Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мир што ќе трае илјада години — и во сета вечност!

Мир што ќе трае илјада години — и во сета вечност!

„За Бог да им биде сѐ на сите“ (1. КОР. 15:28)

1. Каква прекрасна иднина го очекува ‚големото мноштво‘?

 ЗАМИСЛИ СИ колкава благосостојба може да им донесе на своите поданици една моќна влада на чело со праведен и сочувствителен владетел која ќе постои илјада години! Ваква прекрасна иднина го очекува неброеното „големо мноштво“ луѓе кои ќе ја преживеат ‚големата неволја‘, со која ќе му биде ставен крај на сегашниов зол свет (Отк. 7:9, 14).

2. Што претрпеле луѓето во изминатите 6.000 години?

2 Во изминатите 6.000 години, луѓето се обиделе да владеат сами, и тоа му донело неописливо страдање и болка на човечкиот род. Многу одамна, во Библијата било запишано: „Човек владее над човек на негова штета“ (Проп. 8:9). Каква е состојбата во светот денес? Освен војни и немири, насекаде има сиромаштија, болести, загадување на околината, климатски промени итн. Владите предупредуваат дека, ако не дојде до темелна промена на ставовите и ако продолжи уништувањето на Земјата, последиците ќе бидат катастрофални.

3. Што ќе се случи во илјадагодишното Царство?

3 Под власта на месијанскиот Цар, Исус Христос, и неговите 144.000 совладетели, Божјето Царство постепено ќе ја отстрани сета штета што им била нанесена на луѓето и на нивниот дом, планетата Земја. Во илјадагодишното Царство ќе се исполни следново утешно ветување што го дал Јехова Бог: „Јас создавам нови небеса и нова земја. Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Иса. 65:17). Кои прекрасни настани нѐ очекуваат? Преку Божјата пророчка Реч, можеме да ѕирнеме во иднината и да ги „видиме“ тие настани, иако сѐ уште ‚не се гледаат‘ (2. Кор. 4:18).

‚ТИЕ ЌЕ ГРАДАТ КУЌИ И ЌЕ САДАТ ЛОЗЈА‘

4. Какви станбени проблеми имаат многумина денес?

4 Кој не би сакал да има своја куќа, свое топло катче каде што заедно со семејството ќе се чувствува сигурно и безгрижно? За жал, денес во многу земји е тешко секој да има свој дом. Голем број луѓе живеат во пренаселени градови, а некои се принудени да живеат во пренатрупани сиромашни квартови. Повеќето од нив можат само да сонуваат да имаат сопствен дом.

5, 6. а) Како ќе се исполнат пророштвата од Исаија 65:21 и Михеј 4:4? б) Како можеме да ги доживееме тие благослови?

5 Под власта на Царството, секој човек ќе има свој дом бидејќи пророкот Исаија запишал: „Тие ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го јадат нивниот род“ (Иса. 65:21). Но, тоа не е единствениот благослов што ќе го доживеат. На крајот на краиштата, и денес некои имаат свој дом, па дури живеат и во огромни куќи кои личат на палати. Сепак, можеби се плашат да не го изгубат сето тоа во некоја економска криза, или да не станат жртва на крадци, кои би можеле да провалат и да ги ограбат. Кога ќе владее Царството, ваквите грижи ќе бидат минато. Пророкот Михеј напишал: „Секој ќе седи под својата лоза и под својата смоква и никој нема да го плаши“ (Мих. 4:4).

6 Што треба да правиме ако сакаме да ги доживееме тие прекрасни благослови? Се разбира, на сите ни треба покрив над главата. Сепак, наместо да се трудиме по секоја цена уште денес да ја имаме куќата од соништата — можеби така што ќе влеземе во големи долгови — зарем не е помудро да мислиме на Јеховиното ветување? Сети се што рекол Исус за себеси: „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“ (Лука 9:58). Тој имал способност и моќ да ја изгради најубавата куќа што некој би можел да си ја замисли. Зошто не го направил тоа? Очигледно, не сакал ништо да го спречи да го стави Царството на прво место. Можеме ли да го следиме неговиот пример и да не дозволиме материјалните работи да ни бидат главна преокупација во животот? (Мат. 6:33, 34).

„ВОЛКОТ И ЈАГНЕТО ЌЕ ПАСАТ ЗАЕДНО“

7. Во склад со заповедта што Јехова им ја дал на Адам и Ева, каков однос требало да има меѓу луѓето и животните?

7 Јехова го создал човекот како круна на сето свое творештво. На својот Вешт Градител, Исус, тој му објаснил дека ги создал луѓето со посебна цел, кога рекол: „Да направиме човек според нашиот лик, сличен на нас, и нека владее над морските риби, над суштествата што летаат по небото, над домашните животни — над сета земја — и над сите други животни што се движат по земјата!“ (1. Мој. 1:26). Значи, Бог ги овластил Адам и Ева — а со тоа и сите луѓе — да владеат над животните.

8. Како се однесуваат животните денес?

8 Дали навистина е можно луѓето да владеат над сите животни и да бидат во мир со нив? Мнозина уште денес многу ги сакаат своите миленичиња, како што се кучињата и мачињата. Но, што е со дивите животни? Во еден извештај се вели: „Научниците кои живееле заедно со диви животни и ги проучувале, откриле дека сите цицачи покажуваат емоции“. Знаеме дека некои животни можат да се исплашат и да бидат крволочни ако им се заканува опасност, но дали е можно да покажуваат и нежни чувства? Извештајот продолжува: „Цицачите покажуваат голема нежност кога се грижат за своите младенчиња“.

9. Какви промени ќе се случат кај животните?

9 Затоа не треба да се изненадиме што во Библијата читаме дека меѓу луѓето и животните ќе завладее мир. (Прочитај Исаија 11:6-9; 65:25.) Сети се дека, кога Ное и неговото семејство излегле од арката по Потопот, Јехова им рекол: „Од вас нека се плашат и нека страхуваат сите суштества на земјата“ (1. Мој. 9:2, 3). Поради тој страв, многу животни бегаат од луѓето, и тоа им служи како заштита. Но, за да ја исполни намерата што ја имал во почетокот, Јехова може да го отстрани претераниот страв што животните го чувствуваат од луѓето (Оси. 2:18). Колку радосни времиња ги чекаат сите што тогаш ќе живеат на Земјата!

„ТОЈ ЌЕ ЈА ИЗБРИШЕ СЕКОЈА СОЛЗА“

10. Зошто луѓето плачат?

10 Кога ги видел „сите угнетувања што се прават под сонцето“, Соломон со големо жалење рекол: „Гледај, солзи на угнетуваните, а нема кој да ги утеши“ (Проп. 4:1). Денес ситуацијата е слична, па дури и полоша. Кој од нас не ронел солзи поради нешто? Точно, понекогаш тоа можат да бидат солзи радосници. За жал, најчесто плачеме кога чувствуваме болка во душата.

11. Кој извештај од Библијата те допира до срце?

11 Помисли на многуте трогателни настани за кои читаме во Библијата. Кога Сара умрела на 127 години, ‚Авраам дошол да тагува по неа и да ја оплаче‘ (1. Мој. 23:1, 2). Кога Ноемина се збогувала со нејзините снаи кои останале вдовици, ‚тие гласно заплакале‘ (Рут 1:9, 14). Кога се разболел од смртоносна болест, цар Езекија му се помолил на Бог и ‚заплакал горко‘. Ова очигледно го трогнало Јехова (2. Цар. 20:1-5). И кој од нас може да остане рамнодушен кога чита дека апостол Петар ‚горко заплакал‘ откако се одрекол од Исус? (Мат. 26:75).

12. Какво олеснување ќе им донесе илјадагодишното Царство на луѓето?

12 Бидејќи луѓето се погодени од најразлични трагедии, на сите очајно им треба утеха и олеснување. Во текот на Христовото илјадагодишно Царство, Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Отк. 21:4). Многу е утешно да знаеме дека повеќе нема да има болка и страдање. Но, Бог ветува уште нешто — дека ќе ја уништи смртта, најголемиот непријател на човекот. Како ќе го стори тоа?

„СИТЕ ОНИЕ ШТО СЕ ВО ГРОБОВИТЕ... ЌЕ ИЗЛЕЗАТ“

13. Што се случило откако Адам згрешил?

13 Откако Адам згрешил, смртта завладеала како цар над човештвото. Таа сѐ уште е непобедлив непријател, неизбежен крај на животот на секој несовршен човек и извор на неизмерна тага и болка (Рим. 5:12, 14). Всушност, „поради страв од смрт“, милиони луѓе „целиот живот биле подложени на робување“ (Евр. 2:15).

14. Што ќе се случува откако смртта ќе биде уништена?

14 Библијата покажува дека ќе дојде време кога „како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Кор. 15:26). Две групи ќе можат да извлечат корист од тоа. ‚Големото мноштво‘ Јеховини слуги, кои живеат денес, ќе имаат можност да влезат во ветениот нов свет со надеж дека никогаш нема да умрат. А милијардите кои веќе се во прангите на смртта ќе можат повторно да се вратат во живот преку воскресението. Можеш ли да си замислиш колку ќе бидат среќни оние што го преживеале Армагедон кога ќе ги пречекуваат воскреснатите? Ако длабоко размислуваме за неколкуте воскресенија за кои се зборува во Библијата, ќе можеме уште сега да ја почувствуваме неописливата радост што ќе владее тогаш. (Прочитај Марко 5:38-42; Лука 7:11-17.)

15. Како ќе се чувствуваш кога повторно ќе се врати во живот некој од твоите најмили?

15 Во стиховите што ги прочитавме пишува дека оние што ги виделе воскресенијата ‚биле избезумени од радост‘ и ‚го славеле Бог‘. Да си бил таму, веројатно и ти ќе си се чувствувал исто како нив. Кога повторно ќе ги видиме нашите најмили кои ќе воскреснат, и ние ќе бидеме исполнети со неизмерна радост и восхит. Тоа ќе биде вистинско чудо! Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Никој од нас не бил сведок на воскресение. Тоа сигурно ќе биде еден од највеличествените настани што сѐ уште ‚не се гледаат‘!

БОГ ЌЕ ИМ БИДЕ „СЀ НА СИТЕ“

16. а) Зошто треба да зборуваме со воодушевеност за благословите што сѐ уште не се гледаат? б) Со кои зборови Павле ги охрабрил христијаните во Коринт?

16 Оние што ќе му останат верни на Јехова во овие тешки времиња ги очекува прекрасна иднина! Иако сѐ уште не можеме да ги видиме величествените благослови што ни претстојат, многу е важно да размислуваме за нив. Тоа ќе ни помогне да се посветиме на она што навистина е најважно и да не дозволиме минливите задоволства во овој свет да ни го одвлечат вниманието од служењето на Јехова (Лука 21:34; 1. Тим. 6:17-19). Затоа, кога имаме Семејна вечер, кога разговараме со нашите соверници и кога ги поучуваме заинтересираните лица, да зборуваме со воодушевеност за величествената иднина што нѐ очекува. Тоа ќе ни помогне да ја зачуваме нашата надеж цврсто во мислите и во срцето. Апостол Павле ги охрабрил сохристијаните да размислуваат за она што ќе се случи на крајот на Христовото илјадагодишно Царство. Обиди се во потполност да го сфатиш значењето на зборовите што Павле ги кажал во 1. Коринќаните 15:24, 25, 28. (Прочитај.)

17, 18. а) Во која смисла Јехова им бил „сѐ на сите“ во почетокот на човечката историја? б) Што ќе стори Исус за да го обнови мирот и единството?

17 Зборовите ‚Бог ќе им биде сѐ на сите‘ претставуваат најдобар опис за тоа каков ќе биде животот на крајот на илјадагодишното Царство. Што значи овој израз? Размисли за времето кога Адам и Ева, како совршени луѓе во Рајот, биле дел од Јеховиното среќно и обединето семејство. Јехова, како Севишен Господар, владеел директно над сите свои творби — и над ангелите и над луѓето. Тие можеле лично да комуницираат со својот Татко и да му служат, а Тој ги благословувал. Така Бог им бил „сѐ на сите“.

18 Овој мирољубив однос бил нарушен кога луѓето, под влијание на Сатана, се побуниле против Јехова. Но, од 1914 год., месијанското Царство постепено презема чекори за да го обнови тој мир и единство (Еф. 1:9, 10). Во текот на илјадагодишното Царство, ќе се случат многу настани што сега ‚не се гледаат‘, а потоа ќе дојде „крајот“, односно ќе заврши Христовото илјадагодишно владеење. Што ќе се случи тогаш? Иако му е дадена „сета власт на небото и на земјата“, Исус не е амбициозен и нема никаква намера да ја заземе положбата што ја има Јехова. Тој понизно „ќе му го предаде царството на својот Бог и Татко“, и ќе ја употреби својата посебна положба и овластувања „на слава на Бог“ (Мат. 28:18; Фил. 2:9-11).

19, 20. а) Како сите поданици на Царството ќе покажат дека го прифаќаат Јехова како Севишен Владетел? б) Каква величествена иднина ни претстои?

19 Дотогаш, сите поданици на Царството што ќе живеат на Земјата ќе станат совршени. Ќе го следат примерот на Исус, и понизно и спремно ќе признаат дека Јехова има право да биде Севишен Владетел. Ако успеат да го поминат последниот испит, тие ќе покажат дека навистина сакаат Јехова да владее над нив (Отк. 20:7-10). Потоа сите бунтовници — и луѓето и духовните суштества — ќе бидат уништени засекогаш. Тоа ќе биде време на огромна радост! Сите во Јеховиното семејство, и на небото и на Земјата, ќе го фалат Бог, и Тој ќе им биде „сѐ на сите“. (Прочитај Псалм 99:1-3.)

20 Дали прекрасните благослови што наскоро ќе ги донесе Царството ќе те поттикнат со сета душа да ја вршиш Божјата волја? Ќе се трудиш ли со сите сили да му се спротивставиш на Сатановиот свет кој нуди лажни надежи и удобности? Ќе бидеш ли уште поодлучен да го поддржуваш Јехова како Севишен Владетел? Покажи со дела дека навистина сакаш да го правиш тоа засекогаш. Тогаш ќе имаш чест да уживаш во мир и благосостојба не само илјада години, туку во сета вечност!