Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животна приказна

Службата ни помогна да ја откриеме „тајната“

Службата ни помогна да ја откриеме „тајната“

Раскажал Оливије Рандриамура

„Знам што значи да си во немаштија, а знам и како е да имаш изобилство. Ја открив тајната како да бидам задоволен во сѐ, во секакви околности — и кога е човек сит и кога е гладен... Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:12, 13, фус.).

ОВИЕ зборови на апостол Павле секогаш беа големо охрабрување за мене и за жена ми, Ули. Службата на островот Мадагаскар ни помогна и нам да ја откриеме „тајната“ — целосно да се потпираме на Јехова во секакви околности.

Во 1982 год., кога јас и Ули веќе бевме свршени, Јеховините сведоци почнаа да ја проучуваат Библијата со мајка ѝ. И јас прифатив да проучувам, а подоцна ми се придружи и Ули. Се зедовме во 1983 год., се крстивме во 1985 год. и веднаш потоа почнавме да служиме како помошни пионери. Во јули 1986 год., станавме општи пионери.

Во септември 1987 год., бевме именувани за специјални пионери. Најпрво добивме задача да служиме во едно гратче во северозападниот дел на Мадагаскар каде што немаше собрание. На овој остров живеат околу 18 поголеми етнички групи и безброј племиња, кои имаат најразлични обичаи и традиции. Иако малгашкиот е службен јазик, се зборуваат и многу дијалекти. Затоа почнавме да го учиме дијалектот што се зборуваше во нашето место. Тоа им помогна на мештаните полесно да нѐ прифатат.

Во почетокот, ние бевме единствените присутни на состаноците. Јас држев предавање секоја недела, а на крајот Ули дури и ми ракоплескаше! Ја одржувавме и целата програма за Теократската школа за служба, а кога Ули ги изнесуваше своите задачи од школата, си замислуваше дека разговара со некој станар. Колку ни олесна кога покраинскиот надгледник љубезно ни предложи да ги приспособиме состаноците на нашите околности!

Бидејќи поштата не пристигнуваше редовно, не го добивавме паричниот надоместок секој месец. Затоа научивме како да живееме со малку. Еднаш, кога требаше да одиме на покраински собир што се одржуваше на 130 километри од нашето место, немавме доволно пари ни за автобуска карта. Но, тогаш се сетивме на добриот совет што ни го даде еден брат: „Кажете му на Јехова што ве мачи. Па нели го вршите неговото дело?“ Затоа, се помоливме и решивме да одиме пеш до собирот. Но, токму пред да тргнеме, неочекувано дојде еден брат и ни остави малку пари — точно толку колку што ни требаше за карта!

ПОКРАИНСКА СЛУЖБА

Во февруари 1991 год., бев именуван да служам како покраински надгледник. Дотогаш веќе имавме формирано група со 9 објавители, од кои тројца беа крстени, а на состаноците обично присуствуваа околу 50 души. Откако ја добив потребната обука, служевме во една покраина во главниот град, Антананариво. Во 1993 год., бевме испратени во друга покраина во источниот дел од земјата. Таму животот беше сосема поинаков од градскиот живот.

За да стигнеме до собранијата и до групите во зафрлените подрачја, пешачевме низ густо пошумени планини. Понекогаш моравме да поминеме пеш и до 145 километри. Затоа не земавме многу работи со нас. Се разбира, ако во јавното предавање за таа службена седмица имаше презентација со дијапозитиви — како што се правеше понекогаш во тоа време — нашиот товар беше потежок. Ули го носеше проекторот, а јас го носев тешкиот акумулатор.

Честопати моравме да пешачиме и по четириесетина километри дневно за да стигнеме до следното собрание. Одевме по угорници и удолници, преминувавме реки и цапавме по калишта. Некои ноќи преспивавме крај патот под отворено небо, но обично гледавме да стигнеме до некое село каде што баравме преноќиште, понекогаш и кај потполно непознати луѓе. Откако ќе најдевме сместување, моравме да подготвиме нешто за јадење. Ули ќе позајмеше котле од домаќините и ќе појдеше до најблиската река или езеро за да нацрпи вода. Во меѓувреме, јас позајмував секира за да исцепам дрва за огнот. За сѐ ни требаше време. Некојпат купувавме жива кокошка, која моравме сами да ја заколеме и да ја исчистиме.

Откако ќе јадевме, одевме да нацрпиме вода за да се искапеме. Некогаш спиевме во кујната. Ако таванот протекуваше кога врнеше дожд, моравме да спиеме залепени до ѕидот за да не накиснеме.

Секогаш се трудевме да им посведочиме на домаќините. А кога ќе стигневме кај нашите браќа и сестри, бевме длабоко трогнати од нивната добрина и гостољубивост. Кога гледавме колку се благодарни за нашата посета, заборававме на сите тешкотии што ги имавме по патот.

Додека престојувавме кај нашите браќа, со задоволство им помагавме околу домашните обврски. Така им остануваше повеќе време за да одиме заедно во служба. Не очекувавме некој специјален третман ниту посебна храна која нашите домаќини не можеа да си ја дозволат.

ПОСЕТА НА ГРУПИТЕ ВО ЗАФРЛЕНИ ПОДРАЧЈА

Голема радост ни причинуваше и посетата на групите кои живееја во зафрлени подрачја. Кога ќе стигневме, браќата веќе имаа направено полн распоред за нас. Ретко ни остануваше време да ‚се одмориме малку‘ (Мар. 6:31). Во едно место, една брачна двојка Сведоци сакаше да присуствуваме на сите нивни библиски студии. Тој ден кај нив дојдоа 40 интересенти! Сестрата и Ули водеа студии со дваесетина од нив, а јас и братот ги водевме другите дваесетина. Штом едниот интересент ќе завршеше со проучувањето, веднаш почнувавме со следниот. Попладнето направивме пауза за да ги одржиме собраниските состаноци, а потоа продолживме со студиите. Маратонскиот ден заврши по 8 часот навечер.

Кога бевме во посета на една друга група, заедно со тамошните објавители тргнавме кон соседното село во 8 часот наутро. Сите бевме облечени во стари алишта. По долго пешачење низ шумата, стигнавме на подрачјето околу пладне. Се преслековме во чиста облека и веднаш почнавме да проповедаме од врата до врата. Имаше малку куќи, а бевме многу објавители. Го обработивме целото подрачје за половина час. Потоа се упативме кон следното село. Откако проповедавме и таму, нѐ чекаше долг пат назад. Во почетокот бевме малку разочарани бидејќи потрошивме толку време и сила, а проповедавме само околу еден час. Но, тамошните браќа многу нѐ охрабрија. Наместо да се жалат, тие беа воодушевени.

Во близина на еден планински врв во Тавиранамбо имаше друга ваква група. Таму живееше едно семејство Сведоци во куќа со една соба, до која имаше мала барака каде што групата одржуваше состаноци. Само што стигнавме, нашиот домаќин излезе надвор и повика со силен глас: „Браќааа!“ Од врвот на блиската планина се слушна друг глас: „Кажиии!“ Нашиот домаќин пак извика: „Стигна покраинскиот!“ А од другиот врв се слушна: „Доброоо!“ Очигледно оваа порака на сличен начин им беше пренесена и на други, кои живееја уште подалеку. Наскоро почнаа да пристигнуваат луѓе од сите страни и, кога состанокот започна, имаше повеќе од 100 присутни.

ТЕШКОТИИ СО ПРЕВОЗОТ

Во 1996 год., бевме доделени да служиме во една покраина во близина на Антананариво. Во оваа покраина имавме сосема поинакви предизвици. Најтешко ни беше што немаше редовен јавен превоз до подалечните подрачја. Еднаш требаше да посетиме една група во Беанкана (Бесакеј), на 240 километри од Антананариво. Откако се спогодивме со шоферот за цената, се качивме во неговиот мал камион што одеше во тој правец. Во камионот имаше уште 30 други патници. Некои лежеа на покривот, а други висеа одзади држејќи се за камионот.

Но, како и обично, возилото наскоро се расипа и моравме да продолжиме пеш. По неколкучасовно макотрпно пешачење, наиде голем камион. Беше преполн со патници и товар, но шоферот сепак ни запре. Се качивме, иако требаше да стоиме цело време. Подоцна стигнавме до една река, но мостот не беше прооден бидејќи го поправаа, и затоа повторно моравме да продолжиме пешки. На крајот стигнавме до едно селце каде што живееше брачен пар специјални пионери. Иако немавме планирано покраинска посета на нивната група, одевме во служба со нив додека чекавме да завршат поправките на мостот и да ни дојде друг превоз.

По една седмица дојде друго возило и продолживме со патувањето. Патот беше полн со дупки. Честопати моравме да го туркаме камионот газејќи во вода до колена. Неретко се случуваше да се сопнеме и да паднеме. Во раните утрински часови пристигнавме во едно селце и слеговме од камионот. Од главниот пат тргнавме пеш кон своето одредиште газејќи низ оризови полиња полни со каллива вода која ни достигнуваше до појасот.

Бидејќи првпат го посетивме тоа подрачје, решивме да им сведочиме на работниците на оризовите ниви и да ги прашаме каде живеат некои од тамошните Сведоци. Бевме пресреќни кога дознавме дека овие работници, всушност, беа наши духовни браќа!

ГИ ПОТТИКНУВАМЕ ДРУГИТЕ НА ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА

Многу се радувавме што низ годините можевме да видиме резултати од тоа што ги поттикнувавме другите да започнат со полновремена служба. За време на посетата на едно собрание во кое имаше девет општи пионери, го охрабривме секој од нив да си постави цел да му помогне на друг објавител да служи како пионер. Кога ги посетивме по шест месеци, во ова собрание имаше дури 22 општи пионери! Две пионерки ги поттикнале своите татковци, кои служеа како старешини, да започнат со пионерска служба, а тие, пак, охрабриле уште еден старешина да им се придружи. Кратко потоа, третиот старешина беше именуван како специјален пионер, а подоцна заедно со својата жена почна да служи во покраинското дело. Што се случи со другите двајца старешини? Едниот е покраински надгледник, а другиот е доброволец за изградба на Сали на Царството.

Секој ден му благодариме на Јехова што ни помага. Свесни сме дека не можеме да направиме ништо со сопствена сила. Иако понекогаш сме уморни и се разболуваме, многу сме среќни кога размислуваме за она што го правиме во службата. Јехова го благословува своето дело во кое и ние имаме мал удел. Многу се радуваме што сега можеме да служиме како специјални пионери. Навистина ја откривме „тајната“ — да се потпираме на Јехова, ‚кој ни дава сила‘.

[Истакната мисла на страница 6]

Ја откривме „тајната“ — да се потпираме на Јехова

[Карта/слики на страница 4]

Мадагаскар (Големиот Црвен Остров) е четвртиот по големина остров на Земјата. Почвата на Мадагаскар е црвена, а многу од тамошните видови животни и растенија ги нема на ниедно друго место во светот

[Слика на страница 5]

Задоволство ни е да ја проучуваме Библијата со интересентите

[Слики на страница 5]

Патувањето ни беше најголем предизвик