРИСТИЈАНИТЕ кои живееле во Филипи во првиот век од н.е. биле сиромашни. Сепак, биле великодушни и покажале голема љубов кон своите соверници (Фил. 1:3-5, 9; 4:15, 16). Затоа, на крајот од своето послание до нив, апостол Павле напишал: „Незаслужената доброта на Господарот Исус Христос нека биде со вашиот дух“ (Фил. 4:23). Бидејќи сличен дух покажале и христијаните во собранието во Тијатира, прославениот Исус Христос им рекол: „Ги знам твоите дела, и твојата љубов, верата, службата и истрајноста, и дека твоите последни дела се побројни од претходните“ (Отк. 2:19).

2. Како влијае нашиот став врз духот што преовладува во собранието?

2 И во секое собрание на Јеховините сведоци денес преовладува одреден дух, односно став. Некои собранија се познати по својата срдечност и љубов. Други, пак, се познати по тоа што ревносно проповедаат за Царството и покажуваат големо ценење за полновремената служба. Кога секој од нас се труди да има добар став, придонесува за единството на целото собрание и за неговиот целокупен духовен напредок (1. Кор. 1:10). Од друга страна, ако имаме негативен став, би можеле да ги наведеме другите да не се трошат толку во службата, да ја изгубат ревноста за духовните активности, па дури и да толерираат грев во собранието (1. Кор. 5:1; Отк. 3:15, 16). Каков дух преовладува во твоето собрание? Како ти лично можеш да придонесеш во него да владее добар дух?

ДАЈ ГО СВОЈОТ ДЕЛ

3, 4. Како може ‚да го фалиме Јехова среде големото насобрано мноштво‘?

3 Псалмистот пеел: „Ќе те фалам среде големото насобрано мноштво, тебе ќе те фалам меѓу многуброен народ“ (Пс. 35:18). Тој го фалел Јехова кога бил заедно со други Божји слуги. На собраниските состаноци, како што е Проучувањето на Стражарска кула, можеме да ја покажеме својата вера и ревност со нашите коментари. Добро е секој од нас да се праша: ‚Дали учествувам на состаноците? Дали добро се подготвувам за нив и дали давам смисловни коментари? Ако сум семеен поглавар, дали им помагам и на децата однапред да се подготват и дали ги учам да одговараат со свои зборови?‘

4 Со нашето пеење на состаноците можеме да покажеме дека имаме постојано срце, односно срце кое е решено да го прави она што е исправно. Давид рекол: „Моето срце е постојано, Боже, моето срце е постојано. Ќе пеам и со песна ќе те фалам“ (Пс. 57:7). На христијанските состаноци имаме многу убава можност да ‚пееме и да го фалиме‘ Јехова со постојано срце. Ако не знаеме некои од песните, би можеле да ги вежбаме во текот на Семејната вечер. Да бидеме решени ‚да му пееме на Јехова и со песна да го фалиме додека сме живи‘! (Пс. 104:33).

5, 6. Како може да бидеме гостољубиви и дарежливи кон другите, и како тоа ќе влијае врз собранието?

5 Ако сме гостољубиви кон браќата и сестрите, исто така можеме да придонесеме да владее љубов во собранието. Во последното поглавје од своето послание до Евреите, Павле го дал следниов поттик: „Братската љубов и понатаму нека владее меѓу вас. Не заборавајте ја гостољубивоста“ (Евр. 13:1, 2). Одличен начин да покажеме гостољубивост е да ги викнеме на ручек или на вечера патувачките надгледници и нивните жени или некои полновремени слуги од нашето собрание. Размисли и за вдовиците, за семејствата со еден родител или за други лица кои исто така би можеле да ги поканиме на гости или, пак, на нашата Семејна вечер.

6 Павле му рекол на Тимотеј да ги поттикне другите ‚да прават добро, да се богатат со добри дела, да бидат дарежливи и спремни да го делат она што го имаат бидејќи со тоа ќе го собираат она богатство што е добар темел за иднината и ќе го освојат вистинскиот живот‘ (1. Тим. 6:17-19). Павле сакал да ги охрабри соверниците да бидат дарежливи. Дури и во тешки економски услови можеме да ја покажуваме оваа особина. На пример, ако имаш кола, дали би можел со себе да земаш и други кога одиш во служба на подрачјето или на состанок? А како можат оние на кои им се помага на ваков начин да покажат благодарност и да придонесат за добриот дух во собранието? Можеби така што ќе приложат колку што можат за да му помогнат на братот што ги вози да ги покрие сѐ поголемите трошоци за гориво. Освен тоа, ќе им покажеме на нашите браќа и сестри дека ни се потребни и дека ги сакаме ако поминуваме повеќе време заедно со нив. Кога им правиме добро „на своите браќа по вера“ и кога спремно ги делиме нашите средства и време со нив, нашата љубов расте и помагаме во собранието да владее срдечен и убав дух (Гал. 6:10).

7. Како доверливоста ќе ни помогне да придонесеме за убав дух во собранието?

7 Пријателството и доверливоста исто така можат да ја засилат љубовта меѓу браќата и сестрите. (Прочитај Изреки 18:24.) Вистинските пријатели не му ги откриваат на некој друг работите што си ги кажале во доверба. Кога нашите браќа се уверени дека можат да ни го отворат своето срце и ни кажуваат некои лични работи знаејќи дека тоа нема да се расчуе, љубовта меѓу нас станува уште посилна. Затоа, да се трудиме да бидеме доверливи пријатели. Така ќе придонесеме собранието да биде како едно семејство во кое сите се сакаат (Изр. 20:19).

БИДИ РЕВНОСЕН ВО СЛУЖБАТА

8. Каков совет добило собранието во Лаодикија, и зошто?

8 Исус му се обратил на собранието во Лаодикија со следниве зборови: „Ги знам твоите дела — не си ни студен ни жежок. Да си барем студен или жежок! Но, бидејќи си млак, ни жежок ни студен, ќе те повратам од својата уста“ (Отк. 3:15, 16). Членовите на ова собрание ја изгубиле својата ревност за службата. Таквиот став веројатно влијаел и врз нивните меѓусебни односи. Затоа Исус со љубов им го дал следниов совет: „Јас ги укорувам и ги опоменувам сите што ги сакам. Затоа биди ревносен и покај се!“ (Отк. 3:19).

9. Како нашиот став кон службата влијае врз духот во собранието?

9 За да има добар дух во собранието, треба да ја вршиме службата со ревност. Целта на секое собрание е да ги бара искрените поединци на подрачјето и да ги поучи за библиската вистина. Затоа, по примерот на Исус, треба со сета душа да учествуваме во тоа дело (Мат. 28:19, 20; Лука 4:43). Колку поревносно ја вршиме службата, толку пообединети ќе бидеме како „Божји соработници“ (1. Кор. 3:9). Кога гледаме како другите ја бранат својата вера и изразуваат ценење за вистината, расте нашата љубов и почит кон нив. Тоа што служиме „рамо до рамо“ во проповедничкото дело придонесува за единството во собранието. (Прочитај Софонија 3:9, фуснота.)

10. Како ќе влијаеме врз другите во собранието ако се трудиме да бидеме повешти во службата?

10 Може да имаме добро влијание врз другите и ако се трудиме да станеме уште повешти во службата. Кога покажуваме поголем интерес за луѓето на кои им сведочиме и кога се трудиме да им допреме до срцето со пораката од Библијата, нашата ревност за службата се разгорува (Мат. 9:36, 37). А ревноста лесно се пренесува и на другите. Исус ги испратил своите ученици да проповедаат по двајца, а не сам по сам (Лука 10:1). На тој начин, не само што можеле да се охрабрат и да се обучат туку и да ја вршат службата со уште поголем жар. Зарем не се радуваме кога проповедаме со ревносни објавители на Царството? Нивната воодушевеност нѐ охрабрува и ни дава уште поголем елан за службата (Рим. 1:12).

НЕМОЈ ДА МРМОРИШ НИТУ ДА ПРИКРИВАШ ТЕЖОК ГРЕВ

11. Каков став имале некои Израелци во времето на Мојсеј, и како тоа влијаело врз нив?

11 Само неколку седмици откако Јехова ги организирал како посебен народ, Израелците почнале да мрморат, односно да се жалат. Ова водело до побуна против Јехова и неговите претставници (2. Мој. 16:1, 2). Поради тоа, само мал број од оние што го напуштиле Египет влегле во Ветената земја. Дури и на Мојсеј не му било дозволено да влезе во таа земја поради начинот на кој реагирал на лошиот став што го покажал народот! (5. Мој. 32:48-52). Што може да направиме денес за да не се развие таков негативен став и кај нас?

12. Што ќе ни помогне да не почнеме да мрмориме?

12 Мора да внимаваме и ние да не почнеме да мрмориме и да се жалиме. Нема да развиеме ваков став ако се трудиме да бидеме понизни и да ги почитуваме оние што имаат авторитет. Но, треба да пазиме и со кого се дружиме. Ако избереме погрешна забава или поминуваме премногу време со колегите или соучениците кои немаат никакво ценење за праведните начела, тоа сигурно лошо ќе се одрази врз нас. Мудро е да не се дружиме со луѓе што шират негативни ставови и немаат никаква почит кон авторитетот (Изр. 13:20).

13. Каква друга духовна штета во собранието може да предизвика мрморењето?

13 Мрморењето може да предизвика и друга духовна штета. На пример, може да го наруши мирот и единството во собранието. Освен тоа, ако на други им се жалиме за некој соверник, би можеле да му нанесеме болка. Што е уште пострашно, таквото мрморење би можело да прерасне и во гревови како што се клеветење и погрден говор (3. Мој. 19:16; 1. Кор. 5:11). Некои од оние што мрмореле во собранието во првиот век, ‚не ги почитувале оние што владееле над нив и зборувале навредливо за славните‘ (Јуда 8, 16). Бог во никој случај не го одобрувал таквиот став кон одговорните браќа во собранието.

14, 15. а) Какви би биле последиците за собранието ако ги затвораме очите пред некој тежок грев? б) Што треба да сториме ако дознаеме дека некој прави таен грев?

14 Како треба да реагираме доколку дознаеме дека некој прави таен грев, на пример, дека се опива, гледа порнографија или врши неморал? (Еф. 5:11, 12). Ако ги затвораме очите пред тешките гревови што ги прави некој христијанин, тоа може да го попречи дејствувањето на Јеховиниот свет дух врз собранието и да го наруши мирот во него (Гал. 5:19-23). Во првиот век, христијаните во Коринт морале да ги отстранат лошите влијанија од својата средина. И денес, за да се зачува добриот дух на собранието, мора да се отстранат сите штетни влијанија. Како можеш да помогнеш да се зачува мирот во твоето собрание?

15 Веќе беше спомнато дека е важно да бидеме доверливи, особено кога некој ќе ни открие некои лични работи. Многу е нељубезно и погрешно да шириме доверливи информации за другите. Сепак, ако некој направил тежок грев, собраниските старешини треба да бидат известени за тоа бидејќи имаат библиска одговорност да преземат нешто во таков случај. (Прочитај 3. Мојсеева 5:1.) Значи, ако дознаеме дека некој брат или сестра направил или прави грев, треба да го поттикнеме да им каже за тоа на старешините и да побара помош од нив (Јак. 5:13-15). Но, ако не го стори тоа во еден разумен рок, самите треба да ги известиме.

16. Како ќе помогнеме да се зачува добриот дух на собранието со тоа што нема да криеме од старешините ако дознаеме за некој тежок грев?

16 Христијанското собрание е духовно засолниште. Ние мора да помогнеме тоа да се заштити така што нема да криеме од старешините кога ќе дознаеме за некој тежок грев. Ако тие успеат да го вразумат оној што греши и ако тој се покае, ако го прифати укорот и се поправи, повеќе нема да претставува опасност за собранието. Но, што ако некој што прави тежок грев не се кае и не ја прифаќа помошта која со љубов му ја даваат старешините? Тогаш ќе биде исклучен. На тој начин ќе биде отстрането лошото влијание, и старешините ќе го заштитат духот на собранието. (Прочитај 1. Коринќаните 5:5.) Според тоа, секој од нас треба да се труди да го зачува добриот дух на собранието така што ќе ги преземе потребните чекори и ќе соработува со старешините. Да го правиме она што е најдобро за нашите соверници и да го заштитиме собранието.

ОДРЖУВАЈТЕ ГО „ЕДИНСТВОТО НА ДУХОТ“

17, 18. Што ќе ни помогне да го ‚одржиме единството на духот‘?

17 Првите следбеници на Исус помогнале во собранието да владее дух на единство со тоа што ‚му се посветиле на апостолското учење‘ (Дела 2:42). Тие ги ценеле библиските совети и водството што ги добивале од старешините. Бидејќи денес старешините соработуваат со верниот и разборит роб, сите во собранието ги добиваат охрабрувањето и помошта кои им се потребни за да останат обединети (1. Кор. 1:10). Кога се подложуваме на библиските упатства што ги добиваме од Јеховината организација и го следиме водството на старешините, ние докажуваме дека ‚вистински се трудиме да го одржиме единството на духот, во мирот кој нѐ поврзува‘ (Еф. 4:3).

18 Затоа, да дадеме сѐ од себе за да го зачуваме добриот дух на собранието. Така ќе може да бидеме сигурни дека ‚незаслужената доброта на Господарот Исус Христос ќе биде со нашиот дух‘ (Фил. 4:23).

[Прашања]

[Слика на страница 19]

Дали придонесуваш за добриот дух во собранието со тоа што подготвуваш смисловни коментари?

[Слика на страница 20]

Вежбај ги песните за да помогнеш во собранието да владее добар дух