Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дај сѐ од себе да си го зачуваш бракот!

Дај сѐ од себе да си го зачуваш бракот!

Дај сѐ од себе да си го зачуваш бракот!

„На оние што се во брак им заповедам, но не јас, туку Господарот, жената да не си заминува од мажот“ (1. КОР. 7:10)

МОЖЕШ ЛИ ДА ОБЈАСНИШ?

Во која смисла Бог ги става брачните другари „заедно во јарем“?

Како можат старешините да им помогнат на христијаните што имаат проблеми во бракот?

Како треба да гледаме на бракот?

1. Како гледаат христијаните на бракот, и зошто?

 КОГА стапуваат во брак, христијаните даваат завет пред Бог. Ова е сериозна одговорност (Проп. 5:4-6). Бидејќи Јехова е Основачот на брачната заедница, тој во симболична смисла ‚ги става заедно во јарем‘ оние што се венчаваат (Мар. 10:9, фус.). Иако понекогаш законите во државата се разликуваат од Божјите закони за бракот, христијаните се должни да гледаат на брачната заедница како што гледа Јехова, сеедно дали биле негови слуги кога стапиле во брак или не.

2. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

2 Бракот може да биде извор на огромна среќа. Но, што може да се стори ако меѓу брачните другари се појават проблеми? Дали таквата брачна врска може да се зајакне? Каква помош им е достапна на оние што имаат криза во бракот?

ИЗВОР НА РАДОСТ ИЛИ НА БОЛКА?

3, 4. Што може да се случи ако некој донесе немудра одлука кога избира брачен другар?

3 Ако еден брак е среќен, тогаш му причинува голема радост на христијанинот и му носи слава на Јехова. Но, ако бракот е несреќен, тогаш е извор на голема болка. Христијаните кои ги следат Божјите совети можат да му дадат убав почеток на својот брак. Но, ако некој донесе лоша одлука кога избира брачен другар, тоа може да биде причина за незадоволство и јад. На пример, некои млади започнуваат врска иако сѐ уште не се спремни за одговорностите што ги носи бракот. Други си го наоѓаат идниот сопружник преку интернет, брзо се венчаваат и наскоро сфаќаат дека не се среќни во бракот. А некои, пак, прават тежок грев додека се во врска, и го започнуваат брачниот живот без да имаат речиси никаква почит еден кон друг.

4 Христијаните што не ѝ се послушни на заповедта да стапат во брак „само во Господарот“, обично трпат болни последици затоа што нивниот сопружник не му служи на Јехова (1. Кор. 7:39). Ако ова е случај и со тебе, моли го Бог да ти прости и да ти помогне. Иако тој нема да ги отстрани последиците од грешките што си ги направил во минатото, сепак, ако искрено се каеш, ќе ти помогне да се справиш со проблемите (Пс. 130:1-4). Давај сѐ од себе за да му угодуваш на Бог, и тогаш ‚Јеховината радост ќе биде твоја тврдина‘ (Неем. 8:10).

КОГА БРАКОТ Е НА СТАКЛЕНИ НОЗЕ

5. Како не треба да размислуваат оние што имаат проблеми во бракот?

5 Некои што имаат брачни проблеми можеби се прашуваат: ‚Дали воопшто вреди да си го спасувам бракот? Камо да можев да го вратам времето и да направев подобар избор!‘ Можеби дури и посакуваат да го остават брачниот другар мислејќи си: ‚Што ми требаше да стапам во брак! А зошто да не се разведам? Дури и да немам библиска основа за развод, можам да се одвојам и пак да си уживам во животот‘. Христијаните не треба да дозволат да им се вртат вакви мисли низ главата ниту, пак, да си замислуваат каков би им бил животот ако постапеле поинаку. Наместо тоа, треба да прават сѐ што можат за да ја подобрат ситуацијата во која се наоѓаат така што ќе бараат водство од Бог и ќе ги применуваат неговите совети.

6. Објасни што значат зборовите на Исус запишани во Матеј 19:9.

6 Ако некој христијанин се разведе, можеби нема да има библиска основа да стапи во брак со некој друг. Исус рекол: „Секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд, и ќе се ожени со друга, прави прељуба“ (Мат. 19:9). Во овој стих, зборот „блуд“ се однесува на прељуба и на други недозволени полови односи. Многу е важно еден христијанин да бара помош и водство од Бог ако помислува на развод иако ни тој ни сопружникот не направиле блуд.

7. Што можат да помислат другите ако бракот на некој христијанин се распадне?

7 Ако нечиј брак се распадне, тоа ја става под знак прашалник духовноста на едниот или и на двајцата сопружници. Апостол Павле го поставил следново важно прашање: „Ако некој не знае да управува со својот дом, како ќе се грижи за Божјето собрание?“ (1. Тим. 3:5). Всушност, кога двајца велат дека се христијани, а сепак не успеваат да си го зачуваат бракот, можеби другите ќе помислат дека тие кажуваат едно, а прават друго (Рим. 2:21-24).

8. Што сигурно не е во ред ако некои христијани кои се во брак одлучат да се раздвојат?

8 Кога двајца крстени сопружници размислуваат да се одвојат или разведат без да имаат библиска основа, тоа покажува дека нешто не е во ред со нивниот однос со Јехова. Очигледно едниот од нив или, пак, двајцата, не ги применуваат библиските начела. Ако навистина имаат „доверба во Јехова со сето свое срце“, би требало да можат да си го зачуваат бракот. (Прочитај Изреки 3:5, 6.)

9. Како биле благословени некои христијани затоа што успеале да си го зачуваат бракот?

9 Многумина успеале да си го зачуваат бракот иако се чинело дека му нема спас. Христијаните кои се решени да не креваат раце од својот брак и покрај тоа што наидуваат на проблеми, најчесто имаат добри резултати. На пример, што може да се случи во еден религиозно разделен дом? Апостол Петар напишал: „Вие, жени, бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч, кога ќе ги видат вашето чисто однесување и длабоката почит“ (1. Пет. 3:1, 2). Поради доброто однесување на христијанинот, сопружникот кој не е Сведок може да ја прифати вистината. Христијаните кои на ваков начин успеваат да си го зачуваат бракот му носат чест на Бог и целото семејство може да биде благословено.

10, 11. Кои промени можат да предизвикаат проблеми во бракот? Во што може да биде уверен христијанинот?

10 Бидејќи сакаат да го радуваат Јехова, многу христијани решаваат да стапат во брак со крстен соверник. Но, дури и тогаш работите можат да тргнат во неочекуван правец. На пример, иако ретко, може да се случи кај едниот сопружник да се појават некои сериозни психички проблеми. Или, некое време по венчавката, едниот од брачните другари може да стане неактивен објавител. Вакво нешто ѝ се случило на Линда, a која е ревносна христијанка и грижлива мајка. Таа се чувствувала беспомошно додека гледала како маж ѝ постапува погрешно. Бидејќи не се каел, на крајот морало да биде исклучен. На христијаните што се наоѓаат во ваква ситуација можеби им се чини дека за нивниот брак нема никаква надеж. Што треба да прават?

11 Можеби и ти се прашуваш: ‚Мора ли да си го спасам бракот по секоја цена?‘ Никој не може и не треба да донесе одлука наместо тебе. Сепак, има добри причини да не се откажуваш иако можеби ти се чини дека вашата ситуација е безнадежна. Бог многу ги цени христијаните кои поради својата совест не сакаат да го напуштат сопружникот и затоа истрајуваат во тежок брак. (Прочитај 1. Петрово 2:19, 20.) Преку својата Реч и својот дух, Јехова ќе му помага на оној што искрено се труди да ја зајакне својата брачна врска.

ТИЕ СЕ СПРЕМНИ ДА ПОМОГНАТ

12. Што ќе мислат старешините за нас ако побараме помош од нив?

12 Ако имаш проблеми во бракот, не колебај се да побараш помош од некој зрел христијанин. Старешините служат како пастири на стадото и спремно ќе ти посочат некои совети од Библијата (Дела 20:28; Јак. 5:14, 15). Немој да се плашиш дека ќе престанат да те почитуваат тебе и твојот сопружник ако зборувате со нив и ако побарате помош за некој сериозен брачен проблем. Тие уште повеќе ќе ве ценат кога ќе видат дека искрено сакате да му угодите Бог.

13. Кој совет ни е даден во 1. Коринќаните 7:10-16?

13 Кога некои христијани кои живеат во религиозно разделен дом ќе побараат помош од старешините, тие можат да им укажат на следниов совет што го дал Павле: „На оние што се во брак им заповедам, но не јас, туку Господарот, жената да не си заминува од мажот — ако сепак си замине, нека остане немажена или нека се помири со мажот — и мажот да не ја остава жената... Зашто, како знаеш, жено, дека нема да си го спасиш мажот? Или како знаеш, мажу, дека нема да си ја спасиш жената?“ (1. Кор. 7:10-16). Навистина е голем благослов кога сопружникот ќе почне да му служи на Јехова!

14, 15. Во кој случај една христијанка сепак би можела да одлучи да се одвои од сопругот? Но, зошто е важно да се моли во врска со тоа и искрено да се преиспита?

14 Од кои сериозни причини една христијанка сепак би можела да одлучи ‚да си замине‘? Некои решиле да се одвојат од сопругот затоа што тој намерно одбивал да го издржува семејството. Други го сториле тоа бидејќи биле изложени на тешко физичко малтретирање од страна на мажот или, пак, во потполност биле спречени да му служат на Бог.

15 Секој мора сам да одлучи дали ќе се одвои од сопружникот или не. Сепак, христијаните треба да се молат во врска со ова и искрено да се преиспитаат. На пример, дали некој е спречен да му служи на Јехова само затоа што брачниот другар кој не е Сведок му го забранува тоа? Или, можеби и самиот ги запоставува проучувањето на Библијата, состаноците и проповедањето?

16. Зошто христијаните не треба да донесуваат избрзани одлуки кога станува збор за развод?

16 Пријателството со Бог е скапоцено за нас и ние сме благодарни за бракот како дар од него. Затоа е многу важно да не донесуваме избрзани одлуки кога станува збор за развод. Како слуги на Јехова, ние не сакаме да му нанесеме срам на неговото свето име. Затоа никогаш не би сакале да бараме начин да се ослободиме од нашиот брачен другар кроејќи планови во срцето да стапиме во брак со некој друг (Ерем. 17:9; Мал. 2:13-16).

17. На која ситуација може да се применат зборовите „Бог ве повика да живеете во мир“?

17 Христијанинот чиј сопружник не е Сведок треба многу да се труди да си ја зајакне брачната врска. Сепак, не треба да се чувствува виновен ако, и покрај сѐ што направил за да си го зачува бракот, сопружникот одлучи да го напушти. Павле напишал: „Ако оној што не е верник сака да си оди, нека си оди. Братот или сестрата во тој случај не се врзани, бидејќи Бог ве повика да живеете во мир“ (1. Кор. 7:15). b

НАДЕВАЈ СЕ НА ЈЕХОВА

18. Зошто вреди да се вложи труд за да се спаси некој брак, дури и ако тој на крајот сепак се распадне?

18 Кога ќе имаш каков и да е проблем во бракот, моли го Јехова за храброст и секогаш надевај се на него. (Прочитај Псалм 27:14.) Да видиме што ѝ се случило на Линда, која беше спомната претходно. Нејзиниот брак на крајот завршил со развод иако со години се трудела да го спаси. Дали Линда мисли дека само си го губела времето? „Во никој случај“, вели таа. „Тоа што направив сѐ што можев за да си го зачувам бракот беше добро сведоштво за околината. Имам чиста совест. Најдобро од сѐ е што сите тие години ѝ помогнаа на нашата ќерка да се зацврсти во вистината. Таа сега ревносно и верно му служи на Јехова“.

19. Каков може да биде исходот ако некој вложи напор за да си го спаси бракот?

19 Една христијанка која се вика Мерилин е среќна што имала доверба во Бог и вложила голем напор за да си го зачува бракот. „Бев на искушение да се одвојам од маж ми затоа што престана да нѐ издржува и го доведе во опасност мојот однос со Јехова“, вели таа. „Тој служеше како старешина пред да склучи некои немудри деловни зделки. Потоа почна да испушта состаноци и едноставно престанавме да разговараме. Освен тоа, еден терористички напад во нашиот град толку ме исплаши што се повлеков во себе. Тогаш сфатив дека и јас не постапувам како што треба. Почнавме повторно да разговараме, да проучуваме како семејство и редовно да одиме на состаноците. Старешините беа љубезни и многу ни помогнаа. Нашиот брак повторно почна да цвета. Со текот на времето, маж ми пак ги исполни условите за да врши некои собраниски одговорности. Тоа беше тешка лекција, но со среќен исход“.

20, 21. На што треба да бидеме решени во врска со бракот?

20 Сеедно дали сме во брак или не, секогаш да постапуваме храбро и да се надеваме на Јехова. Ако имаме проблеми во бракот, треба искрено да се трудиме да ги решиме имајќи секогаш на ум дека брачните другари „повеќе не се две, туку едно тело“ (Мат. 19:6). И да не изгубиме од вид дека, доколку останеме со сопружникот кој не е Сведок и покрај тоа што имаме тешкотии, на крајот може многу да се радуваме ако тој ја прифати вистината.

21 Без оглед на нашите околности, треба да бидеме решени да постапуваме мудро за да им дадеме добро сведоштво на луѓето што не се дел од собранието. Ако се соочуваме со тешки проблеми во бракот, да се молиме сесрдно, искрено да ги преиспитуваме нашите мотиви, длабоко да размислуваме за библиските стихови и да бараме духовна помош од старешините. Што е најважно, да бидеме решени да го радуваме Јехова Бог во сѐ и да покажеме длабоко ценење за бракот како прекрасен дар од него.

[Фусноти]

a Имињата се сменети.

b Види во Зачувај ја Божјата љубов, страници 219-221; Стражарска кула од 1 јуни 1989, страници 6, 7 и Стражарска кула од 15 септември 1975, страница 575 (англ.).

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 10]

Христијаните кои се решени да не креваат раце од својот брак иако наидуваат на проблеми, најчесто имаат добри резултати

[Истакната мисла на страница 12]

Секогаш надевај се на Јехова и моли го за храброст

[Слика на страница 9]

Јехова ги благословува христијаните кои, и покрај проблемите, се трудат да си ја зајакнат брачната врска

[Слика на страница 11]

Христијанското собрание може да биде извор на утеха и на духовна помош