Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Треба ли да се потпреш на првиот впечаток?

Треба ли да се потпреш на првиот впечаток?

Треба ли да се потпреш на првиот впечаток?

ДОДЕКА удобно седел во својата дневна соба, еден доктор гледал телевизиска емисија во која гостувал министер од владата на Ирска. Откако внимателно го погледнал неговото лице, докторот забележал нешто што укажувало дека министерот можеби има тумор. Му препорачал веднаш да појде на преглед.

Се покажало дека дијагнозата била точна. Тој доктор имал, што би се рекло, остро око, затоа што дал точна дијагноза само со еден поглед на пациентот. Меѓутоа, некои сметаат дека имаат остро око кога станува збор за просудување на нечиј карактер, личност и доверливост.

Низ вековите, некои истражувачи се обиделе со помош на научни објаснувања да покажат дека е можно да се открие нечиј карактер врз основа на физичкиот изглед. Тоа се нарекува физиогномика, која се дефинира како „псевдонаука што се занимава со откривање на карактерот врз основа на цртите на лицето или формата и градбата на телото“ (Encyclopædia Britannica). Во 19 век, антрополозите, како што бил Франсис Галтон, братучед на Чарлс Дарвин, и криминолозите, како што бил Чезаре Ломброзо од Италија, предложиле слични теории и техники, од кои повеќето паднале во заборав.

Сепак, многу луѓе веруваат дека е можно исправно да се процени каков е некој човек едноставно според неговиот надворешен изглед. Може ли да се потпреме на таквиот впечаток?

Просудување според изгледот

Типичен пример за донесување суд — или поточно речено, погрешен суд — на темел на првиот впечаток можеме да најдеме во библиската книга 1. Самоилова. Јехова Бог му рекол на пророкот Самоил да појде во домот на Јесеј и да помаза за иден цар на Израел еден од неговите синови. Во Библијата пишува: „Кога дојдоа [синовите на Јесеј] и кога тој го здогледа Елијав, помисли: ‚Сигурно пред Јехова стои неговиот помазаник!‘ Но Јехова му рече на Самоил: ‚Не гледај на неговата надворешност, ниту на неговата висока става, зашто го отфрлив. Бог не го гледа она што го гледа човекот, зашто човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето‘“. Истото се повторило и со другите шест синови на Јесеј. На крајот, спротивно на она што го мислеле пророкот Самоил и Јесеј, Бог го избрал за иден цар осмиот син — Давид — младо момче кое никој не ни помислил да го викне (1. Самоилова 16:6-12).

Работите не се многу поинакви ни денес. Пред неколку години, во Германија, еден професор по криминологија направил експеримент во кој биле вклучени 500 студенти по право. Тој поканил 12 непознати „гости“. Меѓу нив имало началник на полиција, јавен обвинител, благајник на универзитет, службеник за односи со јавноста, неколку адвокати и судски службеници, како и тројца осудени криминалци. Студентите требало да погодат кој од нив бил осуден на затворска казна, за кое кривично дело и која била професијата на секој гостин, и тоа само на темел на нивниот надворешен изглед и хоби.

Какви биле резултатите? Околу 75 отсто од студентите успеале да погодат кои биле тројцата криминалци. Но, околу 60 отсто рекле дека прекршители на законот се и други девет лица кои немале криминално досие. Секој седми студент сметал дека јавниот обвинител е дилер на дрога, а секој трет студент мислел дека полицискиот началник е крадец! Проценките на темел на надворешниот изглед може да бидат далеку од вистината. Зошто?

Изгледот може да лаже

Кога првпат ќе сретнеме некого, обично формираме мислење за него на темел на искуствата што сме ги имале во минатото. Склони сме да генерализираме и да ги ставаме другите во ист калап. Понекогаш можеби ги проценуваме другите не само врз основа на нивниот физички изглед туку и врз основа на нивната националност, етничка припадност, општествена положба или религија.

Ако мислењето што сме го оформиле за една личност се покажало точно, се гордееме со нашата добра проценка и стануваме уште поуверени дека можеме да се потпреме на првиот впечаток. Меѓутоа, како реагираме кога ќе сфатиме дека сме дошле до сосема погрешен заклучок? Ако сме искрени, треба да се ослободиме од однапред оформените мислења и да видиме што покажуваат фактите. Во спротивно, би можеле да им направиме на другите многу лоша услуга, па дури и да им нанесеме голема штета, само затоа што се гордееме со нашата, како што си мислиме, совршена способност да ги проценуваме луѓето.

Кога некој донесува суд според надворешниот изглед, може да му наштети не само на другиот туку и себеси. На пример, во првиот век, многу Евреи не сакале ни да помислат дека Исус би можел да биде ветениот Месија. Зошто? Тие го формирале своето мислење на темел на надворешниот изглед, па затоа во него гледале само син на обичен дрводелец. Иако биле одушевени од мудрите зборови и моќните дела што ги правел Исус, не сакале да поверуваат дека тој би можел да биде нешто повеќе од сликата што веќе ја имале создадено за него. Поради нивниот став, Исус заминал да проповеда на други места, велејќи: „Пророкот никаде не останува без чест, освен во својот роден крај и во својот дом“ (Матеј 13:54-58).

Тие Евреи припаѓале на народ што со векови го чекал Месијата. Но, кога Месијата конечно дошол, не го препознале затоа што се повеле по својот прв впечаток. Поради тоа ја изгубиле Божјата милост (Матеј 23:37-39). Слични предрасуди имало и кон учениците на Исус. Многу луѓе едноставно не можеле да поверуваат дека една мала група обични рибари, презрени од образованата класа и од водачите на главната религија, имале да кажат нешто важно. Оние што продолжиле да се потпираат на својот прв впечаток ја пропуштиле прекрасната можност да станат следбеници на Божјиот Син (Јован 1:10-12).

Некои си го смениле мислењето

Некои луѓе што живееле во времето на Исус биле доволно понизни да го променат своето мислење кога ги дознале фактите (Јован 7:45-52). Меѓу нив имало и блиски роднини на Исус, кои во почетокот не сфатиле сериозно дека некој од нивното семејство би можел да биде Месијата (Јован 7:5). Со текот на времето, тие го смениле мислењето и поверувале во него (Дела 1:14; 1. Коринќаните 9:5; Галатите 1:19). И многу години подоцна, многу Евреи што живееле во Рим сакале да го сослушаат апостол Павле наместо да им веруваат на гласините што ги рашириле непријателите на христијанството. Откако ги чуле неговите зборови, некои од нив станале верници (Дела 28:22-24).

Денес, многумина имаат лошо мислење за Јеховините сведоци. Зошто? Во повеќето случаи, причината не е тоа што ги испитале фактите или се увериле дека Сведоците немаат библиска основа за она што го веруваат и прават. Наместо тоа, не сакаат ни да помислат дека вистината би можеле да ја имаат Јеховините сведоци. Ваквото гледиште е потполно исто со гледиштето што многумина го имале и за христијаните во првиот век.

Не е ништо чудно што кружат негативни или потценувачки коментари за оние кои се трудат да го следат примерот на Исус. Зошто? Затоа што Исус однапред им кажал на своите следбеници: „Сите ќе ве мразат поради моето име“. Сепак, ги охрабрил со зборовите: „Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Матеј 10:22).

Јеховините сведоци денес им ја пренесуваат добрата вест за Божјето Царство на луѓето низ целиот свет, како што им заповедал Исус (Матеј 28:19, 20). Оние што одбиваат да ги сослушаат, ја пропуштаат можноста да тргнат по патот кој води во вечен живот (Јован 17:3). Како ќе реагираш ти? Дали ќе се поведеш по првиот впечаток и однапред создадената претстава или, пак, ќе бидеш спремен со отворен ум да ги испиташ фактите? Не заборавај: Надворешниот изглед може да излаже и првиот впечаток може да биде погрешен, но објективното разгледување на фактите може пријатно да те изненади (Дела 17:10-12).

[Слика на страница 11]

Многу Евреи го отфрлиле Исус како Месија затоа што се повеле по својот прв впечаток

[Слика на страница 12]

Дали твоето мислење за Јеховините сведоци се темели на твојот личен впечаток или на фактите?