Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Натан — верен застапник на вистинскиот Бог

Натан — верен застапник на вистинскиот Бог

Натан — верен застапник на вистинскиот Бог

Не е лесно да се увери една влијателна личност дека не постапува исправно и дека треба да се промени. Дали би имал храброст да се соочиш со таков човек кога би знаел дека бил спремен и на убиство само за да си го зачува угледот?

Израелскиот цар Давид направил прељуба со Витсавеа и таа останала бремена. За да го скрие нивниот грев, Давид наместил да го убијат нејзиниот маж, а потоа ја зел за жена. Тој со месеци водел двоен живот додека, без сомнение, продолжил да ги извршува своите царски должности. Но, Јехова не дозволил неговите гревови да останат незабележани. Тој го испратил својот пророк Натан за да го повика Давид на одговорност.

Како би се чувствувал ти да си бил на местото на Натан? Задачата што му ја дал Бог воопшто не била лесна. Сепак, овој пророк му бил верен на Јехова и сакал цврсто да се држи за неговите мерила. Од таа причина, сигурно бил поттикнат да го соочи Давид со неговите гревови. Но, како можел да го стори тоа и да го убеди царот дека треба да се покае?

БИЛ ТАКТИЧЕН СОВЕТНИК

Зошто не одвоиш неколку минути за да го прочиташ извештајот од 2. Самоилова 12:1-25? Замисли дека ти си Натан и дека му ја раскажуваш следнава приказна на Давид: „Во еден град живееја двајца луѓе, едниот богат, а другиот сиромав. Богаташот имаше мошне многу овци и говеда, а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка, која ја беше купил. Ја хранеше, и таа растеше покрај него и покрај неговите синови. Јадеше од неговиот залак, пиеше од неговата чаша и му спиеше в прегратка. Му беше како ќерка. По некое време на богаташот му дојде на гости еден човек. А на богаташот му беше жал да земе од своите овци или од говедата за да му зготви нешто на патникот, кој беше дошол кај него, па ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја зготви на човекот“ (2. Сам. 12:1-4).

Давид, кој и самиот бил пастир, очигледно помислил дека ова навистина се случило. Еден изучувач вели: „Веројатно Натан и во други прилики доаѓал кај него за да се зазема за обесправените кои не можеле да добијат помош од друго место. Очигледно, Давид си помислил дека тоа е случај и сега“. Дури и да било така, на Натан му била потребна решителност да го послуша Бог и храброст за да му се обрати на царот на ваков начин. Давид многу се разгневил кога ја слушнал неговата приказна, и извикал: „Како што е жив Јехова, човекот што го направил тоа заслужува смрт!“ Тогаш Натан отворено му кажал: „Ти си тој човек!“ (2. Сам. 12:5-7).

Размисли зошто Натан решил да зборува за проблемот користејќи една приказна. Не е лесно оној што е емотивно врзан за некого да гледа објективно на својата ситуација. Сите сме склони да си бараме изговори за да се оправдаме ако не правиме нешто како што треба. Но, приказната на Натан го поттикнала Давид да ги осуди сопствените постапки без да биде свесен за тоа. Тој јасно сфатил дека постапката на богатиот човек за кој зборувал пророкот била за осуда. Дури откако царот самиот го осудил овој човек, Натан му кажал дека приказната се однесува на него. Така Давид можел јасно да разбере колку голем грев направил и да сфати дека му е потребен укор. Тој признал дека навистина го ‚презрел‘ Јехова со гревовите што ги направил во случајот со Витсавеа, и го прифатил заслужениот укор (2. Сам. 12:9-14; Пс. 51, натпис).

Како може да ни користи овој извештај? Кога ги поучуваме другите за Библијата, наша цел е да им помогнеме да дојдат до исправен заклучок. Натан го почитувал Давид, и затоа тактично зборувал со него. Тој знаел дека Давид многу ги сака праведноста и правдата. Затоа решил да се обиде да допре до неговото срце со една ваква споредба. И ние можеме да го следиме неговиот пример. Како? Па, кај секој човек постои одредено чувство за правда. Можеме на темел на тоа да им помогнеме на искрените лица да разберат како гледа Јехова на некоја работа. Но, притоа треба да внимаваме да не им наметнуваме чувство дека сме подобри од нив или дека имаме право да им кажуваме како да постапат. Библијата е мерилото за тоа што е исправно, а не нашето лично мислење.

Она што најмногу му помогнало на Натан бестрашно да го укори царот била неговата верност кон Бог (2. Сам. 12:1). Ако и ние сме му верни на Јехова, ќе имаме храброст да ги браниме Неговите праведни мерила.

ГО ПОДДРЖУВАЛ ОБОЖАВАЊЕТО НА ВИСТИНСКИОТ БОГ

Натан и Давид очигледно биле добри пријатели, бидејќи Давид му го дал името Натан на еден од своите синови (1. Лет. 3:1, 5). Кога Натан за првпат се спомнува во Библијата, тој бил со Давид. И двајцата го сакале Јехова. Очигледно царот го ценел мислењето на овој пророк, бидејќи му кажал дека сака да изгради храм за Јехова. Тој му рекол на Натан: „Погледни! Јас живеам во дворец од кедрово дрво, а ковчегот на вистинскиот Бог се наоѓа под шатор“. Тогаш Натан одговорил: „Оди и направи сѐ што ти е на срцето, зашто Јехова е со тебе!“ (2. Сам. 7:2, 3).

Како верен слуга на Јехова, Натан воодушевено го поддржал планот на Давид да го изгради првиот храм на вистинскиот Бог на Земјата. Но, во таа прилика Натан очигледно го кажал своето мислење наместо да зборува во Јеховино име. Истата ноќ, Бог му заповедал да му пренесе поинаква порака на царот: Давид немало да му изгради храм на Јехова, туку тоа ќе го направел еден од неговите синови. Сепак, Натан му кажал на Давид дека Бог склучува сојуз со него и дека ‚неговиот престол цврсто ќе стои довека‘ (2. Сам. 7:4-16).

Бог имал поинакво мислење од Натан за тоа кој треба да го изгради храмот. Но, овој понизен пророк без приговор ги прифатил Јеховините упатства и постапил во склад со нив. Така ни дал одличен пример како да реагираме ако Бог нѐ исправи на сличен начин. Знаеме дека и понатаму ја имал Божјата милост бидејќи Јехова продолжил да го користи како свој пророк. Всушност, изгледа дека Бог ги вдахновил Натан и јасновидецот Гад да му помогнат на Давид да организира 4.000 музичари за храмската служба (1. Лет. 23:1-5; 2. Лет. 29:25).

ЈА БРАНЕЛ ВИСТИНСКАТА ЦАРСКА ЛОЗА

Натан знаел дека Соломон требало да го наследи Давид. Затоа презел решителни чекори кога Адонија, друг син на Давид, се обидел да го приграби престолот на својот остарен татко. И во таа ситуација Натан постапил тактично и верно. Прво ја советувал Витсавеа да го потсети Давид дека ѝ се заколнал оти нејзиниот син Соломон ќе седне на престолот по неговата смрт. А потоа самиот влегол кај царот и го прашал дали го избрал Адонија за свој наследник. Кога сфатил колку е сериозна ситуацијата, остарениот цар им заповедал на Натан и на другите верни слуги да го помазаат Соломон и да го прогласат за цар. На тој начин била осуетена побуната на Адонија (1. Цар. 1:5-53).

БИЛ ПОНИЗЕН ИСТОРИЧАР

Се смета дека Натан и Гад ги напишале 1. Самоилова, поглавја 25-31, како и целата 2. Самоилова. Во врска со вдахновените историски извештаи запишани во овие книги се вели: „Историјата на цар Давид, од почетокот до крајот, запишана е во записите на јасновидецот Самоил, во записите на пророкот Натан и во записите на јасновидецот Гад“ (1. Лет. 29:29). Во Библијата исто така се спомнува дека Натан пишувал за ‚историјата на Соломон‘ (2. Лет. 9:29). Ова значи дека најверојатно продолжил да служи на царскиот дворец и по смртта на Давид.

Повеќето од она што го знаеме за Натан веројатно го напишал самиот тој. Но, учиме многу за него и од она што не го напишал. Тој очигледно бил понизен историчар кој не сакал да си стекне славно име. Еден библиски речник вели дека Натан се појавува во Библијата без некоја посебна најава или вовед. Всушност, не знаеме ништо за неговото потекло ниту за неговиот приватен живот.

МУ БИЛ ВЕРЕН НА ЈЕХОВА ВО СЀ

Од неколкуте работи што се запишани за Натан во библискиот извештај, дознаваме дека тој бил понизен и дека ревносно го бранел теократскиот ред. Јехова Бог му доверил големи одговорности. Длабоко размислувај за неговите особини — како што се неговата верност кон Бог и љубовта кон Божјите начела — а потоа труди се и самиот да ги покажуваш.

Најверојатно од тебе нема да се бара да укориш некој цар кој направил прељуба ниту да спречиш нечиј план да стане владетел. Сепак, Бог може да ти помогне да му останеш верен и да се држиш за неговите праведни мерила. Освен тоа можеш храбро, но тактично, да ги поучуваш другите за вистината и да го застапуваш обожавањето на вистинскиот Бог.

[Слика на страница 25]

Натан тактично зборувал со Витсавеа за да ја одбрани вистинската царска лоза