Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Читателите прашуваат...

Кој ја испратил ‚ѕвездата‘?

Кој ја испратил ‚ѕвездата‘?

▪ Си гледал ли слики или сцени од Христовото раѓање на кои се прикажани тројца цареви, или мудреци, како доаѓаат кај новороденчето Исус кое лежи во јасли? Според приказната, Бог преку ѕвезда ги водел до шталата во Витлеем. Безброј деца ги знаат дури и имињата на овие тројца цареви — Мелкиор, Гаспар и Валтазар. Но, дали оваа позната приказна се совпаѓа со она што го кажува Библијата? Не. Многу работи во приказната не се точни.

Прво, кои биле тие луѓе? Во Библијата на изворниот грчки јазик не пишува дека станува збор за цареви или мудреци. Тие биле познавачи на ѕвездите, односно астролози. Очигледно го практикувале паганскиот обичај да ја претскажуваат иднината со помош на ѕвездите. Во Библијата не се спомнува ниту како се викале ниту колкумина биле овие астролози.

Второ, кога дошле кај Исус? Сигурно не кога Исус бил бебе во јасли. Од каде го знаеме ова? Во евангелието што го напишал Матеј стои: „Влегоа во куќата и го видоа детето со Марија, неговата мајка“ (Матеј 2:11). Забележи дека Исус веќе не бил бебе, туку ‚дете‘. Марија и Јосиф повеќе не ноќевале во штала, туку живееле во куќа.

Трето, кој ја испратил ‚ѕвездата‘ што ги водела астролозите? Верските водачи обично велат дека Бог бил тој што ја испратил ‚ѕвездата‘. Дали тоа е вистина? Како што е познато, ‚ѕвездата‘ не ги одвела астролозите право во Витлеем. Наместо тоа, ги однела кај цар Ирод во Ерусалим. Тие му откриле на тој завидлив и моќен убиец дека Исус се родил, па дури и му дале силна причина да го мрази детето што требало да стане ‚еврејски цар‘ (Матеј 2:2). Лукаво, Ирод им рекол да се вратат кај него и да го известат каде точно ќе го најдат детето, наводно за и тој да му се поклони. Потоа ‚ѕвездата‘ ги одвела астролозите кај Јосиф и Марија. Да не се вмешал Бог, астролозите биле на добар пат да помогнат детето да биде убиено. За среќа, Бог не го дозволил тоа. Ирод многу се разгневил кога видел дека тие не се вратиле кај него како што им рекол, па затоа наредил да бидат убиени сите дечиња до две годишна возраст што живееле во и околу Витлеем (Матеј 2:16).

Подоцна, Јехова го нарекол Исус „мојот сакан Син, кој ми е по волја“ (Матеј 3:17). Размисли: Дали, како праведен Татко кој многу го сака својот Син, Бог би избрал за свои гласници пагански астролози кои се занимавале со окултизам, нешто што тој го забранил во својот Закон? (5. Мојсеева 18:10). Дали би користел ѕвезда за да ги одведе кај најопасниот и најмоќен убиец во земјата, носејќи му порака што сигурно би ја разгорела неговата омраза? Дали потоа Бог би ги употребил истата ѕвезда и астролози за да открие каде е неговиот беспомошен син?

Да наведеме една споредба: Еден воен командант го испраќа својот најдобар војник на опасна задача на непријателска територија. Дали ќе му открие на непријателот каде може да го најде овој војник? Се разбира дека не! Слично на тоа, Јехова го испратил својот Син во овој опасен свет. Дали би му открил на злобниот цар Ирод каде се наоѓал неговиот Син, кој бил беспомошно детенце? Сигурно дека не!

Тогаш, кој ја испратил ‚ѕвездата‘, односно тоа што личело на ѕвезда? Па, кој најмногу сакал Исус да биде убиен, да не порасне и да не ја исполни својата задача на Земјата? Кој ги заведува луѓето, шири лаги и ги наведува на насилство и убиства? Самиот Исус го открил овој „лажливец и татко на лагата“, кој е ‚човекоубиец откако се побунил‘. Тоа е Сатана Ѓаволот (Јован 8:44).