Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приближи му се на Бог

„Дозволи ни да се вратиме дома“

„Дозволи ни да се вратиме дома“

Дали некогаш во минатото си му служел на Јехова? Можеби размислуваш повторно да почнеш да му служиш, но се прашуваш дали ќе те прифати. Те молиме, внимателно прочитај ги оваа и следната статија. Напишани се за тебе.

„ОД ДНОТО на душата го молев Јехова да ми дозволи да се вратам дома и да ми прости што го повредив.“ Ова го рекла една жена која престанала да живее како што ја воспитувале родителите кои се христијани. Дали сфаќаш како ѝ е? Можеби се прашуваш: ‚Што чувствува Бог за оние кои некогаш му служеле? Се сеќава ли на нив? Дали сака да му се вратат? Одговорот на овие прашања ќе го пронајдеме во зборовите што ги запишал Еремија. Она што ќе го дознаеш сигурно многу ќе те утеши. (Прочитај Еремија 31:18-20.)

Да спомнеме нешто за околностите во кои биле кажани овие зборови. Во 740 год. пр.н.е., неколку децении пред времето на Еремија, Јехова дозволил Асирците да го одведат во ропство десетплеменското царство Израел. * Бог допуштил да им се случи таа неволја како казна затоа што почнале многу да му грешат и не обрнувале внимание на предупредувањата што им ги давал преку пророците (2. Царевите 17:5-18). Дали се освестиле од тешкотиите што ги доживеале додека биле во изгнанство, одвоени од својот Бог и далеку од својата татковина? Дали Јехова ги заборавил? Дали ќе ги примел назад?

„Ми беше жал“

Додека бил во ропство, народот се вразумил и се покајал. Јехова забележал дека луѓето се каеле од дното на душата. Слушни како ги опишува ставот и чувствата на протераните Израелци, за кои се зборува како за Ефрем.

„Добро слушам како Ефрем се сожалува“, вели Јехова (стих 18). Тој ги чул Израелците како жалат што нивниот грев им донел лоши последици. Изразот „се сожалува“ може да значи „тресење или нишање“, вели еден изучувач. Тие биле како еден непослушен син кој покајнички одмавнува со главата додека размислува за неволјите што си ги нанел и копнее по животот што го имал дома (Лука 15:11-17). Што велел народот?

„Ти ме укори... како теле што уште не е скротено“ (стих 18). Народот признал дека ја заслужил казната. Израелците навистина биле како нескротено теле. Оваа споредба може да значи дека биле како јунец кој никогаш „не би почувствувал стап по грбот ако не бегал од јаремот“, пишува во едно дело.

„Врати ме кај себе, и јас ќе ти се вратам, зашто ти си Јехова, мојот Бог“ (стих 18). Со понизни срца, Израелците го повикале Бог. Тргнале по погрешен пат, но сега го молеле да им помогне повторно да се вратат на правиот пат и во неговата милост. Во друг библиски превод пишува: „Ти си нашиот Бог — дозволи ни да се вратиме дома“ (Contemporary English Version).

„Ми беше жал... се посрамив и се понизив“ (стих 19). На Израелците им паднало жал затоа што згрешиле. Ја прифатиле вината и си ја признале грешката. Се чувствувале посрамени и скршени (Лука 15:18, 19, 21).

Народот се каел. Со јад во душата, му ги признал на Бог своите гревови и престанал да го прави она што е лошо. Дали со своето каење ќе го смилостиви Бог? Дали Бог ќе им дозволи на Израелците да се вратат дома?

„Навистина ќе му се смилувам“

Јехова бил посебно приврзан со Израелците. Тој рекол: „Јас сум му Татко на Израел, а Ефрем е мојот првороден син“ (Еремија 31:9). Зар еден нежен татко нема да го прими назад својот син кој од дното на душата се кае за својот грев? Забележи како Јехова ги изразува своите татковски чувства кон својот народ.

„Зар Ефрем не ми е мил син или сакано дете? Зашто, колку и да зборувам против него, пак ќе се сетам на него“ (стих 20). Колку нежни зборови! Како еден доследен родител што многу ги сака своите деца, Бог морал да зборува „против“ своите деца, постојано опоменувајќи ги за грешките. Бидејќи тврдоглаво одбивале да го слушаат, дозволил да отидат во изгнанство — всушност, ги натерал да си заминат од дома. Но иако морал да ги казни, не ги заборавил. Никогаш не би го направил тоа. Еден грижлив татко не ги заборава своите деца. Како се чувствувал Јехова кога видел дека неговите деца вистински се каат?

„Мојата утроба се вознемири поради него. * Навистина ќе му се смилувам“ (стих 20). Јехова копнеел по своите деца. Нивното искрено каење длабоко го трогнало, и многу сакал да му се вратат. Исто како таткото во Исусовата споредба за расипничкиот син, Јехова ‚се сожалил‘ и радосно ги примил своите деца назад (Лука 15:20).

„Јехова ми дозволи да се вратам дома!“

Зборовите од Еремија 31:18-20 ни помагаат да сфатиме колку сочувствителен и милостив е Јехова. Тој не ги заборава оние што некогаш му служеле. Што ако сакаат да му се вратат? Бог е ‚спремен да прости‘ (Псалм 86:5). Никогаш нема да ги одбие оние што доаѓаат кај него со каење во срцето (Псалм 51:17). Напротив, тој со радост ќе ги прифати (Лука 15:22-24).

Жената што ја спомнавме во почетокот направила чекори да му се врати на Јехова и отишла во собранието на Јеховините сведоци во нејзиното место. Во почетокот морала да се избори со своите негативни чувства. „Се чувствував толку бедно“, кажува таа. Но, старешините од собранието ја охрабриле и ѝ помогнале духовно да закрепне. Исполнета со благодарност, таа вели: „Колку е убаво што Јехова ми дозволи да се вратам дома!“

Ако некогаш си му служел на Јехова и сега размислуваш повторно да почнеш да му служиш, појди во најблиското собрание на Јеховините сведоци. Не заборавај дека Јехова е сочувствителен и милостив кон оние што со каење го молат: „Дозволи ни да се вратиме дома“.

Читање на Библијата во април:

Еремија 17-31

[Фусноти]

^ пас. 2 Неколку векови пред тоа, во 997 год. пр.н.е., Израелците биле поделени на две царства. Едното било јужното двоплеменско царство Јуда. Другото било северното десетплеменско царство Израел, наречено и Ефрем, според најголемото племе.

^ пас. 5 Осврнувајќи се на сликовитиот опис за чувството на вознемиреност во утробата, еден прирачник за преведување на Библијата објаснува: „За Евреите, утробата претставувала центар на емоциите“.