Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Ги водеше светиот дух“

„Ги водеше светиот дух“

„Ги водеше светиот дух“

„Пророштво никогаш не било изречено по човечка волја, туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. ПЕТ. 1:21)

ПРАШАЊА ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

Како Бог го користел светиот дух за да им ја пренесе својата порака на библиските писатели?

Какви докази постојат дека Библијата е вдахновена од Бог?

Што можеш да правиш секој ден за да покажеш дека ја цениш Божјата Реч?

1. Зошто ни е потребна Божјата Реч?

 ОД КАДЕ доаѓаме? Зошто сме овде? Каде одиме? Зошто светот е ваков? Што се случува кога човек ќе умре? Овие прашања си ги поставуваат луѓето низ целиот свет. Дали би го знаеле одговорот на тие и на многу други важни прашања ако ја немавме Божјата Реч? Без Светото писмо, ќе моравме да учиме само од лично искуство, но тогаш немаше да го чувствуваме она што го чувствувал псалмистот кон „Јеховиниот закон“. (Прочитај Псалм 19:7.)

2. Што ќе ни помогне да го продлабочуваме нашето ценење за Библијата како скапоцен дар од Бог?

2 За жал, некои дозволиле да им се олади првата љубов што ја имале кон Библијата. (Спореди со Откровение 2:4.) Тие повеќе не живеат на начин што го радува Јехова (Иса. 30:21). Но, тоа не мора да ни се случи и нам. Ние можеме и треба да се трудиме да го продлабочуваме нашето ценење за Библијата и за поуките запишани во неа. Таа е скапоцен дар од нашиот Творец кој многу нѐ сака (Јак. 1:17). Што ќе ни помогне да бидеме уште поблагодарни за „речта Божја“? Добро е да размислиме како Јехова ги водел библиските писатели да ги запишат неговите мисли и да се потсетиме на некои од многуте докази кои потврдуваат дека оваа книга е вдахновена од Бог. Тоа ќе нѐ поттикне секојдневно да ја читаме и да ги применуваме нејзините совети (Евр. 4:12).

КАКО ‚ГИ ВОДЕЛ СВЕТИОТ ДУХ‘?

3. Како пророците и библиските писатели ‚биле водени од светиот дух‘?

3 Околу 40 мажи ја пишувале Библијата во период од 1.610 години — од 1513 год. пр.н.е до 98 год. од н.е. Некои од нив биле пророци кои ‚ги водел светиот дух‘. (Прочитај 2. Петрово 1:20, 21.) Според еден речник, грчкиот израз преведен со ‚води‘ буквално значи „носи од едно до друго место“, а „може да се преведе и со: движи, насочува, тера“. * Во Дела 27:15 овој израз се користи за да се опише еден брод кој ветрот го носел, односно го движел, во одредена насока. Пророците и писателите на Библијата ‚биле водени од светиот дух‘ во таа смисла што Бог ја користел својата сила за да комуницира со нив, да ги мотивира и да им дава водство. Според тоа, тие не ги запишувале своите мисли, туку Божјите. Понекогаш пророците и писателите дури и не го разбирале она што го претскажувале или пишувале (Дан. 12:8, 9). „Целото Писмо е вдахновено од Бог“ и не содржи човечки размислувања (2. Тим. 3:16).

4-6. Како Јехова им ја пренел својата порака на библиските писатели? Наведи пример.

4 Но, како Бог го користел светиот дух за да им ја пренесе својата порака на писателите на Библијата? Дали им кажал што точно да запишат или само им пренел мисли кои можеле да ги изразат со свои зборови? Па, размисли како еден директор обично составува писмо. Кога е важно писмото да содржи точно одредени зборови, тој го пишува сам или, пак, ѝ го диктира од збор до збор на секретарката. Таа го отчукува, а тој го потпишува. Но, во други прилики, директорот може да ѝ ги достави само главните мисли и да ѝ дозволи да го напише писмото со свои зборови. Потоа тој го проверува напишаното и ѝ кажува каде треба да се направат промени. На крајот, директорот го потпишува писмото, и затоа може да се каже дека тоа е од него.

5 Слично на ова, некои делови од Библијата биле напишани со „Божјиот прст“ (2. Мој. 31:18). Исто така, кога било многу важно да се користат точно одредени зборови, Јехова ја диктирал пораката од збор до збор. На пример, во 2. Мојсеева 34:27 пишува: „Јехова понатаму му рече на Мојсеј: ‚Запиши си ги тие зборови, зашто на темел на овие зборови склучувам сојуз со тебе и со Израел‘“. Освен тоа, Бог му го рекол следново на пророкот Еремија: „Напиши си ги во книга сите зборови што ќе ти ги кажам!“ (Ерем. 30:2).

6 Сепак, во повеќето случаи, Бог со чудо ги пренел своите мисли во срцето и умот на библиските писатели и им дозволил да ги изразат со свои зборови. Во Проповедник 12:10 се вели: „Оној што го поучуваше народот се трудеше да пронајде пријатни зборови и да ги напише точните зборови на вистината“. Лука, писателот на едно евангелие, ‚внимателно испитал сѐ од почетокот за да напише сѐ по ред‘ (Лука 1:3). Преку светиот дух, Бог се погрижил човечкото несовршенство да не влијае врз неговата порака.

7. Како се гледа Божјата мудрост од тоа што користел луѓе за да ја напишат Библијата?

7 Тоа што Бог користел луѓе за да ја напишат Библијата ни ја открива длабочината на неговата мудрост. Со зборовите се пренесуваат информации, но и емоции и чувства. Јехова можел да користи и ангели за да ја напишат Библијата. Но, дали тие би можеле да ни ги доловат човечките емоции како што се стравот, тагата и разочарувањето, кои се толку вообичаени за луѓето? Тоа што Бог дозволил во пишувањето на Библијата да се внесат и чувствата на несовршените човечки писатели ѝ дава неизмерна топлина и привлечност.

ДОКАЗИ ДЕКА БИБЛИЈАТА Е ОД БОГ

8. Зошто ниту една религиозна книга не може да се мери со Библијата?

8 Постојат многу докази дека Библијата е Божја реч. Ниту една друга религиозна книга не може да се мери со неа бидејќи само таа ни помага да го запознаеме вистинскиот Бог. На пример, во хиндуистичките списи се изнесени филозофски учења, толкувања на верски ритуали, митови и морални правила. Будистичките книги содржат правила и одредби за калуѓери и калуѓерки. Освен тоа, во нив се објаснети будистичките доктрини и учењата на Буда, кој не тврдел дека е бог, а и не зборувал многу за Бог. Записите на конфучијанизмот се мешавина од историски извештаи, морални правила, магични формули и песни. Исламот исто така има своја света книга. Иако таа поучува дека има еден Бог кој знае сѐ и кој може да ја предвиди иднината, сепак не го открива Божјето име, Јехова, кое се јавува неколку илјади пати во Библијата.

9, 10. Што можеме да научиме за Бог од Библијата?

9 Како што видовме, во повеќето религиозни книги не се зборува многу за Бог, а во некои од нив тој воопшто и не се спомнува. Само од Библијата може да учиме за Јехова Бог, и за неговите намери и постапки. Таа ни помага да се запознаеме со неговите прекрасни особини. Од Библијата дознаваме дека Бог е семоќен, мудар, праведен и дека многу нѐ сака. (Прочитај Јован 3:16; 1. Јованово 4:19.) Но, учиме и дека „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Еден доказ дека Бог навистина е непристрасен е тоа што Библијата им е достапна на речиси сите луѓе. Според лингвистите, денес во светот се зборуваат околу 6.700 јазици, а 90 отсто од светското население зборува на околу 100 од тие јазици. Но, Библијата е преведена — цела или некои нејзини делови — на повеќе од 2.400 јазици! Речиси секој човек во светот може да чита барем дел од неа на својот мајчин јазик.

10 Исус рекол: „Мојот Татко работи сѐ досега, па и јас работам“ (Јован 5:17). ‚Јехова е Бог од век до век‘. Замисли што сѐ направил тој! (Пс. 90:2). Само Библијата ни кажува како постапувал во минатото, што прави сега и што ќе направи во иднина. Таа ни кажува што му се допаѓа, а што не му се допаѓа, и ни покажува како може да бидеме блиски со него (Јак. 4:8). Не смееме да дозволиме нашите лични цели или грижи да нѐ оддалечат од Јехова.

11. Каква неизмерна и непогрешлива мудрост содржи Библијата?

11 Неизмерната и непогрешлива мудрост што ја содржи Библијата исто така покажува дека таа книга не потекнува од човек туку од некој повозвишен извор. Апостол Павле напишал: „Кој го запознал умот на Јехова, па да може да го поучи за нешто?“ (1. Кор. 2:16). Овој стих е поврзан со прашањето што пророкот Исаија им го поставил на луѓето во неговото време: „Кој го измерил Јеховиниот дух? Кој може како советник да го упати во нешто?“ (Иса. 40:13). Се разбира, одговорот е „никој“! Ако ги применуваме библиските совети за брак, деца, забава, дружење, трудољубивост, чесност и морал, тоа секогаш ќе биде за наше добро. Човек никогаш нема да најде лош совет во Библијата. Од друга страна, луѓето не се толку мудри за да даваат совети што секогаш ќе имаат добри резултати (Ерем. 10:23). Тие постојано ги менуваат и ги преправаат кога ќе сфатат дека она што го препорачувале пред тоа не било доволно добро. Библијата со право вели: „Мислите на луѓето... се како здив“ (Пс. 94:11).

12. Што правеле мнозина низ вековите за да ја уништат Библијата?

12 Уште еден доказ дека Бог е Авторот на Библијата е тоа што многу луѓе во минатото се обидувале да ја уништат и не успеале во тоа. На пример, во 168 год. пр.н.е., сирискиот цар Антиох IV се обидел да ги најде сите книги на Законот за да ги изгори. Во 303 год. од н.е., римскиот император Диоклецијан наредил да се разурнат куќите каде што се собирале христијаните и да се изгорат нивните свети списи. Ова уништување траело цела деценија. Од 11 век наваму, папите правеле сѐ што можеле за да спречат Библијата да се преведува на разни јазици затоа што не сакале обичниот народ да дознае што пишува во неа. И покрај сите овие напади од Сатана и од оние што тој ги користел, Библијата била зачувана и опстојува до денешен ден. Јехова никому не му дозволил да го уништи Неговиот дар за човештвото.

ЗОШТО МНОГУМИНА ВЕРУВААТ ВО БИБЛИЈАТА

13. Кои други докази покажуваат дека Библијата е вдахновена од Бог?

13 Има и други докази дека Библијата е вдахновена од Бог: нејзиниот внатрешен склад, научната точност, исполнетите пророштва, невообичаената искреност на писателите, нејзината моќ да го менува животот на луѓето, како и нејзината историска точност. Освен тоа, таа дава задоволувачки одговор на прашањата што беа спомнати во првиот пасус. Да видиме сега што им помогнало на некои да се уверат дека Библијата е книга од Бог.

14-16. а) Што им помогнало на еден муслиман, на еден хиндус и на еден агностик да се уверат дека Библијата е книга од Бог? б) Кои докази обично ги користиш во службата за да докажеш дека Библијата е Божја Реч?

14 Анвор * пораснал како муслиман во една земја на Блискиот Исток. Додека живеел во Северна Америка, му дошле на врата Јеховини сведоци. Анвор вели: „Во тоа време, немав добро мислење за христијанските религии поради крстоносните војни и инквизицијата. Но, бидејќи по природа сум доста љубопитен, се согласив да ја проучувам Библијата“. Наскоро потоа, Анвор се вратил во својата земја и изгубил контакт со Сведоците. По многу години, се преселил во Европа, и повторно почнал да ја проучува Библијата. Подоцна тој рекол: „Исполнетите пророштва, нејзиниот внатрешен склад како и љубовта што ја гледав меѓу Јеховините слуги ме увери дека Библијата е Божја Реч“. Анвор се крстил во 1998 год.

15 Ајша, која има 16 години, пораснала во хиндуистичко семејство. Таа вели: „Се молев само кога ќе појдев во храмот или кога имав проблеми, а кога сѐ ми одеше добро, воопшто не помислував на Бог. Но, животот ми се смени од корен откако Јеховините сведоци ми тропнаа на врата“. Ајша почнала да ја проучува Божјата Реч, го запознала Јехова и станала блиска со Него како со свој пријател. Што ја уверило дека Библијата е книга од Бог? Таа објаснува: „Во неа најдов одговор на сите мои прашања. Светото писмо ми помогна да стекнам вера во Бог без да морам да одам во храм и да му се поклонувам на некој видлив идол“.

16 Паула пораснала во католичко семејство, но како млада личност станала агностик, односно сметала дека никој не може да докаже дека постои Бог. Но, тогаш се случило нешто. Таа раскажува: „Се сретнав со еден пријател што го немав видено со месеци. Тоа беше во времето на хипи-движењето. Кога видов колку беше променет — убаво потстрижен и среќен“ — му реков: ‚Човече, ти не личиш на себе! Што ти се случи?‘ Тој ми кажа дека ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, и потоа ми зборуваше за она што го научил“. Бидејќи видела колку големо влијание извршила библиската порака врз нејзиниот пријател, Паула се заинтересирала и ја прифатила Библијата како книга од Бог.

„ТВОЈАТА РЕЧ Е СВЕТИЛКА НА МОЈАТА НОГА“

17. Како ќе ти помогне тоа што секојдневно ќе ја читаш Библијата и ќе размислуваш за неа?

17 Библијата е прекрасен дар што Јехова ни го дал преку својот свет дух. Затоа, читај ја со задоволство секој ден и твојата љубов кон нејзиниот Автор сѐ повеќе ќе расте (Пс. 1:1, 2). Пред да почнеш со читањето, замоли го Бог да ти даде свет дух за да го разбереш она што ќе го читаш (Лука 11:13). Во Библијата се запишани Божјите мисли. Затоа, кога длабоко размислуваме за неа, почнуваме да мислиме како Јехова.

18. Зошто сакаш и понатаму да ја проучуваш Библијата?

18 Продолжи да стекнуваш уште подлабоко спознание за библиската вистина и настојувај да го применуваш она што го учиш. (Прочитај Псалм 119:105.) Загледај се во Библијата како во огледало, и направи ги потребните промени (Јак. 1:23-25). Користи ја како меч за да ги браниш своите верувања и да ги отсечеш сите лажни учења од срцата на кротките (Еф. 6:17). Додека го правиш тоа, биди благодарен што пророците и другите што ја пишувале Библијата навистина ‚биле водени од светиот дух‘!

[Фусноти]

^ A Greek-English Lexicon of the New Testament and Other Early Christian Literature.

^ Некои имиња се сменети.

[Прашања]

[Истакната мисла на страница 29]

Читај ја Библијата секој ден и твојата љубов кон нејзиниот Автор сѐ повеќе ќе расте

[Слика на страница 26]

Потписот покажува од кого е испратено писмото