Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што има лошо во спиритизмот?

Што има лошо во спиритизмот?

Што има лошо во спиритизмот?

Уште од својата младост, Барбара * имала визии, слушала гласови и била убедена дека може да стапи во контакт со нејзините починати роднини. Таа и маж ѝ Јоаким почнале да читаат книги за окултизмот и научиле да гледаат на тарот карти. Тоа значело дека ќе можат да имаат голема заработка — и навистина заработиле многу пари. Еден ден, картите ги предупредиле дека кај нив ќе дојдат некои опасни луѓе и им кажале како да се заштитат.

ИАКО можеби се чини дека окултизмот е нешто застарено, верувањето во натприродни сили е раширено низ целиот свет. Многу луѓе носат амајлии или им се обраќаат на спиритистички медиуми за да ја дознаат судбината или да се заштитат од зло. Во една статија со наслов „Лаптоп и Луцифер“ што излезе во германското списание Focus пишуваше: „Интернетот ги зголемува интересот и љубопитноста за гатањето“.

Дали си знаел дека во Библијата се зборува за спиритизмот? Можеби ќе се изненадиш кога ќе прочиташ што пишува во неа на таа тема.

Што вели Библијата за спиритизмот

Во законот што Бог им го дал на Израелците од старо време, стоело: „Кај тебе нека не се најде... некој што гата, ни некој што се занимава со магија, ни некој што пророкува според предзнаци, ни маѓепсник, ни некој што фрла уроци, ни некој што повикува духови, ни некој што ја претскажува иднината, ни некој што ги прашува мртвите. Зашто, секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“ (5. Мојсеева 18:10-12). Зошто Бог толку остро го осудува спиритизмот?

Како што се гледа од примерот на Јоаким и Барбара, многу луѓе веруваат дека може да се комуницира со мртвите и дека информациите што се добиваат преку окултизмот доаѓаат од починатите. Ваквите верувања потекнуваат од учењето што им е заедничко на многу религии — дека луѓето продолжуваат да живеат и по смртта. Но, спротивно на ова, Библијата јасно кажува: „Мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5). Од неа дознаваме дека мртвите се како во длабок сон, дека воопшто не се свесни за она што се случува околу нив * (Матеј 9:18, 24; Јован 11:11-14). Со оглед на тоа, можеби се прашуваш: ‚Како да се објаснат натприродните доживувања на некои луѓе? Со кого комуницираат тие?‘

Комуникација со духовниот свет

Во Евангелијата читаме дека, додека бил на Земјата, Исус комуницирал со духовни суштества. Во Марко 1:23, 24 пишува дека еден „нечист дух“ му рекол на Исус: „Знам точно кој си ти“. Без сомнение, духовните суштества те познаваат и тебе. Но, дали ти знаеш кои се тие?

Пред да ги создаде луѓето, Бог создал безброј духовни суштества, наречени ангели (Јов 38:4-7). Ангелите се повисок облик на живот од луѓето (Евреите 2:6, 7). Тие се моќни и многу интелигентни и биле создадени за да ја вршат Божјата волја. За нив еден псалмист рекол: „Благословувајте го Јехова, ангели негови, моќни во силата, кои ја извршувате неговата реч“ (Псалм 103:20).

Библијата ни открива дека, со текот на времето, некои ангели почнале да контактираат со луѓето на начин што Бог не го дозволувал. Со која цел? На првиот што го направил тоа целта му била да ги измами Адам и Ева и да ги наведе да му свртат грб на својот Бог и Творец. Така, тој ангел станал Сатана Ѓаволот, што значи клеветник и противник на Бог (1. Мојсеева 3:1-6).

Подоцна и други ангели ‚го напуштиле своето вистинско живеалиште‘ на небото, си зеле човечки тела и почнале да живеат со убавите жени на Земјата (Јуда 6; 1. Мојсеева 6:1, 2). Овие бунтовни ангели и нивните хибридни потомци ги малтретирале луѓето до тој степен што Земјата ‚се наполнила со насилство‘. Веројатно ти е познат библискиот извештај за Потопот во времето на Ное, кога Бог му ставил крај на тоа злобно и насилно поколение (1. Мојсеева 6:3, 4, 11-13).

Кога надошле водите, овие духови ги оставиле своите човечки тела и се вратиле во духовниот свет. Но, Творецот не им дозволил да се вратат во нивното претходно живеалиште. Наместо тоа, биле понижени, како да биле ставени во „мрачни јами“ (2. Петрово 2:4, 5). Во Библијата овие бунтовни ангели се наречени ‚демони‘ (Јаков 2:19). Тие се натприродните сили што стојат зад спиритизмот.

Што сакаат да постигнат демоните

Главната цел на злите духови кои комуницираат со луѓето е да ги одвратат од вистинскиот Бог, Јехова. Многу од оние што се занимаваат со окултизам тврдат дека имаат посебни дарби и моќ, но со нив само ги спречуваат луѓето подобро да го запознаат Бог и да си изградат добар однос со него.

Втората цел на демоните се гледа од она што Сатана, нивниот водач, го побарал од Исус. Сатана му ги понудил „сите царства на светот и нивната слава“. Што сакал да добие за возврат? Се обидел да го наведе Исус да му се поклони во знак на обожавање. Значи, Сатана и демоните копнеат да бидат обожавани. Но, Исус не сакал ни да помисли да престане да му служи на вистинскиот Бог (Матеј 4:8-10).

Во наше време, злите духови ретко им даваат такви отворени предлози на луѓето. Наместо тоа, се обидуваат да ги уловат невнимателните со навидум безопасни работи, како што се кристални топки, тарот карти, хороскоп и гледање на кафе. Не дозволувај да бидеш измамен со вакви работи! Тие не се прозорец кон непознатото што го отвора некоја мистериозна сила. Злите духови ја користат љубопитноста на луѓето за окултизмот за да ги фатат во замка и да ги одвлечат од Јехова. Кога не успеваат да ја постигнат својата цел, злите духови честопати почнуваат да ги вознемируваат и измачуваат оние што се заплеткале во нивната мрежа. Ако ова ти се случува и тебе, што можеш да направиш за да се ослободиш од нивното влијание?

Како да се заштитиме од спиритизмот?

Едно треба да ни биде јасно — духовните суштества што комуницираат со луѓето се Божји непријатели кои наскоро ќе бидат уништени (Јуда 6). Тие се измамници и лажливци што оставаат впечаток дека се починатите. Како би се чувствувал кога би дознал дека некој што си го сметал за пријател е обичен измамник, чија единствена цел е да ти го упропасти животот? Како би реагирал кога би открил дека, без да си свесен, преку интернет си стапил во контакт со сексуален напасник? Уште поопасно од тоа е да се вплеткаш со демоните. Затоа, направи сѐ што можеш за да прекинеш секаков контакт со нив. Што би можел да направиш?

Откако дознале што кажува Светото писмо за спиритизмот, некои жители на древниот Ефес сфатиле дека треба да ги уништат своите книги за магии, иако биле многу скапи. Тие ‚ги изгореле пред сите‘ (Дела 19:19, 20). Денес, можеме да дојдеме во контакт со окултизмот не само преку книги, амајлии и слично, туку и по електронски пат. Бегај од сѐ што би можело да те доведе во допир со спиритизмот.

Сети се на брачниот пар што го спомнавме на почетокот од оваа статија. Преку тарот картите заклучиле дека кај нив ќе дојдат некои опасни луѓе и дека не смеат ниту да ги слушаат ниту да земат нешто од нив. Меѓутоа, кога Кони и Гудрун, две жени што се Јеховини сведоци, дошле на нивната врата и рекле дека носат добра вест за Бог, Јоаким и Барбара решиле да ги сослушаат. Меѓу другото, почнале да разговараат и за спиритизмот. Кони и Гудрун им кажале што вели Библијата на таа тема и оттогаш редовно водат библиски дискусии.

Кратко потоа, Јоаким и Барбара решиле да ги прекинат сите контакти со демоните. Сведоците им рекле дека тоа воопшто нема да им се допадне на злите духови. И навистина, Јоаким и Барбара поминале низ многу тежок период во кој демоните ги напаѓале на ужасни начини. Секоја ноќ ја минувале во страв сѐ додека, по некое време, не се преселиле во друга куќа. Во тој тежок период, тие покажале цврста доверба во зборовите од Филипјаните 4:13: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“. Јехова ги благословил поради тоа што не отстапиле од својата одлука, и злите духови на крајот престанале да ги малтретираат. Денес, Јоаким и Барбара радосно му служат на вистинскиот Бог, Јехова.

Сите оние што сакаат да имаат благослов од Јехова, треба да го послушаат следниов совет од Светото писмо: „Подложете му се на Бог, а спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас! Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (Јаков 4:7, 8). Јехова Бог може и сака да ти помогне да се ослободиш од влијанието на демоните — ако истото го сакаш и ти. Кога ќе се сетат на тоа како успеале да се ослободат од прангите на спиритизмот, Јоаким и Барбара помислуваат на зборовите од Псалм 121:2: „Мојата помош е од Јехова“.

[Фусноти]

^ пас. 2 Имињата се сменети.

^ пас. 7 Нешто повеќе во врска со состојбата на мртвите можеш да прочиташ во 6. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци. Ова поглавје е со наслов „Каде се мртвите?“

[Истакната мисла на страница 21]

Окултизмот ги спречува луѓето да бидат блиски со Бог

[Истакната мисла на страница 22]

„Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам!“ (ЈАКОВ 4:8)