Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Неверност — дел од знакот за последните денови

Неверност — дел од знакот за последните денови

Неверност — дел од знакот за последните денови

‚Кон вас се однесувавме верно и праведно и беспрекорно‘ (1. СОЛ. 2:10)

ПОБАРАЈ ГИ СЛЕДНИВЕ ВАЖНИ МИСЛИ:

Што можеме да научиме од неверноста на Делила, Авесалом и Јуда Искариот?

Како би можеле да бидеме верни како што биле Јонатан и Петар?

Како можеме да им останеме верни на брачниот другар и на Јехова?

1-3. а) Што потврдува дека живееме во последните денови? б) Кои три прашања ќе ги разгледаме?

ШТО им е заедничко на Делила, Авесалом и Јуда Искариот? Сите биле неверни — Делила му била неверна на човекот што ја сакал, судијата Самсон; Авесалом му бил нелојален на својот татко, цар Давид; а Јуда го предал својот Господар, Исус Христос. Со својата срамна постапка, сите тројца им нанеле големи маки и болка на други луѓе. Но, каква врска има сето ова со нас?

2 Според една писателка, неверноста е чума на денешницата. Ова воопшто не нѐ чуди. Кога го дал знакот за „свршетокот на овој поредок“, Исус рекол: „Мнозина... ќе се предаваат едни со други“ (Мат. 24:3, 10). Неверноста што постои денес потврдува дека живееме во „последните денови“ за кои зборувал Павле. Тој прорекол дека луѓето ќе бидат ‚нелојални и предавници‘ (2. Тим. 3:1, 2, 4). Иако во книгите и во филмовите неверноста и предавството се прикажуваат како нешто возбудливо и романтично, во реалниот живот тие предизвикуваат болка и страдање. Всушност, овие две особини покажуваат дека навистина живееме во времето на крајот!

3 Што можеме да научиме од некои неверни лица за кои зборува Библијата? Кои примери на верни луѓе можеме да ги следиме? И кому треба да му останеме лојални? Да видиме.

ЛОШИ ПРИМЕРИ ОД МИНАТОТО

4. Како Делила го предала Самсон, и зошто тоа било многу подло?

4 Прво, да го разгледаме примерот на препредената Делила, во која се заљубил судијата Самсон. Тој бил решен да се бори со Филистејците за да го брани Божјиот народ. Бидејќи веројатно знаеле дека Делила не го сака искрено Самсон, петте филистејски кнезови кои сакале да го заробат ѝ понудиле големо мито за да открие зошто е толку силен. Користољубивата Делила ја прифатила нивната понуда но, иако трипати се обидела да ја дознае тајната од Самсон, не успеала. Сепак, продолжила ‚цело време да го опсипува со зборови и да навалува на него, а тоа му ја јадело душата до смрт‘. На крајот, попуштил и ѝ кажал дека косата никогаш не му била стрижена. Ако некој му ја избричел, тој ќе ја изгубел својата сила. * Откако го дознала тоа, Делила го успала на своите колена и повикала еден човек да му ги избричи седумте плетенки, а потоа им го предала на неговите непријатели за да прават со него што сакаат (Суд. 16:4, 5, 15-21). Колку подло од нејзина страна! Толку била алчна, што постапила неверно со човекот што ја сакал.

5. а) Како Авесалом покажал дека му е неверен на Давид, и што открило тоа за него? б) Како се чувствувал Давид поради тоа што Ахитофел се свртел против него?

5 Вториот пример што ќе го разгледаме е подмолниот Авесалом. Во неговото срце горела силна желба за власт и затоа бил решен да го тргне од престолот својот татко, цар Давид. Авесалом најпрво ‚ги придобил срцата на Израелците‘ со тоа што им се умилкувал, преправајќи се дека ги сака и давајќи им лажни ветувања. Ги прегрнувал и ги бакнувал како навистина да е заинтересиран за нив и за нивните потреби (2. Сам. 15:2-6). Авесалом успеал да го придобие дури и Ахитофел, близок пријател и советник на Давид, кој исто така станал предавник и се придружил во побуната (2. Сам. 15:31). Во Псалми 3 и 55, Давид опишал како се чувствувал поради тоа (Пс. 3:1-8; прочитај Псалм 55:12-14). Авесалом сковал злобен заговор против царот што бил поставен од Јехова. Со ова предавство, покажал дека не го почитува Божјето право да избира кој ќе владее со Израел (1. Лет. 28:5). На крајот, побуната била задушена, а Давид продолжил да царува како Јеховин помазаник.

6. На кој начин Јуда го предал Исус, и за што е симбол името Јуда денес?

6 Да видиме сега што му направил издајникот Јуда Искариот на Христос. На последната Пасха што ја прославил со своите 12 апостоли, Исус им рекол: „Вистина, ви велам, еден од вас ќе ме предаде“ (Мат. 26:21). Подоцна истата ноќ, во градината Гетсиманија, тој им рекол на Петар, Јаков и Јован: „Еве, мојот предавник се приближи!“ Во истиот момент се појавил Јуда заедно со голема толпа луѓе. ‚Веднаш се приближил до Исус и рекол: „Здраво, учителе!“, а потоа го бакнал‘ (Мат. 26:46-50; Лука 22:47, 52). Јуда издал „праведна крв“ предавајќи им го Христос на неговите непријатели. А за колку пари им го предал? За бедни 30 сребреници! (Мат. 27:3-5). Оттогаш името Јуда станало симбол за „предавник“, особено за некој што му е неверен на својот пријател. *

7. Што научивме од примерите на а) Авесалом и Јуда, и б) Делила?

7 Што научивме од овие лоши примери? И Авесалом и Јуда ги снашол срамен крај затоа што се свртеле против Јеховин помазаник (2. Сам. 18:9, 14-17; Дела 1:18-20). Името Делила засекогаш ќе нѐ потсетува на измама и на лажна љубов (Пс. 119:158). Ако не сакаме да ја изгубиме Јеховината милост, многу е важно да се бориме против секаква алчност или желба да господариме над другите. Ова се навистина отрезнувачки примери. Зарем не би требало да ни помогнат да ја искорениме неверноста, која навистина е одвратна особина?

СЛЕДИ ГО ПРИМЕРОТ НА ОНИЕ ШТО БИЛЕ ВЕРНИ

8, 9. а) Зошто Јонатан му се заветувал на верност на Давид? б) Како може да го следиме примерот на Јонатан?

8 Библијата зборува и за многу лица што биле верни. Да разгледаме два вакви примера и да видиме што може да научиме од нив. Првиот е човек кој му останал верен на Давид. Тоа бил Јонатан, најстариот син на цар Саул. Тој најверојатно ќе го наследел престолот на својот татко ако Јехова не го изберел Давид за следен цар на Израел. Сепак, Јонатан ја почитувал Божјата одлука. Не му бил љубоморен на Давид и не го сметал за соперник. Напротив, тој му се заветувал на верност. Библијата вели: „Душата на Јонатан се врза за душата на Давид“. Тој дури му ги дал на Давид својата облека, меч, лак и појас, и така му укажал чест како на цар (1. Сам. 18:1-4). Јонатан направил сѐ што можел за да „ја зацврсти [Давидовата] доверба во Бог“, па дури бил спремен и да си го ризикува животот за да го одбрани пред Саул. Својата лојалност кон Давид ја покажал кога му рекол: „Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор, веднаш до тебе“ (1. Сам. 20:30-34; 23:16, 17). Затоа воопшто не е чудно што, по смртта на Јонатан, Давид составил тажачка во која ја опеал својата болка и љубов кон верниот пријател (2. Сам. 1:17, 26).

9 На Јонатан му било јасно кому треба да му биде верен. Тој во потполност му се подложувал на Севишниот, Јехова, и му дал целосна поддршка на Давид како на Божји помазаник. Слично и денес, ние треба спремно да ги поддржуваме браќата што се поставени да нѐ предводат, иако можеби самите немаме некоја посебна одговорност во собранието (1. Сол. 5:12, 13; Евр. 13:17, 24).

10, 11. а) Зошто Петар останал со Исус и му бил верен? б) Како може да се угледаме на Петар, и на што треба да бидеме поттикнати?

10 Вториот добар пример е апостол Петар, кој ветил дека ќе му биде верен на Исус. Во една прилика, Исус дал сликовита споредба за да им помогне на своите ученици да разберат колку е важно да имаат вера во неговото тело и крв што наскоро требало да ги принесе како жртва. Бидејќи многу од нив ги сфатиле неговите зборови дословно, се запрепастиле и престанале да го следат (Јован 6:53-60, 66). Затоа, Исус се свртел кон 12-те апостоли и ги прашал: „Да не сакате и вие да си одите?“ Тогаш Петар одговорил: „Господару, кај кого да одиме? Ти ги имаш зборовите на вечниот живот! Ние поверувавме и спознавме дека ти си Божјиот Светец“ (Јован 6:67-69). Дали ова значи дека Петар потполно ги разбрал зборовите на Исус во врска со жртвата што требало да ја даде? Веројатно не. И покрај тоа, бил решен да му остане верен на помазаниот Божји Син.

11 Петар не мислел дека Исус има погрешно гледиште за таа работа, и дека подоцна сигурно ќе го порекне она што го кажал. Напротив, тој понизно признал дека Исус ги има „зборовите на вечниот живот“. Како реагираме ние денес кога во публикациите од „верниот управител“ ќе прочитаме нешто кое ни е тешко за разбирање или не се поклопува со нашето размислување? Треба да вложиме повеќе труд за да го разбереме наместо да очекуваме дека ќе има некоја промена во иднина која повеќе ќе се совпаѓа со нашето гледиште. (Прочитај Лука 12:42.)

ОСТАНИ МУ ВЕРЕН НА БРАЧНИОТ ДРУГАР

12, 13. Зошто некој би можел да го изневери својот брачен другар? Зошто возраста не е никакво оправдание за некој да биде неверен?

12 Секој вид неверност е срамен чин кој може да го наруши мирот и единството во христијанското семејство и во собранието. Не смееме да го дозволиме тоа. Затоа, да видиме како можеме да им останеме верни на нашиот брачен другар и на нашиот Бог.

13 Прељубата е едно од најболните видови неверство. Прељубникот го крши ветувањето за верност што му го дал на својот брачен другар и му ги поклонува своето внимание и љубов на некој друг. Изневерениот сопружник одеднаш останува сам и се чувствува како да му се срушил сиот свет. Како може да се случи вакво нешто меѓу двајца кои некогаш се сакале? Најчесто, ова започнува кога сопружниците емотивно ќе се оддалечат еден од друг, односно кога повеќе нема да им бидат важни чувствата на другиот. Габриела Турнатури, професорка по социологија, објаснува дека до неверство може да дојде кога сопружниците престануваат да прават сѐ што можат за да ја зајакнат својата брачна врска. Дури и оние што се во средни години може да се оддалечат еден од друг. На пример, еден 50-годишен маж се развел од својата сопруга која му била верна цели 25 години, и ја оставил за друга во која се вљубил. Некои си наоѓаат оправдание за неверството велејќи дека причината за него е таканаречената „средовечна криза“. Но, наместо да тврдат дека тоа е нормално и неизбежно, треба да ѝ погледнат на вистината во очи и да признаат дека неверството е неверство — нема никакво оправдание за него. *

14. а) Што мисли Јехова за брачното неверство? б) Што рекол Исус во врска со верноста во бракот?

14 Што мисли Јехова за оние што ги оставаат своите сопружници без да имаат библиска основа за такво нешто? Нашиот Бог ‚го мрази разводот‘ и дал силно предупредување за оние што ги малтретираат и ги оставаат своите сопружници. (Прочитај Малахија 2:13-16.) Бидејќи има исти чувства за неверството како и својот Татко, Исус поучувал дека човек не смее да го напушти или отфрли невиниот брачен другар и да се однесува како ништо да не се случило. (Прочитај Матеј 19:3-6, 9.)

15. Како оние што се во брак можат да му останат верни на сопружникот?

15 Како можат оние што се во брак да му останат верни на брачниот другар? Божјата Реч вели: „Радувај се со жената [или мажот] на својата младост“ и „Уживај во животот со [мажот, односно] жената што ја сакаш“ (Изр. 5:18; Проп. 9:9). Како што одминуваат годините, тие мора да даваат сѐ од себе за да ја зацврстуваат својата врска, да бидат близу и во физички и во емоционален поглед. Тоа значи дека треба да си обрнуваат внимание еден на друг, да поминуваат време заедно и уште повеќе да се зближат еден со друг. Мора многу да се трудат за да го зачуваат својот брак и своето пријателство со Јехова. За да успеат во тоа, брачните парови треба заедно да ја проучуваат Библијата, заедно да одат во служба и заедно да го молат Јехова да ги благослови.

ОСТАНИ МУ ВЕРЕН НА ЈЕХОВА

16, 17. а) Како може нашата верност кон Бог да биде ставена на испит во семејството или во собранието? б) Кој пример ни покажува дека е мудро да ја послушаме Божјата заповед да не се дружиме со исклучени роднини?

16 Некои членови на собранието, кои направиле тешки гревови, биле ‚строго укорени, за да бидат здрави во верата‘ (Тит 1:13). Поради своето однесување, други морале да бидат исклучени од собранието. Укорувањето им помогнало ‚на оние што биле поучени преку него‘ повторно да се зближат со Бог (Евр. 12:11). Што треба да правиме ако имаме некој роднина или близок пријател кој е исклучен? Тоа ја става на испит нашата верност — но, не кон него, туку кон Бог. Јехова нѐ набљудува за да види дали ќе ја послушаме неговата заповед да не контактираме со никој што е исклучен. (Прочитај 1. Коринќаните 5:11-13.)

17 Да разгледаме само еден пример што покажува дека навистина има добри резултати кога семејството ја почитува Јеховината заповед да не се дружи со исклучени роднини. Еден младич бил исклучен повеќе од десет години и, за сето тоа време, татко му, мајка му и четворицата браќа не се дружеле со него. Понекогаш се обидувал да им се придружи кога правеле нешто заедно, но пофално е што сите во семејството му останале верни на Јехова и не сакале воопшто да контактираат со него. Откако повторно бил примен во собранието, тој рекол дека секогаш му недостигало семејството, особено ноќе, кога останувал сам. Сепак, признал дека, ако барем малку бил вклучен во семејните активности, тоа ќе му било доволно. Меѓутоа, неговите родители и браќа на никаков начин не комуницирале со него. Силната желба повторно да биде заедно со нив била една од работите што го навеле да му се врати на Јехова. Сети се на ова ако некогаш се најдеш на искушение да ја прекршиш Божјата заповед и да почнеш да се дружиш со некои исклучени роднини.

18. Откако ги разгледавме благословите од верноста и последиците од неверноста, што си решен да правиш?

18 Живееме во еден предавнички и неверен свет. Сепак, во христијанското собрание сме опкружени со верни лица чиј пример треба да го следиме. Нивниот живот сведочи за нив, како на некој начин да вели: „Сведоци сте и вие и Бог колку верно и праведно и беспрекорно се однесувавме кон вас кои верувате“ (1. Сол. 2:10). Затоа, да дадеме сѐ од себе за да му останеме верни на Јехова и еден на друг.

[Фусноти]

^ пас. 4 Самсон немал толкава сила поради косата туку затоа што, како назареец, бил во посебен однос со Јехова. Косата била само симбол на тој однос.

^ пас. 6 Денес се користи и изразот „Јудин бакнеж“, кој означува „чин на предавство“.

^ пас. 13 Во статијата „Како да се поднесе неверството на сопружникот“, која излезе во Стражарска кула од 15 јуни 2010, страници 29-32, има практични совети за оние што биле изневерени од брачниот другар.

[Прашања]

[Слика на страница 10]

Петар му останал верен на помазаниот Божји Син иако многу други го напуштиле