Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Учи од Божјата Реч

Како треба да ја одбележуваме смртта на Исус?

Како треба да ја одбележуваме смртта на Исус?

Во оваа статија се разгледани прашања за кои можеби си размислувал. Таа ќе ти покаже каде можеш да го најдеш одговорот во твојата Библија. На Јеховините сведоци ќе им биде мило да разговараат со тебе за овие прашања.

1. Како треба да се одбележува Исусовата смрт?

Исус им рекол на своите следбеници да ја одбележуваат неговата смрт со еден симболичен оброк од леб и вино. Лебот го претставува Исусовото тело, а виното неговата крв. (Прочитај Лука 22:19, 20.)

Лебот што го употребил Исус бил направен без квасец. Во Библијата, квасецот честопати се користи како симбол за грев. Затоа, бесквасниот леб соодветно го претставувал Исусовото совршено тело. Тој го принел своето тело како жртва, и оттогаш биле укинати животинските жртви пропишани со Мојсеевиот закон (Евреите 10:5, 9, 10). Виното ја претставувало Исусовата скапоцена крв, која била пролеана како жртва за нашите гревови. (Прочитај 1. Петрово 1:19; 2:24; 3:18.)

2. Кога треба да ја одбележуваме Исусовата смрт?

Исус умрел на празникот Пасха, на 14 нисан. Еврејскиот ден започнува од зајдисонце. Вечерта пред да умре, Исус ја прославил Пасхата заедно со своите апостоли, а потоа им покажал како да ја одбележуваат неговата смрт со еден посебен оброк. (Прочитај Лука 22:14, 15.)

Денес, Божјиот народ го одбележува она што Бог го направил преку Исус за да го ослободи целото човештво од гревот и смртта (2. Мојсеева 12:5-7, 13, 17). Исто како што Пасхата се прославувала еднаш годишно, така и Спомен-свеченоста по повод смртта на Исус се одбележува еднаш годишно — на 14 нисан по зајдисонце според библискиот лунарен календар. (Прочитај Јован 1:29.)

3. Кој треба да зема од лебот и од виното?

Кога Исус им го подал виното на своите ученици, им рекол: „Оваа чаша го претставува новиот сојуз“ (1. Коринќаните 11:25). Овој нов сојуз го заменил Сојузот на Законот склучен преку Мојсеј, со кој Бог им ветил на Израелците дека, ако го слушаат во сѐ, ќе станат негов народ (2. Мојсеева 19:5, 6). Меѓутоа, тие не му биле послушни на Бог. Затоа, Јехова склучил еден нов сојуз. (Прочитај Еремија 31:31.)

Благодарение на овој нов сојуз, кој е склучен со мал број луѓе, Јехова ќе благослови голем број луѓе. Овој сојуз е склучен само со 144.000 лица. Преку нив, милиони луѓе од сите народи ќе бидат благословени со вечен живот во рај на Земјата. Денес, некои од оние кои се вклучени во новиот сојуз му служат на Јехова на Земјата. Само тие можат да земат од лебот и од виното бидејќи чашата „го претставува новиот сојуз“. (Прочитај Лука 12:32; Откровение 14:1, 3.)

4. Како ни користи нам Спомен-свеченоста?

Со тоа што секоја година присуствуваме на Спомен-свеченоста со која се одбележува смртта на Исус, ни се продлабочува ценењето за Јеховината неизмерна љубов. Тој го испратил својот Син да умре за нашите гревови. Затоа, кога присуствуваме на овој посебен настан, треба да размислуваме што значи за нас Исусовата смрт и како можеме да покажеме благодарност за она што го направиле Јехова и Исус. (Прочитај Јован 3:16; 2. Коринќаните 5:14, 15.)

Нешто повеќе можеш да прочиташ на страници 206-208 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци