Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Читателите прашуваат...

Дали христијаните од првиот век се мешале во политика?

Дали христијаните од првиот век се мешале во политика?

▪ Пред да се вознесе на небото, Исус им дал на своите ученици јасни упатства за тоа како да ја извршуваат својата служба на проповедање, но не им дал никаков совет од областа на политиката (Матеј 28:18-20). Затоа, неговите ученици продолжиле да живеат според начелото што претходно им го кажал: „Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Марко 12:17).

Како ова начело им помогнало на Исусовите следбеници да живеат во светот, но да не бидат дел од него? Каде била границата меѓу она што му припаѓало на цезарот, односно државата, и она што му припаѓа на Бог?

Апостол Павле сметал дека, ако христијаните учествуваат во политика, ќе ја преминат границата што ја поставил Исус. Во една книга пишува: „Павле го искористил своето римско државјанство за да ја побара заштитата што законски му следувала, но не се мешал во јавните политички прашања од тоа време“ (Beyond Good Intentions — A Biblical View of Politics).

Каков совет им дал Павле на сохристијаните? Во истата книга стои: „Од неговите писма до верниците во важните градови како што биле Коринт, Ефес, па дури и Рим, не се гледа никаков интерес за политичките препирки“. Во неа исто така пишува дека Павле „им заповедал на христијаните да ѝ бидат подложни на власта, но во ниедно од своите многубројни писма не навел дека локалната црква требало да им наложува некаква политика на јавните институции“ (Римјаните 12:18; 13:1, 5-7).

И христијаните што живееле неколку децении по смртта на Павле се држеле за истите овие начела. Тие ги почитувале властите, но не учествувале во политичките активности. Во врска со тоа, оваа книга објаснува: „Првите христијани сметале дека, според нивната вера, имаат обврска да ја почитуваат власта, но дека не смеат да се мешаат во политичките случувања“.

Сепак, околу 300 години по смртта на Христос, работите се смениле. Теологот Чарлс Бија-Бисенцио во својата книга вели: „Кога Константин спровел политички реформи, се чини дека голем број христијани почнале да извршуваат државна и воена служба и да прифаќаат политички функции“ (Between Christ and Caesar). Какви биле последиците? На крајот од четвртиот век од н.е., таа мешавина од религија и политика станала државна религија на Римското Царство.

И денес, многу религии што тврдат дека се христијански ги поттикнуваат своите верници да учествуваат во политиката. Меѓутоа, тие религии не го следат примерот ниту на Христос ниту на христијаните од првиот век.