Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие храбро ја објавувале Божјата Реч!

Тие храбро ја објавувале Божјата Реч!

Тие храбро ја објавувале Божјата Реч!

Вистинските христијани отсекогаш покажувале храброст кога се соочувале со противење. Ова јасно може да се види од нашите публикации, како што се книгата ‚Сведочи темелно за Божјето Царство‘ и двете DVD-ја Јеховините сведоци — вера на дело. Исто како нашите соверници во првиот век, и ние го молиме Јехова да ни даде свет дух и да ни помогне смело да зборуваме за Божјата Реч (Дела 4:23-31).

Во врска со проповедничкото дело што Јеховиниот народ го вршел во текот на Првата светска војна, еден брат напишал: „Божјите слуги ревносно им го даваа на луѓето седмиот том од Студии на Светото писмо, со наслов Тајната е разоткриена. Беа поделени рекорден број примероци. Потоа, во 1918 год., излезе трактатот Вест за Царството бр. 1. По него следеше трактатот Вест за Царството бр. 2, во кој беше објаснето зошто властите правеа проблеми поради книгата Тајната е разоткриена. Подоцна беше објавен и трактатот Вест за Царството бр. 3. Верните помазаници разделија огромен број од овие публикации. За тоа им требаше голема вера и храброст“.

Денес, повеќето нови објавители на Царството се поучени како да проповедаат, но тоа не било отсекогаш така. Во врска со првиот пат кога отишол во служба, во 1922 год., еден брат од полско потекло кој живеел во САД го напишал следново: „Никогаш нема да го заборавам тој ден — толку бев возбуден и исплашен! Стоев сам пред една ординација и чукнав иако не знаев како да ја понудам литературата и не зборував добро англиски. На вратата излезе една медицинска сестра. Кога ја отворив торбата, сите книги ми испаднаа и се најдоа пред нејзините нозе. Не памтам што реков, само знам дека ја зеде публикацијата што ѝ ја понудив. Кога си заминав оттаму, веќе се чувствував похрабар и бев уверен дека Јехова ме благослови. Тој ден дадов многу брошурки на тоа деловно подрачје“.

Една сестра рекла: „Околу 1933 год., многу браќа користеа коли со разглас за да ја објавуваат пораката за Царството“. Во една прилика, таа и еден брачен пар Сведоци проповедале на планинско подрачје во Калифорнија. „Братот ја паркира колата нешто повисоко на планината, а ние останавме подолу во градот“, продолжила таа. „Кога ја пушти снимената порака, звукот се слушаше како да доаѓа од небото. Луѓето во градот го бараа братот на сите страни, но не можеа да го најдат. Откако снимката заврши, продолживме да проповедаме од врата до врата со цел и лично да им посведочиме на мештаните“. Оваа сестра и во други прилики проповедала на ваков начин, и во врска со тоа го рекла следново: „Верувајте ми, на повеќето не им се допаѓаше пораката. Но, сакале-нејќеле, мораа да ги слушаат говорите кои ечеа од разгласот на колите. Се уверивме дека Јехова секогаш ги води своите слуги да ја користат вистинската метода во вистинско време. Ни требаше огромна храброст за да проповедаме на ваков начин, но така ја постигнавме целта и го прославивме Јеховиното име“.

Во 1930-тите и во почетокот на 1940-тите, во службата се користеле грамофони и снимени библиски говори. Една христијанка рекла: „Една млада сестра сведочеше од врата до врата со грамофон. Но, кога му ја пушти плочата на еден станар, тој толку се разбесни што го шутна грамофонот од верандата. Но, не се скрши ниту една плоча. Тројца мажи што во тоа време јадеа во својот паркиран камион видоа што се случи, и ја викнаа сестрата да им ја пушти плочата. На крајот, зедоа литература од неа. Така денот сепак заврши добро“. Навистина била потребна храброст за да се издржи такво противење.

Истата сестра рекла: „Се сеќавам кога во 1940 год. почнавме да сведочиме со списанија на улица. Пред тоа сведочевме со плакати. Браќата и сестрите одеа по тротоарите, во колона по еден, носејќи плакати на кои пишуваше ‚Религијата е стапица и измама‘ и ‚Служи му на Бог и на Царот Христос‘. Истовремено на луѓето им даваа бесплатни трактати. Беше потребна храброст за да се проповеда на ваков начин, но тоа им го сврте вниманието на луѓето кон Јеховиното име и кон Неговиот народ“.

Една друга сестра рекла: „Во малите места беше многу тешко да се нудат списанија на улица. Во тоа време Сведоците беа изложени на големо противење... Ни требаше огромна храброст за да стоиме со списанија на јавни места и да ги извикуваме паролите што ни ги препорачуваше организацијата. Сепак, многу ретко се случуваше да не сведочиме во сабота. Понекогаш луѓето беа пријателски расположени. Но, одвреме-навреме се собираа толпи од гневни лица, а во некои случаи моравме дури дискретно да си заминеме за да не настрадаме“.

И покрај прогонството што го претрпеле во текот на Втората светска војна, Јеховините сведоци храбро продолжиле да проповедаат. Во една акција што траела 43 дена, од 1 декември 1940 год. до 12 јануари 1941 год., околу 50.000 објавители во САД разделиле речиси осум милиони брошурки.

Мнозина постари браќа и сестри во Божјата организација имаат живи спомени на времињата кога навистина им била потребна голема смелост. Некои се сеќаваат дека со години се храбреле со мотото „Напред до победа!“ Останува да видиме на кој начин ќе треба да ја објавуваме Божјата порака пред да дојде крајот на овој злобен свет. Но, уверени сме дека Јехова ќе ни помогне да продолжиме смело и со вера да ја објавуваме неговата реч.

[Истакната мисла на страница 9]

Отсекогаш била потребна храброст за да се проповеда пораката за Царството