Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Треба ли христијаните денес да се вклучат во политиката?

Треба ли христијаните денес да се вклучат во политиката?

Треба ли христијаните денес да се вклучат во политиката?

ВИСТИНСКИТЕ христијани денес не учествуваат во политиката. Зошто? Бидејќи го следат примерот на Исус. Тој за себе рекол: „Јас не сум дел од светот“. И на своите следбеници им рекол: „Не сте дел од светот“ (Јован 15:19; 17:14). Да разгледаме неколку причини поради кои христијаните не треба да се мешаат во политика.

1. Луѓето имаат ограничени способности. Библијата вели дека луѓето не се ниту способни ниту имаат право да владеат над други луѓе. Пророкот Еремија напишал: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23).

Исто како што не сме создадени со способност да летаме, не сме создадени ниту со способност успешно да владееме. Во врска со ограничувањата на владите, историчарот Дејвид Фрамкин во својата книга напишал: „Владите се составени од луѓе, па поради тоа прават грешки и нивната иднина е несигурна. Тие имаат извесна моќ, но таа е ограничена“ (The Question of Government). Затоа, разбирливо е што Библијата нѐ предупредува да не ја полагаме нашата доверба во луѓето! (Псалм 146:3).

2. Врз овој свет влијаат зли духовни сили. Кога Сатана му понудил на Исус да биде владетел на светот, Исус не негирал дека Сатана имал власт да му ги даде сите царства. Всушност, во една друга прилика, Исус го нарекол Сатана „владетелот на светот“. Неколку години подоцна, апостол Павле го опишал Сатана како „богот на овој свет“ (Јован 14:30; 2. Коринќаните 4:4). На сохристијаните Павле им напишал: „Се бориме против... светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесата“ (Ефешаните 6:12). Без да се свесни луѓето, вистинските владетели на овој свет се злите духовни сили. Како треба ова да влијае врз нашето гледиште кон политиката?

Да го објасниме тоа со следниов пример: Исто како што малите бротчиња се носени од силните морски струи, така и политичките системи на луѓето се под влијание на моќни и злобни духовни суштества. И како што морнарите на тие бротчиња не можат да сторат ништо за да ги сменат овие силни струи, така и политичарите се немоќни да го спречат влијанието на злите духовни суштества. Овие духови се цврсто решени да ги расипат луѓето до срж и да предизвикуваат неволји во светот (Откровение 12:12). Затоа, вистинска промена може да донесе само некој што е помоќен од Сатана и неговите демони. А тоа е единствено Јехова Бог (Еремија 10:7, 10; Осија 12:5).

3. Вистинските христијани се приврзаници само на Божјето Царство. Исус и неговите следбеници знаеле дека во точно одредено време, Бог лично ќе постави една влада на небото која ќе владее над целата Земја. Библијата ја нарекува оваа влада Божје Царство и кажува дека за Цар на тоа Царство е поставен Исус Христос (Откровение 11:15). Бидејќи ова ќе се одрази врз животот на секој човек, главната порака што Исус им ја пренесувал на луѓето била „добрата вест за Божјето царство“ (Лука 4:43). Тој ги поучил своите следбеници да го молат Бог: „Да дојде царството твое“. Зошто? Затоа што, под тоа Царство, Божјата волја ќе се врши на Земјата исто како што се врши на небото (Матеј 6:9, 10).

Но, што ќе се случи со човечките влади? Библијата вели дека владите од „целиот свет“ ќе бидат уништени (Откровение 16:14; 19:19-21). Ако некој вистински верува дека Божјето Царство наскоро ќе ги отстрани сите политички системи, логично е дека нема да сака да се меша во политиката. Всушност, ако застане на страната на човечките влади, кои се осудени на пропаст, ќе му се спротивстави на Бог.

Дали тоа што вистинските христијани не учествуваат во политиката значи дека не сакаат да прават ништо за доброто на заедницата во која живеат? Да го разгледаме одговорот на ова прашање, кој се наоѓа во следната статија.

[Истакната мисла на страница 7]

Јеховините сведоци не се залагаат за политички реформи туку го застапуваат Божјето Царство