Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Извештај од годишниот состанок

Програма која ги истакна нашето единство и идните планови

Програма која ги истакна нашето единство и идните планови

ГОДИШНИТЕ состаноци на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania секогаш се радосни прилики. Таков беше и 127-от годишен состанок што се одржа во сабота, на 1 октомври 2011 год. Беа поканети гости од целиот свет, кои се собраа во Конгресната сала на Јеховините сведоци во Џерси Сити (Њу Џерси, САД).

Герит Леш од Водечкото тело им изрази срдечно добредојде на сите. Тој ги потсети радосните делегати од 85 земји дека се дел од едно меѓународно семејство во кое владее извонредно единство. Тоа единство го слави Јехова и претставува силно сведоштво за луѓето. Всушност, единството беше спомнато повеќе пати во текот на програмата.

ДОБРИ ВЕСТИ ОД МЕКСИКО

Во првиот дел од програмата беа наведени неколку примери за единството што постои меѓу Јеховиниот народ. Балтазар Перла од Бетелот во Мексико интервјуираше тројца други членови на тоа семејство во врска со спојувањето на шест централно-американски подружници со мексиканската подружница. Поради тоа, сега во Бетелот во Мексико има повеќе браќа и сестри од различни земји и култури, и сите се охрабрени од меѓусебното дружење. Со ова спојување, Јехова како со голема гума да ги избриша државните граници меѓу тие земји.

Откако беше направена оваа промена, секое собрание — па дури и групите во зафрлените подрачја — можат директно да комуницираат со подружницата преку безбедна имејл-врска. Ова им помага на објавителите во земјите каде што веќе нема Бетел и понатаму да се чувствуваат дел од организацијата.

НОВОСТИ ОД ЈАПОНИЈА

Џејмс Линтон од подружницата во Јапонија објасни што се случуваше со нашите браќа по земјотресот и цунамито кои ја погодија земјата во март 2011 год. Многу Сведоци изгубија некои од своите најмили, како и целиот имот. Сведоците кои не живеат во погоденото подрачје понудија 3.100 домови за сместување на соверниците кои останаа без покрив над главата, како и стотици возила. Доброволците кои беа испратени од Регионалните одбори за изградба работеа без престан за да ги поправат домовите на браќата. Повеќе од 1.700 доброволци се пријавија да помагаат секаде каде што имаше потреба. Исто така, 575 браќа и сестри ги поправаа Салите на Царството, а со нив работеше и еден тим на доброволци од САД.

Беше вложен голем труд за да се утешат оние што беа погодени од катастрофата и да се зајакне нивната вера. Повеќе од 400 старешини ги посетија настраданите. Водечкото тело испрати двајца зонски надгледници од светското седиште за да ги охрабрат браќата и сестрите во тоа подрачје. Голема утеха за овие браќа беше и грижата и заинтересираноста што ја покажаа Сведоците од целиот свет.

ПРАВНИ ПОБЕДИ

Потоа присутните внимателно го следеа изнесувањето на Стивен Харди од подружницата во Британија кој зборуваше за неодамнешните правни победи. На пример, владата во Франција бараше од тамошните Јеховини сведоци да платат данок во висина од 58 милиони евра. Овој спор беше разрешен кога Европскиот суд за човекови права пресуди во наша корист и јасно покажа дека Сведоците не се обидуваат да избегнат да плаќаат даноци. Во пресудата стоеше дека, всушност, француската влада го прекршила Член 9 од Европската конвенција, кој ја штити слободата на вероисповед. На пример, владата одбила да ги признае Јеховините сведоци како религија, сакала да го затвори нивното претставништво во земјата и користела погрдни зборови за нив.

Европскиот суд исто така донесе поволна пресуда во еден случај поврзан со Јеховините сведоци во Ерменија. Од 1965 год., овој Суд сметаше дека Европската конвенција не ги штити поединците од задолжителна воена обврска. Но, Големиот судски совет — највисоката инстанца на Европскиот суд за човекови права — пресуди дека Европската конвенција сепак му дава право на поединецот да одбие воена служба поради своите цврсти верски убедувања. Оваа пресуда ја обврзува Ерменија, како и Азербејџан и Турција, да го почитуваат ова право.

ГРАДЕЖНИ ПРОЕКТИ

Потоа одржа говор Гај Пирс од Водечкото тело, кој спомна дека сите присутни сигурно би сакале да дознаат како се одвиваат нашите градежни проекти во државата Њујорк. Тој на присутните им презентираше видеоснимка од проектите кои моментално се во тек во Волкил и Патерсон, како и оние што се планираат да бидат изградени на земјиштето кое неодамна беше купено во Ворвик и Таксидо (Њујорк). Во Волкил, до 2014 год. треба да се заврши станбен објект со повеќе од 300 додатни соби.

Во Ворвик се планира изградба на нови објекти на земјиште со површина од 100 хектари. „Иако не сме сигурни која е Јеховината волја во врска со Ворвик“, рече брат Пирс, „продолжуваме со подготовката на проектите со цел таму да го преместиме светското седиште на Јеховините сведоци.“ Во текот на изградбата, машинеријата и градежните материјали ќе се чуваат на 10 километри северно од Ворвик, каде што исто така е купена парцела од 20 хектари. „Откако ќе добиеме дозвола за изградба, се надеваме дека целиот проект ќе биде завршен за четири години“, рече брат Пирс. „Тогаш ќе може да ги продадеме објектите во Бруклин.“

Потоа тој праша: „Дали ова значи дека Водечкото тело смета дека големата неволја сепак не е толку близу?“ Одговорот беше: „Во никој случај! Ако големата неволја ни ги попречи плановите, тоа ќе биде прекрасно, апсолутно прекрасно!“

ЧУВАЈ СЕ ОД РАЗРИКАНИОТ ЛАВ

Стивен Лет, уште еден член на Водечкото тело, зборуваше за 1. Петрово 5:8, каде што стои: „Бидете трезвени, бдејте! Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“. Брат Лет рече дека ќе сфатиме колку е соодветна споредбата на Петар ако разгледаме неколку карактеристики на лавот.

Лавовите се посилни и побрзи од луѓето. Бидејќи Сатана е сличен на нив во овој поглед, не треба да се обидеме да се бориме или да побегнеме од него со сопствена сила. За да успееме во тоа, ни треба помош од Јехова (Иса. 40:31). Лавот честопати лови ноќе за пленот да не може да го види. Ако не сакаме да станеме плен на Сатана, мора да ја избегнуваме духовната темнина во која тој ги фаќа своите жртви. Исто како што лавот безмилосно ќе убие некоја мирна антилопа или заспано младенче на зебра, така и Сатана е немилосрден и со задоволство би нѐ растргнал. Откако лавот ќе се засити, неговиот плен е толку изобличен што честопати не може да се препознае. На сличен начин, кога некој христијанин ќе стане жртва на Сатана, запаѓа во многу полоша состојба од онаа во која бил пред да ја запознае вистината (2. Пет. 2:20). Затоа, треба решително да му се спротивставиме на Сатана и цврсто да се држиме за библиските начела што сме ги научиле (1. Пет. 5:9).

ЦЕНИ ГО СВОЕТО МЕСТО ВО ЈЕХОВИНИОТ ДОМ

„Секој од нас си има свое место во Јеховиниот дом“, рече следниот говорник, Семјуел Херд од Водечкото тело. Сите христијани имаат место во Божјиот „дом“, односно во неговиот духовен храм, кој ја претставува можноста што ни ја дал Јехова да му служиме на темел на откупната жртва на Исус. Тоа е огромна чест која секој од нас треба многу да ја цени. Исто како Давид, и ние сакаме ‚да живееме во Јеховиниот дом во сите денови на нашиот живот‘ (Пс. 27:4).

Брат Херд се осврна на Псалм 92:12-14 и праша: „Како Јехова ни помага да цветаме?“ Тој одговори: „Во духовниот рај, Бог нѐ теши, нѐ штити и ни дава да пиеме од освежувачките води на вистината. Треба да му бидеме благодарни за тоа“. Потоа брат Херд ги поттикна присутните: „Да бидеме среќни што сме во Јеховиниот дом и да останеме во него — не само за кратко, туку засекогаш!“

ХРИСТИЈАНИТЕ ЈА ПОЧИТУВААТ БОЖЈАТА РЕЧ

Дејвид Сплејн, кој исто така е член на Водечкото тело, во следниот говор објасни дека вистинските христијани отсекогаш ја почитувале Божјата Реч. Во првиот век, тие го разрешиле спорот околу обрежувањето со помош на Писмото (Дела 15:16, 17). Но, некои што се изјаснувале како христијани во вториот век почнале повеќе да ја ценат грчката филозофија отколку вистините од Библијата. Подоцна, други ги замениле библиските учења со идеите на таканаречените црковни отци и на римските императори. Така се појавиле многу лажни учења.

Брат Сплејн истакна дека, во една своја споредба, Исус покажал дека сѐ до времето на жетвата на Земјата ќе има помазани христијани кои ќе ја бранат вистината (Мат. 13:24-30). Не знаеме точно кои биле тие. Но, низ вековите, мнозина ги отфрлиле небиблиските верувања и обичаи. Некои од нив биле надбискупот Агобар од Лион кој живеел во 9 век, Петар од Бруи, Анри од Лозана и Валдес (или Валдо) во 12 век, Џон Виклиф во 14 век, Вилијам Тиндејл во 16 век, и Хенри Гру и Џорџ Сторс во 19 век. Денес Јеховините сведоци и понатаму се држат за библиските мерила и ги темелат сите свои учења на Библијата. Од таа причина, Водечкото тело го избра Јован 17:17 како годишен стих за 2012. Тој гласи: „Твојата реч е вистина“.

ИНТЕРЕСНИ ПРОМЕНИ ВО БИБЛИСКИТЕ ШКОЛИ

Ентони Морис, член на Водечкото тело, најави промени во врска со мисионерите и специјалните пионери. Од септември 2012 год., Библиската школа за брачни парови ќе се одржува и во други земји освен во САД. Сменета е и целта на Школата Гилеад. Почнувајќи од октомври 2011 год., на Гилеад можат да присуствуваат само браќа и сестри што веќе биле во некој вид специјална полновремена служба — кои имале мисионерски статус иако не биле на Гилеад или, пак, служеле како специјални пионери, патувачки надгледници или бетелски слуги. Откако ќе ја завршат школата, ќе бидат испратени да служат во подружници или во патувачкото дело, или да проповедаат во големи градови заедно со тамошните собранија. На тој начин, ќе можат да ги зајакнат, да ги обучат и да им помагаат на браќата и сестрите во проповедничкото дело.

Освен тоа, други специјални пионери ќе бидат испратени да служат во подалечни или зафрлени подрачја. Од 1 јануари 2012 год., некои од оние што ќе ја завршат Библиската школа за неженети браќа или Библиската школа за брачни парови ќе бидат испратени како привремени специјални пионери на подрачја каде што има малку или воопшто нема објавители. Тие ќе служат во ова својство најмалку една, а најмногу три години. По трите години, оние што имале добри резултати ќе останат во оваа служба.

Годишниот состанок во 2011 год. навистина беше радосна прилика. Се молиме Јехова да ги благослови сите промени што се прават за да проповедаме во уште поголема мера, и да го зајакне нашето меѓународно единство — на Негова чест и слава.

[Рамка/слики на страници 18 и 19]

ГИ ЗАПОЗНАВМЕ ПОДОБРО

За време на програмата беа интервјуирани и пет вдовици на некои поранешни членови на Водечкото тело. Сестрите Марина Сидлик, Едит Сјутер, Мелита Џерес, Мелба Бери и Сидни Барбер раскажаа како ја дознале вистината и како започнале со полновремена служба. Секоја од нив сподели со присутните скапоцени спомени од животот со својот сопруг, и зборуваше за неговите убави особини, како и за благословите што заедно ги доживеале во службата за Јехова. На крајот на интервјуто, сите присутни ја испеаја песна број 86 со наслов „Верните жени, нашите сестри“.

[Слики]

(Горе) Даниел и Марина Сидлик; Грант и Едит Сјутер; Теодор и Мелита Џерес

(Долу) Лојд и Мелба Бери; Кери и Сидни Барбер

[Карта на страница 16]

(Види во публикацијата)

Шест подружници беа споени и сега се во склоп на подружницата во Мексико

МЕКСИКО

ГВАТЕМАЛА

ХОНДУРАС

ЕЛ САЛВАДОР

НИКАРАГВА

КОСТАРИКА

ПАНАМА

[Слика на страница 17]

Можниот изглед на светското седиште на Јеховините сведоци во Ворвик (Њујорк)