Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Не го знаете ниту денот ниту часот“

„Не го знаете ниту денот ниту часот“

„Затоа, бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“ (МАТ. 25:13)

1-3. а) Кои ситуации можат да ни помогнат да ја сфатиме поуката што ја дал Исус во споредбите за девиците и за талантите? б) Кои прашања ќе бидат одговорени?

 ЗАМИСЛИ СИ дека некој државен службеник те замоли да го однесеш со кола на важен состанок. Но, кратко пред да тргнеш да го земеш од договореното место, сфаќаш дека немаш доволно гориво во колата и мораш брзо да одиш на бензинска. Во меѓувреме, тој доаѓа и те бара, но тебе те нема. Бидејќи не може да чека, си наоѓа друг шофер. Наскоро се враќаш и гледаш дека службеникот веќе заминал. Како ќе се чувствуваш?

2 Сега замисли дека ти си службеникот. Пред да тргнеш на пат, повикуваш тројца луѓе за да им довериш една важна задача. Им објаснуваш што треба да прават, и сите тројца спремно прифаќаат. Но, кога подоцна се враќаш, гледаш дека само двајца си ја завршиле работата. Згора на тоа, оној што не ја завршил си наоѓа изговори, а всушност не се ни потрудил да направи нешто. Како ќе се чувствуваш?

3 Во своите споредби за девиците и за талантите, Исус спомнал слични ситуации за да покаже зошто во времето на крајот некои помазани христијани ќе бидат верни и разборити, а други не a (Мат. 25:1-30). Тој ја нагласил поуката од овие споредби со зборовите: „Затоа, бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“. Со тоа Исус сакал да каже дека неговите ученици нема да знаат кога точно тој ќе го изврши Божјиот суд над Сатановиот свет (Мат. 25:13). И ние мора ‚да бдееме‘. Зошто е добро да го послушаме овој совет на Исус? Кој е подготвен за преживување? И што мора да правиме сега за да останеме будни?

ЗОШТО Е ДОБРО ДА БДЕЕМЕ

4. Зошто не е неопходно да знаеме кога точно ќе дојде крајот за да ‚останеме будни‘?

4 Понекогаш е важно да знаеме колку точно е часот. На пример, ако одиме на работа, ако имаме закажано на лекар или ако се возиме со јавен превоз, мора да внимаваме да не задоцниме. Но, ако некој гасне пожар или помага да се спасат животи по некоја катастрофа, а притоа постојано погледнува на часовникот, тоа може да му го одврати вниманието, па дури и да биде многу опасно. Во такви околности е многу поважно да се концентрира на она што го прави отколку да мисли на времето. Додека се ближи крајот на овој свет, најважно од сѐ е да им кажуваме на луѓето што направил Јехова за да ги спаси. За да останат будни во симболична смисла, христијаните не мора да знаат кога точно ќе дојде крајот. Всушност, тоа што не го знаеме денот и часот ни помага на најмалку пет начини.

5. Како тоа што не го знаеме денот ни часот ни дава можност да покажеме што имаме во срцето?

5 Прво, тоа што не знаеме кога ќе дојде крајот ни дава можност да покажеме што навистина имаме во срцето. Всушност, така Јехова ни искажува чест бидејќи ни дозволува сами да избереме дали ќе му бидеме верни. Ние му служиме затоа што го сакаме, а не само за да го преживееме крајот на овој свет и да добиеме вечен живот. (Прочитај Псалм 37:4.) Со задоволство ја вршиме неговата волја, и сфаќаме дека тој нѐ поучува за наше добро (Иса. 48:17). Затоа неговите заповеди не ни се тешки (1. Јов. 5:3).

6. Како се чувствува Бог кога му служиме од љубов, и зошто?

6 Второ, тоа што не го знаеме денот и часот ни дава можност да го радуваме Јеховиното срце. Кога му служиме од љубов, а не затоа што наскоро ќе дојде крајот или затоа што сакаме да добиеме награда, помагаме Јехова да одговори на неоснованите обвиненија на својот непријател, Сатана (Јов 2:4, 5; прочитај Изреки 27:11). Бидејќи сме свесни колкаво страдање и болка предизвикал Ѓаволот, ние го отфрламе неговото владеење и со радост го поддржуваме Јехова како Севишен Владетел.

7. Зошто мислиш дека е добро да бидеме самопожртвувани?

7 Трето, тоа што му служиме на Јехова без да го знаеме конкретниот датум кога ќе дојде крајот ни помага да бидеме самопожртвувани. Денес, некои луѓе што не го познаваат Бог исто така веруваат дека овој свет нема да трае уште долго. Затоа што се плашат дека Земјата секој момент може да биде уништена од некоја катастрофа, тие живеат со ставот „да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме“ (1. Кор. 15:32). За разлика од нив, ние не се плашиме и не гледаме само да ги задоволиме нашите себични желби (Изр. 18:1). Наместо тоа, се одрекуваме од себеси и спремно го користиме нашето време, сила и сѐ што имаме за да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство. (Прочитај Матеј 16:24.) Со радост му служиме на Бог и среќни сме кога им помагаме на другите да го запознаат.

8. Кој пример од Библијата ни покажува зошто треба целосно да се потпираме на Јехова и на неговата Реч?

8 Четврто, бидејќи не го знаеме ни денот ни часот, поттикнати сме целосно да се потпираме на Јехова и да даваме сѐ од себе да ги применуваме советите од неговата Реч во својот живот. Затоа што сме несовршени, многу е лесно да почнеме да се потпираме на себеси. Павле ги советувал сите христијани: „Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне!“ Дваесет и три илјади Израелци ја изгубиле Јеховината милост кратко пред да влезат во Ветената земја. Павле рекол дека ‚сето тоа е напишано како предупредување за нас што живееме на крајот од овој поредок‘ (1. Кор. 10:8, 11, 12).

9. Како можат неволјите да нѐ пречистат и уште повеќе да го зацврстат нашето пријателство со Бог?

9 Петто, тоа што не знаеме кога ќе дојде крајот ни помага да станеме подобри христијани. Тоа што трпиме неволји без да знаеме кога точно тие ќе завршат нѐ пречистува и ни ја зајакнува верата. (Прочитај Псалм 119:71.) Во овие последни денови навистина живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1-5). Мнозина во Сатановиот свет нѐ мразат, и затоа можеби ќе бидеме прогонувани поради својата вера (Јован 15:19; 16:2). Но, исто како што огнот може да пречисти некој метал, неволјите можат да ја пречистат и да ја зајакнат нашата вера. Ако сме понизни и ако го молиме Јехова за водство додека трпиме неволји, тие нема да нѐ спречат да му служиме. Напротив, нашето пријателство со Јехова ќе стане многу поцврсто отколку што сме можеле да си замислиме (Јак. 1:2-4; 4:8).

10. Како може времето да ни минува побрзо?

10 Времето е релативно — може да ни минува брзо или бавно. Кога сме зафатени со нешто и не гледаме на саатот, тоа како да лета. На сличен начин, ако се зафатиме со делото што ни го доверил Јехова, крајот може да дојде многу побрзо отколку што сме очекувале. Повеќето помазаници ни дале одличен пример во овој поглед. Да разгледаме накратко што се случило откако Исус бил устоличен како Цар во 1914 год., и да видиме како некои помазаници покажале дека се подготвени, а други не.

ПОМАЗАНИЦИТЕ ПОКАЖАЛЕ ДЕКА СЕ ПОДГОТВЕНИ

11. По 1914 год., зошто некои помазаници мислеле дека Господарот доцни?

11 Сети се на споредбите за девиците и за талантите што ги кажал Исус. Ако девиците или робовите знаеле кога ќе дојде младоженецот, односно господарот, не морало да бдеат. Но, не знаеле, и затоа морале да бидат подготвени. Иако помазаниците со децении пред тоа сметале дека 1914 ќе биде значајна година, не знаеле што точно ќе се случи тогаш. Кога не се случило она што го очекувале, на некои им се чинело дека младоженецот доцни. Подоцна еден брат рекол: „Неколкумина од нас сериозно мислевме дека ќе одиме на небото во првата седмица тој октомври“.

12. Како помазаниците покажале дека се верни и разборити?

12 Замисли само колку мора да им било тешко што крајот не дошол, иако тие со нетрпение го чекале! Згора на тоа, браќата се соочиле со противење во Првата светска војна. Потоа следел период на неактивност — исто како да потонале во длабок сон. Но, во 1919 год. се случило нешто што ги разбудило! Исус пристигнал во Божјиот духовен храм, и дошло времето да бидат испитани. Некои не го поминале тој испит, и поради тоа не можеле повеќе да му служат на Господарот, Исус (Мат. 25:16). Тие биле како глупавите девици кои немале масло за повторно да ги наполнат изгаснатите светилки. И, слично на мрзливиот роб, тие не биле спремни да прават лични жртви за Царството. Сепак, повеќето помазаници покажале непоколеблива верност кон Господарот и силна желба да му служат дури и во тие тешки воени години.

13. Каков став имале помазаниците по 1914 год., и каков став имаат денес?

13 По 1914 год., во Стражарска кула било објаснето каков став имале повеќето помазаници во тоа време. Таму пишувало дека оние што имале исправно гледиште не се разочарале. Во продолжение стоело: „Не сакавме да се изврши нашата волја. Затоа, кога сфативме дека сме имале погрешни очекувања во врска со октомври 1914 год., бевме радосни што Господарот не го смени својот план за да ни угоди нам. Не ни сакавме да го стори тоа. Едноставно сакаме да разбереме кои се неговите планови и намери“. И помазаниците денес покажуваат слична понизност и верност. Тие не тврдат дека се вдахновени од Бог, но решени се да ја вршат задачата што Господарот им ја доверил на Земјата. А сега и едно „големо мноштво“ од „други овци“ — христијани што имаат надеж дека ќе живеат вечно на Земјата — го следат нивниот пример на будност и ревност (Отк. 7:9; Јован 10:16).

ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА СМЕ ПОДГОТВЕНИ

14. Зошто е добро да ги применуваме поуките и советите што ги добиваме преку верниот роб?

14 Бог му дава духовна храна на својот народ преку верниот и разборит роб. Исто како помазаниците, и членовите на големото мноштво кои се духовно будни спремно ги применуваат поуките и советите што им ги дава робот. На тој начин, и тие во симболична смисла ги полнат своите светилки со духовното масло од Божјата Реч и од светиот дух. (Прочитај Псалм 119:130; Јован 16:13.) Така покажуваат дека се подготвени за Христовото враќање, и зајакнати се да останат верни дури и во крајно тешки околности. На пример, во еден нацистички логор, во почетокот браќата имале само една Библија. Затоа се молеле за повеќе духовна храна. Кратко потоа дознале дека еден брат кој штотуку бил затворен во истиот логор успеал незабележано да внесе неколку нови броеви на Стражарска кула криејќи ги во својата дрвена нога. Меѓу преживеаните беше и еден помазан брат по име Ернст Вауер. Тој подоцна рекол: „Јехова ни помогна на чудесен начин да ги научиме напамет охрабрувачките мисли од тие статии“. А потоа додал: „Денес многу лесно добиваме духовна храна, но дали секогаш ја цениме? Сигурен сум дека Јехова богато ќе ги благослови оние кои имаат доверба во него, кои му остануваат верни и продолжуваат да се хранат на неговата трпеза“.

15, 16. Како била благословена една брачна двојка поради својата ревност во службата, и што учиш од таквите искуства?

15 Другите овци им помагаат на Христовите браќа со тоа што и самите се зафатени во проповедничкото дело (Мат. 25:40). За разлика од мрзливиот и зол роб од споредбата на Исус, тие се спремни да прават жртви и да вложат голем труд за да го стават Царството на прво место. На пример, кога Џон и Масако биле повикани да помогнат на кинеското подрачје во Кенија, тие во почетокот се колебале. Но, откако размислиле за своите околности и се молеле во врска со тоа, решиле сепак да се преселат таму.

16 Биле многу благословени затоа што ревносно проповедале. Тие велат: „Службата овде е фантастична“. Започнале седум библиски студии, и имале уште многу други интересни искуства. „Секој ден му благодариме на Јехова што сме овде“, велат тие. Се разбира, и многу други браќа и сестри покажуваат со своите одлуки дека се решени да бидат зафатени во Божјата служба независно од тоа кога ќе дојде крајот. Меѓу нив се илјадниците пионери кои дипломирале на школата Гилеад и кои служат како мисионери. Можеш да прочиташ нешто повеќе за оваа служба во статијата „Го правиме најдоброто што можеме!“, која излезе во Стражарска кула од 15 октомври 2001 год. Додека ја читаш оваа интересна статија за тоа како изгледа еден ден во животот на мисионерите, размислувај како би можел и ти да правиш повеќе во службата за Бог за да му носиш фалба и да бидеш уште порадосен.

ОСТАНИ БУДЕН!

17. Во која смисла сме благословени затоа што не го знаеме денот и часот?

17 Очигледно, за нас е благослов тоа што не го знаеме точно денот и часот кога ќе дојде крајот на овој свет. Ние не сме незадоволни и разочарани поради тоа туку, напротив, се чувствуваме уште поблиски со Јехова, нашиот мил Татко, и можеме уште поцелосно да ја вршиме неговата волја. Бидејќи сме посветени на задачата што ни ја дал Исус и не дозволуваме ништо да ни го одвлече вниманието, среќни сме додека му служиме на Јехова (Лука 9:62).

18. Зошто сакаме верно да продолжиме да му служиме на Бог?

18 Божјиот ден на суд брзо се приближува. Никој од нас не би сакал да ги разочара Јехова и Исус. Тие ни довериле драгоцена задача во овие последни денови. Многу сме благодарни што покажуваат толку голема доверба во нас! (Прочитај 1. Тимотеј 1:12.)

19. Како може да бидеме подготвени за Јеховиниот ден?

19 Сеедно дали имаме надеж дека ќе живееме вечно на небото или во рајот на Земјата, да бидеме решени и понатаму да проповедаме и да ги поучуваме луѓето за Бог. Точно е дека сѐ уште не го знаеме денот и часот кога ќе започне Јеховиниот ден, но дали воопшто има потреба да го знаеме? Ние можеме и ќе бидеме подготвени за него! (Мат. 24:36, 44). Уверени сме дека нема да се разочараме ако целосно се потпираме на Јехова и ако го ставиме Царството на прво место во животот (Рим. 10:11).

a Види во Стражарска кула од 1 март 2004, страници 14-18.