Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Останете во моите зборови“

„Останете во моите зборови“

„Останете во моите зборови“

„Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (ЈОВАН 8:31, 32)

Што значи тоа? Исусовите „зборови“ се однесуваат на неговите учења, кои доаѓаат од повисок извор. „Самиот Татко, кој ме испрати, ми даде заповед што да кажам и што да зборувам“, рекол Исус (Јован 12:49). Во една молитва до својот небесен Татко, Јехова Бог, тој рекол: „Твојата реч е вистина“. Исус честопати цитирал од Божјата Реч за да го поткрепи она што го кажувал (Јован 17:17; Матеј 4:4, 7, 10). Според тоа, вистинските христијани ‚остануваат во неговите зборови‘, односно ја прифаќаат Божјата Реч, Библијата, како ‚вистина‘ и како највисок авторитет за своите верувања и постапки.

Какви биле првите христијани? Апостол Павле, кој напишал најмногу библиски книги, имал високо ценење за Божјата Реч, какво што имал и Исус. Павле напишал: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно“ (2. Тимотеј 3:16). Мажите што биле именувани да ги поучуваат другите христијани морале „цврсто да се држат за сигурната и веродостојна Божја Реч“ (Тит 1:7, 9 The Amplified Bible). Христијаните во првиот век биле опоменати да отфрлат секакво ‚мудрување и празна измама, која се темели на човечки преданија, на начелата на овој свет, а не на Христовите учења‘ (Колошаните 2:8).

Кој е таков денес? Според Догматскиот устав за Божественото откровение, усвоен во 1965 год. и цитиран во Катехизмот на Католичката црква: „Црквата не ја темели својата увереност во своите откровенија само на Светото писмо. Затоа, со иста доверба треба да се прифатат и да се почитуваат и светите традиции и Светото писмо“. Во една статија во списанието Maclean’s била цитирана една свештеничка од Торонто (Канада), која прашала: „Зар треба да нѐ води некаков ‚револуционерен‘ глас од пред две илјади години? Ние имаме свои генијални идеи, кои постојано се подриваат затоа што треба да ги поврзуваме со учењата на Исус и на Светото писмо“.

Во една католичка енциклопедија, за Јеховините сведоци пишува: „Библијата е единствен темел за нивните верувања и правила на однесување“ (New Catholic Encyclopedia). Неодамна во Канада, кога една жена што е Јеховин сведок сакала да му се претстави на некој човек, тој ѝ упаднал во зборот велејќи: „Знам кои сте“. Потоа, покажувајќи кон нејзината Библија, додал: „Библијата ви е како потпис“.