Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова го собира својот радосен народ

Јехова го собира својот радосен народ

„Собери го народот — мажите, жените, децата и дојденците“ (5. МОЈ. 31:12)

1, 2. Кои работи во врска со конгресите ќе ги разгледаме во оваа статија?

 МЕЃУНАРОДНИТЕ и обласните конгреси се важно обележје на современата историја на Јеховините сведоци. Многумина од нас присуствувале на некој од овие радосни настани, а можеби дури и на голем број од нив.

2 Пред неколку илјади години, Божјиот народ исто така одржувал свети собири. Во оваа статија ќе разгледаме некои од собирите кои се спомнати во Библијата, и ќе видиме во што биле слични со денешните конгреси. Освен тоа, ќе дознаеме зошто е многу корисно да присуствуваме на конгресите (Пс. 44:1; Рим. 15:4).

ЗНАЧАЈНИ СОБИРИ — ВО МИНАТОТО И ДЕНЕС

3. а) Што се случило на првиот собир на Јеховиниот народ кој е спомнат во Библијата? б) Како Израелците знаеле кога требало да се соберат?

3 Првиот голем собир кој е спомнат во Библијата бил одржан во подножјето на планината Синај, каде што Израелците се собрале за да бидат поучени од Јехова. Тоа навистина бил многу значаен настан во историјата на Божјиот народ. Во таа незаборавна прилика, Јехова им ја покажал својата моќ на Израелците и им го дал својот Закон (2. Мој. 19:2-9, 16-19; прочитај 2. Мојсеева 20:18; 5. Мојсеева 4:9, 10). Тој ден, тие стапиле во посебен однос со Бог. Недолго потоа, Јехова му дал упатства на Мојсеј за тоа како да го собира народот. Тој му заповедал да направи две сребрени труби, со кои требало да ја свикува „целата заедница“ да се собере на „влезот во шаторот на средбата“ (4. Мој. 10:1-4). Замисли колку мора да биле возбудени Израелците кога ќе ги слушнеле трубите!

4, 5. Зошто собирите што ги свикале Мојсеј и Исус Навин биле особено важни?

4 При крајот на 40-годишното патување на Израелците низ пустината, Мојсеј го собрал целиот народ. Ова било многу важен момент од историјата на Израел. Бидејќи наскоро требало да влезат во Ветената земја, било вистинско време Мојсеј да ги потсети на сето она што Јехова го направил за нив и на она што допрва ќе го направел (5. Мој. 29:1-15; 30:15-20; 31:30).

5 Можеби токму на тој собир, Мојсеј им кажал на Израелците дека оттогаш натаму редовно ќе се собираат за да бидат поучувани од Бог. Секоја седма година, на Празникот на сениците, мажите, жените, децата и дојденците во Израел требало да се соберат на местото што ќе го изберел Јехова ‚за да слушаат и да научат да се бојат од Него, и совесно да ги држат сите зборови на законот‘. (Прочитај 5. Мојсеева 31:1, 10-12.) Според тоа, уште од самите почетоци на историјата на Божјите слуги, било јасно дека тие ќе треба да се собираат за да бидат поучени за Јеховината реч и за неговите намери. Подоцна, откако ја освоиле Ветената земја, Исус Навин ги собрал Израелците за да ја зајакне нивната решеност да му останат верни на Јехова. Тој ден, целиот народ се заветувал дека ќе му служи на Бог (Ис. Нав. 23:1, 2; 24:1, 15, 21-24).

6, 7. Кои особено значајни конгреси на Јеховиниот народ беа одржани во поново време?

6 И во поново време, Јеховиниот народ одржал многу значајни конгреси на кои биле објавени организациски промени, како и преиначувања во разбирањето на некои библиски стихови (Изр. 4:18). Првиот голем конгрес на Истражувачите на Библијата по Првата светска војна бил одржан во 1919 год., во Седар Поинт (Охајо, САД). На тој собир, на кој присуствувале околу 7.000 делегати, Божјите слуги биле поттикнати да вложат посебни напори за да ја проповедаат добрата вест низ целиот свет. Во 1922 год., во текот на еден деветдневен конгрес кој се одржал на истото место, Џозеф Ф. Ратерфорд изнел еден впечатлив говор, во кој ги охрабрил присутните со следниве зборови: „Бидете верни и вистинити сведоци за Господарот. Тргнете напред во бој сѐ додека не биде избришана секоја трага од Вавилон. Објавете ја веста надалеку и нашироко. Светот мора да знае дека Јехова е Бог и дека Исус Христос е Цар над царевите и Господар над господарите. Ова е ден над сите денови. Гледајте, Царот владее! Вие сте негови јавни застапници. Затоа, објавувајте, објавувајте, објавувајте го Царот и неговото Царство!“ Присутните, како и Божјите слуги низ целиот свет, со радост го прифатиле тој повик.

7 Во 1931 год., во Колумбус (Охајо), Истражувачите на Библијата со восхит го прифатија името Јеховини сведоци. Потоа, во 1935 год., во Вашингтон (Д.К.), брат Ратерфорд објасни кое е ‚големото мноштво‘, за кое во Откровение се вели дека ‚стои пред престолот и пред Јагнето‘ (Отк. 7:9-17). Во 1942 год., додека Втората светска војна беше во најголем ек, Натан Х. Нор го изнесе впечатливиот говор со наслов „Мир — може ли да потрае?“ Во говорот објасни кој е „црвениот ѕвер“ од Откровение, 17. поглавје, и рече дека по војната ќе треба уште многу да се проповеда.

8, 9. Зошто некои конгреси биле многу трогателни за Божјиот народ?

8 Од посебна важност беше и говорот на брат Нор, со наслов „Реконструкција и проширување — планови и предизвици“, кој во 1946 год. го одржа на конгресот „Радосни народи“, во Кливленд (Охајо). Еден брат, кој бил на подиумот во текот на говорот, напишал каква била реакцијата на присутните. Тој рекол дека, додека брат Нор зборувал за плановите за проширување на бетелскиот дом и печатницата во Бруклин, присутните ракоплескале речиси без престан. Дури и од далеку, лесно можело да се види колку биле радосни сите во публиката. Во 1950 год., на еден меѓународен конгрес што се одржа во градот Њујорк, излезе Превод Нов свет на Христијанските грчки списи. Присутните беа воодушевени што можеа да го добијат овој прв дел од Библијата на современ англиски јазик во кој Божјето име беше вратено на сите места каде што стои во изворниот текст (Ерем. 16:21).

9 Многу трогателни беа и конгресите на кои Јехова ги собра своите верни Сведоци по долги години на прогонство или забрана. На пример, Адолф Хитлер се заканил дека ќе ги уништи Јеховините сведоци во Германија. Но, во 1955 год., околу 107.000 Сведоци одржаа конгрес на стадионот во Нирнберг каде што порано парадирала неговата војска. Многумина од присутните не можеа да ги задржат солзите радосници! Меѓу 166.518-те делегати на трите конгреси со наслов „Оддаденост на Бог“, кои беа одржани во Полска во 1989 год., имаше голем број браќа и сестри од тогашниот Советски Сојуз и Чехословачка, како и од други источноевропски земји. Некои од нив никогаш пред тоа не присуствувале на собир на кој имало повеќе од 15 или 20 Божји слуги. А замисли си ја радоста на делегатите кои во 1993 год. присуствуваа на меѓународниот конгрес „Божествена поука“ во Киев (Украина) каде што се крстија 7.402 лица! Ова веројатно е најголемиот број на Јеховини сведоци кои се крстиле во еден ден (Иса. 60:22; Агеј 2:7).

10. Кои конгреси ти оставиле посебно силен впечаток, и зошто?

10 Можеби и тебе ти оставиле посебен впечаток некои обласни или меѓународни конгреси. Дали се сеќаваш на првиот конгрес на кој си присуствувал или на конгресот на кој си се крстил? Тоа сигурно биле многу значајни настани за тебе. Никогаш немој да ги заборавиш! (Пс. 42:4).

РАДОСНИ НАСТАНИ

11. На кои празници древните Израелци морале да се собираат секоја година?

11 Јехова им дал заповед на Израелците секоја година да се собираат во Ерусалим на три празници — Празникот на бесквасни лебови, Празникот на седмиците (подоцна наречен Педесетница) и Празникот на сениците. Во врска со овие празници, Бог рекол: „Трипати во годината секое твое машко нека дојде пред лицето на Господарот Јехова“ (2. Мој. 23:14-17). Бидејќи биле свесни колку се важни овие настани за нивниот добар однос со Јехова, многу семејни поглавари го воделе со себе и целото свое семејство (1. Сам. 1:1-7; Лука 2:41, 42).

12, 13. Што морале да прават многу Израелци за да присуствуваат на празниците секоја година?

12 Како изгледало ова патување за едно израелско семејство? На пример, Јосиф и Марија морале да одат 100 километри во еден правец од Назарет до Ерусалим. Што мислиш, колку време ќе ти треба ако тргнеш пешки на ваков пат, а со себе имаш мали деца? Освен тоа, од библискиот извештај дознаваме дека, кога Исус како мал одел со своето семејство на празниците во Ерусалим, со нив имало и роднини и пријатели. Можеш ли да си замислиш како им било додека патувале и подготвувале заеднички оброци, и барале преноќиште во непознати места? Патувањето очигледно било безбедно затоа што од извештајот се гледа дека родителите му дале извесна слобода на 12-годишниот Исус. Овие празници сигурно биле незаборавни, особено за помладите! (Лука 2:44-46).

13 Откако Израелците биле расеани во разни делови на светот, оние што доаѓале на празниците морале да патуваат од далечни земји. На Педесетница 33 год. од н.е., богобојазливите Евреи и преобратеници во еврејската вера допатувале во Ерусалим од Италија, Либија, Крит, Мала Азија и Месопотамија (Дела 2:5-11; 20:16).

14. Како се чувствувале Израелците додека присуствувале на празниците секоја година?

14 За верните Израелци, најважниот дел од тие патувања било тоа што можеле да го обожаваат Јехова заедно со илјадници други кои исто така го сакале Бог. Како влијаеле празниците врз оние што доаѓале во Ерусалим? Одговорот на ова прашање може да го најдеме во следнава заповед што Јехова му ја дал на својот народ во врска со Празникот на сениците: „Радувајте се на својот празник, ти, и син ти, и ќерка ти, и твојот роб, и твојата робинка, и секој Левиев син, и дојденецот, и детето без татко и вдовицата, кои живеат во твојот град. Седум дена слави го празникот во чест на Јехова, својот Бог, на местото што ќе го избере Јехова, зашто Јехова, твојот Бог, ќе те благослови во сиот твој принос и во секое дело на твоите раце. И биди весел!“ (5. Мој. 16:14, 15; прочитај Матеј 5:3).

ЗОШТО ДА ГИ ЦЕНИМЕ ДЕНЕШНИТЕ КОНГРЕСИ?

15, 16. Какви жртви си морал да направиш за да присуствуваш на некој конгрес? Зошто вреди да правиш такви жртви?

15 Древните собири во Ерусалим се одличен пример за Божјиот народ денес. Иако многу работи се промениле низ вековите, денешните собири на Божјите слуги во многу погледи останале исти како во минатото. Слично на Израелците во библиски времиња, ние мора да правиме жртви за да присуствуваме на конгресите. Но, среќни сме поради тоа, бидејќи знаеме колку тие ни користат. Овие пригоди биле, а и сѐ уште се многу важен дел од нашето обожавање. На конгресите добиваме поуки и објаснувања кои се неопходни за да останеме блиски со Бог. Освен тоа, таму сме охрабрени да го применуваме она што го учиме и да се чуваме од проблеми. Исто така, собирите нѐ поттикнуваат да го насочиме вниманието на цели што ќе нѐ освежат, а не на работи што ќе ни го отежнат животот (Пс. 122:1-4).

16 Конгресите секогаш се извор на голема радост. Во извештајот за еден поголем конгрес во 1946 год. стои: „Беше прекрасно да се видат илјадници Сведоци собрани на едно место. Од трибините одекнуваа гласовите на мноштвото кое, во придружба на големиот оркестар, пееше радосни теократски песни за слава на Јехова“. Во извештајот пишува и дека многу доброволци се пријавиле да служат во разните оддели. Дали и ти си почувствувал ваква радост кога си присуствувал на некој областен или меѓународен конгрес? (Пс. 110:3; Иса. 42:10-12).

17. Кои работи се смениле во врска со организацијата на конгресите?

17 Некои работи во врска со организацијата на конгресите се сменети. На пример, порано некои конгреси траеле осум дена. Имало програма претпладне, попладне и навечер. Во склоп на конгресот, било предвидено присутните да одат и во служба на проповедање. Некои денови програмата почнувала во девет часот наутро, а честопати траела до девет часот навечер. Доброволците работеле долго и напорно за да подготват појадок, ручек и вечера за присутните. Сега конгресите траат пократко, и сите си носат храна од дома за да можат со поголемо внимание да ја следат програмата.

18, 19. Кои делови од конгресната програма со нетрпение ги очекуваш, и зошто?

18 Сите со нетрпение ги очекуваме точките што секоја година се дел од конгресната програма. Духовната „храна во вистинско време“, која ни помага подобро да ги разбереме библиските пророштва и учења, не ја добиваме само преку говорите туку и преку новите публикации кои излегуваат на конгресите (Мат. 24:45). Со овие изданија честопати им се помага на искрените лица да се запознаат со библиските вистини. Интересните библиски драми ги поттикнуваат и младите и постарите да се преиспитуваат и да се чуваат од ставовите што ги шири безбожниот свет. Говорот за крштавање ни помага на сите да размислиме што ни е најважно во животот, а среќни сме и кога гледаме дека други се крштаваат како Јеховини сведоци.

19 Собирите со векови се важен дел од обожавањето на вистинскиот Бог. Тие ни помагаат да ја зачуваме радоста, да му останеме верни на Јехова во тешки времиња и нѐ поттикнуваат да правиме повеќе во службата. Таквите собири нѐ потсетуваат дека сме дел од едно меѓународно братство и ни овозможуваат да стекнеме нови пријатели. Тие се еден од главните начини на кои Јехова се грижи за својот народ и го благословува. Сигурно сите ние сакаме да направиме сѐ што е потребно за да присуствуваме и да извлечеме корист од секој дел од програмата на овие конгреси (Изр. 10:22).