Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Одговори на нашите прашања за Исус Христос

Одговори на нашите прашања за Исус Христос

Одговори на нашите прашања за Исус Христос

„Што велат луѓето, кој сум јас?“ (ЛУКА 9:18)

ИСУС им го поставил ова прашање на своите ученици затоа што знаел дека луѓето имаат различни мислења за него. Сепак, немало никаква оправдана причина за забуна. Исус не бил осаменик кој дејствувал далеку од очите на јавноста. Напротив, се мешал со обичниот народ по селата и градовите. Јавно проповедал и поучувал затоа што сакал луѓето да ја знаат вистината за него (Лука 8:1).

Вистината за Исус може да ја дознаеме од неговите зборови и постапки, кои се запишани во четирите библиски евангелија — според Матеј, Марко, Лука и Јован. На темел на она што го напишале под водство на светиот дух, можеме да добиеме одговор на нашите прашања за Исус * (Јован 17:17).

ПРАШАЊЕ: Дали Исус навистина постоел?

ОДГОВОР: Да. Световните историчари, меѓу кои се Јосиф и Тацит од првиот век, го спомнуваат Исус како историска личност. Што е уште поважно, евангелијата уверливо покажуваат дека Исус бил вистинска личност, а не измислен лик. Во нив конкретно и точно е наведено кога и каде се случувале настаните. На пример, Лука спомнува седум владетели, чии имиња ги потврдиле и световните историчари, за да покаже во која година Исус ја започнал својата служба (Лука 3:1, 2, 23).

Има убедливи докази дека Исус навистина постоел. Во една книга пишува дека „повеќето историчари признаваат дека во првиот век навистина живеел некој човек кој се викал Исус од Назарет“ (Evidence for the Historical Jesus).

ПРАШАЊЕ: Дали Исус е Семоќниот Бог?

ОДГОВОР: Не. Исус никогаш не мислел дека е еднаков со Бог. Напротив, постојано покажувал дека е на пониска положба од Јехова. * На пример, Исус го нарекол Јехова „Боже мој“ и „единствениот вистински Бог“ (Матеј 27:46; Јован 17:3). Само некој што е на пониска положба би се обратил со такви зборови. Еден работник кој му се обраќа на својот работодавец со зборовите „шефе“ или „директоре“ јасно покажува дека е на пониска положба.

Исус јасно покажал и дека не е иста личност со Бог. Во една прилика, кога противниците го оспорувале неговиот авторитет, тој им рекол: „Во вашиот Закон пишува дека сведоштвото од двајца луѓе е вистинито. Јас сум оној што сведочи за себе, а и Таткото, кој ме испрати, сведочи за мене“ (Јован 8:17, 18). Исус мора да е личност различна од Јехова. Како инаку би можеле да се сметаат за двајца сведоци? *

ПРАШАЊЕ: Дали Исус бил само еден добар човек?

ОДГОВОР: Не. Исус бил многу повеќе од тоа. Тој знаел дека треба да одигра неколку важни улоги во извршувањето на Божјата волја. Да спомнеме некои од нив:

„Единородниот Син Божји“ (Јован 3:18). Исус знаел од каде потекнува. Неговиот живот започнал долго време пред да биде роден на Земјата. „Слегов од небото“, рекол тој (Јован 6:38). Исус бил првото создание на Бог и помагал во создавањето на сѐ друго. Како единствен што бил директно создаден од Бог, Исус со право можел да се нарече „единородниот Син Божји“ (Јован 1:3, 14; Колошаните 1:15, 16).

„Синот човечки“ (Матеј 8:20). Исус многупати се нарекувал себеси „Синот човечки“ — израз што во евангелијата се појавува околу 80 пати. Овој израз покажува дека бил човек од крв и месо, а не Бог во човечки облик. На кој начин Божјиот единороден Син се родил како човек? Преку светиот дух, Јехова го пренел животот на својот единороден Син во утробата на една Еврејка која била девица и се викала Марија. Така таа забременила и Исус бил роден како совршен и безгрешен човек (Матеј 1:18; Лука 1:35; Јован 8:46).

,Учител‘ (Јован 13:13). Исус јасно покажал дека задачата што му ја дал Бог била да ‚поучува... и да ја проповеда добрата вест‘ за Божјето Царство (Матеј 4:23; Лука 4:43). Многу јасно и едноставно објаснил што е Божјето Царство и што ќе направи тоа за да се изврши Јеховината волја (Матеј 6:9, 10).

„Речта“ (Јован 1:1). Исус служел како Божји Гласник — преку кого Бог им пренесувал информации и упатства на другите. Јехова го употребил Исус за да им ја пренесе својата порака на луѓето на Земјата (Јован 7:16, 17).

ПРАШАЊЕ: Дали Исус бил ветениот Месија?

ОДГОВОР: Да. Библиските пророштва го претскажале доаѓањето на Месијата, или Христос, што значи „Помазаник“. Ветениот Избавител требало да одигра многу важна улога во исполнувањето на Јеховината намера. Во една прилика, една Самарјанка му рекла на Исус: „Знам дека доаѓа Месија, кого го викаат Христос“. Потоа, Исус јасно ѝ кажал: „Јас сум тој, јас кој зборувам со тебе“ (Јован 4:25, 26).

Постои ли некаков доказ дека Исус навистина е Месијата? Има три работи што заедно даваат непобитен доказ за тоа, исто како еден отпечаток од прст што идентификува само една личност. Дали Исус одговара на тој „отпечаток“? Размисли за следново:

Неговата лоза. Библијата прорекла дека Месијата ќе потекнува од Авраам преку семејната лоза на Давид (1. Мојсеева 22:18; Псалм 132:11, 12). Исус бил потомок и на едниот и на другиот (Матеј 1:1-16; Лука 3:23-38).

Исполнетите пророштва. Во хебрејските списи има десетици пророштва за животот на Месијата на Земјата, кои содржат голем број детали за неговото раѓање и смрт. Исус ги исполнил сите тие пророштва. Некои од нив се следниве: Се родил во Витлеем (Михеј 5:2; Лука 2:4-11), бил повикан од Египет (Осија 11:1; Матеј 2:15) и бил погубен без да му скршат ниту една коска (Псалм 34:20; Јован 19:33, 36). Не е можно самиот Исус да наместил врз него да се исполнат сите пророштва за Месијата. *

Сведоштвото од самиот Бог. Кога се родил Исус, Бог испратил ангели да им кажат на овчарите дека се родил Месијата (Лука 2:10-14). Во неколку прилики додека Исус ја извршувал својата служба, лично Бог зборувал од небото и го пофалил (Матеј 3:16, 17; 17:1-5). Јехова му дал моќ да прави чуда кои послужиле како дополнителен доказ дека тој е Месијата (Дела 10:38).

ПРАШАЊЕ: Зошто Исус требало да страда и да умре?

ОДГОВОР: Бидејќи бил безгрешен, Исус не заслужил да страда. Не заслужил ниту да биде прикован на столб како обичен криминалец и да биде оставен да умре на срамен начин. Но, Исус знаел дека ќе му се случи сето тоа и спремно го прифатил (Матеј 20:17-19; 1. Петрово 2:21-23).

Во пророштвата за Месијата било проречено дека ќе мора да страда и да умре за да ги плати гревовите на другите (Исаија 53:5; Даниел 9:24, 26). Самиот Исус рекол дека дошол за „да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Матеј 20:28). Оние што ја прифаќаат откупната вредност на неговата жртвена смрт ќе можат да бидат спасени од гревот и смртта и да живеат вечно во рај на Земјата * (Јован 3:16; 1. Јованово 4:9, 10).

ПРАШАЊЕ: Дали може да веруваме дека Исус навистина воскреснал?

ОДГОВОР: Да. Исус бил сигурен дека ќе воскресне (Матеј 16:21). Меѓутоа, важно е да забележиме дека ниту Исус ниту библиските писатели никогаш не тврделе дека тој ќе стане од мртвите по природен пат. Такво нешто е надвор од веројатноста. Напротив, Библијата вели: „Бог го воскресна, ослободувајќи го од оковите на смртта“ (Дела 2:24). Ако прифатиме дека постои Бог и дека тој создал сѐ, тогаш нема зошто да не веруваме дека можел да го врати Исус од мртвите (Евреите 3:4).

Дали има цврсти докази дека Исус навистина воскреснал? Размисли за следново.

Сведоштвото на очевидци. Околу 22 години по смртта на Исус, апостол Павле напишал дека воскреснатиот Исус го виделе повеќе од 500 души и дека поголемиот број од нив сѐ уште биле живи кога Павле го напишал тоа (1. Коринќаните 15:6). Еден или двајца сведоци може лесно да се прелажат, но кој би можел да го побие сведоштвото на повеќе од 500 очевидци?

Веродостојни сведоци. Првите ученици на Исус — кои со свои очи виделе што навистина се случило — храбро објавувале дека Исус бил воскреснат (Дела 2:29-32; 3:13-15). Всушност, тие сметале дека еден христијанин мора да верува во воскресение (1. Коринќаните 15:12-19). Биле поспремни да умрат отколку да се откажат од својата вера во Исус (Дела 7:51-60; 12:1, 2). Познаваш ли некој што свесно и спремно би умрел за некаква лага?

Ги разгледавме библиските одговори на шест поважни прашања за Исус. Тие јасно ни покажуваат кој е Исус. Но, важно ли е да го знаеме тоа? Со други зборови, битно ли е што ќе веруваме во врска со Исус?

[Фусноти]

^ пас. 4 Нешто повеќе за тоа која е разликата меѓу библиските евангелија и лажните списи за Исус можеш да прочиташ во статијата со наслов „Дали апокрифните евангелија откриваат скриени вистини за Исус?“, на страници 18-19.

^ пас. 9 Јехова е личното име на Бог кое е запишано во Библијата.

^ пас. 10 Нешто повеќе можеш да прочиташ во статијата со наслов „Разговор на библиски теми — дали Исус е Бог?“, на страници 20-22.

^ пас. 21 На страница 200 од книгата Што навистина учи Библијата? има список со некои пророштва што се исполниле на Исус.

^ пас. 25 Нешто повеќе за откупната вредност на Исусовата смрт можеш да прочиташ во 5. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата?